Достапни линкови

Вести

САД ја повикаа Белорусија да ги почитува човековите права

Полицијата приведува еден од учесниците на протестите во Минск на 19 јуни
Полицијата приведува еден од учесниците на протестите во Минск на 19 јуни

Американскиот Стејт департмент ја повика Владата на Белорусија да го подобри својот учинок во однос на човековите права и демократијата откако најмалку 14 новинари беа приведени, а тројца осудени за нивното покривање на протестите против претседателот Александар Лукашенко минатата недела.

„Слободните и фер избори се повеќе од она што се случува на денот на изборите. Ја повикуваме Владата на Белорусија да обезбеди рамномерни правила за сите кои сакаат да учествуваат на изборите, вклучително и во однос на регистрација на кандидати, пристап до медиуми, и други аспекти на кампањата “, соопшти Стејт департментот, додавајќи дека„ почитувањето на основните слободи, вклучително и слободите на мирно собирање, изразување и здружување е клучно за зајакнување на билатералните односи меѓу САД и Белорусија “.

Вчера се одржаа десетици судења, вклучително и околу предесет во главниот град Минск за учесниците на таканаречените протести „Синџири на солидарност“. Повеќето од лицата беа обвинети за учество во „неовластен настан“ или „непочитување на полицијата“. Некои од обвинетите беа новинари коиги покриваа протести на 19-20 јуни за поддршка на потенцијални независни и опозициски претседателски кандидати.

Белоруската асоцијација на новинари и 40 медиуми во земјата денеска објавија заедничка изјава со барање од владата да престане со „прогонот на новинарите“ и ги обвини властите за насилство врз медиумските работници.

види ги сите денешни вести

Првите четири македонски банки влегоа во регистарот на СЕПА

Euro / Money
Euro / Money

Европскиот совет за плаќања (ЕПС) ги регистрира првите четири македонски банки – три големи и една средна – во регистарот на учесници во шемата за кредитни трансфери на СЕПА. Овој чекор го означува официјалниот почеток на членството на Северна Македонија во Единствената област за плаќање во евра (СЕПА).

Народната банка која ги координираше активностите за членство, претходно доби одобрение за членство од ЕПС на 6 март 2025 година, со што Северна Македонијастана дел од СЕПА. Ова им овозможува на домашните банки да се интегрираат во европските платежни шеми за трансакции во евра опфаќајќи 41 земја членка.

Првите четири банки ќе започнат со извршување на кредитните трансфери во СЕПА од 6 октомври 2025 година. Се очекува и преостанатите осум деловни банки, кои најавија поднесување барања помеѓу јуни и август, исто така да бидат впишани во регистарот на ЕПС и да почнат со работа во рамките на СЕПА до истиот датум.

Попристапен, поудобен и побезбеден метод за трансакции во евра, се зборовите со кои од Народната банка ги опишуваат придобивките што ќе ги имаат граѓаните од членството во СЕПА. Оттаму потенцираат и оти користа, пред сè, ќе биде во намалените трошоци за прекугранични плаќања, вклучително и за дознаките.

„Според анализата на Светска банка за економиите од Западен Балкан трошоците за значително ќе се намалат при што економиите би можеле да заштедат приближно половина милијарда евра“, велат од Народната банка за Радио Слободна Европа (РСЕ).

Очекувањата се дека тоа ќе ја забрза и дигиталната трансформација на финансискиот сектор и ќе се намали зависноста од готовински трансакции.

Што е СЕПА?

СЕПА е иницијатива на ЕУ чија цел е да се поедностават и стандардизираат трансакциите и да има побрза, поевтина и посигурна уплата и исплата на евра меѓу земјите членки. Дел од неа се сите 27 членки на Унијата, како и Норвешка, Лихтенштајн, Швајцарија, Монако, Исланд, Сан Марино, Андора, Ватикан и Обединетото Кралство.

Членството во неа е еден од приоритетите дефинирани во Планот за раст за земјите од Западен Балкан. Народната банка апликацијата ја поднесе во јули 2024, а првиот можен датум за влез на банките од Западен Балкан, односно целосна подготвеност за интегрирање во СЕПА во пракса е октомври 2025.

Она што го истакнуваат и компаниите и Народната банка, е дека целиот процес ќе стави крај на користењето на кореспондентните банки.

„Приклучувањето кон СЕПА значи полесен пристап до платните системи во ЕУ, елиминирајќи ја потребата од сложени и скапи кореспондентни банкарски аранжмани. Ова поедноставување ќе доведе до поефикасни, исплатливи и побрзи прекугранични плаќања“, велат на Народната банка.

Сега, фирмите често за да платат фактура во друга земја, треба да користат банки и во трети земји.

Дополнително, членството во СЕПА значи и поголема финансиска интеграција на земјава во ЕУ и исполнување на една од целите на патот кон членство во Унијата.


Руте - САД се целосно посветени на НАТО

Марк Руте, генерален секретар на НАТО на самитот во Хаг, 14 јуни 2025
Марк Руте, генерален секретар на НАТО на самитот во Хаг, 14 јуни 2025

Европските сојузници не треба да се грижат за посветеноста на Соединетите Американски Држави кон НАТО, изјави во вторникот, 24 јуни, Марк Руте, шефот на воената алијанса, говорејќи пред самитот на кој се очекува да се одобрат нови трошоци за одбраната.

Дводневниот состанок во Хаг има за цел да му испрати порака на рускиот претседател Владимир Путин дека НАТО е обединет, и покрај претходните критики на американскиот претседател Доналд Трамп кон алијансата, и дека е решен да ја прошири и подобри одбраната за да спречи каков било напад од Москва.

„Американскиот претседател и високото раководство на САД се целосно посветени на НАТО“, рече Руте на јавен форум пред официјалното отворање на самитот, додавајќи, сепак, дека оваа посветеност доаѓа со очекување дека европските земји и Канада ќе ги зголемат своите трошоци за одбрана.

Самитот и неговата конечна декларација ќе бидат кратки и фокусирани на одговор на повикот на Трамп за трошење 5 проценти од бруто-домашниот производ - големо зголемување од сегашната цел од 2 проценти.

Руте го опиша прашањето за трошоците како „пречка, голема иритација, што е фактот дека ние не трошиме толку колку Европејците и Канаѓаните, а тие сакаат да бидеме еднакви на она што го трошат САД“.

Претседателот на Украина, Володимир Зеленски, рече дека планира да се сретне со Трамп во Хаг - иако нема да присуствува на самитот.

Во интервју за Скај њуз, емитувано во вторник, Зеленски рече дека тимовите на двајцата лидери работат на организирање на состанокот.

Кога беше прашан за можноста за крај на тригодишната војна во Украина, Руте рече: „Не можам да предвидам кога тоа ќе се случи“. Тој, исто така, го пофали Трамп за соработката со Путин.

Русија ја наведе желбата на својот сосед да се приклучи на трансатлантската алијанса предводена од САД како една од причините за инвазијата на Украина во 2022 година.

Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, во вторникот изјави дека НАТО - основан во 1949 година за да се спротивстави на заканата од комунистичкиот Советски Сојуз - е создаден за конфронтација и е на патот на „неконтролирана милитаризација“.


Обвинителство: Двојно повеќе убиства во 2024

Двојно убиство во Кисела вода - архива
Двојно убиство во Кисела вода - архива

Обвинителството во извештајот за 2024 година регистрира зголемување на бројот на убиства и други кривични дела за околу 10 отсто во сппоредба со претходната година.

Зголемен бил обемот на работа на јавните обвинителства во текот на 2024 година, покажува Годишниот извештај за работата на обвинителствата. Во текот на 2024 година основните јавни обвинителства постапувале против вкупно 37.255 сторители од кои новопримени биле пријави против вкупно 25.909 сторители на кривични дела.

„Ако се има предвид континуираното намалување и на бројот на јавни обвинители и на бројот на јавнообвинителските службеници во изминатите години, кое продолжи и во текот на извештајната 2024 година, како и недоволниот обем на средства кои се доделуваат за истражните дејствија и за работата на обвинителствата кои се далеку под законски утврдениот минимум, јасно е дека ваквиот зголемен прилив на предмети во јавните обвинителства претставува дополнителен предизвик за капацитетите“, се констатира во Извештајот.

Зголемениот обем на работа и предмети по кои постапувале јавните обвинителства во 2024 година се согледува и преку општ раст на бројот на постапки за кривични дела во безбедноста на сообраќајот.

„Ова укажува на неопходноста од јакнење на казнената политика и другите мерки во насока на превенција на овој тип кривични дела“, заклучува Јавното обвинителство.

Согласно статистичките податоци од постапувањето на јавните обвинителства, во 2024 е забележано зголемување и на бројот на кривични пријави за дела убиства, тешки телесни повреди, учество во тепачки, загрозување со опасно орудие при тепачка и караница и други. Особено забележителен раст има во бројот на убиства квалификувани во потежок облик, каде бројот на пријави е речиси удвоен во однос на претходната 2023 година.

Јавното обвинителство информира дека изготвен е и посебен извештај за примената на посебните истражни мерки, каде има значителен тренд на намалување во однос на 2023 година (35 случаи во однос на ланските 87 случаи), меѓутоа податоците за опфатот на лица и предмети покажуваат дека овој вид мерки и натаму се користат како исклучително важно средство за обезбедување докази.

Во текот на извештајната година, под посебни истражни мерки биле вкупно 363 лица со утврден идентитет, осум лица со неутврден идентитет и 163 предмети на кривично дело. Вкрстувањето на податоците според бројот на случаи и бројот на опфатени лица и предмети недвосмислено укажува дека во извештајната 2024 година бил заземен посложен пристап за примена на посебните истражни мерки, со комбинирање на повеќе видови мерки во еден предмет и со опфат на повеќе лица и предмети со цел поефикасно обезбедување на доказите.

Јавниот обвинител го поднесува извештајот до Собранието , а за запознавање е доставен и до Владата , Врховниот суд и до Министерството за правда.

Трамп прогласи „целосно“ примирје во израелско-иранскиот конфликт

IRAN-NUCLEAR/HORMUZ
IRAN-NUCLEAR/HORMUZ

Американскиот претседател Доналд Трамп на Truth Social, објави дека е договорено „целосно“ примирје во конфликтот меѓу Израел и Иран, кое треба да стапи на сила во фази, потенцијално ставајќи крај на она што тој го нарече „12-дневна војна“.

Трамп рече дека примирјето ќе се спроведува во фази во текот на 24 часа, „ и потоа Војната ќе се смета за завршена“.

Израелскиот премиер изутрината изјави дека Израел се согласил на предлогот на Трамп за прекин на огнот со Иран.

Израел, како што ја пренесе Ројтерс изјавата на Нетанјаху, ги остварил своите цели остранувајќи ја иранската нуклеарна и балистичка закана.

Претходно Израел објави дека повеќе бранови ирански ракетни напади биле извршени неколку минути пред почетокот на прекинот на огнот во 7 часот наутро. Израелските власти објавија дека најмалку три лица биле убиени во градот Бершеба околу 6 часот наутро кога била погодена висока зграда.

Некои детали останаа нејасни по деталната објава на Трамп на социјалните мрежи на 23 јуни.

Иранскиот министер за надворешни работи, Абас Аракчи, се чини дека призна дека е во тек пауза во нападите, но неговите коментари рано на 24 јуни предизвикаа одредена конфузија по објавата за прекин на огнот на Трамп.

„Во моментов, нема договор за прашањето за прекин на огнот или прекин на операциите“, напиша тој на Телеграм во првите официјални коментари од иранската влада.

„Сепак, под услов израелскиот режим да ја прекине својата нелегална агресија против иранскиот народ до 4 часот наутро денес, немаме намера да продолжиме да одговараме“, додаде тој.

Иран вчера на 23 јуни ги нападнал американските сили стационирани во катарската воздухопловна база Ал Удеид.

Катар наведе дека иранскиот напад е „флагрантно кршење“ на суверинитетот.

Во соопштението на Катар се наведува дека не се пријавени жртви во нападот.

Катарското Министерство за одбрана наведе дека неговата противвоздушна одбрана „успешно го пресретнала ракетниот напад насочен кон воздухопловната база Ал Удеид“. Министерството потврди дека воздушниот простор и територијата на Катар се безбедни и дека катарските вооружени сили „секогаш се целосно подготвени да се справат со каква било закана“.


МНР: Македонските граѓани да се воздржат од патувања кон земјите од Блискиот Исток

МНР / Архивска фотографија
МНР / Архивска фотографија

Министерството за надворешни работи и надворешна трговија вечерва апелираше до сите македонски граѓани кои се наоѓаат на териториите на земјите од Блискиот Исток да ги следат националните портали за итни случаи и да постапуваат согласно со упатствата на надлежните институции во овие земји. Апелот следува откако Иран денеска (23 јуни) соопшти дека ги нападнал американските сили стационирани во катарската воздухопловна база Ал Удеид.

Од Министерството апелираат и македонските граѓани да се воздржат од патувања кон земјите од овој регион, сè до подобрување на безбедносната состојба.

-Во врска со последните информации за влошената безбедносна состојба на Блискиот Исток и затворањето на воздушните простори на повеќе држави од регионот, Министерството за надворешни работи и надворешна трговија апелира до сите македонски граѓани кои се наоѓаат на териториите на земјите од овој регион да ги следат националните портали за итни случаи и да постапуваат согласно со упатствата на надлежните институции во овие земји, велат од МНРиНТ.

Оттаму нагласуваат дека покрај претходниот повик до сите граѓани на Република Северна Македонија кои престојуваат во Израел да ја контактираат Амбасадата во Тел Авив, ги повикуваат и македонските државјани кои се наоѓаат во Катар и Обединетите Арапски Емирати, за сите потребни информации или прашања да се обратат до надлежните амбасади во Доха и Абу Даби.

Ќе се евакуира уште едно семејство од Израел

Претходно попладнево, Министерството информираше дека утре од Тел Авив ќе биде евакуирано уште едно семејство, мајка и три деца.

По минатонеделното безбедно враќање на осум македонски државјани од Израел во земјава, МНР соопшти дека за утре е потврдена евакуација на уште четири лица, мајка и три деца. Местата за нив се обезбедени преку израелското Министерството за транспорт, во рамки на организираните летови кои се користат за евакуација на странски државјани од Израел.

Летот е планиран од Тел Авив до Атина.

Согласно оваа, како и претходната евакуација реализирана со владин авион на 17 јуни, заклучно со 23 јуни, вкупниот број на заинтересирани македонски државјани за евакуација од Израел изнесува 25. Меѓутоа, не сите изразиле подготвеност тоа да го направат веднаш. Се очекува следните денови дополнителен број на наши државјани да добијат можност за евакуација од Израел.

Анализа: Нападот на Иран врз американската воздухопловна база во Катар е високо симболичен

Луѓето ги документираат проектилите над Доха во Катар на 23 јуни 2025.
Луѓето ги документираат проектилите над Доха во Катар на 23 јуни 2025.

Иранскиот ракетен напад на воената база Ал Удеид во Катар беше многу симболичен чин, внимателно калибриран за да испрати порака на решителност, избегнувајќи поширок и поразорен конфликт.

Иран експлицитно изјави дека бројот на проектили лансирани денеска (23 јуни) соодветствува со бројот на бомби фрлени од Соединетите Американски Држави на иранските нуклеарни локации, сигнализирајќи ја својата намера да даде пропорционален одговор наместо да ја ескалира ситуацијата неконтролирано.

Оваа симетрија во акцијата ја нагласува намерата на Иран да не ги остави нападите на својата територија без одговор, но ,исто така, и да не бара војна без ограничувања во однос на користењето оружје.

Трамп: Време е за мир!

Претседателот, Доналд Трамп реагираше на иранскиот напад врз американската воена база во Катар и јасно стави до знаење дека тоа бил координиран напад за кој Соединетите Американски Држави имале доволно информации однапред.

Во објава на неговата социјална мрежа Truth Social, тој вечерва (23 јуни) наведе дека Иран „слабо“ одговорил на нападите на САД на иранската нуклеарна постројка и дека Техеран сега може да тргне кон „мир и хармонија во регионот“.

„Беа испукани 14 ракети - 13 беа соборени, а една ‘ослободена’, бидејќи се движела во насока која не претставува закана," истакна Трамп.

„Сакам да му се заблагодарам на Иран за тоа што ни даде рана најава, што овозможи да немаме загубени животи и никој да не биде повреден. Можеби Иран сега може да продолжи кон мир и хармонија во регионот, а јас ќе го охрабрам Израел да постапи исто така. Ви благодарам за вашето внимание на оваа тема!", напиша американскиот претседател.

Тој исто така се заблагодари на Катар и наведе дека нема Катарци кои загинале или биле повредени:

„Би сакал да му се заблагодарам на високо почитуваниот емир на Катар за сѐ што направи во потрагата по мир во регионот. Во врска со денешниот напад врз американската база во Катар, со задоволство можам да известам дека, покрај тоа што нема убиени или ранети Американци, што е многу важно, нема убиени или ранети жителли на Катар“.

„Честитки за светот, време е за мир“, објави Трамп на својата социјална мрежа Truth Social.

Зошто Иран целеше кон воздухопловната база Ал Удеид?

Воената база Ал Удеид служи како најголема американска воена инсталација на Блискиот Исток која ги надгледува американските воени операции во регионот. Сателитските снимки од 20 јуни индицираа дека САД отстраниле околу 40 воени воздухоплови на различни типови од базата.

Нападот беше насочен кон Ал Удеид, но Иран нагласи дека одбрале база надвор од населените области и, според катарските службеници, тој не резултирал со повредени.

Таквата воздржаност укажува дека целта на Иран не била да предизвика масовни жртви, туку да направи политичка и воена изјава.

Со обезбедување на претходно предупредување и внимателно избирање на целите, Иран мим овозможи на на Соединетите Држави и нивните сојузници да превземат мерки за претпазливост, со што дополнително се намали ризикот од непланирано ескалирање.

Иран сигнализира дека е отворен за де-ескалација

Овој пристап го рефлектира одговорот кон САД за убиството на командантот на Иранската револуционерна гарда, Касем Сулејмани за кого се сметаше дека е вториот најмоќен човек во Иран.

Иран се одмазди со испраќање ракети кон ирачка воена база каде што се наоѓаат американски трупи во јануари 2020, на што исто така му претходеше предупредување и не резултираше со жртви.

Во двата случаи, Иран се стремеше да ги задоволи домашните побарувања за одмазда, истовремено сигнализирајќи ѝ на меѓународната заедница, особено на регионалните актери и глобалните сили, дека е отворен за деескалација.

Оваа тактика им овозможи на сите страни потенцијална патека за избегнување на понатамошен конфликт, овозможувајќи им на лидерите да тврдат дека делувале одлучно, без да преминат прагови што би ги направиле дипломатските решенија невозможно.

Иран соопшти дека ја нападнал базата во Катар во која се стационирани силите на САД

Траги на небото откако иранските вооружени сили соопштија дека е погодена базата Ал-Удеид во Катар, 23 јуни 2025
Траги на небото откако иранските вооружени сили соопштија дека е погодена базата Ал-Удеид во Катар, 23 јуни 2025

Иран денеска (23 јуни) соопшти дека ги нападнал американските сили стационирани во катарската воздухопловна база Ал Удеид – пренесе АП.

Со објава на државната телевизија е наведено дека тоа е „моќен и успешен одговор на вооружените сили на Иран на американската агресија“.

Катар пак, соопшти дека дека го задржува правото да одговори директно, согласно со меѓународното право откако Иран ја погоди американската воена база Ал Удеид во Доха како одговор на нападот на САД на иранската нуклеарна постројка.

Катар наведува дека иранскиот напад на американската база е „флагрантно кршење“ на суверинитетот.

Во соопштението на Катар се наведува дека не се пријавени жртви во нападот.

Катарското Министерство за одбрана наведе дека неговата противвоздушна одбрана „успешно го пресретнала ракетниот напад насочен кон воздухопловната база Ал Удеид“. Министерството потврди дека воздушниот простор и територијата на Катар се безбедни и дека катарските вооружени сили „секогаш се целосно подготвени да се справат со каква било закана“.

Бахреин привремено го прекина воздушниот сообраќај бидејќи Иран ја нападна базата на САД во соседен Катар како одговор на амариканските напади.

„Службата за цивилно воздухопловство при Министерството за сообраќај и телекомуникации објави дека привремено го запира воздушниот сообраќај над небото на Кралството Бахреин како мерка на претпазливост“, се наведува во соопштението.

Радио Слободна Европа обезбеди изјава од Министерството за одбрана на САД, од каде наведуваат дека воздухопловната база Ал Удеид во Катар, која ја користат САД, е нападната со балистички ракети со краток и среден дострел, испукани од Иран.

-Во моментот, нема известување за загинати американски војници. Внимателно ја следиме ситуацијата и ќе дадеме повеќе информации кога ќе бидат достапни – се вели во одговорот за РСЕ од Американското министерство.

Инаку, неколку часа по полноќ на 22 јуни, САД извршија напад со десетина конвенционални бомби најголеми во американскиот арсенал (13.000 килограми GBU-57 Massive Ordnance Penetrator) и тие беа исфрлени од еден од најсофистицираните авиони на американските воздухопловни сили - бомбардерот Б-2.

Станува збор за планинскиот венец Фордо, каде што Иран со години градеше голем објект, длабоко под земја, за збогатување ураниум за употреба во цивилни електрани, или, како што инсистира Израел, за употреба во нуклеарно оружје.

Овој мал планински венец се наоѓ на околу 200 километри југозападно од Техеран.


Српско оружје до Украина преку Чешка и Бугарија, тврди Надворешната разузнавачка служба на Русија

Илустративна фотографија, изложени пушки во една фабрика за оружје во Србија (архива)
Илустративна фотографија, изложени пушки во една фабрика за оружје во Србија (архива)

Муниција произведена во одбранбените претпријатија во Србија, се праќа кон земјите на НАТО во интерес на Украина за обликување комплетни сетови на делови за монтажа – соопшти прес службата на руската Служба за надворешно разузнавање.

„Ова му овозможува на Киев формално да прими производи на воената индустрија кои веќе не се српски, туку се монтираат во фабриките за оружје во западните земји. Монтажата и полнењето на муницијата пред сѐ, се врши во Чешка и Бугарија“, се наведува во соопштението кое денеска (23 јуни) беше објавено на веб страницата на Службата.

Во соопштението се додава дека според информациите кои ги добила Надворешната разузнавачка служба на Русија (СВР), „украинската војска е благодарна на српските производители на оружје и муниција за нивниот придонес во одржувањето на борбената готовност на вооружените сили на Украина“.

Се наведува и дека според податоците на СВР, фабриката „Крушик“ од Ваљево на западот на Србија, „продала неколку големи серии комплети за склопување на ракети на чешката компанија „Poličske strojerni", а компанијата „Елинг“ како што се додава, пратила комплети за производство на истите ракети како и на мини, на бугарската компанија „ЕМКО“.

Во соопштението се наведува дека производителите на оружје и воена опрема во Србија „добро се свесни за вистинските потрошувачи на нивните производи“.

Претседателот на Србија, Александар Вучиќ денеска изјави дека Србија го прекинала извозот на муниција. Неговата изјава доаѓа во екот на судирот меѓу Израел и Иран.

Во обраќањето пред новинарите, Вучиќ се осврна и на наводите дека Србија извезува муниција во Украина.

„Да променам нешто, можам само на ваков начин – да кажам, целата муниција некое време е само во нашите касарни“, изјави Вучиќ.

Прецизни податоци за тоа што од оружјето и воената опрема и во кои количини Србија извезува во Украина, Израел и други држави не се јавно достапни. Ресорното министерство последните години на својата веб страница не објавува годишни извештаи за издадените дозволи за извоз. Осврнувајќи се на критиките поради извозот на оружје, Вучиќ рече дека води сметка за безбедноста на државата, но води сметка и за работниците во наменската индустрија каде што се произведува муницијата која Србија ја извезувала во странство.

Ова не е првпат руската надворешна разузнавачка служба да ја обвини Србија за испорака на муниција кон Украина. Во претходното соопштение од 28 мај, Службата наведе дека Србија „и покрај официјално декларираната неутралност“, продолжува со воените испорани на Украина.

Реакцијата од Москва доаѓа откако со години наназад одредени медиуми пишуваа за тоа дека српското оружје и муниција преку трети земји завршуваат во рацете на украинските војници. Официјален Белград повеќепати демантираше дека Србија директно извезува оружје во Украина или Русија, со оценка дека „не може да влијае на тоа" дали српското оружје од трети земји ќе заврши на украинскиот фронт.

Вкупно 45 повредени од пожарот во „Пулс“ почнаа со рехабилитација на Пониква

Одморалиште на Пониква, рехабилитационен центар за повредените во пожарот Кочани
Одморалиште на Пониква, рехабилитационен центар за повредените во пожарот Кочани

Од викендов на двонеделна рехабилитација во одморалиштето на МВР на Пониква се наоѓа првата група од 45 повредени лица од пожарот во клубот „Пулс“.

Со нив работат лекари специјалисти од Клиниката за пластична хирургија од Скопје, како и физиотерапевти од Кочани и Штип, кои им овозможуваат соодветна медицинска нега и физиотерапевтска терапија.

„Престојот на повредените им годи. Превентивно носат долги ракави, заштитени се, не излегуваат преку ден на сончева светлина, а во вечерните часови се физички активни и ги користат опремените игралишта, со што некои постепено се враќаат на своите нормални спортски активности од претходно“, истакна Катерина Мирчовска, в.д. директорка на Општата болница во Кочани.

Одморалиште на Пониква
Одморалиште на Пониква

Таа додаде дека сите пациенти се вклучени во системот „Мој термин“ во рамки на проектот за рехабилитација на Пониква.

На Одделот за хирургија во болницата во Кочани пак, веќе се обезбедени услови за ПРП терапијата на повредените според списокот што е добиен од Клиниката за пластична хирургија. Терапијата ќе се спроведе в петок во соработка со специјалисти по пластична и реконструктивна хирургија од Универзитетската клиника „Св. Наум Охридски“ од Скопје.

„Во нашата болница ќе продолжи и физикалната терапија за 16 повредени, оваа недела ќе се реализира во втора смена, во адаптираните простории на хирургија“, рече д-р Мирчовска.

Пристигнаа повредените од „Пирогов“ во Софија

Таа информираше дека дополнително, пристигнале и повредените од болницата „Пирогов“ во Софија. Тие ќе се вклучат во терапијата во кочанската болница, затоа што сѐ уште ќе имаат обврски за прегледи во бугарската здравствена институција.

„Со оглед што реконструкцијата на просториите за физикална терапија оди според планот, очекуваме за три недели да почнат да се користат условите таму“, додаде Мирчовска.

Во втората група повредени кои ќе престојуваат на Пониква, освен оние на кои им е потребна физикална терапија, ќе бидат вклучени и лица со респираторна патологија на кои им завршило лекувањето.

Лекувањето за сите повредени во пожарот во дискотеката „Пулс“ е бесплатно, а одлуката одморалиштето на Пониква да стане рехабилитационен центар за нив, Владата ја донесе на 11 јуни.

Владината прес служба тогаш соопшти дека одморалиштето има 27 соби и 56 легла коишто му се ставаат на располагање на Министерството за здравство.

Неколку дена подоцна, ваквата одлука беше оспорена од опозицијата која реагираше дека се отвораат сериозни прашања околу „одговорноста и профеисоналноста на институциите“.

„Македонија располага со повеќе објекти наменети за долготрајна нега и рехабилитација: Јасеново, Отешево, Лешок, па дури и делови од постојните клиники и болници кои можеа да бидат пренаменети и опремени. Зошто ниту еден од овие капацитети не беше земен предвид? Зарем здравствениот систем не знае со што располага“ – праша на прес конференција д-р Елена Радевска, членка на Комисијата за здравство на СДСМ.

Од ВМРО-ДПМНЕ пак, ги оценија овие изјави како „паушални и злонамерни“.

„Врз основа на која проценка и кои факти проценија од СДС и Радевска дека одморалиштето Пониква се несоодветни за таа намена? Ставањето во употреба на одморалиштето беше проценка на стручен здравствен тим од лекари на министерството за здравство, а меѓу другото е и барање на самите пациенти“, возвратија од владеачката партија.

Пожарот кој избувна на 16 март годинава во дискотеката „Пулс“ во Кочани ги одзеде животите на 62 млади лица, а околу 200 беа повредени.


Ормутскиот теснец: зошто е важен?

Ирански воен брод патролира во Ормутскиот теснец
Ирански воен брод патролира во Ормутскиот теснец

Иранските пратеници ги поддржуваат повиците за затворање на Ормускиот теснец, витална глобална трговска рута, каде што поминува повеќе од една петтина од светското снабдување со нафта секој ден.

Техеран во минатото се закануваше дека ќе го затвори теснецот, што ќе ја ограничи трговијата и ќе влијае на глобалните цени на нафтата,но никогаш не ја оствари заканата.

Иако очигледно постои консензус во иранскиот парламент за поддршка на затворањето на теснецот, крајната одлука е на Врховниот совет за национална безбедност на земјата.

Покрај Иран, Саудиска Арабија, Кувајт и Ирак исто така се потпираат на тесниот воден пат за да ја донесат својата нафта до Кина и другите светски пазари.

Теснецот лежи помеѓу Оман и Иран и го поврзува Персискиот Залив на север со Оманскиот Залив на југ и Арапското Море пошироко.

Широк е 33 километри во својата најтесна точка, а неговата лента за транспорт е широка само 3 километри.

Сообраќајот со танкери со нафта во Ормутскиот теснец
Сообраќајот со танкери со нафта во Ормутскиот теснец

Стравувањата од затворањето на теснецот предизвикуваат шокови низ нафтените пазари

Иран, клучна членка на ОПЕК, произведува околу 3,3 милиони барели нафта дневно и извезува над 2 милиони дневно, најголем дел преку Ормутскиот Теснец.

Како што ескалираат тензиите со Израел, се зголемуваат стравувањата дека оваа витална бродска рута би можела да биде цел или затворена.

Приближно 20% од светската нафта, околу 18-19 милиони барели дневно, поминува низ теснецот.

Дури и привременото нарушување може да предизвика шок на глобалното снабдување и да доведе до пораст на цените на енергијата.

Затворањето на теснецот му нуди на Техеран начин директно да ги притисне САД со предизвикување скок на цените на нафтата, што веројатно би предизвикало итна инфлација, како во САД, така и на глобално ниво.

Меѓутоа, таквиот потег би бил и значаен чин на економска самосаботажа.

Иран се потпира на истата рута за сопствениот извоз на нафта, а нејзиното блокирање може да ги натера арапските земји од Персискиот залив - и покрај нивните критики за израелскиот напад - да влезат во кавгата со цел да ги заштитат своите стратешки и економски интереси.


Вчитај повеќе

XS
SM
MD
LG