Бидејќи и по пет дена израелските воздушни напади не покажуваат знаци на забавување, илјадници луѓе бегаат од Техеран, создавајќи сообраќајни метежи и недостиг на гориво додека се упатуваат кон север барајќи засолниште во делови од земјата за кои се надеваат дека се безбедни.
За многумина, тоа не е доволно далеку.
Северните гранични премини (Иран ги дели границите во регионот со Турција и Азербејџан, како и со Ерменија) се преплавени со оние кои сакаат да го напуштат Иран, плашејќи се дека ниту едно место во земјата не е безбедно.
Во Агарак, на ерменската страна од границата со Иран, локалното население вели дека вообичаената мала пренатрупаност се претворила во „поплава“ од луѓе.
„Ниеден град не е безбеден бидејќи насекаде има воени и инсталации на Исламската Револуционерна гарда“, изјави Амир Ники за ерменскиот сервис на РСЕ, познат како Радио Азатутиун.
Ники живее во Обединетото Кралство, но неговото семејство живее во централниот град Исфахан, во близина на нуклеарните постројки за кои Израел вели дека ги таргетира во обид да ја неутрализира нуклеарната програма на Иран.
Израел и многу од неговите западни сојузници го обвинуваат Иран дека се обидува да развие нуклеарно оружје. Техеран жестоко ги отфрли обвинувањата, велејќи дека неговата атомска програма е чисто за цивилни цели.
Во секој случај, семејството на Ники е затекнато во вкрстен оган.
„Тие се многу загрижени. Тие се во стресна ситуација. Не можат да дишат, не можат да јадат, не можат да пијат. Во шок се. Не можат да спијат“, рече тој откако премина во Ерменија, на повеќе од 1100 километри од Исфахан.
Откако Израел започна воздушни напади врз цели низ Иран на 13 јуни, двете страни возвратија со бранови напади кои погодија и воени и невоени згради, оставајќи зад себе голем број мртви.
Но, ситуацијата во Иран е значително полоша со оглед на воената предност на Израел.
Насилството го турна целиот Блиски Исток во очај поради 20-месечната војна на Израел во Газа и сега е на работ на тотална војна.
Повеќето Иранци кои преминуваат во Ерменија - и мажи и жени - избегнуваа да зборуваат пред камера поради страв од можни последици од исламскиот режим.
Поголемиот дел од оние што бегаат од Иран се чини дека се жени и постари лица.
На контролниот пункт Агарак, ерменските таксисти велат дека се справуваат со напливот луѓе работејќи во смени во текот на целиот ден, нудејќи транспортни услуги за оние што влегуваат во земјата и треба да одат во различни насоки.
Тие велат дека не ја преминуваат границата само Иранци. Многумина се граѓани на други земји што бегаат од војната.
Бројот на премини „веројатно ќе расте“
Дописниците на Радио Фарда на терен објавија дека виделе групи азиски граѓани меѓу оние што влегуваат во Ерменија.
Еден предвиде дека како што конфликтот меѓу Израел и Иран продолжува да ескалира, бројот на луѓе што преминуваат во Ерменија „веројатно ќе расте“.
Исамил, кој побара да не го открие своето презиме, е Иранец кој живее во Германија.
Тој рече дека морал да го направи тешкото патување до Агарак, бидејќи летовите надвор од земјата се откажани од безбедносни причини.
Тој се надева дека борбите нема да се претворат во целосна војна, плашејќи се како тоа би можело да влијае на неговите роднини што сè уште се во Иран.
„Не мислам дека доаѓа војна. Америка и Европа ќе инсистираат на прекин на непријателствата“, вели Исмаил.
Дотогаш, Исмаил вели дека сè што може да направи сега кога е надвор од земјата е да остане во контакт со своето семејство и да се надева од далеку дека тие ќе бидат безбедни.
Израел напаѓа „воени цели“ во Техеран со повеќе од 50 борбени авиони
Израелската војска во среда наутро (18 јуни) објави дека повеќе од 50 воени авиони извршиле серија напади врз „воени цели“ во Техеран во последните неколку часа, вклучувајќи ја и базата за производство на центрифуги што ѝ овозможи на иранската влада да го прошири обемот и стапката на збогатување на ураниум.
Во извештајот се додава дека бранот напади од среда наутро, исто така, биле насочени кон неколку погони за производство на оружје во Техеран, вклучувајќи ја и базата за склопување ракети земја-земја, од кои некои биле лансирани кон Израел.
Во соопштението на израелската војска се вели дека биле нападнати и бази што произведуваат системи и компоненти за ракети земја-воздух за таргетирање авиони.
Трамп: Знаеме каде е врховниот лидер на Иран, но засега нема да го убиеме
Во меѓувреме, американскиот претседател Доналд Трамп разгледува низа опции за распоредување сили против Иран, вклучувајќи и можен удар.
Доцна вчера (18 јуни), Трамп изјави дека САД знаат каде се „крие“ иранскиот врховен лидер Али Хамнеи и тврди дека би можел да го убијат, но дека „засега“ нема да го сторат тоа.
Можноста за американско вклучување се заканува со сериозна ескалација на борбите, кои продолжија преку ноќ и сега влегуваат во својот шести ден.
Се започна рано во петокот (13 јуни) кога Израел започна напади врз нуклеарните и воените постројки на Иран, а Иран возврати со ракети и напади со беспилотни летала.
Сојузниците на двете земји продолжија да повикуваат на деескалација, но мировните преговори засега изгледаат далечни.