Вести
Мицкоски: Не поднесувам оставка, оваа влада ќе падне

Јас немам намера да поднесам оставка и се додека сум жив ќе се борам против оние мрачни сили кои му служат на Зоран Заев, изјави на денешната прес-конференција лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, по иницијативата на дел од неговите сопартијци и поранешни функционери тој да си замине од функцијата по поразите на последните неколку избори.
„Нема да правам компромиси со криминалци и со сите оние кои седат во скутот на Заев и кои наместо да бараат промена на оваа криминална влада, бараат оставка од раководството на ВМРО-ДПМНЕ. Бараат вонреден конгрес, а немаат поднесено такво барање до архивата на партијата“, рече Мицкоски, нарекувајќи ги иницијаторите „печалбари во СДСМ и мафија“.
Последните десетина дена, поранешни и актуелни високи функционери на партијата, организирани во Иницијативен одбор за вонреден конгрес, бараат Мицкоски да ја преземе одговорноста за поразот на изборите и да се повлече од позицијата и да се направат реформи во партијата.
Мицкоски денеска на новата Влада ѝ порача дека ќе падне пред масовни граѓански протести.
„Ако ме прашувате каква иднина не чека, оваа влада нема иднина и ќе падне пред завршетокот на својот мандат на граѓански протести“, рече денеска Мицкоски.
Набргу потоа, реагираа од Иницијативниот одбор за свикување на вонреден конгрес на ВМРО-ДПМНЕ. Тие рекоа дека „најпосакувано сценарио на Заев е Мицкоски да продолжи да ја води партијата во нови порази и после секој пораз да прогласува победи и да наоѓа оправдувања за пропустите.
види ги сите денешни вести
Голем пожар во магацин со хемиски средства во Улцињ

Во тек е гасење на пожарот што избувна во магацин во Улцињ, во Црна Гора, на патот кон Солана, јавуваат медиумите.
Како што може да се види на снимките од локалната телевизија Теута, противпожарната служба и брзата помош се на терен, а полицијата го блокирала патот до местото на пожарот.
Пожарникарите на лице место потврдија дека се запалил магацин на компанијата „Агрис“.
Снимките покажуваат густ чад што се издига над запалениот објект.
Засега нема информации за евентуални повредени.
Според информациите на веб-страницата, компанијата „Агрис“ се занимава со увоз и дистрибуција на хемиски средства за чистење, заштитни средства, шампони, детергенти, хартиени производи и опрема за угостителство.
Eвропа мора автономно да се справува со заканите - заклучоци од ЕУ самитот за одбрана

Европа мора да стане посуверена, поодговорна за сопствената одбрана и подобро опремена да дејствува и да се справува автономно и координирано со непосредните и идните предизвици и закани, се наведува во делот од заклучоците од денешниот Самит на ЕУ посветен на европската одбрана и безбедност (26 јуни).
„Агресивната војна на Русија против Украина и нејзините последици врз европската и глобалната безбедност во променлив амбиент, претставуваат егзистенцијален предизвик за Европската Унија. Европскиот совет потсетува дека посилна и поспособна Европска Унија во областа на безбедноста и одбраната позитивно ќе придонесе за глобалната и трансатлантската безбедност и е комплементарна на НАТО, кој, за оние држави што се нејзини членки, останува основа на нивната колективна одбрана“, се вели во заклучоците, јави МИА.
Во текстот натаму се нагласува дека за да ја исполни својата цел за решително зголемување на одбранбената подготвеност на Европа во следните пет години, Европскиот совет ја нагласува потребата од продолжување на значителното зголемување на трошоците за одбраната и безбедноста на Европа и подобро заедничко инвестирање, истакнувајќи ја и обврската преземена на Самитот на НАТО во јуни 2025 година од страна на земјите членки, кои се исто така членки на НАТО.
Лидерите на ЕУ го поздравува и усвојувањето на Регулативата за воспоставување на инструментот „Безбедносната акција за Европа“ (САФЕ), повикуваат за побрзо усвојување на предлогот за стимулација на инвестициите поврзани со одбраната на ЕУ и потсетуваат на важноста од мобилизирање на приватно финансирање за одбранбената индустрија.
„Со оглед на итноста од зајакнување на европската одбранбена технолошка и индустриска база низ целата Унија, така што таа ќе биде во можност подобро да произведува и снабдува опрема во потребните количества и со забрзано темпо, Европскиот совет ја повторува важноста на агрегацијата на побарувачката, хармонизацијата на барањата, стандардизацијата и заедничката набавка, како и правилното функционирање и понатамошната интеграција на европскиот одбранбен пазар“, се додава во заклучоците, во кои се нагласува потребата од целосна кохерентност на одбранбените приоритети на ЕУ со оние на НАТО.
Лидерите апелираат на зголемено производство во одбранбената индустрија, вклучително и на малите и средните претпријатија.
„Европскиот совет нагласува дека одбраната на сите копнени, воздушни и поморски граници на ЕУ придонесува за безбедноста на Европа како целина, особено во однос на источната граница на ЕУ, имајќи ги предвид заканите што ги претставуваат Русија и Белорусија. Дополнително, имајќи ги предвид заканите врз останатите граници на ЕУ, Европскиот совет ја нагласува важноста на нивната одбрана“, се додава, меѓудругото, во заклучоците.
Лидерите на земјите членки на ЕУ воедно ја повикуваат Европската комисија да презентира дополнителни предлози за зајакнување на воената мобилност и ја нагласуваат важноста на соработката со партнери кои споделуваат идентични цели со ЕУ во надворешната и безбедносната политикa.
Владината потрошувачка кошничка ќе опфаќа четиричлено семејство

Владината потрошувачка кошничка сепак ќе биде за четиричлено семејство, а не за тричлено, како што досега се најавуваше. Ова денеска (26 јуни) го потврди министерот за економија Бесир Дурмиши.
Според Дурмиши, потрошувачката кошничка ќе биде пореална од синдикалната и ќе биде донесена на првата седница на Економско-социјалниот совет што треба, која како што додаде, треба да се одржи наскоро.
„Затоа правиме нова потрошувачка кошничка, затоа што ќе биде со реални податоци колку му треба за еден месец на едно четиричлено семејство во делот на храната, пијалоците, облеката и така натаму. Таа што ја објавуваат синдикатите, немаме ништо против, но е несоодветна и нереална, поради тоа што бројките не се точни“, потенцираше Дурмиши на денешната прес-конференција.
Во пресметката на просечната потрошувачка кошничка ќе бидат вклучени сите видови овошја и зеленчук што се произведуват во земјава, изјави неодамна и министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Цветан Трипуновски.
Според синдикалната месечна потрошувачка кошничка, на едно семејство му требаат речиси 64 000 денари за да ги задоволи минималните потреби и тоа ни оддалеку не е доволно доколку само двајца члена на семејството работат и добиваат минимална плата.
Во меѓувреме, зголемување на трошоците за живот регистрираше и Државниот завод за статистика, кој соопшти дека инфлацијата во мај 2025 се зголемила за 1,5 отсто во однос на април. Споредено со мај 2024 година пак, зголемувањето изнесува 3,3 отсто.
Најголемо покачување се бележи кај храната и безалкохолните пијалоци, кај рестораните и хотелите, кај земјоделските производи. Априлската синдикална кошничка чинела 62 691 денар, а мајската минимална кошница, достигнала вредност од 63 908 денари.
Хамнеи: САД „не добија ништо“ од нападите врз Иран

Во телевизиско обраќање во четврток, 26 јуни, врховниот лидер на Иран, ајатолахот Али Хамнеи предупреди дека секоја идна агресија против Иран ќе има голема цена.
Хамнеи, исто така, рече дека способноста на Иран потенцијално да стигне до големите американски воени бази е значително достигнување и додаде дека ваквите акции би можеле да се повторат доколку агресијата се обнови.
Врховниот лидер на Иран изјави дека архинепријателот Израел „речиси се распадна“ по одмаздничките напади на Исламската Република за време на 12-дневната војна што ја започна Израел.
„Ционистичкиот режим речиси се распадна и беше уништен од нападите на Исламската Република“, рече Хамнеи, два дена по прекинот на огнот со кој заврши војната меѓу Иран и Израел.
Хамнеи, меѓудругото додаде дека Соединетите Држави „не добиле ништо“ од нивните напади за време на 12-дневната војна, во која беа погодени ирански нуклеарни објекти.
Во соопштението објавено од државните медиуми, Хамнеи рече дека Соединетите Држави „директно се вклучиле во војната, убедени дека нивното одбивање да интервенираат ќе доведе до целосно уништување на ционистичкиот режим“.
„САД не добија ништо од оваа војна“, рече Хамнеи, додавајќи дека „Исламската Република победи и како одмазда ѝ зададе тешка шлаканица на Америка“.
Во меѓувреме, Советот на чувари во Иран го ратификуваше законот со кој се суспендира соработката на Техеран со Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ), објави Иранскиот клуб на млади новинари, осврнувајќи се на оваа тело составено од свештеници и адвокати кое ја проверува усогласеноста на законот со Уставот и исламскиот закон.
Законот, претходно усвоен од иранскиот Парламент, потенцијално би можел дополнително да ги влоши односите на Иран со Западот и да влијае на меѓународниот надзор врз неговата нуклеарна програма, јавија британските медиуми.
МААЕ сè уште не издаде официјална реакција на одлуката.
Муртезани: Позициите на Бугарија мора да се разделат од оние на другите земји членки на ЕУ

Министерот за европски прашања Орхан Муртезани изјави дека е неопходно да се направи разлика помеѓу ставовите на Бугарија и останатите земји членки на Европската Унија кои го признаваат македонскиот идентитет и јазик.
Според него, за нас е добредојдено сè што прави разлика помеѓу билатерална позиција на Бугарија, и заедничка позиција на сите земји членки на ЕУ, со тоа што би се издвоило што е прашање на билатерален идентитетски аспект и што е прашање на пристапување во Унијата.
„Мислам дека поединечно, ако ги слушаме сите 26 други земји, сите го признаваат и македонскиот идентитет и македонскиот јазик. Тоа не е спорно. Меѓутоа со Резолуцијата, нивната волја дополнително ќе се потврди. Затоа ние инсистираме да се разделат позициите на другите земји членки и Бугарија, по однос на билатералното прашање“, изјави Муртезани по денешната тркалезна маса „Геополитичкиот пејзаж и проширувањето на ЕУ: Перспективи за Северна Македонија и другите земји-кандидатки од Западен Балкан“, што се одржа во Македонската академија на науките и уметностите.
Во однос на реформите и уставните измени, Муртезани нагласи дека процесот е во тек, но дека за вклучување на Бугарите во Уставот е потребен поширок политички договор.
„Првиот дел е што се однесува до реформите и којшто е се работи во континуитет. Дел од реформите се спроведуваат со поголем интензитет, дел со намален интензитет. Меѓутоа тоа е процес којшто оди. Што се однесува до вклучувањето на Бугарите во преамбулата на нашиот Устав, тоа е прашање за коешто треба поширок политички консензус и двотретинско мнозинство во Собранието. Сѐ додека немаме широк политички консензус и двотретинско мнозинство во Собранието, а пред тоа треба сите тие наши грижи или барања да бидат ставени на маса, и разговарани, нема да има политички простор да направиме чекор напред“, рече Муртезани.
Околу можноста за внесување на придавката „модерна“ пред македонски јазик и идентитет во извештајот на Европскиот парламент, министерот повика на трпение и воздржаност.
„Прво мислам дека не треба од сега да прејудицираме. Да видиме како ќе се одвива процесот до крај. Ние се надеваме дека тоа што помина во првиот чекор треба да се заврши во вториот. Меѓутоа тоа е прашање на внатрешен политички консензус во ЕП. Секако дека ние би сакале идентитетот да остане таков како што ние сметаме и го чувствуваме, меѓутоа да чекаме финална одлука, па после ќе видиме“, порача министерот.
Комитетот за надворешни работи (АФЕТ) на Европскиот парламент со 40 гласови „за“, 19 „против“ и 10 „воздржани“ го усвои Предлог-извештајот за земјава подготвен од австрискиот европратеник Томас Вајц.
По гласањето бугарски европратеник најави дека како додаток на Извештајот ќе предложат дополнение со „мислење на малцинството“.
Беше поднесен и амандман по скратена постапка за вметнување на зборот „модерен (современ)“ пред македонски јазик и идентитет во Извештајот, но согласно Деловникот за работа, тој не беше ставен на гласање затоа што против таквиот предлог се изјаснија најмалку шест пратеници членови на АФЕТ. Деловникот предвидува дека предложен амандман нема да биде ставен на гласање, доколку против предлогот се изјаснат најмалку петмина европратеници.
Извештајот на Вајц треба да се најде на пленарна седница на Европскиот парламент на заседанието од 7 до 10 јули во Стразбур.
Препораки за заштита од горештините

Температурите денеска, 26 јуни се очекува да достигнат максимум од 41 степен Целзиусов, а УВ факторот да достигне 9, прогнозира Хидрометеоролошкиот завод. Жешкото време се очекува да продолжи и утре, со мало намалување на температурата на воздухот во текот на викендот.
Избегнување да се излегува на сонце, носење лесна облека, капа и очила за сонце, како и престој во климатизирани простории, се само дел од препораките на Институтот за јавно здравје. Граѓаните велат дека на овие високи температури брзо ги завршуваат обврските и се враќаат дома.
Институтот за јавно здравје (ИЈЗ) објави препораки за заштита на лицата над 65 години во услови на високи температури. Оттаму нагласуваат дека оваа група на луѓе се посклони кон здравствени проблеми поврзани со топлината. Тие влегуваат во таканаречената „ризична категорија“ бидејќи потешко се прилагодуваат на температурните промени, имаат поголема веројатност да имаат хронична здравствена состојба, да користат редовна терапија што може или ги менува нормалните реакции на телото на топлина, појаснуваат од ИЈЗ.
Се апелира повозрасните да избегнуваат изложување на сонце, како и работа на отворено, во периодот од 11 до 17 часот. Да носат лесна, светла и памучна облека, заштитни очила за сонце, капа и крем со висок УВ фактор. Препораките се да се пие повеќе од вообичаено и да не се чека додека не се почувствува жед за вода. Алкохолните пијалаци да се избегнуваат, како и оние што содржат кофеин, но и екстремно ладните. Доколку лекарот им има поставено некои ограничувања за внес на течности, да се консултираат со него.
Се препорачува да се избегне користење шпорет, рерна и слични уреди од 11 до 17 часот.
Поради најавените високи температури до 27 јуни, Институтот за јавно здравје ги повика работодавачите и работниците на строго почитување на препораките за заштита при работа во услови на екстремна горештина. Меѓу другото се препорачува да се обезбеди вентилација и климатизација на работните простории и да се избегнува работа на отворено од 11 до 17 часот.
Се препорачува и воведување работа од далечина, флексибилно или двократно работно време каде што е можно, како и ослободување од работни обврски за бремени жени и лица постари од 60 години доколку нема услови за прилагодување на работниот простор.
Меѓу мерките и препораките на Владата за овие вонредни временски услови е и дека градовите ќе имаат обврска да обезбедат климатизиран јавен превоз во текот на целиот ден.
Од 1 јули до 31 август, на државните сообраќајници во Македонија стапува на сила летниот режим на сообраќај, кој го ограничува движењето на тешки камиони со тежина поголема од 15 тони, во текот на викендите и во денови со исклучително високи температури.
Трамп ги продолжи вонредните мерки за Западен Балкан во кои е вклучена и „црната листа“

Американскиот претседател Доналд Трамп ја потпиша одлуката за Западен Балкан, со која се продолжуваат за една година вонредните мерки што поранешниот американски претседател Џорџ В. Буш ги донесе пред 16 години, објави американската влада. ккдкд
Одлуката, меѓу другото, вклучува објавување на таканаречените црни листи на лица и организации под санкции на САД поради кршење на Дејтонскиот мировен договор и загрозување на националната безбедност и интереси на САД. Од 2017 година, на листата е и претседателот на Република Српска (РС) Милорад Додик.
Трамп ги продолжи мерките за уште една година, и тоа го стори во претходниот мандат, во 2017 година, како и неговите претходници во претседателската функција.
На 26 јуни 2001 година, Буш издаде извршна наредба во која се наведува дека интересите на САД се загрозени од поединци и организации во Босна и Херцеговина, Македонија и Косово.
Наредбата предвидува голем број правни последици, вклучувајќи блокирање на средства, забрана за влез во САД и финансиски трансакции за обвинетите од Хаг и околу 150 лица и организации поврзани со обвинетите за воени злосторства, терористички организации или поткопување на Дејтонскиот мировен договор.
Вашингтон верува дека овие лица го загрозуваат мирот и процесот на стабилизација во регионот.
„Заканата што се рефлектира во постапките на лицата кои се вклучени, помагаат или финансираат екстремистичко насилство во Македонија и на други места во Западен Балкан, или во попречувањето на спроведувањето на Дејтонскиот мировен договор и резолуцијата на ОН во Косово, не е отстранета“, се наведува во одлуката, која, по Буш, Барак Обама и Џо Бајден, ја потпиша и Трамп.
Врз основа на таа одредба на Буш од 2001 година, постои таканаречена црна листа на лица и организации со кои на американската влада и компаниите им е забрането да соработуваат и чии средства и финансиски трансакции се блокирани во САД.
Листата, која ги вклучува лицата вклучени во оваа одлука, како и други од сличен тип, ја објавува Канцеларијата за контрола на странски средства (OFAC), која работи во рамките на Министерството за финансии на САД.
Досега, освен Босна и Херцеговина, САД ставија десетици лица од Западен Балкан на својата листа на санкции. Најчесто станува збор за државни функционери и луѓе на власт.
Во земјите од Западен Балкан, најсанкционирани лица има од Босна и Херцеговина и Србија.
Во спротивно, САД воведуваат санкции врз поединци и компании врз основа на Глобалниот закон Магнитски за кршење на човековите права и забрануваат секаков бизнис со компании кои нелегално стекнале капитал.
Според овој закон, Соединетите Држави се насочени кон поединци поврзани со сериозни злоупотреби на човековите права или корупција. Сите средства на санкционираните лица кои се наоѓаат на црната листа на САД се замрзнати. Покрај тоа, сите компании поврзани со нив се исто така блокирани.
Брнабиќ најави продолжување на апсењата на „оние кои планираат уништување на Србија“

Претседателката на Собранието на Србија, Ана Брнабиќ, изјави дека апсењата на оние кои „подготвуваат дела против уставниот поредок и безбедноста на Србија“ ќе продолжат и во наредните денови.
„Акцијата за апсење и идентификување на тие терористички организации апсолутно ќе продолжи. Претседателот на Србија ќе продолжи со состаноците со безбедносните служби и со врвот на полицијата со цел да се зачува уставниот поредок и да се спречи крвопролевањето што го планираа на Видовден“, изјави Брнабиќ за телевизијата Пинк.
На 25 јуни, полицијата уапси шест лица под сомнение дека планирале „насилна промена на власта“ на протестот што го најавија студентите во блокада за 28 јуни во Белград.
Вишото јавно обвинителство објави дека осомничените се согласиле да не се враќаат дома сè додека не „убијат или уништат“ претставници на државните институции, дека најавиле употреба на огнено оружје и се согласиле да „нападнат припадници на полицијата со цел да ги разоружаат“.
Брнабиќ им „честиташе“ на медиумите што учествуваа во создавањето на специјална емисија емитувана на 25 јуни на неколку провладини телевизиски станици, во која беа прикажани материјали за наводни планови за протести и блокади во Србија во претходните седум месеци.
И претседателот на владејачката Српска напредна партија, Милош Вучевиќ, изјави дека верува оти апсењата не се завршени и оцени дека безбедносните служби мора да ги идентификуваат „сите“ кои, според неговите зборови, планираат насилно преземање на власта.
Вучевиќ за телевизија Пинк изјави дека овие апсења „најдобро потврдуваат дека државата се консолидирала по обидот за обоена револуција“.
На 23 јуни, полицијата го уапси Стефан Томиќ, студент на белградскиот Факултет за физика, под сомнение за „повик за насилна промена на уставниот поредок“.
Неговото апсење беше осудено од студентите во блокада, професорите и граѓаните кои се собраа на 26 јуни на протест пред Палатата на правдата во Белград, каде што треба да биде сослушан Томиќ.
Од почетокот на масовните протести во Србија, полицијата постојано апси студенти, професори и демонстранти-некои од нив, под сомнение за обид за насилно соборување на уставниот поредок.
Едно од барањата на студентите во блокадата е да се запре кривичната постапка против сите нив, со оценка дека се уапсени спротивно на законот и дека станува збор за притисок и заплашување од страна на властите.
Студентите започнаа блокади на факултетот и протести кон крајот на ноември 2024 година - барајќи одговорност од властите за смртта на 16 лица при падот на настрешницата на реконструираната железничка станица во Нови Сад на 1 ноември.
Турција ја поддржува целта на НАТО за одвојување на 5% за одбраната

Турција ја поддржува одлуката на НАТО да ги зголеми одбранбените трошоци повеќе од двојно, односно на 5% од БДП до 2035 година, изјави извор од турското Министерство за одбрана во четврток (26 јуни).
Сојузниците на НАТО во среда се согласија да ја зголемат својата колективна цел за трошење на 5% од бруто домашниот производ во текот на следната деценија, наведувајќи ја долгорочната закана што ја претставува Русија и потребата од зајакнување на цивилната и воената отпорност.
„Турција е над критериумот од 2% според Заложбата за одбранбени трошоци. Како втора по големина армија на НАТО, Турција е меѓу петте најголеми придонесувачи во операциите и мисиите на алијансата“, изјави извор за Ројтерс.
Изворот рече дека Турција ги исполнила сите свои цели за капацитет на НАТО и продолжува да инвестира во развој и истражување на одбранбената индустрија.
Таа планира да прошири слоевита мрежа за воздушна одбрана низ целата земја, центрирана околу нејзиниот национален проект „Челична купола“.
„Инвестираме во системи за воздушна одбрана, хиперсонични, балистички и крстосувачки ракетни капацитети, беспилотни копнени, морски и воздушни системи, како и носачи на авиони од следната генерација, фрегати и тенкови“, рече изворот.
Новата цел на НАТО вклучува најмалку 3,5% од БДП за основни трошоци за одбрана, а остатокот ќе се потроши на инфраструктура поврзана со безбедноста за подобрување на цивилната подготвеност и отпорност.
Зеленски потпиша договор за специјален трибунал за Украина

Вечерта на 25 јуни, претседателот на Украина, Володимир Зеленски, потпиша договор со Советот на Европа за формирање специјален трибунал за гонење и судење на одговорните за „злосторството агресија против Украина“, надевајќи се дека еден ден ќе му се суди и на Владимир Путин, претседателот на Русија.
„Ќе биде потребна политичка и судска храброст за да се обезбеди судење на сите руски воени злосторници, вклучувајќи го и Владимир Путин“, рече Зеленски.
Ова е прв пат да се формира посебен трибунал под покровителство на Советот на Европа, органот за човекови права на континентот, кој има 46 члена, вклучувајќи ја и Украина.
Русија беше исклучена кратко откако започна војна против Украина во февруари 2022 година, која сè уште трае.
Специјалните трибунали им судат на лицата одговорни за сериозни кршења на човековите права во контекст на одреден конфликт, како што се воените злосторства во Југославија или геноцидот врз Тутсите во Руанда.
Неговото формирање, објавено на 9 мај во Лвив од страна на Украина и нејзините европски сојузници, ја заобиколува невозможноста за судење за „злосторството агресија“ пред Меѓународниот кривичен суд (МКС), кој Москва не го признава.
„Денешната спогодба и овој трибунал ни даваат право да добиеме правда за злосторството агресија“, рече Зеленски, кој пристигна во Стразбур доцна навечер откако го помина денот во Хаг на самитот на НАТО, каде што се сретна со американскиот претседател Доналд Трамп.
„Агресорот мора да ја изгуби“ војната, истакна тој.
„Злосторството агресија“ се дефинира како „планирање, подготовка, иницирање или извршување од страна на лице кое е во позиција ефикасно да контролира или насочува политичка или воена акција на држава, чин на агресија кој, по својата природа, сериозност и обем, претставува кршење на Повелбата на Обединетите Нации“.
Сепак, специјалниот трибунал нема да може да ги гони Путин, ниту неговиот премиер Михаил Мишустин и министерот за надворешни работи Сергеј Лавров, додека се на функција.
Петнаесет судии од различни земји ќе го изберат одборот на директори на новиот трибунал и ќе бидат назначени за необновливи мандати од три до девет години.
Покрај предложениот специјален трибунал, Советот на Европа стои зад регистарот на воени штети во Украина, кој досега има примено „повеќе од 34 000 барања за надомест“, според генералниот секретар на Советот на Европа, Швајцарецот Ален Берсе.
Мултимедија
Најпосетени
Што треба да знаете