Вести
Адвокатката на Навални осудена на „поправна работа“

Љубов Собол, адвокатката на затворената Фондација за борба против корупција на опозицискиот политичар Алексеј Навални (ФБК), беше осудена на една година условна казна „корективна работа“ за неовластен пристап до станот на член на службата за безбедност.
Според руското законодавство, оние кои биле осудени на ваква казна, мораат да ја платат потребната сума на Државната каса доколку се вработени, а доколку не се за време на казната, мораат да работат на работни места утврдени од Федералната казнена служба.
На 15 април, судот го прогласи Собол за виновен за нелегално влегување во станот на офицерот на Федералната служба за безбедност (ФСБ) Константин Кудријавцев во декември 2020 година, неколку часа откако Навални објави снимка од, како што рече, телефонски разговор со Кудријавцев.
За време на 49-минутниот телефонски повик, во се претстави како службеник на ФСБ што спроведува внатрешна ревизија, Кудријацев ги опиша деталите за труењето со Навални. Истражителите рекоа дека Собол ја турнал свекрвата на Кудријавцев, која ја отворила вратата на станот и насилно влегла внатре.
Собол го отфрли обвинението, велејќи дека не ја присилила свекрвата на Кудрјавец, туку отишла во станот да се сретне со Кудрјавец и го прашала за неговиот разговор со Навални. Ова беше „класично судење за Путин“, им рече Собол на новинарите пред зградата на судот, додавајќи дека ќе се жали на пресудата.
види ги сите денешни вести
Дванаесет години затвор за возачот кој ја прегази Фросина

Дванаесет години затвор доби Васил Јованов, кој пред пет месеци на булеварот „Партизански одреди“ ја прегази младата Фросина Кулакова. Тој е обвинет за кривичното дело „Тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот“. Јованов доби и забрана за управување возило во траење од пет години.
Видно вознемирен и незадоволен од пресудата, таткото на Фросина, ја напушти судницата извикувајќи „Судот - мафија“. Мајката и сестрата на Фросина останаа во судницата до крајот на читањето на пресудата. Тие носеа маички на кои пишува „Правда за Фросина“.
Родителите на Фросина побараа максимална казна за сторителот, односно 20 години.
Судијката Снежана Марковска образложи дека Судот, ја ценел како отежителна околност при одмерување на казната на обвинетиот, загубата на млад човечки живот, но и поранешното „деликвентно“ однесување на обвинетиот.
Судот исто така утврдил и неколку отворени прекршочни постапки за обвинетиот Јованов.
Како што беше речено во образложението на пресудата „обвинетиот Васил Јованов на 29 јануари 2025 година, без возачка дозвола и под дејство на алкохол, управувал возило со брзина од 91 километар на час на булеварот „Партизански одреди“ во Скопје. На пешачки премин, на црвено светло, удрил во Фросина Кулакова, која поминувала на зелено светло за пешаци. Од силата на ударот, Фросина се здобила со тешки телесни повреди и починала на лице место“.
Во завршен збор пред Судот минатата недела, обвинетиот Васил Јованов, призна вина и изрази каење за случајот.
Инаку Основното јавно обвинителство Скопје поднесе обвинителен предлог и против таткото на Васил, Зоран Јованов, за кривично дело „предизвикување општа опасност“ од член 288 став 4 во врска со став 1 од Кривичниот законик.
Обвинението се однесува на периодот од 04.11.2022 до 30.01.2025 година, во кој Зоран Јованов дозволувал на својот син Васил Јованов да управува патничко моторно возило „Пежо 207“, иако знаел дека синот нема возачка дозвола и е повеќекратен сторител на сообраќајни деликти вклучително и сообраќајната несреќа во која животот го загуби 22-годишната Кулакова.
По трагичната смрт на Фросина, граѓаните се обединија во борба за правда и безбедни улици, а протестите станаа глас на семејствата на сите жртви. Граѓанското движење “Кој е следен“одржа неколку протести и побара конкретни реформи во правосудството.
Само на булеварот „Партизански одреди“ во изминатите години загинаа неколку млади луѓе.
Во 2015 година, на истиот булевар, беше прегазена студентката Фросина Цековска од страна на 26-годишен возач кој управувал под дејство на алкохол и со пречекорена брзина.
Исто така, во јануари 2022 година, 24-годишната Викторија Николова од Радовиш беше прегазена на истиот булевар, кај трговскиот центар Сити мол, од 22-годишен возач кој, според Обвинителството, исто така возел со поголема брзина од дозволената.
Според Кривичниот законик, најтешката казна за вакви случаи, кога има тешко повредени или загинати лица, е до 20 години затвор, а минималната казна е четири.
САД ја укинуваат привремената заштита за илјадници Авганистанци

На 12 мај, Министерството за внатрешна безбедност на САД објави крај на привремената заштита за некои Авганистанци кои живеат во Соединетите Држави, наведувајќи ги подобрените безбедносни и економски услови во Авганистан.
„Ги разгледавме условите во Авганистан со нашите меѓуагенциски партнери и тие не ги исполнуваат условите за статус на привремена заштита (TPS)“, изјави министерката за внатрешна безбедност Кристи Ноем.
„Авганистан има подобрена безбедносна ситуација, а стабилизирачката економија повеќе не ги спречува да се вратат во својата татковина“, додаде таа.
Ноем рече дека статусот на привремена заштита за Авганистан ќе истече на 20 мај, а отповикувањето ќе стапи на сила на 12 јули.
Статусот на привремена заштита е наменет за странски државјани кои не можат да се вратат дома поради војна, природни катастрофи или друг „итен“ услов.
Во соопштението се наведува дека Ноем утврдила дека „генерално, има значителни подобрувања во безбедносната и економската состојба, па затоа барањето за враќање на авганистанските граѓани во Авганистан не претставува закана за нивната лична безбедност поради тековниот вооружен конфликт или вонредните и привремените услови“.
Ноем беше цитирана и во изјавата дека укинувањето на статусот на привремена заштита е во национален интерес на Соединетите Држави „бидејќи евиденцијата покажува дека има приматели кои се под истрага за измама и загрозување на нашата јавна безбедност и националната безбедност“.
Според непрофитната организација AfghanEvac, околу 11000 Авганистанци моментално се опфатени со статус на привремена заштита во Соединетите Држави.
„Одлуката за укинување на статусот на привремена заштита за Авганистан не се базира на реалноста - таа се базира на политиката. Не постои функционален систем за азил. Сè уште има убиства, произволни апсења и континуирани кршења на човековите права, особено врз жените и етничките малцинства“, рече Шон ВанДајвер, претседател на AfghanEvac и додаде:
„Она што администрацијата го направи денес е предавство на луѓето кои ги ризикуваа своите животи за Америка, градеа животи тука и веруваа во нашите ветувања.“
Поранешниот претседател Џо Бајден ја продолжи заштитата за граѓаните на неколку земји во јануари. Претседателот Доналд Трамп презеде чекори за укинување на статусот на привремена заштита за граѓаните на други земји, вклучувајќи ги Хаити и Венецуела, како дел од пошироката акција против имиграцијата.
Алијансата за Албанците на Таравари оди во опозиција

Лидерот на Алијанса за Албанците, Арбен Таравари, објави дека највисоките раководни органи вечерва донеле одлука партијата да излезе од владината коалиција.
Централното претседателство и претседателите на ограноците, одлучија да одат во опозиција, објави Таравари по состанокот.
„Се враќаме меѓу граѓаните, на локалните избори во октомври ќе имаме многу подобар резултат“, рече Таравари и додаде дека промените што ги ветивме не ги испорачавме за што граѓаните не критикуваат.
"Промените што ги ветивме не ги испорачавме за што граѓаните не критикуваат. Затоа решивме да се вратиме кај граѓанинот. Да побараме од нив доверба во октомври за локалните избори. Денеска констатиравме дека доколку има недоверба меѓу членовите на Владата, тогаш треба да излеземе", рече Таравари.
Тој истакна дека незадоволството кај албанскиот електорат е големо посебно поради Балансерот и европскиот пат. Таравари рече дека Албанците се жалат дека третманот бил полош од порано.
Неодамна министерот за животна средина и вицепремиер Изет Меџити и лидерот на Демократското движење од коалицијата Вреди изјави дека очекува Таравари исто како што ја напушти коалицијата „Влен“ за претстојните локални избори, така да ја напушти и Владата и му порача дека „не може и да соработува со ДУИ и да биде дел од Владата“.
Алијансата за Албанците предводена од Таравари реши на претстојните локални избори да настапат со свои листи за советници. По оваа одлука неговите коалициските партии во ВРЕДИ одлучија коалицијата да стане партија, но без Алијансата.
Таравари се состана и со премиерот Христијан Мицковски, а најавена е и нова средба.
Премиерот додаде дека со или без Таравари во Владата, таа е стабилна, цврста и со големо мнозинство.
Македонија 2025: Нулта толеранција на корупцијата, пет отсто економски раст и ефикасна администрација

Врз основа на првичните индикатори, реални се шансите во првиот квартал економскиот раст на државата да биде меѓу 3,5 и 4 отсто и да бидеме еден од најдобрите во Европа, истакна премиерот Христијан Мицкоски на првиот панел од Самитот Македонија 2025, што се одржува од денеска (12 мај) во Скопје.
Според него, ако состојбата во европската економија, особено во автомобилската индустрија се подобри, тогаш има шанси за уште повисоки перформанси што ќе се движат меѓу пет и шест проценти.
Премиерот типува на Македонија како голема крстосница во која, како што рече, се испреплетуваат коридорите 8, 10 и 11 што е, дополни, многу важно за јужното крило на НАТО и затоа нашите идни напори ќе бидат насочени кон интензивен развој на инфраструктурата.
„Имаме потенцијал и со перформансите сме пред сите други. Првата година од мандатот беше многу тешка и полна со предизвици зашто ни требаше да го сопреме слободниот пад со кои се соочуваше државата и нереално е да почнуваме со реформи кога се уште решаваме на основни, суштествени проблеми“, нагласи Мицкоски.
Во априлскиот извештај на Светска Банка пак се предвидува раст од 2,6 проценти на македонската економија годинава, 2,7 отсто во 2026, и 2,8 проценти во 2027 година.
Извршната директорка Никица Мојсоска-Блажески во воведното обраќање на Самитот рече дека корупцијата е најголем проблем во државата, но земјава се уште нема консензус каква економија сака. Бизнисмените и натаму се перцепираат како профитери, а не како креатори на работни места.
„Има прогрес во Македонија, но другите растат побрзо од нас. Сакаме пазарна економија, а бараме државен интервенционизам, работниците бараат повисоки плати, но не зборуваат за подобрување на нивните вештини. Лесно е да се обвинуваат соседите, Владата, но сите придинесуваме за тоа колку ќе просперира државата. Оваа Влада почна болни реформи, верувам дека гледа малку подалеку од изборниот циклус“, истакна Мојсоска-Блажески.
Таа додаде дека нулта толеранција на корупцијата, пет отсто економски раст годишно, пристап до ЕУ и ефикасна јавна администрација е визијата на Македонија 2025 за домашната економија.
На Самитот Македонија 2025 присуствуваат преку 500 гости - економски експерти, директори на тинк-тенкови, поранешни и сегашни премиери и министри од земјава и од странство, како и експерти од научната заедница од повеќе држави.
Во фокусот се забрзување на економскиот раст, дигитализација, вештачка интелигенција, иновации за економија подготвена за иднината, усогласување на економскиот потенцијал со паметни инвестиции, улогата на дијаспората во националниот раст.
Учесниците ќе дискутираат и за децентрализација на моќта - иднината на парите, медиумите и дигиталната слобода, за редефинирање стратегии, за странски директни инвестиции, како и за образование на иднината - обликување лидери, мислители и иноватори.
Папата Лав Четиринаесетти повика на ослободување на затворените новинари низ целиот свет

Новиот папа Лав Четиринаесетти повика на ослободување на новинарите затворени низ целиот свет.
Папата денеска(12 мај)одржа средба со новинари, што е негова прва таква средба откако беше избран за наследник на папата Франциск, кој почина на 21 април.
За време средбата, Лав Четиринаесетти ја изразил солидарноста на Црквата со новинарите кои моментално се во затвор затоа што се обидуваат да ја кажат вистината.
Папата Лав Четиринаесетти повика на заштита на драгоценото добро на слободата на говорот и медиумите. Поглаварот на Римокатоличката црква се залага за комуникација што е способна да им служи на луѓето, барајќи ги мислењата на слабите, на кои не им е даден глас. Тој додаде дека ги упатува овие повици во време кога се појавува вештачката интелигенција, што бара одговорност.
Папата Франциск, исто така, ги повика медиумите да стават крај на поделбите, или како што рече, на поларизирачката војна на зборови, изразена преку пристрасни мислења и идеолошки засновани напади. Тој ги повика медиумите да не даваат простор на фанатизам и омраза.
На средбата со Папата присуствуваа илјадници претставници на медиумите од целиот свет, кои го следеа неговиот избор за поглавар на Црквата, како и погребот на папата Франциск.
САД и Кина постигнаа договор за намалување на царините

Соединетите Држави и Кина се согласија за значително намалување на царините за стоките меѓусебно за период од 90 дена, по преговорите одржани минатиот викенд.
Зборувајќи во Женева, американскиот секретар за финансии Скот Бесент рече дека „двете страни ќе ги намалат своите тарифи за 115 проценти“ откако се согласија на 90-дневна пауза.
Кинеското Министерство за трговија ја потврдува суспензијата на „сите царински контрамерки“ преземени против САД од 2 април, објави Ројтерс.
Тоа е значајна деескалација на трговската војна што ескалираше минатиот месец.
Откако ја презеде функцијата во јануари, Трамп ги зголеми царините за кинески увоз на 145 проценти, покрај оние што ги воведе за многу кинески стоки за време на неговиот прв мандат и царините што ги воведе администрацијата на претседателот Џо Бајден врз Пекинг.
Кина возврати со ограничување на извозот на некои ретки минерали и зголемување на царините за американските стоки на 125 проценти, покрај дополнителните царини за одредени производи, вклучувајќи соја и течен природен гас.
Бесент им рече на новинарите дека „двете страни покажаа големо почитување“ за време на разговорите и дека „двете страни сакаат избалансирана трговија“.
Талибанците го забранија шахот во Авганистан поради религиозни и „коцкарски“ причини

Тврдокорните талибански владетели на Авганистан го „суспендираа“ одржувањето на шаховските натпревари во земјата, повикувајќи се на „религиозни причини“ и тврдејќи дека тоа претставува форма на „коцкање“.
Талибански функционер на 11 мај рече дека ќе биде донесена одлука за можното продолжување на шахот под покровителство на спортскиот оддел на земјата, но не беше дадена временска рамка.
Откако се вратија на власт во Авганистан во август 2021 година, талибанските владетели воведоа низа ограничувања за спортски и други културни настани.
Тие, исто така, редовно се критикувани од меѓународната заедница за сериозно кршење на човековите права, вклучително и угнетување на жените и девојчињата.
На жените и девојките им е забрането да спортуваат во Авганистан, а спортистите во бодибилдинг не смеат да ги покажуваат мускулите на судиите и на гледачите за време на натпреварите.
„Шахот во шеријатот [исламскиот закон] се смета за средство за коцкање“, рече портпаролот на спортскиот директорат Атал Машвани, цитиран од АФП.
„Постојат религиозни размислувања во однос на спортот шах“, рече тој.
Тој, исто така, ја наведе загриженоста со националната шаховска федерација, за која рече дека има „некои проблеми на лидерско ниво“.
„Додека не се решат овие размислувања, спортот шах е суспендиран во Авганистан“, додаде тој.
АФП, исто така, го цитираше Азизулах Гулзада, сопственик на кафуле во Кабул, кој беше домаќин на неформални шаховски натпревари во последниве години, кој ја отфрли сугестијата дека се случува коцкање и рече дека шахот е дозволен во други земји со мнозинско муслиманско население.
„Младите луѓе немаат многу активности овие денови, па многумина доаѓаат овде“, рече тој за АФП.
„Ќе испијат шолја чај и ќе ги предизвикаат своите пријатели на партија шах.
Хамас е подготвен да преговара за прекин на огнот

Хамас соопшти дека ќе го ослободи последниот жив американски заложник како дел од напорите за постигнување на договор за прекин на огнот, отворање на граничните премини и дистрибуција на хуманитарна помош. Хамас е прогласена за терористичка организација од Соединетите Држави и Европската Унија.
Но, Хамас не прецизира кога ќе биде ослободен Идн Александар, кој беше киднапиран на 7 октомври 2023 година. Тој е американски државјанин со израелско потекло.
Лидерот на Хамас, Калил ал-Хаја изјави дека изминатите денови е во контакт со американската администрација.
Тој наведе дека Хамас е подготвен „веднаш да почне интензивни преговори“ за постигнување долгорочен прекин на огнот, размена на палестински затвореници за заложниците од Газа и предавање на власта во Појасот Газа на независен тим технократи.
Најавата на Хамас за ослободување на Александар е во очи посетата на американскиот претседател на Блиски Исток.
Војната избувна откако Хамас и други екстремистички групи го нападнаа Израел на 7 октомври 2023 година, при што беа убиени околу 1200 луѓе и заробени повеќе од 250 заложници. Според здравствените власти во Газа под контрола на Хамас, досега се убиени повеќе од 50100 луѓе, од кои една третина деца и млади луѓе.
Бројките не можат да се потврдат независно. Меѓутоа, меѓународните организации како што се ОН ги сметаат за веродостојни.
Украина е „подготвена“ за директни разговори по предлогот на Путин, но сака прекин на огнот како „прв чекор“

Украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека Киев е „подготвен“ да се сретне за разговори за прекин на огнот со Русија, означувајќи го повикот на рускиот претседател Владимир Путин за директни преговори како „позитивен знак“ за завршување на војната.
Пишувајќи на X, Зеленски на 11 мај рече дека е „позитивен знак дека Русите конечно почнале да размислуваат за завршување на војната“, додавајќи дека „првиот чекор“ е да се согласи на прекин на огнот.
Неколку часа претходно, на ноќниот прес во Москва, Путин го игнорираше повикот на европските лидери и Украина за брз 30-дневен прекин на огнот во војната во Украина и наместо тоа понуди да одржи директни мировни преговори со Киев, можеби во Истанбул на 15 мај, „без предуслови“.
Без директно да го спомене повикот за прекин на огнот, Путин понуди „рестартирање“ на мировните преговори што ги водеа Русија и Украина во март 2022 година - што беше неколку недели откако започна целосната инвазија на Русија врз нејзиниот западен сосед на 24 февруари.
Ердоган денеска изјави дека му рекол на Путин дека Анкара е подготвена да биде домаќин на преговорите за прекин на огнот и траен мир меѓу Русија и Украина, соопшти кабинетот на турскиот претседател.
Неколку часа по коментарите на Путин, американскиот претседател Доналд Трамп на својот профил на Truth Social рече дека тоа е „потенцијално одличен ден за Русија и Украина!
„Помислете на стотиците илјади животи што ќе бидат спасени бидејќи оваа бескрајно крвопролевање се надевам дека ќе заврши“, додаде тој. „Тоа ќе биде сосема нов и многу подобар свет. Ќе продолжам да работам со двете страни за да се осигурам дека тоа ќе се случи“.
Говорејќи за РСЕ по коментарите на Путин на 11 мај, Џон Харди, заменик-директор на Руската програма во Фондацијата за одбрана на демократии, рече дека рускиот лидер продолжува „да се обидува да оди на линијата меѓу смирувањето на претседателот Трамп и сè уште одбивањето на прекин на огнот без значајни отстапки од Украина и од Западот“.
Марш на aнгелите во Кочани - нема прошка

Попладнето (10 Мај) во Koчани се одржа протестниот „Марш на ангелите“ на кој учествуваат родителите на загинатите во дискотеката „Пулс“ во ноќта меѓу 16-ти и 17 март.
Родители и блиски на жртвите од пожарот повторно ја минаа истата маршрута на петтиот по ред протест во Кочани за да им порачаат на институциите дека очекуваат правда за своите чеда.
„Бараме правда“, „Инспекциите спиеле, децата не се разбудија, „Не чекај твоето дете да биде следно“, „Прошка нема, правда за нашите ангели мора да има“, „Каде да фатиме врски да ги вратиме другарите“, пишуваше на дел од транспарентите што ги носеа тие.
Тие рекоа дека бараат независна истрага за ужасната трагедија која се случи на 16 март, а го изразија својот револт кон институциите за, како што рекоа, ненавременото постапување.
Пред протестот родителите испратија соопштение во кое информираат дека одбиваат да се сретнат со премиерот Мицкоски на 13 мај, во вторник. Причината за одбивањето, според соопштението, е доцнењето на поканата и дека уште претходно побарале средбата да се одржи во Кочани затоа што дел од родителите не се во можност да патуваат поради последиците од трагедијата“, наведуваат во писмото.
Тие истакнуваат дека нивниот став не е целосен консензус, туку одраз на мислењето на мнозинството меѓу нив.
Дел од присутните на денешниот протест упатија прашања до министерот за внатрешни работи Панче Тошковски и до премиерот Христијан Мицкоски за одгорност за тоа кој ги убил нивните едаца.
Министерот за внатрешни работи Тошковски пак, денеска во Штип рече дека се преземаат активности по насоки на Јавното обвинителство и колку што е информиран во моментов се сослушуваат одреден број на сведоци коишто се поврзани со кривично-правниот настан.
Видео Марш на Ангелите во Скопје:
ВМРО ДПМНЕ ја одби инијативата на СДСМ
СДСМ испрати соопштение за ноесење на Предлог-законот за поддршка на семејствата на настраданите во трагедијата во Кочани,за
финансиски надомест за семејствата на загинатите, за поддршка за повредените лица, вклучително и оние со трајни последици, како и за
поволности во образованието за деца кои се отустни од настава поради лекување, и мерки во здравството, работните односи и социјалната заштита.
Со истиот закон, според СДСМ треба да се опфатени и семејствата погодени од претходни трагедии – во Тетово, Ласкарци и Беса Транс – со цел институционално да се постави фер, човечки однос на грижа за жртвите и нивните семејства.
Според ВМРО ДПМНЕ пак, „Нема полицемерно од тоа СДСМ и Филипче да поднесат закон за Кочани, затоа што тоа е исто како да поднесат закон за Модуларната болница во Тетово или за враќање на името.
СДСМ и Филипче се причината и лично одговорните за разурнатиот државен систем, се наведува во соопштението на партијата.
Мултимедија
Најпосетени
Што треба да знаете