Вести
Додик: Не го прифаќаме Шмит за нов Висок претставник за БиХ

Претседателот на Претседателството на Босна и Херцеговина (БиХ), Милорад Додик, за Срна изјави дека Република Српска не прифаќа назначување на германскиот дипломат Кристијан Шмит за висок претставник во БиХ, ниту било каква негова надлежност.
Амбасадорите на земјите-членки на Управниот одбор на ПИК официјално го назначија Кристијан Шмит за следен висок претставник во БиХ на 27-ми мај, откако тој беше номиниран за оваа функција од Германија.
Шмит ќе го наследи Валентин Инцко, кој ја извршуваше функцијата од 2009 година, и кој поднесе оставка на 27 мај.
види ги сите денешни вести
Османи: За тајно гласање за избор на претседател на парламентот, потребна е согласност од пратениците

Претседателката на Косово, Вјоса Османи, денеска (4 јули) изјави дека тајно гласање за избор на претседател на парламентот е дозволено, но оти мора да постои согласност меѓу пратениците за таква процедура.
„Заклучокот на мојот правен тим, со кој се согласувам, е дека тајното гласање не е исклучено како можност. Сепак, за тоа е потребен консензус од пратениците. Тоа значи дека мора да постои одлука пред да се пристапи кон таков начин на гласање“, рече Османи по церемонијата на положување заклетва на 18 нови кадети на Косовските безбедносни сили.
Таа предупреди дека „ќе има последици“ доколку Собранието на Косово не биде конституирано во рокот што го определил Уставниот суд.
Уставниот суд во одлуката објавена на 26 јуни наведе дека Собранието мора да биде конституирано во рок од 30 дена, најдоцна до 26 јули.
Османи претходните денови одржа консултации со политичките партии во врска со блокадата на парламентот, а денеска изјави дека главните политички партии и понатаму имаат дијаметрално спротивни ставови за начинот на избор на претседател на Собранието на Косово.
„Мислам дека блокадата околу начинот на гласање е навистина многу нерационална“, рече Османи.
Таа ги повика лидерите на политичките партии до крајот на јули да најдат решение за блокадата во врска со конституирањето на новиот состав на Собранието на Косово.
Собранието на Косово не беше конституирано ниту по 41-от обид на 3 јули, бидејќи пратениците на неколку парламентарни партии не сакаа да го поддржат предлогот за тајно гласање за избор на претседател на тоа тело.
Инаку движењето „Самоопределување“ победи на парламентарните избори во Косово во февруари, но без конституирање на Собранието, процесот на формирање нова Влада не може да започне.
Мицкоски: Демографската рецесија е алармантна, размислуваме за дополнителни даноци за немажени и неженети

Владата размислува за воведување дополнителни даноци за немажени и неженети, изјави денеска(4 јули)премиерот Христијан Мицкоски во неговото обраќање на настанот „Демографски трендови, предизвици и можни решенија“.
„Секоја мерка, секоја инвестиција, секоја политика што ја носиме – е со цел да ја вратиме вербата. И тука сериозно размислуваме за дополнителни даноци за немажени и неженети“, рече Мицкоски зборувајќи за демографската рецесија во земјава за која рече дека е алармантна.
Тој нагласи дека ова не е проблем само на Македонија, туку предизвик со кој се соочуваат и држави како Германија, Италија, Бугарија, Јапонија и Јужна Кореја, каде што се раѓаат се помалку деца, населението старее, а младите се сè почесто во потрага по подобар живот надвор од границите.
„Во последните четири години, изгубивме повеќе од 33000 жители, како да исчезна еден град од големина на Кавадарци или Кичево. Стапката на наталитет падна од 12,5 процентни промили во 2010 година на само 8,8 во 2024 година“, истакна премиерот.
Тој истакна дека во многу општини и села веќе нема ниту прво одделение, сè повеќе луѓе живеат сами, сè помалку стапуваат во брак, сè помалку деца се раѓаат. Додаде дека во 2024 година се родиле 16061 деца, а починале 20201 лица и напомена дека тоа е природен пад од 4140 луѓе за само една година.
Премиерот нагласи дека целта е како што рече, да се направи животот вреден, мајчинството благослов, а не товар, но и да им се дадат причини на младите да останат во земјава.
Северна Македонија имаше и Стратегија за демографска политика 2015-2024 година. И таму беа набројани семејни политики, миграциски политики и политики за активно стареење, како подрачја каде треба да се дејствува за да се подобрат демографските трендови.
Во меѓувреме, статистичките податоци покажуваат дека бројот на новородени бебиња секоја година е сѐ помал, а бројот на тие кои се иселуваат е сѐ поголем.
Од 2008 година, Владата на поранешниот премиер Никола Груевски преку серија законски измени почна да спроведува политики за зголемување на наталитетот. Неколку години во земјава, додека на власт беше ВМРО-ДПМНЕ, имаше додаток за трето дете.
Со доаѓањето на СДСМ на власт оваа мерка беше укината, оти како што велеа, не дала резултат за да се зголеми наталитетот. Наместо тоа, беше овозможен родителски додаток за трето дете.
Обвинение за директорот на Геријатрија за поткуп од 20.000 евра

Обвинител од Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција поднесе обвинение против две лица за кривични дела поврзани со корупција, информираат од Обвинителството.
Првообвинет во случајот е директорот на ЈЗУ „13-ти Ноември“ – Скопје, кој се товари за кривично дело примање поткуп, додека второобвинетото лице се товари за примање награда за противзаконито влијание.
Според обвинението, директорот побарал поголема сума пари од сведок – давател на доживотна издршка, за да овозможи болнички прием на лице во тешка здравствена состојба. Иако се работело за службено дејствие што морал да го изврши, тој го условил со лична корист.
Второобвинетиот ја примил договорената сума во негово име, со цел да изврши влијание и да го поттикне директорот да ја исполни својата обврска.
При примање на дел од договорените 20 000 евра, второобвинетиот бил фатен на лице место од страна на полицијата.
Обвинителството заедно со обвинителниот акт поднесе и посебен предлог за продолжување на притворот за двајцата обвинети, со образложение дека не постојат услови за поблага мерка.
Хамас соопшти дека одржува консултации околу предлогот за примирје во Газа

Хамас, организација која САД и ЕУ ја прогласија за терористичка, соопшти дека денеска (4 јули) одржува консултации со други палестински движења околу предлогот за примирје во војната со Израел, што е можен знак дека се подготвува за преговори за прекин на огнот во Газа.
Изјавата дојде пред посетата на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху на Вашингтон во понеделник (7 јули), во период кога претседателот Доналд Трамп се залага за завршување на војната.
Конфликтот во Газа започна со невидениот напад на Хамас врз Израел на 7 октомври 2023 година, што предизвика масовна израелска офанзива насочена кон уништување на Хамас и враќање дома на сите заложници заробени од милитантите.
Два претходни прекини на огнот, посредувани од Катар, Египет и САД, доведоа до привремен прекин на борбите, заедно со враќање на израелските заложници во замена за палестински затвореници.
„Движењето спроведува консултации со лидерите на палестинските сили и фракции во врска со предлогот добиен од медијаторите“, се вели во соопштението на Хамас рано утрово на 4 јули.
Неколку часа претходно, Нетанјаху вети дека ќе ги врати дома сите заложници што ги држат милитантите во Газа, откако се најде под огромен домашен притисок, вклучително и од најблиските на заложниците, за нивната судбина.
„Чувствувам длабока посветеност, пред сè, за да обезбедам враќање на сите наши киднапирани, на сите нив“, им рече Нетанјаху на жителите на кибуцот Нир Оз, заедницата во која беа заробени најмногу заложници во нападот на Хамас во 2023 година.
Трамп во четвртокот изјави дека сака „безбедност“ за луѓето во Газа, додека се подготвува да го угости својот сојузник.
„Сакам да видам безбедност за луѓето од Газа. Тие поминаа низ пекол“, рече тој.
Палестински извор запознаен со преговорите за АФП претходно оваа недела изјави дека нема фундаментални промени во новиот предлог што се дискутира во споредба со претходните услови презентирани од САД.
Изворот рече дека новиот предлог „вклучува 60-дневно примирје, во текот на кое Хамас би ослободил половина од живите израелски заробеници во Појасот Газа, во замена за ослободување од на голем број палестински затвореници и притвореници од страна на Израел“.
Порано неделава, највисокиот израелски дипломат Гидеон Саар изјави дека секоја шанса за ослободување на заложниците „не смее да се пропушти“, откако Трамп го повика Хамас да се согласи на 60-дневен прекин на огнот, за кој рече дека има поддршка од Израел.
Војната која трае речиси 21 месец и се уште трае создаде ужасни хуманитарни услови за повеќе од два милиони луѓе во Појасот Газа, каде што Израел неодамна ги прошири своите воени операции против милитантите на Хамас.
Од 251 заложник киднапиран од палестинските милитанти за време на нападот на 7 октомври, 49 сè уште се во Газа, вклучувајќи 27 за кои израелската војска вели дека се мртви.
Во петокот, агенцијата за цивилна заштита на Газа соопшти дека во израелските напади извршени преку ноќ загинале најмалку 15 лица.
Претставникот на цивилната одбрана Мохамед ал-Мугајир за АФП изјави дека седум лица, меѓу кои и едно дете, се убиени во израелски воздушен напад врз шаторите на раселените лица во близина на градот Кан Јунис во јужниот дел на Газа. Мугајир рече дека уште осум лица се убиени во два други напади врз шаторски кампови на брегот на Кан Јунис, вклучувајќи го и оној во кој загинаа две деца рано наутро во петокот.
Израел ја започна својата офанзива во Газа како одговор на нападите од 7 октомври 2023 година, во кои загинаа 1219 лица, претежно цивили, според пресметката на АФП врз основа на израелски официјални бројки.
Во одмаздничката воена кампања на Израел загинаа најмалку 57130 луѓе во Газа, претежно цивили, според Министерството за здравство на територијата управувана од Хамас.
Обединетите Нации ги сметаат овие бројки за веродостојни.
Петти ден блокади низ цела Србија, приведени неколку студенти и демонстранти

Полицијата со опрема против демонстрациите ги отстранува блокадите на патиштата на протестите низ цела Србија, а репортерите на Радио Слободна Европа (РСЕ) исто така јавуваат за првите апсења.
Неколку учесници во блокадата беа приведени во центарот на Белград, а апсења беа регистрирани и во Нов Белград во близина на Факултетот за драмски уметности.
На раскрсницата во центарот на градот, полицијата привела и малолетник од Математичката гимназија, објави репортер на РСЕ.
Студентите и граѓаните почнаа да се собираат рано наутро на 4 јули во Белград, Нови Сад, Ниш и други градови каде што поставија контејнери и други пречки на улиците.
Студентите во блокада ден претходно повикаа на „тотална блокада на Србија поради полициска бруталност“.
Повикот следеше по полициските акции за време на кои речиси 80 студенти и антивладини демонстранти беа уапсени во неколку градови во ноќта помеѓу 2 и 3 јули.
Граѓаните и студентите кои од седум часот наутро ја блокираа раскрсницата кај Правниот факултет во центарот на Белград, се засолнаа од патот кога пристигнаа полициските кордони.
Демонстрантите се повлекоа сами на околните тротоари, и немаше инциденти.
Откако полицијата дошла и ги отстранила металните огради и контејнерите од коловозот, граѓаните се преместиле на друга локација и продолжиле со блокадата, информира репортерот на Радио Слободна Европа (РСЕ).
Слично нешто се случува и во други делови од Белград, каде што демонстрантите поставуваат контејнери на улиците, а потоа силни полициски сили ги отстрануваат блокадите.
Голем број полицајци во полна опрема се присутни на Плоштадот на Републиката за да ги растурат демонстрациите. Исто така, има пет полициски возила, јавува репортерот на РСЕ.
Студентите на Факултетот за драмски уметности објавија на Инстаграм дека нивниот колега е уапсен пред тој факултет во Нов Белград.
Неколку раскрсници се блокирани во Земун.
Според репортерот на РСЕ, имало мали вербални конфликти меѓу собраните демонстранти и граѓаните кои се спротивставуваат на блокадите, но немало поголеми инциденти.
Протестните блокади на патиштата започнаа утрово и во Нови Сад и Ниш.
Во овие градови се присутни и силни полициски сили, кои ги следат демонстрантите и ги отстрануваат блокадите.
Студентите во блокадата, нивните професори, опозицијата и дел од јавноста ја обвинија полицијата за прекумерна употреба на сила при кршењето на блокадите барајќи предвремени избори.
Министерството за внатрешни работи „ги предупреди сите оние кои имаат намера да организираат нелегални блокади дека полицијата, во согласност со законот и своите должности и овластувања, дека ќе ги преземе сите потребни мерки за заштита на јавниот ред и мир“.
Во соопштението објавено навечер на 3 јули, се наведува дека „против сите што ќе го прекршат законот ќе бидат поднесени кривични и прекршочни пријави“.
Блокадите на протестите во градовите низ Србија започнаа откако студентите повикаа на граѓанска непослушност по протестите во Белград на 28 јуни.
Мнозинството студенти побараа предвремени избори во мај, откако организираа големи демонстрации и блокади на факултетите низ целата земја, барајќи одговорност од властите за смртта на 16 лица при падот на настрешницата на железничката станица во Нови Сад на 1 ноември.
Русија истрела 539 дронови и 11 балистички и крстосувачки ракети кон Украина

Русија истрелала рекордни 539 дронови и 11 балистички и крстосувачки ракети кон Украина во текот на ноќта, соопштија денеска (4 јули) украинските воздухопловни сили.
Украинската војска соопшти дека нејзините единици за воздушна одбрана собориле вкупно 270 руски дронови во текот на ноќта.
Други 208 руски дронови биле или пренасочени со електронско војување или биле симулатори на дронови без боеви глави.
Украинскиот министер за надворешни работи Андриј Сибиха, во објава на „Х“ нагласи дека на Москва мора да ѝ се наметнат најстрогите санкции без одлагање.
„Доста е чекање! Путин јасно го покажува своето целосно непочитување кон САД и сите што повикаа на крај на војната. На Москва мора да ѝ се наметнат најстрогите санкции без одлагање. На Украина мора да ѝ се обезбедат сите потребни средства за да се одбрани. Погрешните одлуки можат само да го охрабрат агресорот да го ескалира теророт. Секој криминален режим во светот сега внимателно ги следи постапките и одговорите на Путин на нив. Ако се извлече со сето ова, сите ќе добијат многу јасна порака. Престанете да чекате мир. Дејствувајте за да постигнете мир. Мир преку сила“, напиша Сибиха на платформата „Х“.
Во меѓувреме рускиот претседател Владимир Путин му рекол на американскиот претседател Доналд Трамп, во телефонски разговор, дека Москва нема да се откаже од своите цели во Украина, додека последната надеж за прекин на огнот во војната што трае повеќе од 40 месеци се распаѓа.
Русија има за цел да ја освои Украина и повторно да ја стави независната држава под своја контрола. Таа ја почна инвазијата врз Украина на 24 февруари 2022 година.
Стартува системот One Stop на граничниот премин со Србија

На граничниот премин со Србија „Табановце-Прешево“ денеска (4 јули) ќе биде пуштен во употреба системот One Stop за заедничка интегрирана контрола.
На официјалниот старт на One Stop системот ќе присуствуваат министрите за внатрешни работи на Македонија и на Србија, Панче Тошковски и Ивица Дачиќ.
Воведувањето на овој систем, како што изјави неодамна министерот Тошковски, ќе овозможи многу побрз проток на граѓани на „Табановце-Прешево“, кој моментално е најфреквентниот граничен премин во државава.
Новиот начин на контрола треба да го олесни метежот на границите, особено во летниот период на зголемени патувања.
One Stop системот веќе е воспоставен со Косово на премините Блаце и Јажинце, а во тек се разговори и со Албанија за воведување на два гранични премина, додека со Бугарија и Грција, како членки на ЕУ и на Шенген-зоната, ќе има само организациски подобрувања.
Путин му кажал на Трамп дека нема да се откаже од целите во Украина, соопшти Кремљ

Рускиот претседател Владимир Путин му рекол на американскиот претседател Доналд Трамп, во телефонски разговор, дека Москва нема да се откаже од своите цели во Украина, додека последната надеж за прекин на огнот во војната што трае повеќе од 40 месеци се распаѓа.
Путин му рекол на Трамп дека „Русија ќе ги оствари своите цели“ во Украина и дека „нема да се откаже“ од нив, според советникот на Кремљ, Јуриј Ушаков, кој зборуваше со новинарите по разговорот на 3 јули. Русија има за цел да ја освои Украина и повторно да ја стави независната држава под своја контрола.
Разговорот, кој траел околу еден час, бил шестиот меѓу двајцата лидери откако Трамп ја презеде функцијата на 20 јануари. Белата куќа сè уште нема дадено коментар за разговорот.
Трамп ја постави како врвен приоритет во надворешната политика ставањето крај на војната во Украина, започнувајќи интензивна дипломатска офанзива со Киев и Москва само неколку недели по преземањето на претседателската функција.
Сепак, напорите, кои вклучуваа и барање за 30-дневен прекин на огнот, пропаднаа поради непопустливоста на Кремљ.
Путин верува дека ја добива војната и затоа во моментов има мала мотивација за преговори, велат експерти. Руските сили продолжуваат со напредокот на бојното поле во источна Украина, иако по цена на огромни човечки жртви и материјални трошоци.
Во нивното најзначајно напредување оваа година, руските сили минатиот месец ги здружија територијалните добивки со најжестоките воздушни напади од почетокот на војната на 24 февруари 2022 година.
Украина повторно апелираше до Западот, особено до Соединетите Држави, да испрати повеќе оружје и да воведе построги санкции против Русија, со цел да се принуди Москва да седне на преговарачка маса.
Откако ја презеде функцијата, Трамп нема одобрено ниту една нова испорака на оружје за Украина, ниту пак вовел нови санкции против Русија. Тој возврати дека воведувањето санкции би ги попречило мировните преговори.
Претходно оваа недела, портпаролката на Белата куќа, Ана Кели, изјави дека САД запираат дел од воената помош одобрена од претходниот претседател Џо Бајден, бидејќи земјата има намалени резерви.
Ушаков тврдеше дека ова прашање не било спомнато за време на повикот меѓу Трамп и Путин. Тој додаде дека Путин му рекол на Трамп дека Русија сè уште е заинтересирана за „преговарачко решение“ за војната.
Оваа година, руски и украински претставници се сретнаа за првпат од почетокот на војната, но постигнале мал напредок, бидејќи двете страни сè уште се далеку една од друга во ставовите.
Кремљ бара Украина да се откаже од дел од својата територија, да се демилитаризира и да се одрече од аспирациите за членство во НАТО — барања што ги надминуваат украинските „црвени линии“.
Експертите велат дека Путин продолжува да ја истакнува својата подготвеност за мировни преговори со цел да му угоди на Трамп, кој вложил многу во обидите да постигне договор.
По полициската акција продолжуваат протестните блокади во Белград

Протестните блокади на сообраќајниците во Белград продолжија по полициската акција во која вечерта претходно на повеќе локации во главниот град и во Нови Сад беа уапсени речиси 80 лица.
Демонстрантите на 3 јули ја блокираа Автокоманда, еден од најголемите кружни текови во Белград.
„Ни ги тепаат децата, ги ловат како зајаци, по улици, по влезови. Четворица студенти завршија на Воено-медицинската академија“, се наведува на Инстаграм од страна на неформалното здружение на граѓани од Вождовац, кое заедно со студентите повика на блокада на Автокоманда.
Демонстрантите ја блокираа и крстосницата кај Авијацискиот плоштад во белградската населба Земун.
Собирите продолжија и пред зградата на Ректоратот на Универзитетот во Нови Сад.
Ректорот на Белградскиот универзитет, Владaн Ѓокиќ, од протестот ја повика власта да се „воздржи од брутални напади врз студентите и граѓаните“.
„Синоќа студентите на ова место примија тешки удари од припадници на јавниот ред и мир. Ударите беа насочени кон автономијата на универзитетот и животите на оние што беа тука“, изјави Ѓокиќ.
Собраните пред Правниот факултет ги поздравија адвокатите кои понудија бесплатна правна помош за студентите и граѓаните.
„Синоќа прагот на репресијата беше подигнат. Тука се собраа повеќе од сто адвокати како дел од ветувањето дека ќе бидеме и пред и зад студентите кога тоа ќе биде потребно – а мислам дека сега навистина е потребно“, изјави за Радио Слободна Европа адвокатот Виктор Гостилјац.
На собирот пред Правниот факултет им се приклучија и демонстранти кои претходно ги имаа блокирано сообраќајниците во други делови на градот.
Во Нови Сад приведен пратеник на Собранието на Војводина
Во Нови Сад, студентите и граѓаните се собраа пред зградата на Ректоратот, а потоа блокираа два моста во градот.
За време на блокадите беше приведен опозицискиот пратеник во Собранието на Војводина, Радивоје Јововиќ.
По сослушувањето, му беше одреден полициски притвор од 24 часа поради нарушување на јавниот ред и мир.
Во Ниш демонстрантите преминуваа преку пешачки премини на кружен тек, а потоа тргнаа во протестна прошетка.
Поради полициските акции во Белград изминатата ноќ, демонстранти излегоа на улиците и во Ваљево, Ужице, Суботица, Крагуевац, Чачак, Шабац и други градови.
Полицијата ги отфрла обвинувањата
Полицијата ги отфрли обвинувањата за прекумерна употреба на сила, наведувајќи дека „од страна на учесниците во блокадите биле повредени четворица полициски службеници и оштетено едно возило на МВР“.
„Полицијата беше максимално толерантна во сите овие месеци зад нас. Во изминатите денови, и јас и моите соработници повеќепати соопштивме дека нема да дозволиме нарушување на јавниот ред и мир. Апсолутно нема да дозволиме напад врз припадници на полицијата,“ изјави за Радио телевизија Србија директорот на полицијата, Драган Васиљевиќ.
Блокадите во градовите ширум Србија започнаа откако студентите повикаа на граѓанска непослушност по митингот одржан на 28 јуни во Белград.
Најголем дел од студентите уште во мај побараа нови избори, откако организираа масовни демонстрации и блокади на факултети низ целата земја, барајќи одговорност од властите за загинувањето на 16 лица при уривање на покривната конструкција на главната железничка станица во Нови Сад на 1 ноември.
Зеленски најави заедничко производство на дронови со САД среде извештаи за прекин на испораките на оружје

Претседателот на Украина објави историски договор со американска компанија основана од поранешен извршен директор на Google за заедничко производство на дронови, вклучително и пресретнувачи, додека Киев се обидува да ја зајакне својата одбрана во услови на сè поинтензивни руски воздушни напади и намалена поддршка од администрацијата на Трамп.
„Потпишан е договор со силната американска компанија Swift Beat,“ објави Володимир Зеленски на својот официјален канал на Telegram на 3 јули, при почетокот на неговата посета на Данска. „Станува збор за стотици илјади дронови уште оваа година и можноста за значително зголемување на производството следната година.“
Swift Beat е основана од поранешниот извршен директор на Google, Ерик Шмит, кој учествуваше во церемонијата на потпишување заедно со Зеленски и министерот за одбрана Рустем Умеров.
Компанијата, според кабинетот на Зеленски, веќе има значително присуство во Украина, специјализирана е за дронови базирани на вештачка интелигенција и веќе соработувала со украински инженери и воени претставници.
Компанијата засега не даде коментар.
Оваа најава доаѓа во момент кога Financial Times објави дека Зеленски треба да оствари телефонски разговор со американскиот претседател Доналд Трамп на 4 јули, на кој се очекува да се разговара за наводното запирање на одредени клучни испораки на оружје од страна на Вашингтон.
Извори запознаени со ситуацијата за весникот изјавиле дека паузата ги засега противвоздушните ракети „Патриот“, преносливите ракетни системи „Стингер“, прецизни артилериски гранати, повеќе од 100 ракети „Хелфајр“ и ракети воздух-воздух од серијата „АИМ“.
Во меѓувреме, рускиот претседател Владимир Путин и Трамп исто така требаше да имаат телефонски разговор на 3 јули, нивниот прв јавно објавен разговор по повеќе од две недели.
Министерството за одбрана на Украина соопшти дека не добило официјално известување од Вашингтон за какви било промени во воената помош, но потврди дека побарало телефонски разговор со американските партнери „за појаснување на деталите.“
Киев го повикал вршителот на должноста амбасадор на САД во Украина, Џон Хинкел, на 2 јули за да изрази загриженост во врска со паузата.
Европските сојузници реагираа со вознемиреност.
Генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, предупреди дека Украина „не може да опстане без поддршка од партнерите на краток рок“ и повика на „умерен но цврст“ пристап за одржување на помошта. Министерот за одбрана на Полска, Владислав Косинијак-Камиш, ја нарече одлуката на Вашингтон „жална“ и нагласи дека поддршката за Украина е „во национален интерес на Полска.“
Кремљ, пак, ги поздрави извештаите.
„Колку помалку оружје се испраќа во Украина, толку побрзо ќе заврши специјалната воена операција,“ изјави портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, на 2 јули, повторувајќи ја одамна утврдената позиција на Москва.
Посетата на Зеленски на Данска ќе вклучува понатамошни разговори за заедничко производство на одбранбена опрема и други мерки за зајакнување на способноста на Украина да се спротивстави на руските напади.
„Ова е сериозен удар за Украина, за Европа и за НАТО, доколку САД ја намалат поддршката за Киев,“ изјави данската премиерка Мете Фредериксен.
„Не гледам никаков знак дека Путин сака мир, и не верувам ниту за момент дека има намера да застане со Украина,“ нагласи таа.
Ниту Белата куќа, ниту кабинетот на Зеленски формално го потврдија времето на разговорот со Трамп, кој според FT може и да се промени.
Мултимедија
Најпосетени
Што треба да знаете