Владата на Северна Македонија одговорила потврдно на американските власти на нивното барање за прифаќање на македонски државјани што престојуваат нелегално во САД. Но, дали државата е во игра да биде транзит и привремено да прифати и мигранти кои во САД дошле од трети земји, како што е регионот на Латинска Америка?
Радио Слободна Европа (РСЕ) пишуваше за ваквите можности за дел од балканските земји, а Косово денеска и официјално потврди дека ќе прими односно ќе обезбеди привремена заштита за 50 лица од трети земји, во рамките на соработката со Соединетите Држави.
Доколку такво нешто би се случило и со Северна Македонија, која во моментов има згрижено минимален број мигранти, државата ќе треба да потпише договор и да преземе одговорности за да ги почитува човековите права, сметаат домашните експерти.
Влада: Го прифативме барањето на Трамп за македонски државјани
На прашањата од РСЕ во однос на прифаќањето депортации на граѓани од американска страна, од македонската Влада одговорија потврдно за барањето на администрацијата на Трамп, но за македонски државјани.
„Веднаш по доаѓањето на администрацијата на претседателот Трамп, беше испратено барање за прифаќање на македонски државјани кои престојуваат нелегално на територијата на САД, доколку таквиот статус биде утврден. Имајќи предвид дека станува збор за македонски државјани, Владата го прифати барањето за нивен прием во случај на депортација по тој основ“, велат од Владата.
Северна Македонија во овој случај и нема некој избор. Како што нагласува Бојана Божиновска Силјановска – претседателка на Македонското здружение на млади правници (МЗМП) кое долги години се занимава со прашања поврзани со миграцијата и азилот, државата е должна да ги прими своите државјани.
„Секој случај е индивидуален, но генерално во однос на депортација на македонски државјани од САД, тогаш лицата правата ги бараат таму (во САД) затоа што Македонија тука нема никаква врска односно државата секако е должна да го прими својот граѓанин на своја територија“, вели Божиновска Силјановска за РСЕ.
Што вели Владата, а што Стејт департментот за депортација на лица од трети земји?
Но, кога се во прашање евентуални депортации од САД на лица кои потекнуваат од трети земји, тогаш државата која привремено би ги згрижила би презела големи одговорности, велат од невладината организација.
Од Владата не потврдуваат дека Северна Македонија е вклучена во вакви разговори со американските власти. На дополнителните прашања од РСЕ за привремено прифаќање мигранти од трети земји, кратко одговорија:
„Како Влада остануваме на веќе испратениот одговор, а се однесува на она што институциите официјално го имаат како информација“.
Ваквата можност за земји од регионот првично ја навести американски „Блумберг“ (Bloomberg) кој повикувајќи се на анонимни извори објави дека администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп побарала од Србија да прифати мигранти кои САД планираат да ги депортираат. Станува збор за лица кои претежно се со потекло од Куба, Хаити, Никагарва и Венецуела.
Во одговорот даден на Радио Слободна Европа од Стејт департментот на 6 јуни, пак, не се коментираа директно тврдењата на „Блумберг“ (Bloomberg). Наместо тоа, оттаму наведоа дека земјите од балканскиот регион се вклучени во контакти како дел од поширока американска стратегија за депортација на странски државјани без регулиран правен статус.
„Американските партнери и регионалните лидери тесно соработуваат со нас за да се стави крај на кризата со нелегалната и масовна миграција“, нагласи Стејт департментот.
„Државата мора да ги почитува човековите прави на тие лица“
Со оглед на недоволните информации за евентуалните можности за депортации, од Здружението „Млади правници“ се резервирани во коментарите нагласувајќи дека сепак првично би требало да разграничи дали би станувало збор за мигранти или бегалци кои бегаат од прогон, како и да се видат договорите што, пред сè, би се постигнале.
Тие договори би биле билатерални и во нив би се дефинирале условите, постапката итн.
Но, како што нагласува Божиновска Силјановска, во хипотетичко сценарио на прифаќање депортации, Северна Македонија има и свои закони и е потписник на конвенции, што значи дека „при евентуален прием на мигранти со цел САД или Европа да се ослободат од пренатрупаност, државата треба да ги испочитува човековите права на тие луѓе“.
„Државата треба да ја испочитува постапката и понатаму да преземе одговорности во насока на понатамошна легална депортација на тие лице во трета или во матичната земја притоа гарантирајќи им дека нивните човекови права, пред сè, правото на живот ќе бидат испочитувани“, вели претседателката на здружението, Божиновска Силјановска.
Косово потврди, Црна Гора негира
Еден ден откако привремената влада на Косово за РСЕ потврди дека изразила подготвеност да соработува со Соединетите Држави во врска со прифаќањето и привременото сместување на државјани од трети земји во Косово, „во согласност со утврдените услови“, за информацијата се огласи и привремениот премиер Албин Курти.
Тој изјави дека престојот на до 50 лица во земјата, кои подоцна ќе се вратат во своите матични земји, ќе го управува и координира Министерството за внатрешни работи. На мрежата Икс (X) Курти напиша дека по донесувањето на оваа одлука косовските власти ќе работат „во тесна соработка со надлежните американски власти во текот на целиот процес“.
Од косовската влада, исто така, посочија дека за време на престојот во Косово „лицата ќе постапуваат во согласност со важечкото законодавство и ќе ги уживаат правата утврдени со важечките закони“.
Црна Гора, пак, негира дека водела вакви дипломатски разговори. Од црногорското Министерство за надворешни работи за тамошните медиуми изјавија дека досега немале комуникација со САД за тоа прашање.
Што би значеле депортации на Балканот?
По објавата на американски „Блумберг“ за барањето на САД до Србија, како и изјавата за РСЕ од Стејт департментот дека балканските земји се вклучени во контакти како дел од пошироката американска стратегија за депортација на странци, дел од експертите коментираа дека ваквите сценарија немаат логика.
„Такво нешто нема логика, особено ако се земе предвид географската оддалеченост“, изјави за РСЕ, Никола Ковачевиќ, правник специјализиран за прашања поврзани со азил и миграција.
Во евентуалната одлука за испраќање мигранти во земји илјадници километри далеку од сè што им е познато, “постои и елемент на театралност, како и желба на американската администрација да ѝ покаже на својата база поддржувачи дека има цврст став по прашањето на миграцијата“, изјави за РСЕ, Мајкл Бохенек (Michael Bochenek), виш советник во организацијата Human Rights Watch (HRW).