Вести
Меркел - Иднината на Западен Балкан е во обединета Европа

Убедена сум дека иднината на Западен Балкан лежи во вистинска обединета Европа, изјави денеска германската канцеларка Ангела Меркел по повод претстојниот виртуелен самит од Берлинскиот процес, закажан за понеделник, на кој домаќин е Германија.
Меркел, во видео порака кажа дека е среќна, иако тоа ќе биде само виртуелен состанок, што ќе ѝ овозможи да продолжи да работи со шефовите на држави и влади на Западен Балкан, процес што беше почнат во 2014 година, како Берлински процес, на иницијатива на Германија.
Таа посочи дека е постигнато многу од воспоставувањето на Берлинскиот процес, чија цел е да даде конкретен придонес кон стабилноста во регионот и мирниот дијалог.
„Западен Балкан е непосреден сосед на ЕУ. Тоа е дел од Европа, каде раните од војната сè уште не се залечени, а голем број граѓани од таа област живеат и во Германија. Јасно ми е дека земјите од ЕУ мора да имаат интерес за мирен развој на Западен Балкан. Ние сме одговорни практично да се залагаме за развој во тој дел на Европа“, нагласи Меркел.
Германската канцеларка додаде дека процесот во Берлин веќе постигнал одреден успех и во тој поглед, таа особено го издвои неодамна основаниот Форум за млади.
Таа истакна дека она што долго време се сметаше за невозможно, конечно е можно, а тоа е размена на студенти од различни религии и етникуми.
„Тоа е практичен придонес кон мирот“, подвлече Меркел, додавајќи дека меѓусебното признавање на дипломите, соработката во науката, како и напредокот во инфраструктурните проекти, што се карактеризира со чекори што водат кон зајакнување на прекуграничната размена меѓу граѓаните од регионот и надминување на предрасудите.
„Сето ова ги води земјите од Западен Балкан напред кон заедничката цел за исполнување на условите за членство во ЕУ. Убедена сум дека, порано или подоцна, нивната иднина навистина ќе биде во обединета Европа“, нагласи таа.
Меркел посочи дека сè уште има многу предизвици на Западен Балкан, дека недовербата и национализмите не исчезнале, а билатералните спорови можат да се разгорат во секој момент, поради што е потребно помирување. Тоа, вели таа, значи надминување на минатото и правење на сè што е можно за идните генерации да живеат во мир.
види ги сите денешни вести
Шест ин витро обиди на државна сметка и побрзо одобрување, најави ФЗО

Вкупно шест наместо како што беше досега - три обиди за биомедицинско потпомогнато оплодување (БПО) попознато како ин витро, ќе бидат овозможени на товар на Фондот за здравствено осигурување (ФЗО).
Ова една од законските измени усвоени на 10 јули годинава во Собранието, како што денеска (12 јули) соопштија генералните директори на Фондот, Сашо Клековски и Бранко Аџигогов.
Според најавите, освен што БПО ќе биде вклучено во основниот пакет на здравствени услуги, ќе има и усогласување на ослободувањето од партиципација, но ќе се скрати времето на одлучување од три месеци на две седмици.
„Фондот го дигитализираше процесот во оваа фаза кон барателите, вклучувајќи го ваучерот за БПО, но и поедностави дел од адиминистративниот процес“, потенцира Клековски.
Според податоците на ФЗО, се повеќе граѓани се соочуваат со проблеми при зачнување, а успешноста на третманот често се зголемува со зголемениот број обиди.
Лани имало 1495 барања за ин витро. Најголем дел, односно 1280, биле за прво, 195 за второ, 15 за трето и 5 за четврто дете.
Максимален износ за еден обид е околу 93000 денари, а за 1106 реализирани во осумте центри во државата каде е тоа достапно, употребени се 89.547.990 денари.
Како следни чекори, од Фондот најавија финансиска поддршка на замрзнување на јајце клетки за идна употреба, како и поддршка на Клиниката за гинекологија за создавање на национална банка за реродуктивен материјал, односно јајце клетки и сперма.
Друга новина, како што информираа е и тоа што се олеснува лекувањето во странство.
„Се применуваат препораките од Државниот завод за ревизија. Второстепената комисија ќе одлучува само по жалби, не повеќе и по мислење на Првостепената комсија со што се скратува процесот и обезбедеува двостепеност. Рокот за одлучување се скратува од 45 на 30 дена, а се брише и склучување договори со странски болници поради неприменливост“, нагласи Клековски.
Инаку, тој соопшти и дека Фондот се враќа на стариот концепт што постоеше до 2007 година, па со него нема да раководат двајца директори, туку еден, кој ќе има свој заменик.
Нов руски напад на западна Украина

Со бран напади со дронови и ракети врз западна Украина во текот на ноќта, Русија таргетираше области далеку од фронтот, објавија украинските медиуми и официјални лица денеска (12 јули).
Експлозии се регистрирани во градовите Лвив, во близина на границата со Полска, Чернивци, во близина на границата со Романија, како и во северозападниот град Луцк, објавија медиумите.
По нападот, избувна пожар во зграда во Лвив, објави градоначалникот Андриј Садовји.
Украинската воена авијација претходно предупреди за балистички ракети и дронови лансирани од Русија, а насочени кон запад. Според официјални извори, беспилотни летала биле видени како се приближуваат кон областите Тернопол и Волињ.
Во Волињ беа активирани сирените за воздушен напад, додека властите ги повикаа жителите да останат во засолништа.
ЦУК: Од 38 пожари изминатото деноноќие, активни се три

Во текот на изминатото деноноќие низ државата имало вкупно 38 пожари. Три од нив се активни, пет се ставени под контрола, а 30 се изгаснати, соопштуваат од Центарот за управување со кризи (ЦУК).
Според нивниот најнов извештај, активни се пожарите во Општина Дојран – с. Николич, Општина Велес – с. Џидимирци и во Општина Македонски Брод, помеѓу с. Црешнево, с. Крапа и с. Локвица.
Под контрола се пожарите во Македонски Брод – с. Слатина, Македонски Брод – с. Слатина, Слатински извори, Чучер Сандево – с. Блаце – с. Горњани, местото викано Рамна шума, Долнени – с. Црнилиште и Долнени – с. Дебреште.
Снимка од пилотската кабина открива клучни детали за падот на авионот на Ер Индија

Истражителите открија вознемирувачки детал во прелиминарната истрага за падот на летот 171 на Ер Индија во јуни, во кој загинаа 260 лица.
Само неколку секунди по полетувањето, прекинувачите за контрола на горивото на 12-години стариот Боинг 787 Дримлајнер биле нагло префрлени во позиција „прекинато“, со што се прекинал доводот на гориво до моторот и се предизвикало целосно губење погонската сила.
Таков потег вообичаено се изведува дури по слетување.
На снимката од пилотската кабина, може да се слушне како едниот пилот го прашува другиот: „Зошто го исклучивте горивото?“, на што другиот одговара дека не го сторил тоа. Снимката не открива кој ја кажал која реченица. Во моментот на полетувањето, копилотот го управувал авионот, додека капетанот го надгледувал летот.
Прекинувачите набрзо биле вратени во нормална положба за лет, што предизвикало автоматско рестартирање на моторите. Во моментот на несреќата, едниот мотор повторно почнал да развива потисок, додека другиот штотуку стартувал, но сè уште не со полна сила.
Летот 171 беше во воздух помалку од 40 секунди пред да се сруши во густо населена област во западниот индиски град Ахмедабад.
Истражителите сега ги анализираат остатоците и податоците од снимачот на гласови во пилотската кабина за да разберат точно што се случило кратко по полетувањето. Според Flightradar24, авионот се искачил на надморска височина од околу 190 метри при ведро време и го изгубил сигналот на транспондерот по 50 секунди. Извештајот од 15 страници објавен денеска (12 јули) дава прв увид во настаните.
Истражниот тим предводен од индиската влада вклучува експерти од „Боинг“, „Џенерал Електрик“, „Ер Индија“, индискиот регулатор како и набљудувачи од САД и Велика Британија.
Истражителите истакнуваат дека прекинувачите за гориво се опремени со механизам за заклучување што спречува нивно случајно активирање - прекинувачот прво мора да се повлече нагоре за да се отклучи, а дури потоа може да се вклучи. Овој безбедносен механизам е воведен во 1950-тите. Прекинувачите се произведуваат според високи стандарди и се исклучително сигурни. Покрај тоа, дополнителна заштитна рамка ги штити од случајни допири.
„Речиси е невозможно да се вклучат двата прекинувачи со една рака со едно движење, што го прави случајното активирање многу малку веројатно“, изјави за Би-Би-Си еден канадски истражител на авионски несреќи, кој побара да остане анонимен.
Тоа е она што го прави овој случај особено необичен.
Ако еден од пилотите, намерно или случајно, ги исклучил прекинувачите, „тогаш логичното прашање е: зошто некој би го направил тоа веднаш по полетувањето“, рече Шон Пручницки, поранешен истражител на несреќи и експерт за воздухопловство на Државниот универзитет во Охајо.
Питер Гоелц, поранешен извршен директор на Националниот одбор за безбедност во сообраќајот на САД (NTSB), се согласи: „Откритието дека пилотот го исклучил снабдувањето со гориво во рок од неколку секунди по полетувањето е многу загрижувачко“.
„Видеото од пилотската кабина веројатно открива многу повеќе отколку што е познато во моментов. Изјава како „зошто ги исклучивте прекинувачите“ не е доволна“, рече тој.
„Информациите што ги имаме досега сугерираат дека некој во пилотската кабина ги исклучил тие вентили. Прашањето е кој и зошто. И двата прекинувачи биле исклучени, а потоа повторно вклучени во рок од неколку секунди. Видеото може да открие повеќе: дали пилотот што командувал се обидувал да ги рестартира моторите или дали пилотот што го надгледувал го правел тоа“.
Истражителите веруваат дека снимката од гласот во пилотската кабина, која вклучува звуци од микрофонот на пилотот, радио комуникации и бучава во позадина во кабината, е клучот за решавање на случајот.
„Тие сè уште не идентификувале кој што рекол, а тоа е клучно. Патем, луѓе кои ги знаат гласовите на пилотите се присутни кога ја слушаат снимката за да утврдат точно кој зборува. Сè уште не е познато кој пилот ги исклучил прекинувачите, а кој ги вклучил повторно“, рече Гоелц.
И пилотите и членовите на екипажот поминале алкотест пред качување и добиле дозвола за летање, се вели во извештајот. Пилотите со седиште во Мумбаи пристигнале во Ахмедабад еден ден пред летот и биле доволно одморени.
Погребан поранешниот руски министер за транспорт Старовојт

Поранешниот руски министер за транспорт Роман Старовојт, кој беше пронајден мртов неколку часа откако претседателот Владимир Путин го отпушти од функцијата, беше погребан денеска на гробиштата во Санкт Петербург, додека се уште се поставуваат прашања за околностите на неговата смрт.
Телото на Старовојт беше пронајдено во близина на неговиот автомобил Тесла на паркинг во московското предградие Одинцово во понеделникот. Истражителите рекоа дека самоубиството е најверојатната теорија за неговата смрт.
Но, извештаите, вклучително и од Форбс Русија и истакнат руски пратеник, ја нагласуваат неизвесноста околу временската рамка и околностите на неговата смрт.
Гувернерот на Санкт Петербург и други високи владини претставници присуствуваа на погребот. Роднините и други високи владини претставници присуствуваа на комеморацијата во Москва еден ден претходно.
Смртта на Старовојт предизвика голем интерес кај руските политички елити и надворешни набљудувачи, при што некои тврдат дека тоа означува клучен момент во владеењето на Путин - 41 месец од почетокот на тоталната војна во Украина и 25 години како водечка фигура во Русија.
Кремљ јавно не објасни зошто Старовојт беше отпуштен во понеделникот. Исто така, значајно е што Путин сè уште јавно не изразил сочувство или не испратил официјален комеморативен венец, што би биле вообичаени гестови во таква ситуација.
Путин не присуствуваше на погребот ниту на комеморацијата, а неговиот портпарол рече дека тоа не било во „распоредот“ на претседателот.
Весникот „Комерсант“ објави дека Старовојт се сретнал со колегите во понеделникот пред да биде објавено неговото разрешување. Потоа разговарал за разрешувањето со еден од неговите заменици, за кого „Комерсант“ рече дека декретот за разрешување „не содржи ништо сериозно“.
Кратко потоа, објави весникот, Старовојт напишал порака во групен разговор со колегите, велејќи дека тоа е „чест“, очигледно мислејќи на неговиот мандат како министер за транспорт.
Пред да се приклучи на владата во мај 2024 година, Старовојт беше гувернер на Курската област, југозападен граничен регион што украинските сили го нападнаа тој август.
Упадот го засрами Кремљ, бидејќи тоа беше прв пат странски трупи да навлезат и окупираат руска територија по Втората светска војна. Руските команданти на крајот распоредија околу 11.000 севернокорејски војници и поминаа седум месеци потиснувајќи ги украинските трупи.
Пред украинската инвазија, беа покренати прашања за подготовката на граничната одбрана, со сомневања дека јавните средства наменети за напорите биле злоупотребени или проневерени.
Во декември 2024 година, тогашниот гувернер на Курската област, Алексеј Смирнов, поднесе оставка. Смирнов беше заменик-гувернер под Старовојт. Во април, Смирнов беше приведен. Тој наводно дал сведоштво во кое го вмешува Старовојт во злоупотреби.
Градоначалничката на Скопје Арсовска нападната во Чаир

Градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска, денеска била физички нападната во Општина Чаир, додека вршела увид на терен, како што вели на локација каде што се гради дивоградба спроти Полициската станица Чаир. Настанот го потврдија од Министерството за внатрешни работи.
Арсовска, попладнево пред Градската болница „8 Септември“ изјави дека при денешниот увид на дивоградба во скопски Чаир била физички и вербално нападната од лице за кое, како што рече, има личен интерес во објектот.
„Ме нападна со клоци, тупаници и закани по животот – ми се закануваше со силување и убиство, пред очите на полицијата“, рече Арсовска, додавајќи дека полицијата само стоела и го набљудувала насилството. Според неа, лицето не било веднаш приведено, туку му било дозволено да се јавува на телефон и да се заканува и кон другите присутни – советници и секретарот на Градот.
Арсовска додаде дека објектот што го посетувала е дивоградба без никакви дозволи, даноци или платени комуналии, и дека биле поднесени повеќе пријави до институциите, но градежните активности и покрај тоа продолжиле.
На ваквите обвинувања реагираше министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, кој демантираше дека полицијата не презела ништо.
„Не е точно дека МВР не постапило. Полицијата веднаш излегла на терен. Арсовска беше повикана во полициска станица по инцидентот, но не се појави. Подоцна отиде во болница, каде ѝ беа констатирани телесни повреди – црвенила на левата потколеница. По прегледот, таа повторно се упати во полициска станица, каде што беа преземени полициски дејствија, а беше контактиран и јавен обвинител“, изјави Тошковски.
Министерот информираше дека лицето кое Арсовска го посочила како напаѓач е приведено, а заедно со него и уште две лица кои ѝ се заканувале.
Според претходните информации, инцидентот бил пријавен денеска во 12:15 часот од страна на лице со иницијали А.Ј., кое навело дека градоначалничката била нападната додека извршувала службени задачи на улица Кумбара.
Според пријавата, неколкумина и упатиле и вербални закани. Арсовска не поднела кривична пријава, но самата се упатила во Градската болница „8 Септември“.
Медиумите објавуваат изјави од вработени во Ургентниот центар кои рекле дека градоначалничката била примена видно вознемирена и со телесни повреди – модрици и оток од удирање со клоци и тупаници и дека била прегледана од специјалисти и дека ѝ се укажува помош.
Вработени во нејзиниот Кабинет рекле дека дека Арсовска била нападната од група од околу 30 лица додека била на увид кај објект што повеќепати бил пријавуван како дивоградба и дека нападот се случил токму пред полициската станица.
Дипломатски тензии меѓу Скопје и Софија: Повик на амбасадор и меѓусебни критики

Македонското Министерство за надворешни работи и надворешна трговија упати дипломатски протест до официјална Софија поради, како што се вели, навредливите изјави на бугарскиот министер за надворешни работи, Георг Георгиев.
Министерството денеска го повика бугарскиот амбасадор во Скопје Жељаско Радуков на разговор, каде што му била врачена официјална нота на протест, соопшти Македонското МНР. Повод беше јавниот настап на Георгиев на бугарската телевизија БТВ, каде што тој го нарече премиерот Христијан Мицкоски „северномакедонски премиер“ и порача дека Северна Македонија треба да има предвид дека Бугарија веќе е фактор во ЕУ и регионот.
Од македонското МНР порачаа дека изјавите со кои се користи навредлив речник и се омаловажуваат претставници на една суверена држава претставуваат директно кршење на меѓународните дипломатски стандарди и не придонесуваат за градење на добрососедски односи.
„Очекуваме официјална Софија да упати извинување, како чекор кон зачувување на достоинствена и принципиелна билатерална комуникација“, се вели во реакцијата.
Реагираше и бугарското Министерство за надворешни работи, кое наведе дека изјавата на премиерот Мицкоски – во која Георгиев беше наречен „момче со задача да се задева со него“ и беше спореден со „глушец кој го задева лавот“ – е некомпатибилна со елементарните норми на дипломатскиот и политичкиот дијалог, како и со принципите на добрососедство.
Тензичната реторика меѓу двете страни се засили по извештајот на Европскиот парламент, кој предизвика бранувања и политички толкувања и во Скопје и во Софија.
Следуваше интервјуто на Георгиев, а потоа и одговорот на Мицкоски.
Бугарскиот премиер Росен Жељасков побара од македонскиот премиер јавно извинување за „глушецот и лавот“, оценувајќи дека таквите споредби ја разнишуваат и онака кревката доверба меѓу двете земји.
Орбан: Заблуда е да се мисли дека Украина е подготвена за членство во ЕУ

Колосална заблуда е да се мисли дека Украина е подготвена да се приклучи кон Европската Унија, изјави денеска унгарскиот премиер Виктор Орбан во интервју за јавното радио Лајош Кошут, цитирано од унгарските медиуми.
Орбан рече дека лидерите на ЕУ на секој самит, како и јавно, велат дека Украина ги исполнила критериумите за членство во унијата.
„Европските лидери тврдат дека Украина ја елиминирала корупцијата, дека е управувана од владеењето на правото, ги почитува човековите права и има здрава економија. Тие зборуваат за Украина како сега преговорите за пристап да се само формалност. Како Украина да си ја завршила работата и сега е наш ред. Дека Украина мора да биде примена во 2030 година без оглед на сè“, рече премиерот.
Според Орбан, сепак, тврдењата дека Украина е подготвена да се приклучи кон ЕУ „се далеку од реалноста“.
„Можеби ги заведувате луѓето во Брисел, но таму каде што живееме, близу до украинската граница, оваа изјава е или колосална заблуда или целосна бесмислица“, додаде унгарскиот премиер.
Во меѓувреме, Орбан рече дека унгарските политички партии кои ја поддржуваат Европската комисија и европските лидери, како што се опозициската Демократска коалиција и Тиса, со право можат да се наречат „воени партии“.
Споед него, тие се членови на воената коалиција во Брисел, а додаде и дека постојат и антивоени мировни партии кои се во таборот на ФИДЕС.
Фон дер Лајен: Сребреница е меѓу најмрачните поглавја во колективната меморија на Европа

Некои историски настани фрлаат сенка што се пренесува со генерации - геноцидот во Сребреница е еден од нив, кој е меѓу најмрачните поглавја во колективната меморија на Европа, порача претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен по повод 30-годишнината од масакрот во Сребреница.
„Поминаа 30 години од овие злосторства. Денеска, сакам да им оддадам почит на повеќето од 8.300 бошњачки момчиња и мажи кои беа убиени и на оние кои се уште се водат како исчезнати. Бидејќи некои од последните жртви на Сребреница се погребани со достоинство, им оддавам почит и на мајките, сопругите и ќерките кои продолжуваат да тагуваат, носејќи ја тежината на загубата во текот на три децении“, се наведува во писмената изјава на Фон дер Лајен.
Според неа, должност на денешните генерации е да се сеќаваат и да ја зачуваат вистината за Сребреница, со цел идните поколенија точно да знаат што се случило.
„Тие мора да знаат дека во летото 1995 година, жртвите беа систематски погубени и закопани во масовни гробници во рамките на „безбедната зона“ на Сребреница, одредена од ОН. Град за кој веруваа дека ќе ги заштити во бруталната војна што ја уништуваше Босна и Херцеговина. Европската унија никогаш нема да заборави што се случи во овој град. Го признаваме нашето минато и ја признаваме нашата одговорност за тоа што не успеавме да го спречиме и запреме геноцидот“, додава Фон дер Лајен.
Таа нагласува дека ЕУ нема никогаш да дозволи менување на историјата и цврсто ги отфрла и осудува секое негирање, искривување или минимизирање на геноцидот во Сребреница, како и глорифицирањето на воените злосторници.
„Политичките лидери имаат голема одговорност во тој поглед, особено во Босна и Херцеговина и низ целиот Западен Балкан. Тие мора да бидат пример во признавањето на утврдените факти и искрено давање почит на жртвите и мора активно да работат на помирување преку соочување со корените на омразата што доведоа до овие злосторства. Ова е единствениот пат кон посветла и просперитетна иднина за следната генерација“, вели претседателката на Еврокомисијата.
Таа додава дека во исто време сака да им порача на луѓето на Босна и Херцеговина дека Европската Унија е со нив.
Во Меморијалниот центар Сребреница - Поточари денеска (11 јули) се одбележува 30-годишнината од геноцидот врз Бошњаците извршен од српските сили во јули 1995 година. На комеморацијата ќе бидат погребани посмртните останки на седум жртви од Сребреница, пронајдени на различни локации, меѓу кои и две 19-годишни момчиња, најмладите меѓу денешните погребани.
Лавров: Русија ја повтори позицијата за Украина во разговорот со Рубио

Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров изјави дека на состанокот со американскиот државен секретар Марко Рубио во Малезија повторно ја изложил руската позиција за решавање на конфликтот во Украина, врз основа на ставовите претходно изнесени од претседателот Владимир Путин.
„Разговаравме за Украина. Го потврдивме ставот што го изнесе претседателот Путин, вклучително и на 3 јули во разговорот со претседателот Доналд Трамп“, изјави Лавров на прес-конференција по регионалниот форум на АСЕАН.
Лавров наведе дека му предал на Рубио делови од изјави на украински претставници, меѓу кои и претседателот Володимир Зеленски, што, според него, повикуваат на „уништување на Русите“.
„Му предадов извадоци од изјави на Зеленски, Шмигал, Јермак и Подољак, каде директно зборуваат за потребата да се „уништат Русите“. Правно, а уште подобро – физички“, рече Лавров.
Тој оцени дека Украина сака да ги потисне правата на руското и рускојазичното население и да ги елиминира сите кои не се согласуваат со, како што рече, киевскиот режим.
Две средби се одржаа меѓу Лавров и Рубио на маргините на состаноците на министрите за надворешни работи во рамки на Источноазискиот самит и безбедносниот форум на АСЕАН.
Рубио изјави дека разговарал со Лавров за нов пристап во мировните преговори за Украина.
„Мислам дека ова е нов и поинаков пристап. Не би рекол дека гарантира мир, но тоа е концепт што ќе му го изложам на претседателот“, рече Рубио во Куала Лумпур.
Тој додаде дека американскиот претседател Доналд Трамп е „разочаран и фрустриран од недостигот на флексибилност од руската страна“ за прекин на конфликтот.
Руското МНР соопшти дека двајцата дипломати разговарале и за нормализација на дипломатските мисии, како и за ситуации во Иран, Сирија и билатералните односи.
Мултимедија
Најпосетени
Што треба да знаете