Вести
Османи потврди - Македонија протера уште еден руски дипломат, деталите се доверливи

Македонија протерала уште еден руски дипломат, потврди денеска министерот за надворешни работи, Бујар Османи, но не откри детали, бидејќи, како што нагласи, „информациите од тој тип се обично од доверлив карактер“.
„Министерството за надворешни работи (МНР) секогаш кога ќе добие потврдени и документирани информации за однесување на акредитирани странски дипломати што е спротивно на принципите на Виенската конвецнција презема мерки за заштита на својата национална безбедност, но и на сојузниците во сојузот во кој припаѓаме, така да информацијата е точна. Бидејќи информациите од тој тип се обично од доверлив карактер не можам да влезам во детали“, рече Османи.
Претходно во мај годинава беше протеран руски дипломат од Амбасадата на Руската федерација во Скопје, со образложение дека биле утврдени „постапки несоодветни со дипломатскиот статус“. Според тогашната изјава на министерот Османи, тие постапки биле „документирани, истражени и потврдени од Министерството за надворешни работи“.
На тоа протерување Русија во јуни одговори реципрочно и од Москва протера македонски дипломат. Тогаш од македонското МНР објавија дека вршителот на работите во македонската амбасада во Москва, Оливера Чаушевска- Димовска, била повикана во руското МНР каде ѝ била врачена Нота за прогласување 'персона нон грата' на наш дипломат - аташе од Амбасада на Македонија во Москва.
види ги сите денешни вести
МВР ќе го разреши началникот за претресот кај директорката на училиштето во Демир Хисар

Министерството за внатрешни работи соопшти дека ќе биде разрешен полицискиот началник во Демир Хисар поради непрофесионално однесување во случајот со претресот во домот на директорка на средното училиште „Крсте Петков Мисирков“ во Демир Хисар.
Станува збор за настан што предизвика лавина реакции во јавноста откако на социјалните мрежи се појави видео од претресот. Од видеото може да се забележи дека во домот на директорката присутна е и екипа на Брзата помош поради нејзината здравствена состојба додека началникот инсистира таа да дојде на информативен разговор во полицијата.
„По извршени проверки во врска со објавеното видео за време на претрес во Демир Хисар, Одделот за внатрешна контрола констатираше непрофесионално и неетично однесување на началник во ОВР Демир Хисар. За лицето е покрената дисциплинска постапка. Со цел целосна непристрасност и објективност на истрагата, наведениот началник ќе биде разрешен од функцијата“, соопштија од МВР додавајќи дека осудуваат секаков облик на насилство, незаконско и непрофесионално постапување.
За овој случај од Јавно обвинителство вчера (9 август) информираа дека полицијата барала да се издаде наредба за претрес на три локации – едната од нив била домот на директорката на училиште во Демир Хисар, додека другите две локации биле службените простории на училиштето и автомобилот на директорката.
Причините поради кои се барал претресот биле сомнежи за кривично дело „фалсификување и уништување деловни книги“.
Судот потоа го одобрил барањето за претрес. Меѓутоа, потенцираше обвинителството, не била издадена и наредба за распит на лице во овој случај.
„Законската процедура за обезбедување наредба за претрес на дом и други простории е во целост испочитувана. Спроведувањето на наредбата е во надлежност на полициските службеници. Основното јавно обвинителство Битола нема издадено наредба за приведување или итен распит на лице во конкретниот случај“, информираше Обвинителство.
Случајот предизвика и реакции од опозицијата. СДСМ обвини дека полицијата се злоупотребува за партиски цели, а по полицискиот началник го нарекоа „ударна тупаница на ВМРО-ДПМНЕ за заплашување на граѓаните и малтретирање пред избори“ алудирајќи на претстојните локални избори што треба да се одржат во октомври.
Талибанците истражуваат смртни закани кон авганистанските жени во ОН

Талибанците истражуваат смртни закани упатени до десетици авганистански жени кои работат за Обединетите нации, според извештај објавен на 10 август.
Во својот последен извештај за состојбата со човековите права во Авганистан, мисијата на ОН во земјата соопшти дека десетици национални службенички биле подложени на експлицитни закани со смрт во мај.
Заканите дошле од неидентификувани лица, а се во врска со нивната работа со Мисијата на ОН за помош во Авганистан, или УНАМА, и други агенции, фондови и програми „барајќи од ОН да спроведе привремени мерки за заштита на нивната безбедност“, се вели во извештајот.
Талибанците наводно ѝ одговориле на мисијата на ОН дека нивниот персонал не е одговорен за заканите. Истрагата на Министерството за внатрешни работи е во тек, се вели во извештајот.
Авганистанските власти, вклучително и Министерството за внатрешни работи, не одговорија веднаш на барањата за коментар за истрагата.
Талибанците им забранија на авганистанските жени да работат за домашни и странски невладини организации во декември 2022 година, а потоа се заканија дека ќе ги затворат агенциите и групите кои сè уште вработуваат жени.
Хуманитарните агенции тврдат дека Талибанците ги попречиле или се мешале во нивните операции, тврдење кое властите го негираат.
Извештајот на ОН е прва официјална потврда за закани со смрт упатени кон авганистанските жени кои работат во овој сектор.
Извештајот, исто така, ги истакнува и другите области што влијаат на личните слободи и безбедноста на жените.
Во Херат, инспекторите од Министерството за пороци и доблести почнаа да бараат од жените да носат чадор, облека што го покрива целото тело и главата. На десетици жени за кои се смета дека не се придржуваат кон прописите им е забрането да влегуваат на пазари или да користат јавен превоз. Неколку жени беа приведени додека роднините да им донесат чадор, се вели во извештајот.
Во Урузган, жените беа уапсени за носење шамија, хиџаб, наместо бурка.
На жените им беше забранет и пристап до јавни места. Во покраината Гор, полицијата принуди неколку семејства да напуштат рекреативна зона. Тие ги предупредија семејствата да не посетуваат отворени места за пикник со жени.
Во Херат, инспекторите од Министерството за пороци и доблести забранија семејни групи со жени и девојки да имаат пристап до отворена рекреативна зона, дозволувајќи пристап само на машки групи.
Никој од Министерството за пороци и доблести не беше веднаш достапен за коментар за инцидентите во Гор, Херат и Урузган, за кои ОН вели дека се случиле во мај.
Во Кандахар, Министерството за јавно здравје им нареди на здравствените работници да бидат придружувани на работа од машки „старатели“ со лични карти што докажуваат дека се во крвно или брачно сродство со жената.
По речиси четири години на власт во Авганистан, владата на Талибанците ја наметна својата исклучително строга визија за исламот, забранувајќи многу активности за жените, што доведе до тоа ОН да го осуди ова како „родов апартхејд“.
Русија: Во украински напад со дрон загина едно лице, оштетен е индустриски објект

Едно лице е убиено, а неколку станови и еден индустриски објект се оштетени во украинскиот напад со беспилотно летало врз јужниот руски регион Саратов, изјави гувернерот на областа на 10 август.
На апликацијата Телеграм, Роман Бусаргин објави дека жителите биле евакуирани откако остатоците од уништен дрон оштетиле три станови.
„На неколку жители им била потребна медицинска помош. Помош беше пружена на самото место, а едно лице беше хоспитализирано. За жал, едно лице почина“, рече Бусаргин.
Руското Министерство за одбрана соопшти дека единиците за воздушна одбрана уништиле 121 украински дрон во текот на ноќта, вклучувајќи осум над регионот Саратов.
Известувањето е само за тоа колку беспилотни летала соборила руската одбрана, а не колку дронови биле лансирани од украинска страна.
Бусаргин не прецизираше каков вид индустриски објект бил оштетен.
Снимките на социјалните медиуми покажуваат како се издига густ чад над место што изгледа како индустриска зона.
Украинските медиуми, вклучувајќи ја и РБК-Украина, објавија дека рафинерија за нафта во градот Саратов, административен центар на регионот, била запалена по напад со беспилотно летало.
Ројтерс не можеше да ги потврди извештаите. Нема официјален коментар од Русија.
Рафинеријата Саратов, во сопственост на Роснефт, беше принудена да се затвори претходно оваа година од безбедносни причини по нападот со беспилотно летало од Украина, изјавија извори од индустријата за Ројтерс.
Руската служба за цивилно воздухопловство Росавијација на Телеграм соопшти дека летовите до и од Саратов биле прекинати околу два часа рано во неделата за да се обезбеди безбедноста на воздушниот сообраќај.
Украина и Русија негираат дека таргетираат цивили во нивните напади на територијата на другата страна во војната што Русија ја започна кога ја нападна Украина во февруари 2022 година.
Киев тврди дека неговите напади во Русија имаат за цел уништување на инфраструктура што е клучна за воените напори на Москва, вклучително и енергетската и воената инфраструктура, и дека нападите се одговор на континуираните напади од Русија.
ЦУК: Активен е пожар во Националниот парк Јасен

Во Националниот парк Јасен гори мешана шума, информираше Центарот за управување со кризи (ЦУК).
Според пресекот за пожари на отворено, тоа е единствениот активен пожар до 9 часот на 10 август.
Во изминатото деноноќие, пак, имало уште 21 пожар, но тие се изгаснати. Биле на териториите на општините Тетово, Струмица, Новаци, Велес, Битола, Гостивар, Карбинци, Прилеп, Куманово, Ранковце, Сарај, Кичево, Валандово и Студеничани.
Северна Македонија и ова лето се справува со зголемен број пожари на отворено.
На територијата на цела држава е прогласена кризна состојба, која Влада ја седница на 7 август ја продолжи за нови 30 дена.
За да се зајакнат капацитетите во справување со пожарите, Дирекцијата за заштита и спасување преку општините потпиша договори со 352 граѓани што се пријавија на неодамнешниот повик за обука на пожарникари.
Повеќе од 365 уапсени во Лондон поради поддршка на забранета пропалестинска група

Британската полиција соопшти дека уапсила повеќе од 365 лица во центарот на Лондон во саботата (9 август) бидејќи поддржувачи на неодамна забранета пропалестинска група свесно го прекршиле законот во обид да ја принудат Владата да ја преиспита забраната.
Парламентот усвои закон на почетокот на јули со кој се забранува групата Палестинска акција, а јавното поддржување на неа претставува кривично дело. Претходно, активисти упаднаа во база на Кралските воздухопловни сили и вандализираа два танкери во знак на протест против поддршката на Велика Британија за израелската офанзива во Појасот Газа против Хамас кој САД и ЕУ го сметаат за терористичка организација.
Поддржувачите на групата, кои одржаа серија протести низ Велика Британија во текот на изминатиот месец, велат дека со донесениот закон нелегално се ограничува слободата на изразување.
Повеќе од 500 демонстранти се собраа на плоштадот пред зградата на парламентот во саботата, од кои многумина ја предизвикаа полицијата да ги уапси држејќи транспаренти на кои пишуваше „Се спротивставувам на геноцидот. Ја поддржувам палестинската кауза“.
Преку социјалната мрежа Икс полицијата соопшти дека уапсила 365 лица за поддршка на забранетата организација додека седум лица биле уапсени и за други кривични дела – вклучително и пет за напад врз полицајци.
Како што демонстрациите почнаа да се смируваат, полицијата и организаторите на протестите – кои се обидуваат да покажат дека законот не е применлив – почнаа да се расправаат околу бројот на апсења.
„Полицијата успеа да уапси само мал дел од оние за кои се тврди дека извршиле ’терористички‘ дела, а повеќето од нив се ослободени со кауција и им е дозволено да си одат дома. Ова е голем срам за (владата), што дополнително го поткопува кредибилитетот на овој широко исмејуван закон, кој беше донесен за да ги казни оние кои ги разоткриваат злосторствата на Владата“, изјавија од групата која го организираше протестот.
Лондонската полиција брзо одговори, велејќи дека ова не е вистина и дека многу од собраните на плоштадот биле минувачи, медиуми или луѓе кои не држеле транспаренти во поддршка на групата.
„Уверени сме дека секој што денес дојде на плоштадот пред парламентот носејќи транспарент за поддршка на Палестинската акција е или уапсен или е во процес на апсење“, се вели во соопштението на полицијата.
Во петокот, полицијата соопшти дека демонстрациите биле невообичаени по тоа што демонстрантите сакале да бидат уапсени во голем број за да ја оптоварат полицијата и поширокиот кривичноправен систем.
Владата презеде чекори за забрана на Палестинската акција откако активистите упаднаа во британска воздухопловна база во јужна Англија на 20 јуни во знак на протест против британската воена поддршка за војната меѓу Израел и Хамас. Активистите испрскаа црвена боја врз моторите на два танкери и ги оштетија лостовите.
ЦУК: Активни се три пожари на територијата на државата

На територијата на државата, според пресекот направен во 12:30 часот, имало вкупно пет пожари на отворен простор, од кои два се изгаснати, а три се водат како сè уште активни, информираат од Центарот за управување со кризи на 9 август.
Активни се пожарите кај село Братиндол, во Општина Битола, каде гори сува трева во нива, пожарот во Општина Прилеп каде гори сува трева над касарната во Прилеп и во Општина Валандово каде гори сува трева покрај патот Валандово – Дојран.
Под контрола се два пожара и тоа во Општина Тетово каде гори ѓубре кај железничката станица и во Општина Ранковце каде гори ниска трева и ситна шума.
Северна Македонија и ова лето се бори со шумски и други пожари на отворено. Во државата е прогласена и кризна состојба, која пред два дена од страна на Владата беше продолжена за уште 30 дена.
Како што соопшти владината прес-служба на 7 август, кризната состојба се продолжува за да се обезбедува навремена помош за сите засегнати подрачја, односно сите ресурси вклучително и човечки, технички, логистички остануваат мобилизирани, сè со цел да се справат со пожарите и заштита на населението од огнените стихии.
Иран уапси 20 лица осомничени дека шпионирале за Израел

Дваесет лица, за кои иранските власти тврдат дека се оперативци на израелската разузнавачка служба Мосад, се уапсени во Иран во последните неколку месеци.
Ова на 9 август го објавија иранските судски власти, предупредувајќи дека нема да бидат поблаги односно дека уапсените ќе бидат „казнувани за пример“.
Пред неколку дена, Иран ја погуби научничката Розбе Вади, осудена за шпионажа во корист на Израел и пренесување информации за нуклеарен научник кој беше убиен во јуни во израелските воздушни напади врз Иран, пренесе Ројтерс.
Портпаролот на судот, Асгар Џахангири, изјави дека обвиненијата против некои од 20-те уапсени се отфрлени и дека тие се ослободени.
Егзекуциите на Иранци осудени за шпионажа во корист на Израел значително се зголемија од јуни оваа година, кога двете земји влегоа во војна.
Нов конфликт на Блискиот Исток избувна кога Израел започна напад врз Иран на 13 јуни, погодувајќи повеќе локации, меѓу кои нуклеарен објект и станбени области во Техеран. Тогаш загинаа голем број високи команданти на Иранската револуционерна гарда (ИРГЦ), нуклеарни научници и цивили.
Иран возврати со лансирање беспилотни летала и балистички ракети врз воени центри и воздухопловни бази во Израел.
Соединетите Американски Држави, пак, влегоа во конфликтот на 22 јуни, кога претседателот Доналд Трамп изјави дека американските бомбардери нападнале три ирански нуклеарни објекти.
По 12 дена, беше прогласен прекин на огнот.
Сомнежи за пропусти со лиценците на стоматолозите, Комората остана без овластувања

Министерството за здравство привремено ги одзеде овластувањата на Стоматолошката комора на Македонија поради утврдени пропусти во однос на едукацијата, издавањето и продолжувањето на лиценците на стоматолозите.
Оваа одлука денеска (9 август) на прес-конференција ја соопшти министерот за здравство Азир Алиу.
Стоматолошката комора е тело кое со издавање и продолжување на лиценците практично одлучува кој стоматолог може да работи, а кој не.
Со одземањето на овластувањата, како што соопшти Алиу, од денеска надлежностите за лиценцирање ќе ги преземе Министерството за здравство сè додека не се воспостави „систем кој ќе работи законито, транспарентно и професионално“.
„Надзорите и документите покажаа сериозни пропусти. Едукации преку нерегистрирани здруженија и сертификати кои неправилно се користеле за продолжување на лиценците. Договори склучени ретроактивно, спротивно на законот, одлуки и документи без потпис и со невалидна документација“, рече Алиу образложувајќи ја одлуката за одземање на овластувањата.
Покрај тоа, министерот наведе и оти Стоматолошката комора ги игнорирала привремените мерки и одлуката на Уставниот суд кој пред повеќе од една година утврди дека условите за стручно усовршување биле противзаконски.
Алиу немаше информации колку лиценци се издадени незаконски односно со пропусти, но рече дека сега не може да се каже дека „тие се невалидни“.
Покрај сомнежите за лиценци, Стоматолошката комора се „чешла“ и од аспект на финансиското работење.
„Имаме сериозни сомнежи и за финансиски злоупотреби на Комората за што истражува Финансиската полиција и таа има прибавено обемна документација за што веруваме дека за брзо време ќе има и епилог“, додаде министерот.
На Стоматолошката комора, според неговите тврдења, ѝ била дадена шанса да ги отстрани недостатоците, но не го сторила тоа и затоа е донесена одлука за одземање на овластувањата.
Осум децении од атомската бомба која го срамни со земја Нагасаки

Илјадници луѓе се собраа саботата (9 август) во Нагасаки за да ја одбележат 80-годишнината од атомското бомбардирање на градот, со предупредувања дека сегашните глобални конфликти би можеле да го свртат светот во нуклеарна војна.
Овој град во западниот дел на Јапонија беше срамнет со земја на 9 август 1945 година, кога Соединетите Американски Држави ја фрлија плутониумската бомба „Fat man“, која уби околу 27.000 луѓе од околу 200.000 жители.
До крајот на 1945 година, бројот на жртви од акутна радијација достигна околу 70.000.
Уништувањето на Нагасаки се случи три дена откако американската ураниумска бомба ја уништи Хирошима. Јапонија се предаде на 15 август, со што заврши Втората светска војна.
Градоначалникот на Нагасаки, Широ Сузуки, ги повика светските лидери да покажат конкретен пат кон укинување на нуклеарното оружје, предупредувајќи дека пролонгирањето „веќе не е дозволено“.
„Ова е криза на човечкиот опстанок што се надвиснува над секој од нас“, рече Сузуки, повикувајќи на решение засновано на меѓусебно разбирање и солидарност.
Претставници од 95 земји и територии присуствуваа на годишната церемонија во Меморијалниот парк на мирот во Нагасаки.
Меѓу нив беше и Русија, која го има најголемиот нуклеарен арсенал во светот.
Водечката јапонска организација за преживеани од атомска бомба, Нихон Хиданкјо, ја освои Нобеловата награда за мир минатата година за својата кампања за свет без нуклеарно оружје.
Во децениите по нападите, преживеаните, познати како „хибакуша“, честопати се соочувале со дискриминација поради гласини дека биле носители на болеста и дека нивните потомци би можеле да бидат заразени. Нивниот број падна под 100.000 за прв пат оваа година.
Јапонија, единствената земја што претрпела нуклеарни напади, ја изрази својата посветеност на нуклеарното разоружување, но не е потписник или набљудувач на договорот на ОН за забрана на нуклеарно оружје.
Синот на Дмитриј Медведев работи за руски гигант во воената индустрија

Синот на поранешниот руски претседател Дмитриј Медведев работи во филијала на Ростек, кој е гигантски државен конгломерат што произведува многу од оружјата што Москва ги користи во својата војна против Украина, открива рускиот истражна единица на Радио Слободна Европа (РСЕ), „Система“.
Во 2016 година, пред дипломирањето на еден од најелитните универзитети во Москва, Иља Медведев во интервју за рускиот таблоид МК изјави дека не би сакал да работи за голема државна компанија.
Но, токму тоа го прави. Од октомври 2022 година, помладиот Медведев, кој овој месец наполни 30 години, е советник на директорот на „РТ-Бизнис Дивелопмент“ („РТ-Развитије Бизнеса“), компанија која е дел од Ростек.
Тој е вклучен во инвестиции и управување со средства и зема месечна плата од 270.000 рубли (3.400 американски долари), покажуваат податоците што протекоа од Федералната даночна служба во кои „Система“ имаше увид.
Владимир Путин го избра Дмитриј Медведев за претседател на Русија од 2008 до 2012 година, со што Путин избегна да ја пречекори уставната граница од два последователни претседателски мандати. Потоа, Путин се врати на претседателската функција во 2012 година, а во 2020 година, протурка амандман што му овозможува потенцијално да остане на највисоката функција во државата до 2036 година.
Како претседател, Медведев се претставуваше како релативен либерал и поддржувач на демократските реформи. Сега како заменик-претседател на советодавниот Совет за безбедност на Путин и претседател на владејачката партија Единствена Русија, честопати се покажува како воинствен поддржувач на руската војна против Украина, користејќи ги социјалните медиуми за да упатува остри пораки и нуклеарни закани против Западот.
Многу од децата на високи функционери во владејачките структури на Путин работат во државни компании или приватни фирми поврзани со владата или, пак, се назначени на некои владини позиции.
Директорот на Ростек, Сергеј Чемезов, е близок со Путин уште од времето кога биле советски офицери на КГБ стационирани во Источна Германија во 1980-тите, кога живееле во иста станбена зграда во Дрезден. Во првите неколку месеци од работењето на Иља Медведев во „РТ-Бизнис Дивелопмент“, раководител на компанијата беше Александар Назаров, долгогодишен познаник на Чемезов.
Иља Медведев е единственото дете на Дмитриј Медведев и неговата сопруга, Светлана. Немаше јавно објавени информации за неговото вработување во рускиот воен гигант, ниту пак јавни информации за тоа како ја добил работата.
Како премиер од 2012 до 2020 година, Дмитриј Медведев беше одговорен за врските со Ростек, а инвестициски фонд поврзан со него стана партнер на Ростек.
Во периодот 2015-2019 година, Иља Медведев работеше во интернет гигантот VK - иако ниту еден од вработените со кои разговараше „Система“ не можеше да каже што работел таму.
„Никогаш не го видов на работа“, рече поранешен виш менаџер.
Ростек поседуваше акции во VK преку „РТ-Бизнис Дивелопмент“, а друг акционер во интернет гигантот во тоа време беше истакнатиот милијардер Алишер Усманов. Во периодот 2019-2022 година, Иља Медведев, пак, работел во инвестицискиот оддел на „Криптонит“, ИТ компанија што во тоа време му припаѓала на Усманов.
Во 2022 година, претставник на Усманов негираше дека тајкунот бил близок со семејството Медведев и рече дека секој обид за поврзување на Усманов со кариерата на Иља Медведев бил „пристрасен“.
Ростек и „РТ-Бизнис Дивелопмент“ не одговорија на барањата за коментар.
Дмитриј Медведев е претседател на Единствена Русија, еден од главните инструменти за политичката контрола на Путин низ целата земја, од 2012 година. Неговиот син се приклучи на партијата неколку месеци откако Русија ја започна целосната инвазија на Украина во февруари 2022 година. Последователно, тој беше ставен и на листата со санкции од САД и Европската Унија.
Во 2023 година, Единствена Русија соопшти дека Иља Медведев го координирал воспоставувањето на веб-страница наречена „Јас сум во Русија“ наменета за користење од жителите во деловите од Украина окупирани од Русија, за кои Путин неосновано тврди дека се дел од Русија.
Мултимедија
Најпосетени
Што треба да знаете