Малешевските пожарникари се истоштени од двонеделната битка со пожарот која ја зафати планината Готен, покажуваат фотографиите кои се споделуваат на социјалните мрежи. Се шират и повици до локалното население да се приклучи во битката со огнената стихија долга десетици километри која гори столетни дрва.
„Ова се бели дробови на половина регион“,вели градоначалникот на Берово, Звонко Пекевски.
Покрај овој пожар кој вкупно 14 дена се појавуваа како активен во билтенот на Центарот со управување со кризи, веќе 15 дена гори на неколку места во близина на Македонски брод, а во општината Желино и прилепските села гори веќе 10 дена по ред.
Според Директорот на јавното претпријатие Национални шуми, Здравко Трајанов над 90 проценти од пожарите кои ја зафатија земјава се подметнати. Тој објаснува дека пожарите како некој едноставно да ги темпира да избувнат во одредено време вообичаено во овој период.
„Знаете, пожарите годинава почнаа со депониите. Ако тргнете по таа логика во депониите може да се подметнат пожари цела година, меѓутоа повторно овој период на некој начин се темпира. Понатаму пожарите тргнаа на отворено, па сега во деградирани шуми се префрлаат и така натаму. Значи едноставно некој го брка тој горлив материјал каде што може да се потпали, а проблемите и последиците од пожарите се значителни“, вели директорот Трајанов.
Во однос на мотивите Трајанов вели дека може да бидат најразлични од економски криминал по опожарени дрва па до политички побуди. Тој посочува дека дел од пожарите се запалени во региони каде што нема квалитетна дрвна маса, што остава простор за сомнеж дека не секогаш е во прашање економски криминал.
„Пожарите почнаа околу Скопје, прво околу депонии и на некој начин почнаа да бидат видливи на места каде што јасно требаше некој да стави до знаење- еве што се случува во државата, и покрај автопати и не знам многу блиску до Скопје, така да не исклучувам ништо и најдобро е да оставиме на МВР и на јавното обвинителство да дадат одговори'“, додава тој.
Седум пати по ред ресенските пожарникари гасеа оган и во природниот резерват Езерани во близина на Преспанското Езеро. Со паузи од неколку дена, огнот пламнува во сува трева и се шири кон селата Перово и Покрвеник.
„Имаме некои индиции, видено е едно лице, ама не сме го фатиле, набљудуваме со дронови, со видео надзор, ама не успеавме да го фатиме“, вели градоначалникот на Ресен Јован Тозиевски.
Пожарот предизвика огромни штети во Паркот на природата Езерани, заштитено подрачје од четврта категорија кој е дом на ендемични и загрозени видови од флората и фауната, меѓу кои и најголемата колонија пеликани. Македонското еколошко друштво објави анализа по гасењето на пожарот кој зафати над 500 хектари површина со проценета штета во вредност од неколку милиони евра.
Според директорот на Дирекцијата за заштита и спасување, Стојанче Ангелов еден од можните мотиви на потпалувачите е најверојатно да предизвика страв и вознемиреност кај населението.
„Мотивите се различни, постои можност да има економско-криминални мотиви. Можеби некој се надева дека ќе може да ја сече изгорената шума бидејќи на некои места имаме пожари кои на необјаснив начин се појавија во висококвалитетна шума. Постојат можност и за патолошки мотиви – пиромани, но тие не би запалиле оган до населено место каде би биле видени, фатени, снимени“, вели Ангелов.
Тој објаснува дека на терен годинава за разлика од минатата, се забележува често повторување на одреден пожар на исти места, што му дава, како што вели право да се сомнева дека некој намерно ги пали за да покаже дека власта не може да се справи со нив.
„Не, јас не реков политички, но кај пожарот кај Желино немаме квалитетна шума на некои места на кои што имаме горење, така што едноставно имаме право да се сомневаме во други мотиви. Од друга страна повеќе пати тој пожар ние го оставивме под контрола, беше целосно изгаснат, беа употребени големи ресурси, хеликоптери, трактори, хермелини, бетери, пинцгаури, ден-два потоа повторно се запали, повторно ќе го оставиме под контрола, повторно ќе се запали на друго место коешто не е поврзано со линијата на огнот за да се сомневаме дека истиот се реактивирал од веќе горениот простор“, вели Ангелов.
Приведени 27 осомничени и отворени три предистраги за подметнување пожар
Од Министерството за внатрешни работи велат дека од почетокот на оперативната акција „ Пожар 2025“ во април годинава до 24 јули приведени се вкупно 27 луѓе. Од нив 4 се во април а останатите се приведни во јули. Полицијата до Обвинителството поднела 19 кривични пријави за 22 осомничени.
„Од нив 18 се однесуваат на делото „предизвикување на општа опасност“ и една за „спречување службено лице во вршење службено дејствие““, се вели во одговорот на МВР за РСЕ.
Во изминативе три месеци од Обвинителството соопштија дека отвориле три предистраги за предизвикување пожар, односно за кривичното дело „предизвикување општа опасност“. Во една од нив осомичениот се товари и за загрозување на животната средина со отпадни материи.
Политички кавги разгореа
Пожарите „влегоа“ и во партиските препукувања- владејачката ВМРО-ДПМНЕ обвини дека додека институциите се борат да ја заштитат секоја педа земја, СДСМ тера политика и се обидува да ќари политички поени.
„Пироманската и некрофилската СДСМ сака да создаде некаква паника и хистерија помеѓу народот и дава се од себе да направи некаква слика дека Владата не се справува со пожарите, нешто во кое што никој не им верува“, е наведено во соопштение од ВМРО-ДПМНЕ.
Претходно, СДСМ обвини дека Владата нема контрола врз пожарите.
„Владата и институциите се немоќни и неспособни да одговорат на предизвикот“, соопштија од СДСМ.
Државата го активираше и Европскиот механизам за цивилна заштита, но со оглед на тоа дека пожари беснеат насекаде во Европа, во овој момент нема слободни воздухоплови коишто би можеле да помогнат.
„Во овој момент нема слободни воздухоплови кои би биле дел од тој ЕУ механизам кој би помогнал. Така што во моментов повеќе од 200 припадници на армијата се на терен. Полицајците ги возат оние специјални возила – бетери, пицгауери и хермелини,“ изјави премиерот Христијан Мицкоски.
Од Нацинални шуми велат дека анализите за колку дрвна маса и колква површина е опожарена ќе се прават откако ќе бидат изгасени пожарите.
Во 2024 година изгоре површина од 61.061 хектари во шумски пожари, при што е причинета штета од 5.111.962.381 денари (над 82 милиони евра), покажуваат податоците што РСЕ ги доби од „Национални шуми“.
Истата година беа регистрирани 250 шумски пожари, според податоците од „Национални шуми“.
Само пожарите во 2022 година пеплосаа десетици илјади хектари на шума, од кои повеќе од 4.000 хектари само во Берово, Пехчево и Делчево. Вкупната материјална штета од сите шумски пожари беше проценета на 38 милиони евра.