Вести
Приведен поранешниот шеф за безбедност на Казахстан

Поранешниот шеф на казахстанската разузнавачка агенција, Карим Масимов е приведен под сомнение за велепредавство, два дена откако беше разрешен од функцијата поради насилните протести. Комитетот за национална безбедност не даде дополнителни детали за неговото приведување, но, соопшти дека се приведени и други неидентификувани безбедносни службеници.
56-годишниот Масимов е поранешен премиер и се смета за долгогодишен соработник на поранешниот претседател Нурсултан Назарбаев. Масимов ја извршуваше функцијата од неговото назначување во 2016 година.
Министерството за внатрешни работи на Казахстан објави дека повеќе од 4.000 луѓе се приведени во тековните операции за задушување на демонстрациите, што доведе до барање за интервенција од регионалниот воен сојуз предводен од Русија.
Претходно, претседателот на централноазиската земја Касим-Жомарт Токаев им дозволи на безбедносните сили да отворат оган врз, како што рече, „бандити“ и „терористи“, етикети кои демонстрантите ги отфрлија.
Во текот на ноќта до утринава се слушаа истрели во Алмати. Десетици луѓе, меѓу кои и 18 офицери за безбедност се убиени во судирите, соопштија официјални лица.
Демонстрантите на почетокот на неделата запалија и ограбуваа јавни згради во неколку градови во најголемото насилство за време на 30-те години независност на централноазиската држава.
Во вчерашното обраќање до нацијата претседателот Токаев рече дека редот во голема мера е воспоставен низ целата земја откако им даде зелено светло на полицијата и армијата да „отворат оган без предупредување“.
„Во нашата земја продолжува антитерористичката операција. Полицијата, националната гарда и армијата вршат големи и добро координирани напори за воспоставување ред и мир“, рече Тоќаев.
Во услови на зголемени немири Токаев прогласи вонредна состојба и на 5 јануари и побара од Организацијата на Договорот за колективна безбедност предводена од Русија да помогне во осигурување на безбедноста. Немирите избија минатата недела поради зголемените трошоци за гориво во земјата.
види ги сите денешни вести
Пад во бизнисот со недвижности: За 11% помала купопродажбата на станови, дуќани, плацеви...

Во првиот квартал годинава во базата на Регистарот на цени и закупнини се внесени 8.044 трансакции, од кои 5.717 купопродажби и 2.327 закупи на недвижен имот.
Според податоците од Агенцијата за катастар на недвижности (АКН), бројот на купопродажби регистрирани во Регистарот на цени и закупнини во периодот јануари – март 2025 година во однос на периодот октомври – декември 2024 година е намален за 11 проценти, а за толку е намален и бројот на закупи, пренесе МИА.
251 милион евра „свртени“ во бизнисот со недвижен имот
Во првиот квартал годинава вкупната вредност на трансакциите од купопродажба на недвижностите изнесува 251 милион евра. Најмногу купопродажби се регистрирани во февруари, 1.997, а најмалку во март 1.857.
Според типот на недвижност, евидентирани се 1.947 купопродажби на станови во вредност од 137 милиони евра, 623 на куќи (42 милиони евра), 215 на деловни простории (18 милиони евра), 1.935 на земјоделско земјиште (19 милиони евра), 719 на градежно земјиште (20 милиони евра), 173 на гаражи (милион евра), 26 купопродажби на недвижности од индустријата (осум милиони евра).
Вредноста на закупите во првиот квартал изнесува 874 илјади евра. Најмногу закупи во првиот квартал се регистрирани во февруари, и тоа вкупно 883, а најмалку во јануари, 675.
Официјалната статистика на АКН покажува дека од јануари до март годинава имало 640 закупи на станови во вредност од 160 илјади евра, 256 на куќи во вредост од 79 илјади евра, како и 781 на државни парцели од 506 илјади евра, 550 на земјоделско земјиште од 33 илјади евра, 39 на индустриски објекти од 74 илјади евра, 35 на градежно земјиште од 11 илјади евра, како и 10 трансакции за закупи на гаражи.
Над 2.000 недвижности ставени под хипотека
Податоците за хипотеките во катастарската евиденција покажуваат дека во периодот јануари – март годинава се запишани 2.596 товари врз недвижностите со вкупна вредност од 384.969.557 евра и 4.929.828.022 денари.
Во Центарот за катастар на недвижности Скопје се запишани 1.379 недвижности, во вредост од 194.518.333 евра и 2.841.291.304 денари, додека во 29-те подрачни одделенија за катастар на недвижности 1.217, во вредност од 190.451.224 евра и 2.088.536.718 денари.
Минатата година на пазарот на недвижности беа регистрирани 31.029 трансакции од кои 22.548 купопродажби со вредност од 1.007 милиони евра и 8.481 закуп во вредност од 3.329 илјади евра.
Последните податоци на Државниот завод за статистика покажуваат дека минатата година деловните субјекти граделе 2.641 објект и завршиле 5.405 станови со вкупна површина од 348.720 метри квадратни, од кои 5.255 се во индивидуална сопственост. Просечната корисна површина на завршените 5.405 станови е 64.5 метри квадратни.
Лани најмногу се градело во Скопскиот Регион, на 807 градежни објекти, а завршени се 3.566 станови.
Податоците на ДЗС за извршени градежни работи и завршени станови во објекти за домување градени во индивидуална режија за 2024 година, пак, покажуваат дека индивидуалните сопственици извршиле градежни работи во вредност од 14.4 милијарди денари и завршиле 2.512 станови.
Колку се градело лани, а колку се продавало?
Во текот на минатата година се градени вкупно 1.978 објекти и завршени се вкупно 2.512 станови со вкупна површина од 296.537 метри квадрати, од кои 152 се станови во викенд-куќи со вкупна површина од 12.879 метри квадратни. Завршени се 2.512 станови, а просечната корисна површина е 118.1 метри квадратни. Најмногу се градело во Полошкиот Регион, каде се работело на 628 градежни објекти, а завршени се 587 станови.
Во април годинава се издадени 357 одобренија за градење, што е за 38,9 проценти повеќе во однос на април лани. Во извештајниот период е предвидена изградба на 729 станови со вкупна корисна површина од 60.833 метри квадратни. Од вкупниот број станови, 266 се во Скопскиот регион, 232 во Југозападниот, 125 во Полошкиот регион, 63 во Источниот регион, 16 во Вардарскиот регион, 14 во Југоисточниот регион, 10 во пелагонискиот и три во Североисточниот регион. Најмногу одобренија во април се издадени во Скопскиот регион, 89, по што следуваат Југозападниот со 74, Полошкиот со 62, Источниот со 40, Југоисточниот 31, Вардарскиот 26, Пелагонискиот 23, а најмалку, 12, во Североисточниот регион.
Според издадените одобренија за градење, предвидената вредност на објектите изнесува 6.316.119,000 денари, што е за 10,7 проценти повеќе во однос на истиот месец од претходната година. Од вкупниот број издадени одобренија за градење, 177 (49.6 проценти) се наменети за објекти од високоградба, 61 (17.1 процент) за објекти од нискоградба и 119 (33.3 проценти) за објекти за реконструкција.
Цивилите во Израел и Иран бараат засолниште додека двете страни ги засилуваат нападите

Во нападите досега има десетици жртви. Нуклеарните преговори на Иран со САД се откажани. За случувањата на Блискиот исток Трамп разговарал и со Путин по што соопшти дека двајцата сметаат оти војната треба да заврши.
Цивилите и во Израел и во Иран бараат засолниште додека нови бранови воздушни напади ги погодија големите градови на двете страни во утринските часови на 15 јуни. И покрај меѓународните повици за мир, двете непријателски земји не даваат знаци на смирување.
Во текот на утринските часови експлозии се слушаа и во Тел Авив и Ерусалим, а израелската војска ги повика граѓаните да се засолнат во скривниците откако Иран нападна со беспилотни летала и ракети – напади во кои загинаа најмалку седум лица, а околу 200 се повредени од 13 јуни досега.
Спасувачките екипи на 15 јуни соопштија дека најмалку 14-мина се повредени откако иранска ракета погодила куќа во северен Израел. Од службата за итни случаи подоцна соопштија и дека починала жена во нејзините 20-ти години.
Во друг напад во регионот Шефела во централен Израел загинаа 10-годишно момче, 80-годишна жена и 69-годишник, а околу 100 други беа повредени, соопштија официјални лица.
Државната иранска новинска агенција Тасним на 15 јуни потврди дека Техеран лансирал нов бран дронови и ракети кон Израел.
Во меѓувреме, во Иран, новинар за германската новинска агенција ДПА објави дека видел граѓани кои во главниот град Техеран чекаат во километарска колона за да ги наполнат возилата со гориво и да го напуштат градот поради нападите што доаѓаат од израелска страна.
Официјални лица и од Израел и од Иран потврдија дека израелските сили го нападнале седиштето на иранското Министерство за одбрана во Техеран рано наутро на 15 јуни. Детали за евентуална штета или жртви не беа објавени.
„Меѓу целите беа седиштето на иранското Министерство за одбрана, седиштето на нуклеарниот проект SPND (Организација за одбранбени иновации и истражувања) и дополнителни цели“, соопшти израелската војска.
„Техеран гори“, напиша израелскиот министер за одбрана Израел Кац на социјалните медиуми.
Во првичните напади се чинеше дека Израел избегнува да ја нападне енергетската инфраструктура на Иран поради растечките цени на горивата на светско ниво, но иранското Министерство за нафта рано на 15 јуни соопшти дека израелските напади погодиле две складишта за гориво во Техеран.
Претходно, иранските државни медиуми објавија дека за време на израелски напад избувнал пожар на гасното поле Јужен Парс во јужната покраина Бушер.
Во видеообраќање, израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху рече: „Во блиска иднина ќе видите авиони на израелските воздухопловни сили над Техеран. Ќе ја нападнеме секоја локација и секоја цел на режимот на ајатолахот“.
Последните напади доаѓаат откако беа откажани нуклеарните преговори меѓу Иран и САД, планирани за 15 јуни во Мускат, објави оманскиот министер за надворешни работи Бадр Албусаиди. Сепак, тој додаде дека „дипломатијата и дијалогот остануваат единствениот пат кон траен мир“.
Претходно, Иран ги опиша разговорите како „бесмислени“ поради израелските воздушни напади во текот на изминатите два дена.
По започнувањето на израелските напади, министерот за надворешни работи Абас Аракчи за државните медиуми изјави дека продолжувањето на разговорите би било неоправдано.
Исто така, на 15 јуни, иранскиот генерал Есмаил Косари рече дека Техеран размислува дали да го затвори Ормутскиот теснец, кој го контролира пристапот на танкерите за нафта до Персискиот Залив.
Напади на двете страни
Нападите помеѓу Израел и Иран започнаа со изненадувачки воздушен напад од израелска страна врз иранските нуклеарни и ракетни постројки на 13 јуни, како и со напади врз генерали и неколку нуклеарни научници.
Меѓу погодените локации во Иран беше и командниот штаб на ИРГК во Техеран, според иранската државна телевизија. Во нападот, меѓу останатите, беше убиен командантот на корпусот, генерал-мајор Хосеин Салами, соопштија ирански претставници.
Државното радио на 14 јуни објави дека се убиени уште двајца генерали: Голамреса Мехраби и Мехди Рабани, кои се високи членови на Генералштабот на вооружените сили, со што бројот на високи воени претставници за кои се тврди дека се убиени се зголеми на осум.
Израелската војска, исто така, тврди дека во нејзините напади се убиени „девет високи научници и експерти“ вклучени во нуклеарните програми на Иран.
Нападите меѓу Израел и Иран го турнаа целиот Блиски Исток во сериозна состојба – на работат на целосна војна, со оглед дека веќе 20 месеци во тек е војната на Израел со Хамас во Газа.
Најсилниот сојузник на Израел – САД, го повика Иран да постигне договор за ограничување на своите нуклеарни амбиции. Иран збогатува ураниум до ниво близу на оружје, според мониторингот на Обединетите нации, а израелските шпионски претставници постојано го обвинуваат Техеран дека брза кон изградба на сопствено атомско оружје.
По првичните израелски напади, американскиот претседател Доналд Трамп го предупреди Техеран да постигне договор „пред да биде предоцна“.
На 14 јуни, Трамп на својата платформа за социјални медиуми напиша дека имал телефонски повик со рускиот претседател Владимир Путин за да разговараат за ситуацијата на Блискиот Исток, како и за војната на Кремљ против Украина.
„Разговаравме долго [за Иран]. Многу помалку време разговаравме за Русија/Украина, но тоа ќе остане за следната недела. Повикот траеше приближно 1 час. Тој смета, исто како и јас, дека оваа војна меѓу Израел и Иран треба да заврши, на што реков дека и неговата војна треба да заврши“, напиша Трамп.
Британскиот премиер Кир Стармер повика на деескалација на конфликтот, но исто така рече дека дополнителни авиони на RAF се испраќаат на Блискиот Исток откако Техеран се закани дека ќе ги таргетира британските, француските и американските бази доколку тие земји му помогнат на Израел да ги спречи иранските напади врз Израел.
Кабинетот на турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган, пак, соопшти дека тој разговарал со иранскиот претседател Масуд Пезешкијан на 14 јуни за да ги осуди израелските напади врз Иран.
„Нашиот претседател изјави дека нападите на Израел сејасно кршење на меѓународното право, со цел да се вовлече целиот регион во оган и дека Нетанјаху се обидува да го саботира процесот на нуклеарни преговори со нападите“, се вели во соопштението од кабинетот на Ердоган.
„Турција внимателно ги следи случувањата во врска со можноста за истекување на нуклеарно оружје во објектот во Натанц. Единственото решение за нуклеарниот спор се дипломатските преговори“, се додава во соопштението.
Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху рече дека неговата борба не е со иранските граѓани и ги повика да ја отстранат „бруталната диктатура што ги угнетува 46 години“.
Десетици смртни случаи и повредени
Од досегашните напади, во Израел се пријавени најмалку три убиени лица, а десетици други повредени, соопштија официјални лица.
Ирански дипломат, пред Обединетите нации соопшти дека се убиени 78 лица, а повеќе од 320 се повредени во првичните израелски напади. Државната телевизија на 14 јуни објави дека околу 60 лица, вклучувајќи 20 деца, се убиени во напад врз станбен комплекс во Техеран.
Пезешкијан подоцна му рече на пакистанскиот премиер Шехбаз Шариф дека Иран ќе одговори „построго и помоќно“ доколку Израел продолжи со нападите.
Во меѓувреме, израелската војска објави дека извршила нов бран воздушни напади во Иран, посочувајќи дека целта биле десетици ракетни лансери и воздушната одбрана во регионот на Техеран.
Министерот за одбрана на Израел издаде остро предупредување до врховниот лидер на Иран, ајатолахот Али Хамнеи.
„Ако Хамнеи продолжи да испукува ракети кон израелскиот домашен фронт, Техеран ќе изгори“, рече Израел Кац, по состанокот со началникот на Генералштабот на армијата.
Трамп, кој притискаше за преговори, претходно на социјалните мрежи напиша: „Сè уште има време да се стави крај на ова колење … на тоа“.
„Иран мора да склучи договор, пред да остане ништо од него и да го спаси она што некогаш беше познато како Иранска империја“, напиша тој, порачувајќи: „САМО НАПРАВЕТЕ ГО ТОА, ПРЕД ДА БИДЕ ПРЕДОЦНА“.
Николај Младенов, поранешен специјален координатор на ОН за мировниот процес на Блискиот Исток, тврди дека согласност од Иран да „ја прекине својата нуклеарна програма“ и да се врати на преговорите е „единственото дипломатско решение“ за конфликтот.
„Без тоа, она што веројатно ќе се случи е дека Израел ќе ескалира, Иран ќе ескалира, а може да има и последици во регионот и пошироко“, рече тој во интервју за Радио Слободна Европа во Прага.
Ако крајната цел на Израел е да ја собори иранската влада, тој предупреди дека нема гаранција дали тоа ќе успее.
„Промената на режимот е многу тежок и ризичен процес … Во голем број надворешни интервенции, стапката на успех не е толку голема, благо кажано“, рече Младенов.
Како се спасил единствениот преживеан во авионската несреќа во Индија

Не можел да поверува дека е жив кога ги отворил очите, опкружен со пламен, остатоци и јагленосани тела
Вишваскумар Рамеш, единствениот преживеан од авионската несреќа на „Ер Индија“ во која загинаа 270 лица, изјави дека не можел да поверува дека е жив кога ги отворил очите, опкружен со пламен, остатоци и јагленосани тела.
Однесен во локална болница, Рамеш за индиската национална телевизија изјави дека авионот изгледал заглавен во воздух неколку секунди по полетувањето, објави АП.
Тој рече дека авионот забрзал, но не можел да добие висина пред да се урне.
Рамеш, кој седеше на седиштето 11 А, рече дека неговата страна од авионот паднала на приземјето на зградата и дека има простор да избега по отворањето на вратите.
Го откопчал појасот и излегол од авионот.
„Кога ги отворив очите, сфатив дека сум жив“, рече тој.
Рамеш се здобил со изгореници на левата рака и пешачел одредено растојание во шок пред локалните жители да му помогнат и да го однесат во болница со амбулантно возило.
Премиерот Нарендра Моди, кој го посети местото на несреќата во петокот, разговараше со единствениот преживеан.
"Му кажав на Моди се што видов. Тој ме праша и за моето здравје", рекол Рамеш од болничкиот кревет.
Д-р Давал Гамети, кој го лекуваше, рече дека бил дезориентиран со повеќе повреди по целото тело, но се чини дека е надвор од животна опасност.
Рамеш рече дека видел неколку патници и членови на екипажот како ги губат своите животи и делови од авионот расфрлани околу местото на несреќата.
Тој патувал со својот брат и ги повикал роднините во Лестер, Велика Британија, по несреќата. Дома има сопруга и син.
Во САД убиени демократска политичарка и нејзиниот сопруг, двајца ранети

Демократската политичарка Мелиса Хортман е убиена, а смртно е застрелан и нејзиниот сопруг во пукотница во Минесота, потврдија американски претставници.
Во одделен инцидент, уште еден претставник на демократите, Џон Хофман, и неговата сопруга се ранети.
Гувернерот на Минесота, Тим Волц, го нарече пукањето „политички мотивирано убиство“.
Нападите се случиле во нивните домови во градовите Чамплин и Бруклин Парк, во близина на Минеаполис.
Полицијата вели дека напаѓачот можеби се преправил како полицаец и избегал откако отворил оган врз полицајците.
Полицијата во Бруклин Парк издаде наредба до граѓаните да се засолнат во домовите во радиус од три милји од голф теренот во Единбург.
Гувернерот Волц вели дека е „претпазлив оптимист“ за закрепнувањето на повредениот пар.
Мелиса Хортман, демократската претставничка од Минесота, која беше убиена во оружениот напад, беше една од најистакнатите политички личности во државата.
Хортман беше во Претставничкиот дом на Минесота 20 години, а беше и претседателка од 2019 до 2025 година. За време на нејзиниот мандат, таа се истакна како силен поборник за реформи во полицијата по убиството на Џорџ Флојд во Минеаполис, а особено се залагаше за забрана на задушувањата од страна на полицијата, закон кој со нејзина помош се протурка во 2020 година.
По изборите во ноември 2024 година, кога републиканците презедоа цврста контрола врз Долниот дом, Хортман го предводеше бојкот на законодавната седница што започна во јануари.
Рамнотежата на моќта се промени по мартовските прелиминарни избори, кога традиционално демократското место заврши во рацете на демократите. Беше постигнат договор за поделба на власта, во кој Хортман одигра клучна улога.
Власта планира мерки за цените ако забележи „трикови“ од трговците

Владата има план да носи мерки и да реагира ако забележи непринципиелно зголемување на цените, тврди премиерот Христијан Мицкоски.
Тој вели дека состојбата со цените „ја следи одблиску“.
„Реков дека нема да толерирам трикови, внимателно следиме што се случува во маркетите и се разбира доколку има одредени непринципиелни однесувања што јас ги нарекувам трикови ќе делуваме. Инаку имаме во план да носиме мерки, со кои јавноста ќе биде запознаена благовремено“, рече Мицкоски.
На предлогот на Министерството за економија и труд, Владата на 20 февруари донесе мерка со која се ограничија маржите на стотина групи производи, додека на осум производи беа замрзнати цените. Меѓутоа, оваа мерка важеше до 30 април.
Но, според министерот за економија и труд, по ова нема драстично зголемување на цените.
„Нема драстично зголемување на цените во делот, каде што ние сме надлежни, во делот на прехранбени основни производи. Секој месец Државен пазарен инспекторат ќе биде на терен ќе гледа, ако случајно се случува да имаме зголемување енормно без економски оправданост од трговците на цените, нормално дека ќе донесеме пак одлуки“, рече Дурмиши на 14 јуни.
Зголемување на цените беше забележано и од Државниот завод за статистика (ДЗС). Во својот последен извештај тој нотираше дека инфлацијата во мај се зголемила за 1,5 отсто во однос на април 2025, а во тоа најголем удел имало зголемувањето на трошоците за живот токму за храната и безалкохолните пијалаци каде тоа изнесувало 4,1 процент.
Во нападите во Тел Авив повредени хрватскиот конзул и неговата сопруга

Конзулот на Република Хрватска и неговата сопруга се полесно повредени во иранскиот напад врз Тел Авив, соопшти денеска (14 јуни) хрватскиот министер за надворешни и европски работи Гордан Грлиќ Радман.
„Шокиран сум од веста дека нашиот конзул и неговата сопруга се повредени во нападот врз Тел Авив. Зградата каде што живеат е погодена. Разговарав со нив и за среќа, повредите се полесни и не се опасни по живот“, напиша Грлиќ Радман на мрежата Икс (X).
Тој додаде дека Министерството е во постојан контакт со хрватската амбасада и ги презема сите мерки за да ја обезбеди нивната безбедност.
„Остро ги осудуваме нападите врз цивилните и дипломатските објекти. Повикуваме на итна деескалација и воздржаност“, рече Грлиќ Радман.
За Северна Македонија досега нема информации дека нејзини граѓани се повредени во нападите. Од Министерството за надворешни работи и надворешна трговија вчера апелираше до сите македонски државјани кои се наоѓаат на територијата на Израел и Иран да ги следат националните портали за итни случаи и строго да постапуваат согласно упатствата на надлежните институции.
Паралелно, апелираа до останатите да се воздржат од патувања во овие две држави.
Премиерот Христијан Мицкоски денеска (14 јуни) не даде информации за тоа дали евентуално македонски државјани побарале евакуација.
„Има кризен штаб во Министерството за надворешни работи и надворешна трговија, се следи будно состојбата преку извештаите кои што ги добиваме преку службени канали, така што не би коментирал повеќе од ова што го кажав“, рече Мицкоски.
Иран започна напади со балистички ракети врз Израел еден ден претходно, а врховниот лидер на Иран вети дека ќе „нанесе тешки удари“ како одмазда за претходните израелски напади.
Меѓусебните напади продолжија и денеска (14 јуни), при што ракетите ги погодија и Тел Авив и Техеран.
Мицкоски: Комуницираме со ЕК, чекаме одговор од Бугарија за средба

Премиерот Христијан Мицкоски вели дека Северна Македонија комуницира со Европската Комисија за решавање на спорот со Бугарија, но се чека одговор од Софија за евентуална средба помеѓу официјални претставници на двете држави.
„Имаме комуникација со канцеларијата на Европската комисија (ЕК) и вчера и денес. Сè уште немаме повратен одговор. Има предлог термин, да почекаме да се изјаснат од бугарската страна“, рече Мицкоски.
Премиерот претходно изјави претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта покренал иницијатива за средба помеѓу Северна Македонија и Бугарија.
Таа, според претходните изјави, би се случила на маргините на Самитот на НАТО во Хаг на 24 и 25 јуни. Од македонска страна, претставник на Северна Македонија ќе биде претседателката Гордана Сиљановска-Давкова додека од бугарска извесно е дека ќе биде премиерот Росен Жељазков иако очекувањата беа дека тоа ќе биде претседателот Румен Радев.
Сиљановска-Давкова вчера (13 јуни) рече дека иако е правило да има средба со својот хомолог не е проблем да разговара и со бугарскиот премиер Росен Жељазков на Самитот на НАТО во Хаг со оглед дека е потврдено оти нејзиниот бугарски колега нема да биде присутен на овој настан.
Двете соседни земји – Северна Македонија и Бугарија имаат билатерал спор кој е пречка за македонските евроинтеграции.
Северна Македонија е кандидат за членство во ЕУ од 2005 година.
Откако го реши речиси тридеценискиот спор околу името во 2017 со Грција, официјална Атина го тргна ветото на евроатлантскиот пат на земјата. Државата го промени уставното име додавајќи ја придавката „Северна“ и стана членка на НАТО во 2020, но истата година вето за отпочнување преговори со ЕУ стави Бугарија.
Потоа, договор беше постигнат во 2022 година со усвојување на т.н. француски предлог со кој се предвиде Скопје да ги продолжи евроинтеграциите откако во преамбулата од Уставот ќе ја вметне и бугарската заедница.
Уставните измени не се случија, а владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ бара гаранции дека нема да има нови условувања во иднина од бугарска страна.
Министерот за надворешни работи и надворешна трговија на Северна Македонија, Тимчо Муцунски на 13 јуни изјави дека Бугарија да се праша дали воопшто сака некаква средба.
„Јас можам да кажам што ние правиме, ние сакаме средби и комуникација бидејќи сметаме дека е нормално соседи да комуницираат, секогаш ќе наоѓаме начини за комуникација. Но, истовремено нема да отстапиме од поставени принципиелни позиции“, рече Муцунски уште еднаш повторувајќи го владиниот став дека „нема откажување од идентитетот“.
Ваквиот став, рече министерот, ги пренел и на неговиот бугарски колега Георг Георгиев со кого имаше телефонски разговор на 11 јуни.
Бројот на жртви од падот на авионот во Индија се искачи на 270

Бројот на жртви во падот на авионот во Индија се искачи на 270 откако тимовите за пребарување во државата Гуџарат пронајдоа уште 10 тела, соопштија официјални лица на 14 јуни.
Боингот 787, кој леташе за Лондон, се урна врз студентски дом на медицински колеџ во станбена област во Ахмедабад неколку минути по полетувањето во четврток, при што загинаа 241 лице во авионот и најмалку 29 на земја.
Само еден патник преживеа.
Д-р Давал Гамети од Градската болница во Ахмедабад за Асошиејтед прес изјави дека оваа здравствена установа примила 270 тела, додавајќи дека во оваа болница е и единствениот што ја преживеал несреќата.
Стотици роднини на жртвите од несреќата доставија примероци од ДНК во болницата.
Повеќето од телата беа јагленосани или осакатени, што ги направи непрепознатливи. Некои роднини денес изразија фрустрација што процесот трае предолго. Властите велат дека обично се потребни до 72 часа за да се завршат анализите за совпаѓањето на ДНК.
Вчера, 13 јуни, истражителите го пронајдоа дигиталниот снимач на податоци за летот на авионот односно т.н. црна кутија. Таа беше пронајдена на покрив во близина на местото на несреќата и веројатно ќе открие индиции за причината за несреќата.
Индискиот оддел за истрага на воздушни несреќи соопшти дека почнал да работи „со полна пареа“ за да ги пронајде податоците.
Нападите Израел - Иран се тест за Путин како можен посредник на Блискиот Исток

Израелските напади врз иранскиот нуклеарен комплекс и военото раководство одекнаа низ целиот свет, предизвикувајќи стравувања од ескалација и поширока војна во регионот.
Сепак, кампањата на заплашување и шок имаше силна резонанца и во Москва, каде што рускиот претседател Владимир Путин се позиционираше како моќен посредник во односите со Техеран.
Од Москва - Брзо и недвосмислено
Рускиот одговор на нападите беше брз и недвосмислен.
Во подолга изјава, Министерството за надворешни работи изрази „најдлабока загриженост поради опасната ескалација на тензиите на Блискиот Исток“ и го обвини Израел за кршење на меѓународното право.
„Неиспровоцирани воени напади врз суверена членка на Обединетите нации, нејзините граѓани, мирни, заспани градови и инфраструктурата за нуклеарна енергија се целосно неприфатливи. Меѓународната заедница не смее да остане рамнодушна на таквите злосторства што го уништуваат мирот и ја загрозуваат регионалната и меѓународната безбедност“, се вели во соопштението.
Министерството додаде дека времето на нападите покажува „особен цинизам“, истакнувајќи дека израелските напади биле извршени за време на седницата на Одборот на гувернери на Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ) и непосредно пред очекуваната шеста рунда разговори меѓу иранските и американските претставници за напредокот на иранската нуклеарна програма.
Додека некои може да ја сметаат изјавата како лицемерна - фразата „заспани градови“ лесно може да се поврзе со тековното руско бомбардирање на Украина - геополитичкото влијание на овие напади врз Русија е очигледно.
Израелската воена кампања го тестира стратешкото партнерство на Иран со Русија и потенцијално одзема важна карта од Кремљ во преговорите со Вашингтон за Украина.
Путин се претстави како можен посредник за Иран
Во неодамнешниот телефонски разговор со американскиот претседател Доналд Трамп, Путин се претстави како можен посредник во постигнувањето договор со Иран.
На својата платформа TruthSocial, Трамп напиша: „Му реков на претседателот Путин дека Иран не може да има нуклеарно оружје и верувам дека се согласивме за тоа. Претседателот Путин предложи дека ќе се вклучи во разговори со Иран и дека можеби може да помогне да се дојде до брз заклучок“.
Москва на почетокот на оваа недела ги истакна можните улоги што би можела да ги одигра во ограничувањето на иранската нуклеарна програма, сугерирајќи дека Русија би можела да помогне во намалувањето на тензиите со извоз на ирански нуклеарен материјал за да се преработи во гориво на нуклеарниот реактор.
Но, воените потези на Израел против Иран може да ги загрозат дипломатските напори за ограничување или укинување на нуклеарната програма на Техеран.
Покрај тоа, нападите беа насочени и кон врвот на иранскиот воен естаблишмент, кој и обезбеди на Русија евтина технологија за беспилотни летала за да води војна во Украина.
Украина предупредува
Иако Русија го префрли производството на беспилотни летала Шахед, кои рутински ги таргетираат украинските градови, во свои капацитети, Министерството за надворешни работи на Украина, како одговор на израелските напади, го означи Иран како дел од „група агресивни режими“ кои ја загрозуваат меѓународната безбедност.
Во таа група спаѓаат и Северна Кореја и Белорусија.
„Сакаме да ве потсетиме дека иранскиот режим ја поддржува Русија во нејзината нелегална агресивна војна против Украина и ја снабдува Москва со оружје што ги убива Украинците“, се вели во соопштението.
„Иран е извор на многу проблеми на Блискиот Исток и пошироко“, се додава.
Блискоста на Русија и Иран
Русија и Иран ги продлабочија врските создадени преку взаемна поддршка за сега соборениот режим на сирискиот претседател Башар ал Асад.
Иранскиот претседател Масуд Пезешкијан потпиша договор за стратешко партнерство за време на посетата на Москва со претседателот Владимир Путин во јануари.
Сепак, тоа партнерство има свои ограничувања.
Коментирајќи ја платформата X, Хана Ноте од Центарот за неширење на нуклеарното оружје Џејмс Мартин напиша: „Запомнете: Договорот за стратешко партнерство не вклучува взаемни одбранбени обврски како оние што Москва им ги даде на Северна Кореја и Белорусија“, истакнувајќи дека рускиот заменик министер за надворешни работи Андреј Руденко неодамна појасни дека Русија не е обврзана да го брани Иран во случај на напад.
Што вели меѓународната заедница?
Русија не е единствената постсоветска земја која ги осудува акциите на Израел.
„Сериозно сме загрижени поради воените операции што ги спроведува државата Израел на територијата на Исламската Република Иран“, соопшти азербејџанското Министерство за надворешни работи.
Турција остро го осуди Израел, нарекувајќи ги нападите „јасно кршење на меѓународното право“ и „провокација што и служи на стратегијата на Израел за дестабилизација на регионот“.
Поумерени изјави дојдоа од европските метрополи.
Британскиот премиер Кир Стармер повика на „воздржаност, смиреност и враќање на дипломатијата“ во објава на социјалните мрежи по нападите.
Претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен упати сличен повик за воздржаност, без да покажува со прст на ниту една страна.
Во објавата на TruthSocial, Доналд Трамп посочи дека Иран сè уште има шанса да дојде на преговарачка маса.
Муцунски: Не е јасно дефинирано што е Хамас и затоа не ја поддржавме резолуцијата во ОН

„Северна Македонија не е против мир во Палестина, но некои елементи од содржината на резолуцијата во Обединетите нации се спротивни на нашите национални интереси“.
Со вакво објаснување денеска (13 јуни) излезе министерот за надворешна политика и надворешна трговија, Тимчо Муцунски за тоа зошто државата гласала „воздржано“ за резолуцијата што вчера беше изгласана на Генералното собрание во Обединетите нации (ОН), а со која се бараше прекин на огнот во Газа.
Еден од елементите, кои тој рече дека не соодветствуваат со надворешната политика на Северна Македонија е тоа што во резолуцијата има делови кои се спротивно на основните принципи на меѓународното право, како и тоа што не е „јасно дефинирано што е Хамас“, која е прогласена за терористичка организација и од ЕУ и од САД.
„За мене нема дилема дека Хамас е терористичка организација која изврши убиство на територија на Израел, но кога нема јасно дефинирање за дејствијата на Хамас, за тоа што правела Хамас, не може да застанеме зад една таква резолуција“, изјави Муцунски.
Шефот на дипломатијата пред новинарите порача дека „нема дилема оти државата сака мир“ и вели оти како мала држава дава свој придонес колку што може.
„Даваме инпут колку што можеме како мала држава – за мир помеѓу Украина и Русија, жалиме за развојот на состојбите на Блискиот исток, сакаме мир помеѓу Израел и Палестина“, рече Муцунски.
Министерот ставовите ги изнесе на заедничка прес-конференција со шефот на унгарската дипломатија Петер Сијарто кој е во официјална посета на Северна Македонија.
Сијарто, кој доаѓа од редовите на партијата Фидез на премиерот Виктор Орбан, која важи за блиска на владејачката ВМРО-ДПМНЕ, во Скопје денеска потпиша два документи со македонскиот колега - Договор за стратешко партнерство помеѓу владите на двете земји, како и меморандум за продолжување на програмата за стипендирање на 20 студенти од земјава за студии во Унгарија.
Сијарто: Унгарија е „за“ Западен Балкан во ЕУ, а „против“ влез на Украина
Од Скопје, Сијарто испрати и остри критики на адреса на Европската Унија и на западните земји поради бавната интеграција на Западен Балкан во ЕУ.
„Во Унгарија го сметаме за неприфатливо тоа што додека Брисел сака екстремно брзо да ја прими Украина во ЕУ, истовремено многу поразвиени и поподготвени држави од Западен Балкан да се попречуваат во нивното зачленување“, рече Сијарто.
Тој ги обвини претставниците на западните држави дека ја „залажуваат“ јавноста кога зборуваат дека се за интеграција на балканските држави и рече дека Бугарија не е единствената пречка за Северна Македонија.
„Не лутете се, но ситуацијата е многу потешка. Во овој момент членките на ЕУ кои го поддржуваат проширувањето во насока на Западен Балкансе малцинство. Не треба да се залажуваме дека повеќето кога доаѓаат овде ви зборуваат јавно со убави зборови колку многу го поддржуваат зачленувањето, но кога остануваме сами ние 27-те членки тогаш мнозинството веднаш почнува да зборува за тоа зошто не би можел да се зачлени Западен Балкан“, зборуваше Сијарто.
Муцунски: Сакаме средби и комуникација со Бугарија
Северна Македонија е кандидат за членство во ЕУ од 2005 година. По решавањето на речиси тридеценискиот спор околу името во 2017 со Грција, официјална Атина го тргна ветото на евроатлантскиот пат на земјата. Државата го промени уставното име додавајќи ја придавката „Северна“ и стана членка на НАТО во 2020, но истата година вето за отпочнување преговори со ЕУ стави Бугарија.
Потоа, договор беше постигнат во 2022 година со усвојување на т.н. француски предлог со кој се предвиде Скопје да ги продолжи евроинтеграциите откако во преамбулата од Уставот ќе ја вметне и бугарската заедница.
Во моментов, дијалогот помеѓу двете земји е во стагнација.
Дали Бугарија воопшто сака некаква средба, треба да се прашате во Софија, порача денеска и министерот Муцунски кој пред два дена имаше телефонски разговор со бугарскиот министер за надворешни работи Георг Георгиев.
„Јас можам да кажам што ние правиме, ние сакаме средби и комуникација бидејќи сметаме дека е нормално соседи да комуницираат, секогаш ќе наоѓаме начини за комуникација. Но, истовремено нема да отстапиме од поставени принципиелни позиции и тоа е она што го пренесов на мојот колега“, рече Муцунски уште еднаш повторувајќи го владиниот став дека „нема откажување од идентитетот“.
Кога е во прашање дијалогот и средбите помеѓу двете држави, иако имаше очекувања за такво нешто помеѓу претседателката Гордана Силјановска Давкова и бугарскиот шеф на државата Румен Радев на маргините на Самитот на НАТО во Хаг на 24 и 25 јуни, таа нема да се случи. Бугарија одлучи наместо претседателот, да го испрати премиерот Росен Жељазков.
Македонскиот премиер Христијан Мицкоски порача дека доколку има иницијатива за средба на претседателката со Жељазков, тогаш таа треба да се прифати.
Мултимедија
Најпосетени
Што треба да знаете