Достапни линкови

Вести

МПЦ-ОА: Документот на СПЦ, надеж за скоро издавање на Томос од Вселенскиот патријарх

Заедничка литургија на српскиот патријарх Порфириј и Архиепископот Охридски и Македонски г.г. Стефан
Заедничка литургија на српскиот патријарх Порфириј и Архиепископот Охридски и Македонски г.г. Стефан

Македонската Православна Црква – Охридска Архиепископија денеска излезе со соопштение во кое изразува благодарност до Српската православна црква, поради заокружување на процесот на помирување, со вчерашното издавање на официјален документ, кој, како што наведува е своевидна препорака со која МПЦ се претставува како подготвена и достојна за автокефалност.

„Македонската Православна Црква – Охридска Архиепископија Му благодари на Милостивиот Бог, а воедно и на сестринската Српска Православна Црква (СПЦ) за снисходливоста и покажаната љубов за помирување и за навремено и брзо решавање на меѓусебниот однос и административните аспекти, што произлезе како насока од страна на Великата Христова Црква во Константинопол и со актот за враќање во канонско единство на Охридската Архиепископија и со сите досегашни напори. Овој процес меѓу двете Цркви беше заокружен вчера во Белград, како меѓусебно решение, со издавањето на официјален документ, како своевидна препорака со која нашата света Црква се претставува како подготвена и достојна за автокефалност“, се наведува во соопштението објавено од Кабинетот на на Архиепископот Охридски и Македонски г.г. Стефан.

Од Кабинетот известуваат дека во наредниот период, при официјалната посета на Фанар за Педесетница, Вселенската патријаршија ќе биде известена за решението на СПЦ.

„Известуваме дека во наредниот период при официјалната посета на Фанар за Педесетница, што со голема радост ја очекуваме и кога ќе биде официјализирано нашето прифаќање во сеправославното литургиско и канонско единство, претстои да биде известена Вселенската Патријаршија за решението на СПЦ за да бидат затворени сите управни прашања меѓу двете Цркви. Изразуваме полноцрковна надеж, во блиска иднина да се пристапи кон финализирање на нашето црковно прашање и со издавање на општопризнат Томос од страна на Неговата Сесветост, Вселенскиот Патријарх г. г. Вартоломеј, согласно неговите законски и историски принадлежности“, се нагласува во соопштението.

Патријархот на СПЦ Порфириј вчера му го врачи томосот за признавање на автокефалноста на МПЦ-ОА на архиепископот Стефан по заедничката архиерејска литургија која ја служеа во Соборната црква во Белград со владици од двете цркви. На заседанието на Светиот архиерејски собор во мај оваа година, СПЦ едногласно донесе одлука да се признае автокефалноста на МПЦ. За одлуката гласаа сите 42 епископи на СПЦ.

види ги сите денешни вести

Шестмина уапсени за уривањето на настрешницата во Нови Сад

Нови Сад, Србија, Железничка станица
Нови Сад, Србија, Железничка станица

Поранешниот министер на српската влада, Томислав Момировиќ и уште пет лица се уапсени под сомнение за сторени кривични дела поврзани со корупција во врска со проектот за модернизација на железницата од Нови Сад до унгарската граница, објави Обвинителството за организиран криминал.

Проектот вклучуваше тригодишна реконструкција на Железничката станица во Нови Сад.

Обвинителството наведува дека уапсените се осомничени дека го оштетиле буџетот за 115 милиони долари преку коруптивни дејствија.

Во исто време, се сомнева дека конзорциумот на кинески компании CRIC&CCCC (China Railway International Co. Ltd и China Communications Construction Company Ltd) кој ја гради брзата железница „добил материјална корист“ во вредност од најмалку 18,7 милиони долари.

Претставници на српските власти склучија договор со овој кинески конзорциум врз основа на меѓувладин договор меѓу Србија и Кина, без да распишат тендер.

Четири месеци по реконструкцијата и свеченото отворање на 1 ноември 2024 година, 16 лица го загубија животот, а едно лице беше тешко повредено кога се урна крошната на зградата на станицата.

Момировиќ беше на чело на Министерството за градежништво, транспорт и инфраструктура во времето кога се извршуваа работите за реконструкција на станицата.

Во постапката беше вклучен и Горан Весиќ, кој беше министер за градежништво, транспорт и инфраструктура од октомври 2022 до ноември 2024 година, и кој моментално е на болничко лекување.

Уапсена е соработничката на Весиќ во Министерството за градежништво, Анита Димоски, како и поранешниот директор на „Инфраструктура Железниче Србија“ Небојша Шурлан.

Тие се обвинети и за злоупотреба на службената должност.

Обвинителството, исто така, објави дека „во тек се претреси и притворања на уште пет лица“.

Во февруари беше објавено дека Јавното обвинителство за организиран криминал во Белград спроведува предистражна постапка во врска со финансирањето на проектот за реновирање на Железничката станица.

Никола Тривиќ, одговорно лице во компанијата „Стартинг дуо“ со седиште во Белград, исто така беше уапсен, а е осомничен и за злоупотреба на службена должност.

Компанијата „Стартинг дуо“ е наведена во документацијата на веб-страницата на српската влада - објавена по барање на дел од јавноста по несреќата на железничката станица во Нови Сад - како еден од подизведувачите ангажирани во изградбата на брза железница од Нови Сад до унгарската граница.

„Стартинг дуо“ е основана во 2008 година и, според нејзините најнови финансиски извештаи, има повеќе од 180 вработени.

Како член на различни групи понудувачи, компанијата била ангажирана преку тендери за државни работни места во Србија, вредни повеќе од 54 милиони евра, според податоците од порталот за јавни набавки анализирани од РСЕ/РЛ во декември 2024 година.

Меѓу уапсените се Синиша Јокиќ, кој беше директор на Институтот за заштита на културни споменици на градот Нови Сад од јануари до јули 2023 година, и Вељко Новаковиќ, службеник за јавни набавки на овој институт.

Како што соопшти Обвинителството, апсењата се резултат на досегашната работа на Работната група за истражување на финансиските текови поврзани со проектот за модернизација на железницата од Нови Сад до границата со Унгарија.

Членовите на работната група се полицајци од Одделот за сузбивање на финансиски организиран криминал и Одделот за спречување на перење пари, Одделот за борба против корупцијата, инспектори на даночната полиција и членови на Одделот за финансиски истраги.

Потоа, вработени во Управата за спречување на перење пари и Агенцијата за деловни регистри, како и тимот на Јавното обвинителство за организиран криминал составен од четири јавни обвинители, тројца финансиски експерти за форензика и двајца обвинителски соработници.

Обвинителен акт против шестмина за фалсификување на 114 .150 лажни евра

ОЈО
ОЈО

По спроведена истражна постапка, Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, денеска поднесе обвинителен акт против шест лица.

За нив постои основано сомнение дека како злосторничка група, организирана од првоосомничениот, сториле кривични дела против јавните финансии, платниот промет и стопанството. На пет лица им се става на товар кривичното дело „фалсификување пари“, додека првообвинетиот и уште едно лице се обвинети и за кривично дело - „правење, набавување или отуѓување средства за фалсификување“, соопштија попладнево од Јавното обвинителство на Република Северна Македонија.

Од крајот на 2023 година до февруари 2025 година, првообвинетиот на територија на македонска и српска територија создал група на која припадници станале останатите обвинети - македонски државјани и шест српски државјани за кои постапката се води во Република Србија.

„Првообвинетиот неовластено набавил и држел опрема и материјали за правење на лажни банкноти - евра во апоени од 20, 50, 100 и 200 евра, кои припадниците на групата ги дистрибуирале до заинтересираните купувачи во Република Србија по цена од 25-30 отсто од номиналната вредност на вистинските банкноти. Шестообвинетиот неовластено изработувал машини и делови за правење лажни пари и истите ги одржувал. Од јуни 2024 година до јануари 2025 година, 114 .150 лажни евра, групата ги продала за 42.400 евра“, се појаснува во соопштението.

Со обвинителниот акт, Обвинителството бара и продолжување на мерката притвор.

Мицкоски очекува царините од САД да паднат под 15 насто

Христијан Мицкоски - премиер на РСМ
Христијан Мицкоски - премиер на РСМ

Премиерот Христијан Мицкоски изјави дека очекува американските царини за македонските производи да паднат под 15 насто, истакнувајќи дека преговорите со САД ќе продолжат во следниот период после летните одмори.

„Од она што го видовте како соопштение од страна на Кабинетот на претседателот на САД, Доналд Трамп, ова е прва фаза, ова не е договор, бидејќи тој кажа дека до 1 август ќе ги објави новите царински стапки, не се ни царини, ова се трговски маржи. Преговорите продолжуваат. Во моментот се наоѓаме на една условно кажано пауза. Веднаш по годишните одмори коишто ќе ги користи и администрацијата и од Кабинетот на претседателот Трамп и канцеларијата на трговскиот претставник на САД, но и нашите луѓе во Министерството и институциите, очекуваме во втората половина на август да продолжиме со преговорите“, рече Мицкоски.

Мицкоски очекува тарифите на САД да одат уште подолу, изразувајќи благодарност кон САД што ја корегираа тарифата.

„Ние продолжуваме понатаму да преговараме и оптимист сум дека ќе одиме уште подолу“, рече Мицкоски.

Со новата извршна наредба што синоќа ја потпиша американскиот претседател Доналд Трамп за воведување царини за речиси сите земји кои досега немаат трговски договор со САД, царинската стапка за Северна Македонија од претходните 33 е намалена на 15 проценти.

Царина од 15 отсто САД ќе имаат и со Европската Унија, со која склучија трговски договор на 27 јули. Од земјите во регионот, со царинска стапка од 15 насто ќе бидат и Хрватска и Словенија, производите од Србија ќе се царинат со 35, од Босна и Херцеговина со 30 насто, а најниска царина ќе има Црна Гора 10 отсто.

Трамп во април годинава, првично објави царинска стапка за македонските производи од 33 отсто. Со новата извршна наредба на американскиот претседаел, се воведуваат нови царини помеѓу 10 и 50 проценти за речиси сите трговски партнери на САД. Новите американски царини, ќе стапат во сила на 7 август, а не на 1 август, со цел да се обезбеди повеќе време за нивно спроведување спроведување на новите царини.

Милорад Додик правосилно осуден за непочитување на одлуките на високиот претставник

Милорад Додик дава изјава за медиумите по едно од рочиштата пред судот на БиХ, Сараево, 6 март 2024 г.
Милорад Додик дава изјава за медиумите по едно од рочиштата пред судот на БиХ, Сараево, 6 март 2024 г.

Милорад Додик, претседателот на ентитетот Република Српска (РС) во Босна и Херцеговина, денеска (1 август) правосилно е осуден за непочитување на одлуките на високиот претставник, дознава Радио Слободна Европа (РСЕ).

Пресудата ја донесе тричлениот совет составен од Амела Хускиќ, Весна Јесенковиќ и Хилмо Вучиниќ, и со неа советот ја потврди првостепената пресуда од 26 февруари, со која Додик беше осуден на една година затвор и шестгодишна забрана за вршење политичка функција.

И адвокатскиот тим на Додик и Обвинителството поднесоа жалби на првостепената пресуда што беше донесена во февруари.

Обвинителството бараше зголемување на затворската казна и забраната за вршење политичка функција, додека одбраната побара пресудата да се поништи.

Додик беше прогласен за виновен за потпишување на указ за прогласување на закони што високиот претставник во Босна и Херцеговина, Кристијан Шмит, претходно ги поништи.

Со тие закони, законодавните тела во Република Српска се обидоа да го спречат спроведувањето на одлуките на Уставниот суд на БиХ и високиот претставник на територијата на овој ентитет во БиХ.

Вториот обвинет во судскиот процес, Милош Лукиќ, вршител на должноста директор на Службениот весник на РС, кој ги објави спорните закони, со првостепената пресуда беше ослободен.

Кратко по пресудата во февруари, Народното собрание на РС усвои сет закони со кои се укинува надлежноста на државните судски и полициски институции на БиХ на територијата на Република Српска. Потоа, кон средината на март судот на БиХ издаде централна потерница против Додик, под сомнение за напад врз уставниот поредок.

За истите сомневања беа издадени потерници и за Радован Вишковиќ и Ненад Стевандиќ – премиерот и претседателот на парламентот на Република Српска.

Иако централната потерница значи дека сите полициски агенции во земјата треба да ги уапсат и да ги предадат лицата во надлежност на државните судски органи, тоа не се случи.

На почетокот на јули, Додик доброволно се појави пред Обвинителството на БиХ, во придружба на неговиот адвокат Горан Бубиќ, по што неговиот притвор беше прекинат, а му беше наредено периодично да се пријавува кај државен орган.

Неколку дена подоцна, и Вишковиќ и Стевандиќ доброволно се појавија пред судот, по што и нивниот притвор беше прекинат.

Приведени две лица од Косово за криумчарење мигранти од Кина

Македонска полиција (фотоархива).
Македонска полиција (фотоархива).

Ноќта на 31 јули македонската полиција привела две лица од Косово на возраст од 18 и 24 години поради сомнение за криумчарење мигранти, соопшти Министерството за внатрешни работи (МВР) на Северна Македонија.

Во возилото „фолксваген кеди“ - во кое еден од приведените косовски државјани бил возач, а другиот совозач - биле пронајдени осум мигранти од Кина.

Како што соопшти полицијата, околу 21:40 часот возилото било забележано на автопатот од Градско кон Скопје и не застанало на даден знак за стопирање од полицијата. Бегајќи, возачот од Косово удрил и ја оштетил наплатната станица на патарината кај Градско во Катланово, удрил во автомобил со странски регистрации, а оштетил и мотоцикл со македонски регистрации.

Потоа ја оштетил и рамката на патарината Петровец.

„Откако продолжил со движење, кај клучка ’Приштина‘ на обиколница кај Скопје возачот изгубил контрола и со возилото излетал од патот, по што и физички нападнал полициски службеник во обид да избега, но бил совладан и лишен од слобода“, соопшти МВР.

Двете лица од Косово биле задржани во полициска страница и против нив ќе се поднесе кривична пријава.

Мигрантите од Кина, пак, биле сместени во транзитен центар.

Експерти бараат итно стопирање на хидроцентралите на Дошница

Река Дошница, багери и камиони за изградба на мала хидроцентрала.
Река Дошница, багери и камиони за изградба на мала хидроцентрала.

Група експерти од областа на биологијата, геологијата, хидрологијата и географијата денеска упатија јавен апел до Министерството за животна средина и просторно планирање, барајќи итно запирање на сите активности поврзани со изградбата на мали хидроелектрани во сливот на реката Дошница.

Во своето писмо, потпишано од 13 еминентни научници, меѓу кои академик Владо Матевски и професорите Митко Караделев, Ивица Милевски, Златко Левков и Рената Ќуштереска, тие предупредуваат дека овие интервенции се планираат токму во време кога тече валоризација на Демиркаписката Клисура со цел нејзино прогласување за заштитено подрачје.

Дошница, која се наоѓа во рамки на ова подрачје, е идентификувана како една од најчистите и највредните водотеци во земјава, велат тие.

„Секоја интервенција пред завршување на валоризацијата може да предизвика неповратна штета врз екосистемите и водниот режим“, се вели во дописот, во кој експертите бараат Министерството да го стави текот на реката Дошница и нејзиниот предел под привремена заштита, согласно член 97 од Законот за заштита на природата.

Во нивниот јавен повик се предлага итен мораториум на сите инфраструктурни зафати, вклучително и изградбата на хидроцентралите МХЕЦ Баров Дол и МХЕЦ Папрад, сè додека не заврши научната проценка, не се дефинираат границите на идното заштитено подрачје и не се изработи план за управување со него.

Бидејќи сè уште не се утврдени степенот на заштита и просторните граници на потенцијалното заштитено подрачје, експертите сметаат дека секоја интервенција која може да предизвика неповратна деградација или девастација на природните вредности – како што е изградбата на мали хидроцентрали – мора итно да се стопира“, велат експертите.

Дозволи за две хидроцентрали се издадени на приватната фирма „Хидро Дошница“. Градежните активности се планирани во горниот тек на реката, на територијата на Општина Кавадарци, а граѓански активисти повеќе од еден месец ја блокираат пристапната патека.

Активистите предупредуваат дека за проектите не е изготвена Студија за оцена на влијанието врз животната средина, туку само Елаборат, иако Архуската конвенција и Поглавје 27 од европското законодавство бараат поинаков пристап за вакви интервенции кои зафаќаат јавни природни ресурси.

Советот за безбедност на седница кај Сиљановска-Давкова

Гордана Сиљановска-Давкова, претседателка на Република Северна Македонија (фотоархива).
Гордана Сиљановска-Давкова, претседателка на Република Северна Македонија (фотоархива).

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова за денеска (1 август) на пладне свика седница на Советот за безбедност.

Ова ќе биде втора седница на Советот откако Сиљановска-Давкова е на чело на државата. Таа ќе се одржи во претседателската вила „Водно“.

Покрај редовните членови, на покана на претседателката на седницата ќе присуствуваат и директорите на Агенцијата за национална безбедност и на Агенцијата за разузнавање, Бојан Христовски и Габриела Јаковлева, како и директорот на Дирекцијата за заштита и спасување, Стојанче Ангелов.

Редовни членови на Советот за безбедност по функција се: претседателот на Собранието Африм Гаши, премиерот Христијан Мицкоски, министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, министерот за одбрана Тимчо Муцунски, министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски.

Дел од ова тело се и тројца членови што ги именува претседателката на државата: Џевдет Хајредини, Малинка Ристевска-Јорданова и Владо Спиридонов.

Советот за безбедност е највисокото советодавно тело во државата коешто ги разгледува прашањата сврзани со безбедноста и одбраната на Републиката и дава предлози на Собранието и на Владата.

Русија: Соработката со НАСА во вселената ќе продолжи до 2028 година

Меѓународната вселенска станица, 2024 г.
Меѓународната вселенска станица, 2024 г.

Шефот на руската вселенска агенција Роскосмос изјави дека тој и неговиот колега од НАСА за време на разговорите во САД се согласиле да го продолжат работењето на Меѓународната вселенска станица (МВС) до 2028 година.

Вселената останува една од последните области каде има соработка меѓу САД и Русија, во време кога односите меѓу Москва и Вашингтон се речиси целосно нарушени поради конфликтот во Украина.

Претходно оваа недела, Роскосмос објави дека директорот на агенцијата, Дмитриј Баканов, отпатувал во Соединетите Американски Држави на разговори со вршителот на должноста администратор на НАСА, Шон Дафи.

Ова беше првата средба меѓу шефовите на вселенските агенции на двете земји од 2018 година.

„Дијалогот помина добро. Се согласивме МВС да остане оперативна до 2028 година … и ќе работиме на нејзино деорбитирање до 2030 година“, рече Баканов, според руската новинска агенција ТАСС.

Се очекуваше Баканов да се сретне и со тимот на мисијата Crew-11 на НАСА, вклучувајќи го и рускиот космонаут Олег Платонов, пред лансирањето на вселенскиот брод Crew Dragon на SpaceX.

МВС е заеднички потфат меѓу Русија, САД, Европа и Јапонија, а нејзината изградба започна во 1998 година.

Станицата беше планирана да биде оперативна до 2024 година, но Националната вселенска администрација на САД (НАСА) соопшти дека МВС ќе остане оперативна до 2030 година.

Како дел од широките санкции наметнати врз Русија по нејзината агресија во Украина, многу западни земји ја прекинаа соработката со Роскосмос.

Вселенската програма на Русија, извор на гордост за земјата со децении, со години се соочува со хронично недоволно финансирање и корупциски скандали.

САД ја намалија царината за македонски производи од 33 на 15 проценти

Американскиот претседател Доналд Трамп.
Американскиот претседател Доналд Трамп.

Северна Македонија од новата американска извршна наредба ќе биде погодена со царинска стапка од 15 отсто при извоз на производи во САД, што претставува значително намалување од претходно најавените 33 проценти. Одлуката е дел од поширока мерка на американскиот претседател Доналд Трамп, со која се воведуваат нови трговски правила за земјите што немаат билатерален договор со САД.

Трамп, потпиша извршна наредба со која се воведуваат повисоки царини за десетици земји низ целиот свет за „реструктуирање на глобалната трговија во корист на американските работници“, соопшти Белата куќа.

Новите царини се движат од 10 до 41 процент, со највисока царина за Сирија.

Европската Унија, Јапонија и Јужна Кореја ќе имаат царини од 15 проценти. Србија ќе се соочи со царини од 35 проценти, а Босна и Херцеговина со 30 проценти.

Белата куќа во документот наведува дека царините ќе стапат во сила на 7 август, а не на 1 август како што беше претходно најавено.

Царините за канадските стоки се зголемуваат од 25 на 35 проценти, но ќе стапат во сила од петок.

„Како одговор на континуираната неактивност и одмазда на Канада, претседателот Трамп сметаше дека е потребно да ги зголеми царините за Канада од 25 на 35 проценти за ефикасно справување со моменталната вонредна состојба“, соопшти Белата куќа, наведувајќи го неуспехот на Канада да соработува во борбата против фентанилот и другите нелегални дроги.

Канадските производи опфатени со Договорот меѓу САД, Мексико и Канада се ослободени од царините.

Канадскиот премиер Марк Карни во јуни изјави дека доколку не се постигне договор до почетокот на август, Канада веројатно ќе возврати со дополнителни царини за извоз на челик и алуминиум од САД.

Повисоките царини за канадските стоки се во остра спротивност со одлуката на Трамп да го одложи зголемувањето на царините за Мексико за 90 дена за да се овозможи повеќе време за преговори за поширок трговски договор.

Во меѓувреме, Кина има рок до 12 август да постигне долгорочен договор со администрацијата на Трамп, откако Пекинг и Вашингтон постигнаа првични договори во мај и јуни за прекин на зголемувањето на меѓусебните царини и укинување на забраната за увоз на ретки земни метали.

„Младински бунт“: Нов протест во Белград за несреќата во Нови Сад

Протест во Белград / 31.07.2025
Протест во Белград / 31.07.2025

Под мотото „Младински бунт“, студентите во блокада при Факултетот за драмски уметности, но и други граѓански собири, денеска (31 јули) протестираа во Белград. Граѓаните од 18 часот го блокираа сообраќајот, а како што јави репортерот на Радио Слободна Европа од терен, на протестот присуствувале околу илјада луѓе.

Пораки од учесниците

Вук, еден од учесниците на протестот, за РСЕ изјави дека дошол таму бидејќи сака системски промени во општеството.

„Прво, борба против корупцијата на највисоко ниво. Ни требаат слободни институции и правна држава“, изјави соговорникот.

На протестот присуствуваше и Зорка, како што вели, за да искаже бунт против „лагите и крадењето“.

„Итно да се смени претседателот на Србија затоа што владее според системот – државата, тоа сум јас“, изјави за РСЕ учесничката на протестот.

Протестот се одржа во пресрет на деветте месеци од загинувањето на 16 лица кои го загубија животот при падот на настрешницата на главната железничка станица во Нови Сад на 1. ноември.

Од тогаш во Србија се организираат студентски и граѓански демонстрации со барање за кривична и политичка одговорност на претставниците на владеачката СНС.

Директен повод за почетокот на континуираните протести во Србија беше физичкиот напад на студентите на Факултетот за драмски уметности кој се случи на 22. Ноември во Белград додека на улица во тишина им се оддаваше почит на агинатите во Нови Сад.

Студентите на ФДУ на 26 ноември соопштија дека бараат итно процесуирање на напаѓачите меѓу кои имаше и активни функционери на СНС и нивно разрешување од функциите.

Барањата на студентите се објавување на документацијата за реконструкцијата на железничката станица, процесуирање на напаѓачите на студентите на ФДУ, отфрлање на кривичните пријави против студентите уапсени на протестите и запирање на започнатите постапки, како и зголемување на буџетот на факултетите за 20 проценти.

Со овие барања, во Србија веќе девет месеци траат масовните студентски протести, граѓански демонстрации, блокади на факултетите и сообраќајниците.

За падот на настрешницата, на крајот на минатата година беа уапсени 13 лица.

Вчитај повеќе

XS
SM
MD
LG