Вести
Тројно зголемена имиграцијата во Израел од Русија и Украина

Имиграцијата во Израел од Украина и Русија тројно се зголеми по руската инвазија на Украина во февруари, објави израелското Централно биро за статистика. Од 24 февруари, кога започна инвазијата, до 31 јули, од Украина пристигнале 12.175 имигранти, а од Русија 18.891, околу 31.000 за пет месеци, 318 отсто повеќе отколку во истиот период во 2019 година кога се доселиле 9.774 имигранти од тие две соседни земји. Имиграцијата во 2019 година беше споредена со оваа година поради последиците од пандемијата во следните две години. Повеќето (скоро 74 проценти) од украинските имигранти до февруари и јули беа жени на возраст од 18 до 60 години.
Украинските бегалци во Русија ја „губат надежта“
Централното биро за статистика толку високиот процент на жени го објаснува со законот за воен рок во Украина, кој им забранува на мажите на таа возраст да ја напуштаат земјата за време на војната, освен некои исклучоци, објавија денеска израелските медиуми. Израел обезбеди дополнителна финансиска помош за имигрантите од Украина од почетокот на март, кога Министерството за имиграција и апсорпција им додели специјален статус на оние кои бегаат од војна. Меѓу руските и украинските имигранти, најпопуларен град на Средоземното Море е Натанија, но многумина имигрирале и во трите најголеми градови, Ерусалим, Тел Авив и Хаифа.
види ги сите денешни вести
Полскиот претседател стави вето на законот за социјалните бенефиции за Украинците

Полскиот претседател Карол Навроцки стави вето на закон за проширување на социјалните бенефиции за украинските бегалци. Навроцки тврдеше дека само бегалците што работат во земјата треба да добиваат поддршка, сугерирајќи дека законот не ја одразува општествената дебата на оваа тема, јавува германската новинска агенција ДПА.
Во Полска, украинските граѓани со заштитен статус имаат право на еквивалент од 180 евра месечно како детски додаток по дете. За второто и секое дополнително дете, постои и додаток за грижа за деца од 117 евра месечно за првите две години.
Бегалците исто така имаат бесплатен пристап до образовниот систем и здравствената заштита, ставајќи ги на рамноправна основа со полските семејства.
Законот, кој беше усвоен со гласовите на централно-левичарската коалиција на премиерот Доналд Туск, предвидуваше бегалците да продолжат да ги добиваат овие социјални бенефиции до март 2026 година.
Навроцки, кој е близок до конзервативната националистичка опозициска партија Закон и правда (ПиС), отворено ја прогласи својата намера да ги блокира политиките на Туск.
Опозициската партија побара исплатата на социјалните бенефиции на украинските бегалци да зависи од нивното вработување.
Стапката на вработеност кај бегалците во Полска е 65% - речиси двојно повисока отколку во Германија.
Околу 989.000 украински државјани со статус на заштита живеат во Полска. За разлика од Германија, не постои надомест за граѓани за возрасни без попреченост кои не се во можност или не сакаат да најдат работа во Полска.
Осомничени од кумановско „испрале“ седум милиони евра

За перење пари, даночно затајување и злосторничко здружување се приведени седум луѓе со помош на специјалната единица „Тигри“. Според сомнежите на Управата за финансиска полиција и Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, осомничените ја оштетиле државната каса во вредност од 7 милиони евра.
Две годишната предистражна постапка, покажала дека осомничените од општините Липково, Куманово и Желино, кои се занимавале со набавка и продажба на нафтени деривати го оштетиле буџетот преку незаконско работење.
„Се работи за сложена предистрага која опфаќа повеќе правни и физички лица, а
целта е целосно разоткривање на криминална група која дејстувала подолг
временски период и имала за цел вршење на кривичните дела,“ се вели во соопштението на Управата за финансиска полиција.
Засега само еден осомничен побегнал, додека останатите седум по целодневните претреси, се приведени и спроведни пред надлежен судија во Кривичниот суд.
Притвор за таткото и забрана за играње за синот по инцидентот на мечот Брегалница - Шкупи

Притвор побара штипското Обвинителство за 43 годишниот Скопјанец кој на 24 август насилно влезе на спортски терен и повреди две 15 годишни момчиња кои играле фудбал во младинските фудбалски екипи на фудбалските клубови „Брегалница“ и „Шкупи“.
Против него е поведена постапка за насилство, откако нападнал две момчиња нанесувајќи им телесни повреди, односно скрешен нос и набиеници.
„Со дејствијата тој ја загрозил сигурноста на две деца родени 2010 година, играчи за тимот на „Беласица“, нанесувајќи им телесни повреди. Освен тоа, кај оштетените, останатата присутна публика и во јавноста предизвикал чувство на несигурност, загрозување и страв“, се вели во соопштението од Обвинителството.
Нападот се случил во 89-тата минута од натпреварот, кога судијата поради прекршок доделил втор жолт картон со што го исклучил од игра синот на осомничениот, кој играл за „Шкупи“.
„Незадоволен од одлуката, најпрво синот се однесувал неспортски и со тупаници и со удар со нога се обидел да се пресмета со еден од фудбалерите на „Брегалница“. Тогаш на теренот влегол таткото и со тупаници и клоци започнал да ги удира двете деца, нанесувајќи им телесни повреди – повеќе набиеници и скршеница на нос без дислокација. На игралиштето влегле и други лица од публиката, кои спречиле натамошна ескалација на настанот“, соопштија од обвинителството.
Штипскиот јавен обвинител побарал од Судот да му се додели мерка притвор на осомничениот поради опасност од бегство и можност да го повтори делото.
Во меѓувреме Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ) соопшти дека повела дисциплинска мерка според која на младиот фудбалер од клубот Шкупи му е изречена санкција исклучување од фудбалската организација поради нанесување на сериозни повреди на играч од спротивен тим.
Во соопштението е наведено дека на синот на осомничениот му се приклучиле двајца соиграчи кои извршиле физички напад и нив им е изречена казна -забрана на играње во траење од три (3) месеци.
„ Дополнително, беше утврдено дека играч на ФК Брегалница 2008 се впуштил во груба игра и пречекорена самозаштита, реагирајќи на нападот. За неговата постапка, му е изречена казна – забрана на играње на четири (4) натпревари“, се вели во соопштението на ФФМ.
Дисциплинската комисија на ФФМ утврдила и одговорност кај двата младински фудбалски клубови.
Против ФК Шкупи 1927 е поведена дисциплинска постапка поради физички напад од родители/навивачи врз противнички играчи, со што е сторен тежок прекршок. Додека против ФК Брегалница 2008 е поведена дисциплинска постапка поради слаба организација на натпреварот и пропуст во обезбедувањето.
Во двата случаи евентуалните санкции ќе се однесуваат на конкретната екипа, помлади пионери учествувале на натпреварот.
Поведена е и дисциплинска постапка протов Алејса Виши, координатор на млади категории на ФК Шкупи 1927, затоа што во излажал, односно ФФМ го известил дека на натпреварот ќе присуствуваат шеф на стручен штаб и кондициски тренер кои воопшто не присуствувале на натпреварот Брегалница – Шкупи 1927.
Суспендирани српски полицајци за прекумерна употреба на сила

Српското Министерство за внатрешни работи објави дека суспендирало тројца полицајци поради прекумерна употреба на сила откако на социјалните мрежи се појави видео на кое се гледа како неколку полицајци клоцаат маж на автопатот Белград-Ниш, кој наводно превезувал мигранти.
Во соопштението од неделата навечер, МВР, исто така, изјави дека покренало постапка за внатрешна контрола за притворање на возач кој го запрел своето возило откако била поставена блокада веднаш по наплатната рампа Врчин на влезот во Белград.
Суспендирањето на тројцата полицајци и покренувањето постапка за внатрешна контрола дојде откако полицијата претходно беше обвинета за прекумерна употреба на сила и бруталност против демонстрантите кои, на повик на студентите, протестираат со барање за распишување предвремени избори.
На социјалните мрежи се појави видео на кое се гледа како неколку полицајци удираат лице кое лежи на земја додека во близина се наоѓаат неколку други членови на МВР.
Министерството за внатрешни работи во соопштението наведува дека „поради сомневање за пречекорување на овластувањата при употреба на мерки за принуда... веднаш покренало постапка за внатрешна контрола и донело одлука за привремено отстранување (суспендирање) на тројца полициски службеници до завршување на постапката“.
Министерството за внатрешни работи додаде дека „без оглед на околностите, ќе дејствува доследно во сите случаи на евентуално пречекорување на овластувањата, со цел да се зачува довербата на граѓаните и да се обезбеди законито и професионално однесување на сите полициски службеници“.
Министерството за внатрешни работи објави и видео на кое се гледа драматична потера на полициски автомобили со возило од марката Сеат (Алхамбра) во обид да се спречи бегство.
На возачот, кој наводно бил прегледан од службата за итна медицинска помош, му е одредена мерка притвор до 48 часа поради сомнение за сторено кривично дело нелегално преминување на границата и шверцување луѓе, а ќе биде приведен во надлежното обвинителство со кривична пријава.
Србија се наоѓа на таканаречената „балканска мигрантска рута“ преку која луѓе од Блискиот Исток, Централна Азија и Африка се обидуваат да стигнат до земјите од Европската Унија и други европски земји.
Бројот на мигранти во Велика Британија достигна нов рекорд

Рекордни 28 076 мигранти го преминале каналот Ла Манш во Велика Британија со мали чамци годинава, што е зголемување од 46% во споредба со истиот период во 2024 година, покажаа владините податоци, зголемувајќи го притисокот врз премиерот Кир Стармер во врска со неговото справување со имиграцијата.
Наглиот пораст доаѓа во услови на зголемена загриженост на јавноста за имиграцијата, која според анкетите е најголема грижа на јавноста, а антимигрантските протести продолжуваат пред хотелите каде што се сместени барателите на азил.
Рекордот беше постигнат во недела откако 212 мигранти пристигнаа во четири различни чамци тој ден, покажуваат податоците.
Министерството за внатрешни работи не одговори веднаш на барањето за коментар.
Во меѓувреме, демонстрации се одржаа низ цела Велика Британија во текот на викендот по судската одлука донесена минатата недела со која се нареди отстранување на барателите на азил од хотел во Епинг, североисточно од Лондон, кој е најновата жешка точка во дебатата за имиграцијата.
Лабуристичката влада на Стармер вети дека постепено ќе ја укине употребата на хотели до 2029 година и ќе го ревидира системот за азил. Во неделата објави реформи за забрзување на жалбите за азил и намалување на заостанатите повеќе од 100.000 случаи.
Министерката за внатрешни работи, Ивет Купер изјави дека промените имаат за цел враќање на „контролата и редот“ во систем што таа го опиша како „во целосен хаос“.
Официјалните податоци минатата недела покажаа дека барањата за азил се на рекордно високо ниво, при што повеќе мигранти се сместени во хотели во споредба со пред една година.
Најџел Фараж, лидер на десничарската партија Реформа на Велика Британија, која е на врвот на неодамнешните анкети, ги изложи плановите за „масовни депортации“ на мигранти што пристигнуваат со мали чамци. Тие би вклучувале исклучување на Велика Британија од Европската конвенција за човекови права, забрана за барања за азил и изградба на центри за притвор за 24.000 луѓе.
Тој за весникот „Тајмс“ изјави дека ќе склучат договори за репатријација со земји како Авганистан и Еритреја и ќе се организираат дневни летови за депортација.
Украина бара повеќе оружје затоа што Русија „не е заинтересирана“ за мир, вели советникот на Зеленски за РСЕ

Украина бара повеќе оружје од Западот поради загриженоста дека, дури и по двата неодамнешни самити во Соединетите Држави, Русија „не е заинтересирана“ за мир, изјави за Радио Слободна Европа, висок советник на украинскиот претседател Володимир Зеленски.
Михајло Подољак рече дека Киев е во „активни консултации“ со американски и европски претставници „за зголемување на снабдувањето со разни алатки за спроведување контравоени операции“.
„Јасно ни е колку Русија моментално троши и што ќе прави следно - какви ресурси користи по фронтот или подлабоко на украинската територија“, рече Подољак, клучна фигура во администрацијата на Володимир Зеленски од 2020 година, на 25 август.
„Следствено, во тек се консултации и преговори за зголемување на протокот на одредени видови оружје во Украина. Ракети со долг дострел, беспилотни летала со долг дострел - ова е една од приоритетните насоки денес, што навистина ни овозможува ефикасно да влијаеме на текот на оваа војна“, рече тој.
Руските напади врз украинскиот Сумски регион убиле еден цивил, а девет други биле ранети, соопштија официјални лица на 25 август.
„Напад со беспилотно летало извршен преку ноќ погоди автомобил во Новослобидски, мала заедница недалеку од руската граница, при што загина едно лице, а две беа повредени“, изјави началникот на регионалната воена администрација Олех Хрихоров во објава на Телеграм.
Тој рече дека уште седум лица се ранети во напади во други делови од регионот во североисточна Украина, каде што руските сили држат дел од територијата по должината на границата и започнаа воздушни напади врз главниот град и други градови и места.
„Украина откри вкупно 104 руски беспилотни летала кои таргетираат локации на север и исток од Украина пред 8 часот наутро“, објавија украинските вооружени сили.
Се вели дека нивните сили уништиле или разоружале 76 беспилотни летала.
На фронтовската линија долга повеќе од 1000 километри, која се протега од границата на североисток до устието на реката Днепар на југ, во претходните 24 часа се воделе најмалку 159 битки или размени на оган, соопшти војската. Најжестоките борби се случиле околу градот Покровское во регионот Донецк, каде што Русија врши силен притисок со месеци.
Руските напади продолжиле по средбата меѓу американскиот претседател Доналд Трамп и рускиот претседател Владимир Путин во Алјаска на 15 август и разговорите меѓу Трамп, украинскиот претседател Володимир Зеленски и европските лидери во Белата куќа три дена подоцна.
Зборувајќи на Денот на независноста на Украина на 24 август, Зеленски рече дека средбата со Путин би била „најефикасен пат напред“ и вети дека ќе „ја турка Русија кон мир“.
Трамп ги искористи самитите овој месец за да се заложи за средба еден на еден меѓу Путин и Зеленски, но Русија сигнализираше дека не е подготвена за тоа сега и можеби нема да биде наскоро.
„Путин е подготвен да се сретне со Зеленски кога ќе биде готова агендата за самитот. А оваа агенда воопшто не е готова“, изјави рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров за NBC News во интервју емитувано на 22 август.
Лавров, исто така, рече дека коментарите на Европејците по самитот во Алјаска и на состанокот во Вашингтон на 18 август укажуваат дека тие „не сакаат мир“ и изрази забелешки на плановите дека западните поддржувачи на Украина се обидуваат да добијат безбедносни гаранции за Киев во случај на мировен договор.
Тој рече дека постојаните членки на Советот за безбедност на ОН - Кина, Франција, Русија, Обединетото Кралство и САД - треба да бидат гаранти на безбедноста на Украина. Киев и другите сојузници досега ја отфрлија идејата Москва да биде меѓу безбедносните гаранти на мировниот договор, а Зеленски ја отфрли можноста Пекинг да игра улога.
Канадскиот премиер Марк Карни, кој беше во посета на Киев на 24 август, изјави дека „не е избор на Русија да го гарантира идниот суверенитет, независност и слобода на Украина“.
Карни, исто така, рече дека не ја исклучува можноста за присуство на канадски трупи во Украина како дел од идните предложени безбедносни гаранции, чии детали сè уште ги разработуваат Киев и неговите европски сојузници. Русија постојано се спротивставува на распоредување на западни трупи во Украина.
Меѓу загинатите во израелски напад врз болница во Газа има и новинари

Најмалку 15 лица, вклучувајќи четворица новинари кои работеле за меѓународни медиуми, наводно биле убиени во израелски напад врз болница во јужниот дел на Појасот Газа.
Ројтерс објави дека еден од нивните сниматели бил убиен во нападот врз болницата Насер. Останатите тројца наводно работеле за Ал Џезира, Асошиејтед Прес и Ен Би Си.
Неколку лица биле убиени во првиот напад, а други во вториот, кој се случил додека спасувачите пристигнувале на местото на настанот, соопшти Цивилната одбрана, која ја води Хамас, палестинско движење кое САД и Европската Унија го сметаат за терористичко.
Израелската војска и канцеларијата на премиерот изјавија дека немаат коментар.
Снимките покажуваат како се издига чад од главната болница во јужна Газа.
На едно видео, додека докторот држи крвава облека за да им покаже на новинарите, може да се види уште еден напад, објавува Би-Би-Си.
Новинската агенција Ројтерс објави дека нивниот снимател, Хусам ал-Масри, е меѓу загинатите. Останатите се Мохамед Саламех, кој работи за Ал Џезира, Маријам Абу Дака, новинарка на Асошиејтед Прес, и фотографот Муат Абу Таха, кој работи за американската ТВ мрежа Ен Би Си (NBC).
Новинар на Ал Џезира е убиен во Газа, изјави претходно портпаролот на катарската ТВ мрежа на 24 август. Смртта на Мохамед Салама е „потврдена“, изјави портпаролот, откако Ал Џезира објави дека тој е убиен во израелски напад.
Од 15 септември сите приватни болници треба да го информираат МЗ за извршените прегледи и интервенции

Министерот за здравство Азир Алиу денеска (25 август) имаше средба со д-р Сашко Кедев, на која беа разменети информации во врска со наводите дека се вршеле непотребни кардиохируршки интервенции кај пациенти во приватните болници, соопшти Министерството за здравство.
Министерот Алиу на средбата потсетил дека ќе биде испратен допис со кој сите приватни здравствени установи се задолжени од 15 септември да го информираат Министерството, односно Управата за електронско здравство за сите извршени прегледи и интервенции.
Од Министерството за здравство наведуваат дека се отворени за соработка со сите чинители и ги повикуваат сите засегнати страни кои имаат каква било информација за евентуални неправилности во системот, веднаш да се обратат до нив.
Во меѓувреме Азири најави и дека експерти од Словенија, Италија, Австрија или Германија ќе утврдуваат дали се правеле непотребни операции во приватните болници. Листата со имиња на странските експерти, треба да биде комплетирана денеска. Министерството за здравство со нив ќе потпише договор со цел да утврдат дали се вршеле непотребни интервенции кај пациенти во приватните клиники.
Одлуката за ангажирање на странски експерти, според министерот Алиу, е заради поголема објективност и утврдување на вистинската слика.
Директорот на Фондот за здравство Сашо Клековски во саботата упати апел до можните оштетени граѓаните во кардиохирургијата и до сите други пациенти, да поднесат жалби.
Изјавата на Клековски доаѓа откако кардиохирургот Сашко Кедев пред неколку дена изјави дека во некои приватни болници се вршат непотребни интервенции со цел профит, вклучувајќи и стентирања и операции. По оваа изјава МЗ најави формирање комисија со експерти од три различни земји за проверка на работењето во приватните здравствени институции, но и продолжување на контролите во јавните здравствени установи кои се занимаваат со истата проблематика.
ДЗР: Податоците во Системот за интегрирано планирање на ресурсите се незаштитени

Недостиг на безбедносни политики, користење на застарени оперативни системи и на заеднички лозинки и без двојна потврда, како и неажурирани резервни копии, се дел од слабостите на системот за интегрирано планирање на ресурсите што ги утврдиле ревизорите.
Системот за интегрирано планирање на ресурсите го употребува Службата за општи и заеднички работи на Владата за извршување на сметководствено-финансиските услуги за повеќе државни институции.
Иако, како што се наведува во ревизорскиот извештај од Државниот завод за ревизија (ДЗР), ИПР системот е имплементиран во 2016 година, се уште отсуствува правен акт кој ги регулира правата и обврските на Министерството како сопственик и на Службата како корисник на системот што, според ревизорите, создава ризик од несоодветно управување со податоците.
„Поради несоодветно планирање и ненавремено спроведување на постапките за одржување на системот, во периодот од 522 дена не бил склучен договор за регулирање на правата и обврските за негово одржување. Ваквата состојба влијае на безбедноста, достапноста и точноста на податоците, како и до потешкотии во изготвувањето на финансиските извештаи за соодветните известувачки периоди. Во периодот на одржување не се преземени активности за редовна проверка на резервната копнија (бекап) на податоците, а со тоа се зголемува ризикот од поврат на податоците“, наведуваат ревизорите.
Во Службата за општи и заеднички работи, како што се посочува во ревизорскиот извештај, недостигаат стратешки документи кои ги дефинираат насоките за развој, одржување и надградба на информатичките системи, како и политики и процедури за управување со податоци што, според ревизорите, може да доведе до неефикасно управување и до ранливост од безбедносни закани.
Ревизорите утврдиле и повторување на исти надградбени активности и надградби што не се засноваат на потребите и не ги опфаќаат сите корисници, недостиг од поврзување со Централниот регистар преку интероперабилност, како и високи трошоци и забавување на процесите поради недостиг на интегрција.
Покрај горенаведеното, на навременото и ефикасно извршување на задачите, според ревизорите влијае и недостигот на човечки ресурси поради постојаниот одлив по основ пензионирање и недостигот на вработени со соодветни знаења.
Националната гарда во Вашингтон почна да носи оружје

Националната гарда на Соединетите Држави, распоредена во Вашингтон, почна да носи оружје во главниот град на САД, каде што повеќе од 2200 војници се распоредени за борба против криминалот по барање на претседателот Доналд Трамп, објави војската.
„Почнувајќи од недела навечер, 24 август 2025 година, војниците на Заедничката работна група Вашингтон почнаа да го носат своето службено оружје“, се вели во соопштението на американската војска.
Овие резервисти се овластени да користат сила само „како последно средство и само како одговор на непосредна закана од смрт или сериозни телесни повреди“, се наведува во текстот.
Трамп претходно изјави дека Вашингтон е „преплавен со банди“ и дека распоредувањата се неопходни.
Националната гарда веќе беше мобилизирана во јуни во Лос Анџелес, за време на големите протести против имиграциската политика на федералната влада.
Сепак, полициската статистика во главниот град покажува пад на насилниот криминал помеѓу 2023 и 2024 година, иако тој пад следеше по скокот по епидемијата на коронавирус.
Резервистите на Националната гарда можат да бидат распоредени само во случај на национална вонредна состојба, како што е природна катастрофа, на барање на федералната влада и со одобрение од локалниот гувернер, пренесува АФП.
Мултимедија
Најпосетени
Што треба да знаете