Достапни линкови

Вести

Украина извезе милион тони земјоделски производи по морски пат

Украина извезла повеќе од 1 милион тони земјоделски производи по морски пат во текот на минатиот месец, ијави украинскиот претседател Володимир Зеленски во неговото ноќно видео обраќање. Тој посочи дека извозот на жито преку Црно Море со месеци беше заглавен поради неиспровоцираната руска инвазија. Договоорт меѓу Русија и Украина за извоз беше постигнат во јули годинава со посредство на ОН.

„Иницијативата за извоз на жито функционира речиси еден месец и, за ова време, нашите три пристаништа ... ги извезоа првите милиони тони“, рече Зеленски.

Нови четири бродови со храна ја напуштија Украина

Тој додаде дека откако договорот стапил во сила, 44 бродови ги напуштиле украинските пристаништа и се упатиле кон 15 странски земји.

„Целта е да се достигне волумен на извоз од 3 милиони тони месечно. Ова е исклучително важно за Африка, Азија и Европа“, додаде тој.

Претходно овој месец, шефот на Светската програма за храна на ОН предупреди дека дури и со обновувањето на извозот на Украина „зборуваме за глобална криза со храна барем уште 12 месеци“.

види ги сите денешни вести

Нема неправилности во работењето, велат од Стоматолошката комора по сомнежите за пропусти во лиценците

Стоматолошка ординација/Илустрација
Стоматолошка ординација/Илустрација

Имавме неколку контроли и не беа констатирани неправилности - изјави денеска (11 август), претседателот на Стоматолошката комора, Маријан Денковски.

Тој се обрати на прес конференција откако министерот за здравство, Азир Алиу во саботата информираше дека Министерството за здравство ги презема надлежностите за лиценцирање на Стоматолошката комора.

- Прво, бидејќи јавните овластувања согласно Законот за здравствена заштита, член 262, се многу широк поим и за поголемиот дел од страна на комисијата формирана од министерот за здравство воопшто нема ни вршено надзор, ниту пак која било комисија или кој било министер се имаат произнесено на кој било начин, Комора не може да знае зошто и во кој обем е т.н. времено одземање до исправање на неправилностите, односно да ги цитираме неговите зборови „до стишување на работите во Комората" - истакна Денковски.

Тој посочи и дека минатата недела имале интензивна комуникација со министерот за здравство, Алиу.

„Заклучокот беше дека, доколку има неправилности, Комората секако ќе ги вложи сите напори да се исправат“, додаде Денковски.

На денешната прес конференција, од Комората информираа дека во меѓувреме, за нивното работење се направени неколку надзори и контроли од страна на Министерството за здравство, ДСЗИ, Управа за јавни приходи, разни државни инспекторати и агенции.

Оттука, „согласно записниците од направените надзори и контроли кои ги поседува Комората, нема утврдени неправилности во кој било сегмент во работењето на Комората, па ниту во делот на јавните овластувања кои се доделени со закон“, наведоа од Комората.

Средби и со Лекарската комора

Денковски ги демантираше наводите дека на Комората ѝ биле дадени насоки од министер, а дека таа не постапила.

-Информираме дека нема вистина во тоа и не е точно дека Комората не постапила, изјави тој на прес конференцијата и најави дека ќе ги повика на разговор и консултација претходните претседатели.

- За да го слушнеме и нивното мислење, зошто по она што знаеме засега, се работи за некои „незаконски" постапки на Комората уште од 2016 година, па дури и порано, односно од 2006 година – рече Денковски.

Тој информираше дека ќе има средба и со Лекарската комора.

-Ако кај нас, во стоматологија, т.н. „незаконска" едукација вршеле околу 15-ина, како што беа наречени, нерегистрирани здруженија, во Лекарската комора, во системот на Континуирана медицинска едукација учествуваат или учествувале над 80 такви здруженија - меѓу кои доминираат членки на Македонско лекарско друштво, истакнаа од Комората.

Понатаму, посочија и дека планирааат свикувања на вонредни седници на Извршниот одбор и на Собранието на Комората.

- Сите ние во Комората сме спремни на сите последици доколку имаме згрешено, но исто така доколку се потврди дека Комората нема финасиски или други криминали, сосема реално е да бараме и очекуваме јавно извинување до целокупната македонска јавност и целокупното членство на Комората – истакнаа претставниците на Стоматолошката комора.

Реакција на Министерството за здравство

По нивната прес конференција, од Министерството за здравство се огласија преку писмено соопштение во кое наведуваат дека „одлуката е донесена врз основа на факти“.

-Потсетуваме дека на овој процес претходеше времена мерка изречена од Уставен суд, а потоа и конечна одлука од истата институција со која се запира извршувањето на поединечните акти и дејствија, а дополнително покрај времената мерка, Комората продолжила со континуираната едукација. Паралелно, во прилог на оваа одлука е и извештајот од Државната комисија за спречување на корупција, пишува во соопштението.

Министерството за здравство, како што се додава, за оваа цел имаше формирано две комисии за надзор над законитоста на работата на Комората и „во двата случаи се констатирани неправилности на кои е укажано со законски рок за отстранување на истите, но, во законските рокови не е постапено од страна на Стоматолошката комора“.

- Потенцираме дека по извршениот надзор на првата комисија, формирана во 2024 година, воопшто не е постапено по препораките, односно во целост се неточни тврдењата дека комисиите „немаат утврдени неправилности во кој било сегмент од работењето во Комората“, додека втората комисија веќе дава јасни насоки до МЗ за утврдените неправилности, недостатоци и предлог за дејствија што треба да се преземат, истакнуваат од Министерството за здравство.

Претходно, во саботата министерот Алиу соопшти дека Министерството за здравство ги презема надлежностите за лиценцирање на Стоматолошката комора.

Тој тогаш изјави дека „одземањето на надлежностите, односно на јавното овластување на Стоматолошката комора се сѐ додека не се воспостави систем преку кој Комората ќе работи законито, транспарентно и професионално“.

Мицкоски по изјавата на Меџити за УЧК: Не може убиства од заседа да се праведна борба

Христијан Мицкоски, премиер на РСМ
Христијан Мицкоски, премиер на РСМ

Не може да биде разумна и праведна војната во која кукавички, од заседа, се убиени припадници на безбедносните сили, изјави премиерот Христијан Мицкоски коментирајќи ја изјавата на неговиот коалициски партнер од ВРЕДИ, Изет Меџити дека војната на УЧК била „праведна, разумна и чиста“.

Одговарајќи на новинарски прашања, претседателот на Владата ги повика, како што рече, сите разумни политичари да се воздржат и да не се враќаат на теми што се затворени, да не ја следат политиката на поделби на ДУИ, туку да се фокусираат на теми од иднината.

„Ја слушнав таа изјава и тука апсолутно имаме различни гледишта на работите. Не може да биде разумна и праведна. Не може некој кој од заседа кукавички одземал животи и убивал припадници на министерствата за внатрешни работи и за одбрана, тоа не може да биде праведна и чесна војна, барем не во Мекедонија, не коментирам за соседството. Но, тоа се теми кои се дел од минатото, затворени со Рамковниот договор, а со последните законски измени, конкретно Законот за правична застапеност кој е во Венцијанската комсиија, тој е затворен“, изјави Мицкоски.

Тој нагласи дека во фокусот на Владата е иднината, а не минатото, и повика „разумните политичари“ да гледаат напред, а не назад.

„Нашиот фокус како Влада е иднината, тоа е она што ние сакаме да го видиме. Ова се теми затворени и јас апалирам до сите разумни политичари, да не играат на картата на ДУИ и на оние коишто сакаат да нè вратат 25 години назад. Единствената порака што доаѓа од Демократската унија за интеграција во 14-15 месеци опозиција, заедно со новите коалициски партрнери СДСМ и Левица, е токму тоа – поделба. Затоа, апелирам до сите да се воздржиме од какви било теми коишто нè враќаат назад во минатото, да гледаме кон теми во иднината“, порача Мицкоски.

Вицепремиерот и кандидат за градоначалник на општина Чаир, Изет Меџити, во објава на социјалните мрежи пред три дена истакна дека „Војната на УЧК во Косово, во Прешево и во Македонија беше праведна, разумна и чиста“, изразувајќи поддршка на протест што се одржал во Приштина организиран од Здружението на воени ветерани на паравоените УЧК и ОВК.

Протестот во Приштина се одржа „против неправдата“ што наводно ја извршил Специјализираниот совет на Косово во Хаг против поранешните водачи на ОВК и УЧК кои се обвинети за воени злосторства и злосторства против човештвото.

Еден од говорниците на протестот беше и лидерот на ДУИ, Али Ахмети.

Курти и Грвала велат дека Србија е „реална закана за безбедноста на Косово“

Косовскиот премиер Албин Курти
Косовскиот премиер Албин Курти

Вршителот на должноста премиер на Косово Албин Курти и вршителот на должноста министер за надворешни работи Доника Грвала изјавија дека Србија сè уште претставува „вистинска закана за националната безбедност на Косово“.

На Конференцијата на амбасадори - која ги собира сите косовски амбасадори од целиот свет во Приштина, Курти рече дека косовските амбасадори имаат витална улога во борбата против пропагандата, но и во промоцијата на Косово во странство.

„Напорите на Србија да го поткопа суверенитетот и територијалниот интегритет на нашата земја продолжуваат да претставуваат закана за нашата национална безбедност“, рече Курти.

Во меѓувреме, Грвала рече дека односите меѓу Косово и Србија се „предизвик“ бидејќи Србија претставува „вистинска закана за безбедноста и стабилноста на Косово“.

„Србија не само што одбива да ја признае нашата земја, туку води и отворена кампања за поткопување на нашата меѓународна субјективност, ги попречува процесите на интеграција и финансирање и управува со нелегални, криминални структури во нашата земја“, рече таа.

Таа додаде дека Косово тесно соработува со своите сојузници за „заканите“ на Србија никогаш да не станат реалност.

Косово редовно ја обвинува Србија дека води кампања против признавањето на независноста на Косово, како и дека го спречува членството во меѓународни организации и спроведува кампања за дезинформации.

Во овој контекст, Курти рече дека Србија „во тесна соработка со Руската Федерација“ троши милиони евра за лобирање и дистрибуција на „систематски лажни пораки против Косово“ низ целиот свет.

Србија секогаш реагира остро кога други земји ја признаваат независноста на Косово, како што беше случајот оваа година, кога Кенија и Судан ја признаа независноста на Косово.

Србија го смета Косово за дел од својата територија.

Дијалогот за нормализација на односите преку Европската Унија меѓу двете страни се води од 2011 година, во рамките на кој се постигнати десетици договори, но повеќето од нив не се спроведени на терен.

Општините лани потрошиле 190 милиони евра за јавни набавки

илустрација
илустрација

Сите осумдесет општини во земјава и Градот Скопје во 2024 година потрошиле рекордни 190 милиони евра на тендери, покажува истражувањето на Центарот за граѓански комуникации.

Истражувањето покажува дека биле склучени вкупно 4006 договори за јавни набавки, а само во 2024 година, вредноста на општинските тендери пораснала за 16 проценти, односно за 26 милиони евра. Најголемо зголемување во вредноста на тендерите имаат скопските општини Гази Баба, Аеродром и Кисела Вода.

„Град Скопје за прв пат го загуби приматот и со годишен пад на вредноста на тендерите од 11,5 милиони евра, се наоѓа на шестото место. Општините склучиле договори за јавни набавки со 1210 фирми. Дури една четвртина од вкупната вредност на локалните тендери завршила кај само 10 фирми. На врвот според вкупната вредност на договорите е ЕДС (Енерџи деливери солушнс) со вредност на договорите од 500 милиони денари, односно околу 8 милиони евра“ се вели во истражувањето.

Општините трошеле на јавни набавки просечно по 28 % од своите буџети. Најголема вредност на набавки по жител има Општина Дојран или 675 евра, а најмала Градот Скопје, само 14 евра.

Најголемо зголемување на вредноста на јавните набавки во 2024 година има кај Општина Гази Баба и тоа околу 5,7 милиони евра. Веднаш по неа е Општина Аеродром со годишно зголемување од 5,4 милиони евра, па Општина Кисела Вода со 4,9 милиони евра. Следуваат општините Битола, Ѓорче Петров и Штип со зголемена вредност на јавните набавки за околу 3 милиони евра, па Струмица со 2,8, Велес со 2,2 милиони евра и Охрид со 2 милиони евра.

„Околу милион и пол евра зголемена вредност на јавните набавки имаат општините Кавадарци, Илинден и Арачиново. Општините Крива Паланка и Виница имаат зголемување од околу милион евра, додека кај останатите 38 општини, вредноста на јавните набавки во 2024 година е зголемена за помалку од милион евра“, се наведува во истражувањето.

Пад на вредноста на тендерите кај Град Скопје и 28 општини

Намалување на вредноста на набавките во 2024 година во однос на 2023 година има кај вкупно 29 општини. Најголем пад во апсолутна вредност на тендерите во 2024 година бележи Градот Скопје, од дури 11,5 милиони евра, а по него следуваат општините Центар, со пад од 2,2 милиони евра, потоа Радовиш, со намалување од 2 милиони евра, Тетово со 1,5 и Општина Карпош, со пад од околу милион евра.

„Градот Скопје ја изгуби апсолутната доминација во јавните набавки и сега се наоѓа дури на шестото место со остварена вредност на договорите за јавни набавки во 2024 година од 7,3 милиони евра. Во 2023 година вредноста на договорите за јавни набавки на Град Скопје изнесуваше близу 19 милиони евра, па така во 2024 година Скопје има пад од околу 11,5 милиони евра. Набавките на Градот Скопје во 2024 се драстично пониски од изминативе 7 години и тоа двојно пониски од 2018 година кога биле најниски во оваа седумгодишна низа, а изнесувале околу 14 милиони евра“, покажува истражувањето.

Сепак, како што се наведува во истражувањето, вредноста на јавните набавки на скопските општини и Градот Скопје во 2024 изнесува 30 % од вкупните набавки на сите 80 единици на локална самоуправа и Градот Скопје.

Локалните самоуправи кај кои само една фирма има добиено половина од вкупните набавки на општината за 2024 година се: Желино Дојран, Врапчиште, Струмица, Бутел, Крушево, Старо Нагоричане, Зелениково, Липково, Могила, Арачиново, Босилово и Виница.

Интересно е што кај половина од општините, третина од спроведените јавни набавки во 2024 година ги реализирала само една фирма.

„Целта на овој податок е да ги алармира локалните власти да преземат активности во насока на стимулирање на конкуренцијата, како и, по можност, поделба на тендерите на делови наспроти нивно окрупнување“, се наведува во истражувањето.

Од Центарот за граѓански комуникации наведуваат дека воочувањето концентрација на една фирма во јавните набавки на одделните општини е и една од главните придобивки на оваа база на податоци за јавните набавки на општините бидејќи овозможува јасен и визуелен приказ на состојбите.

Украина соборила 59 руски дронови во текот на ноќта

илустрација
илустрација

Украинските воздушни одбранбени сили собориле или ги попречиле сигналите на 59 од 71 руски дронови што ја нападнаа Украина во текот на ноќта, објавија украинските воздухопловни сили денеска (11 август) на Телеграм.

„Од вчера во 20:30 часот, руската армија ја напаѓа Украина со 71 дрон „Шахед“ и разни видови дронови-мамки лансирани од Шаталово, Курск, Милерово и Приморско-Ахтарск“, се наведува во соопштението.

Украинските сили го одбија нападот со координирани акции на борбената авијација, противвоздушните ракетни единици, силите за електронско војување и мобилните групи за оган.

До денеска, украинските воздушни одбранбени сили соборија или онеспособија 59 руски дронови „Шахед“ и разни видови дронови-мамки над северните, јужните и источните региони на земјата.

Дванаесет дронови погодија шест различни локации, а остатоци од пресретнатите дронови паднаа на друга локација.

Еден загинат, 29 повредени во силен земјотрес во Турција

илустрација
илустрација

Едно лице загинало, а 29 лица биле повредени во земјотрес со јачина од 6,1 степен според Рихтеровата скала што го потресе регионот Баликесир и беше силно почувствуван во Истанбул и многу други градови.

Осумдесет и едногодишен маж починал откако беше извлечен жив од урнатините на станбена зграда во Сундерга, изјави турскиот министер за внатрешни работи Али Јерликаја. л

„Вложени се сите напори да се спаси откако беше извлечен жив од урнатините, но за жал тие беа неуспешни“, изјави министерот, цитиран од весникот „Милиет“.

Тој рече дека состојбата на 29-те повредени не е сериозна и нема опасност по нивните животи. Уништени се 16 згради во руралните области.

Агенцијата за управување со катастрофи и вонредни состојби соопшти дека операциите за пребарување и спасување се прекинати преку ноќ.

За денеска(11 август) е закажан увид на штетите на зградите. Од соседните области е испратено засилување. Граѓаните се предупредени да не влегуваат во оштетените згради.

Опсерваторијата Кандили објави дека главниот земјотрес во регионот Баликесир бил проследен со три последователни потреси со магнитуда од 4,6, 4,1 и 4,0 и околу 15 со магнитуда над 3.

Австралија ќе ја признае палестинската држава во септември

Австралискиот премиер Ентони Албанезе
Австралискиот премиер Ентони Албанезе

Австралија ќе ја признае палестинската држава, објави австралискиот премиер Ентони Албанезе - и тоа официјално за време на годишната сесија на Генералното собрание на ОН во Њујорк во септември.

На тој начин, Австралија им се придружува на Франција, Велика Британија и Канада, кои исто така објавија слична намера.

„Решението со две држави е најдобрата надеж на човештвото да го прекине циклусот на насилство на Блискиот Исток и да го прекине конфликтот, страдањето и гладот во Газа“, рече Албанезе.

Признавањето е „врз основа на обврските што ги презеде Палестинската власт кон Австралија“, рече Албанезе. Овие обврски вклучуваат исклучување на Хамас од палестинската влада, демилитаризација на Газа и одржување избори, додаде тој.

Сепак, Палестинската самоуправа нема контрола врз Газа, која е под власт на Хамас речиси две децении.

Неколку часа пред објавата на Албанезе, израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху ги критикуваше меѓународните повици за признавање на палестинската државност, тврдејќи дека таков потег „нема да донесе мир, туку војна“.

Меѓународната загриженост расте поради тешката положба на повеќе од 2 милиони Палестинци во Појасот Газа, каде што борбите предизвикаа тешка хуманитарна криза и предупредувања за масовно гладување.

Албанезе ја критикуваше израелската влада, велејќи дека таа продолжува да го крши меѓународното право и да ја задржува доволната помош.

Како што глобалното движење за признавање на палестинска држава станува сè посилно, министерот за надворешни работи на Нов Зеланд, Винстон Питерс, рече дека неговата земја внимателно ја разгледува можноста за признавање на палестинска државност во текот на следниот месец. Според него, признавањето на палестинската држава е „прашање на време, а не дали ќе се случи“.

Додека земјите објавуваат признавање на палестинска државност, војната во Газа продолжува.

Како резултат на нападите на Хамас на 7 октомври 2023 година, околу 1200 луѓе беа убиени во Израел, а 251 беа киднапирани. Од друга страна, според податоците на Министерството за здравство во Газа, повеќе од 61 000 Палестинци беа убиени во израелските напади.

Пет новинари на Ал Џезира убиени во израелски напад во Газа

Новинарот на Ал Џезира, Анас ал-Шариф, за време на интервју за АФП во Газа, на 1 август 2024 година.
Новинарот на Ал Џезира, Анас ал-Шариф, за време на интервју за АФП во Газа, на 1 август 2024 година.

Пет новинари на Ал Џезира, меѓу кои и Анас ал-Шариф, биле убиени во израелски напад во близина на болницата Ал-Шифа во градот Газа, објави телевизиската мрежа.

Според извештајот на Ал Џезира, Анас ал-Шариф, дописникот Мохамед Курејка и снимателите Ибрахим Захер, Мохамед Нуфал и Моамен Алива биле во шаторскиот простор за новинари пред главниот влез на болницата кога се случил нападот.

Во соопштението на Ал Џезира, овој чин е опишан како „целна ликвидација“ и „уште еден отворен, однапред планиран напад врз слободата на медиумите“.

Како што објави Би-Би-Си, Израелските одбранбени сили (ИДФ) потврдија дека го нападнале ал-Шариф, тврдејќи дека тој бил „водач на терористичка ќелија на Хамас“ и дека „учествувал во ракетни напади врз израелски цивили и војници“.

Комитетот за заштита на новинарите (КЗН) изрази шок од нападот, велејќи дека Израел не понудил докази во поддршка на обвинувањата.

„Ова е шема што ја гледаме со децении - новинар е убиен од израелските сили, а потоа се изнесуваат обвинувања дека бил терорист, без доволно докази“, изјави директорката на Комитетот за заштита на новинарите, Џоди Гинсберг.

Главниот уредник на Ал Џезира, Мохамед Моавад, истакна дека ал-Шариф бил акредитиран новинар и „единствениот глас“ од Газа до меѓународната јавност.

Тој додаде дека Израел не им дозволува на меѓународните новинари да влезат за време на војната, па затоа известувањето главно се базира на локални дописници.

„Тие беа цел додека престојуваа во шаторот, а не известуваа од фронтовската линија“, рече Моавад, оценувајќи дека израелската влада сака да го замолчи секој канал за известување од Газа.

Пред еден месец, Ал Џезира, Обединетите нации и Комитетот за заштита на новинарит предупредија дека животот на ал-Шариф е во опасност и побараа негова заштита.

Според извештаите, Ал-Шариф (28) на мрежата X, кратко пред неговата смрт, предупредил за интензивно бомбардирање во Газа.

Во нападот биле убиени вкупно седум лица.

Калас: Договорот за крај на војната во Украина мора да ги вклучи и Киев и ЕУ

Каја Калас, шефица за надворешна политика на ЕУ (фотоархива).
Каја Калас, шефица за надворешна политика на ЕУ (фотоархива).

Шефицата за надворешна политика на Европската Унија, Каја Калас во неделата порача дека секој договор меѓу Вашингтон и Москва за завршување на војната во Украина мора да ги вклучи и Киев и ЕУ.

„САД имаат моќ да ја принудат Русија сериозно да преговара. Секој договор меѓу САД и Русија мора да ги вклучи Украина и ЕУ, бидејќи тоа е прашање на безбедност за Украина и за цела Европа“, рече Калас.

Претседателите на САД и Русија, Доналд Трамп и Владимир Путин, треба да се сретнат во Алјаска следната недела во обид да ја прекинат војната во Украина. Европските лидери ги поздравија напорите на Трамп да се обиде да го реши 41-месечниот воен конфликт, но ја нагласија потребата да се изврши притисок врз Москва и да се обезбедат безбедносни гаранции за Киев.

Калас, исто така, најави дека ќе свика состанок на европските министри за надворешни работи во понеделник за да се разговара за следните чекори.

„Меѓународното право е јасно: Сите привремено окупирани територии ѝ припаѓаат на Украина“, рече Калас, повторувајќи ја својата поддршка за Украина, која се спротивстави на американските сугестии дека треба да отстапи територија на Русија.

Таа предупреди дека „договорот не смее да обезбеди појдовна точка за понатамошна руска агресија против Украина, трансатлантскиот сојуз и Европа“.

Нејзината изјава е одраз на заедничката изјава на европските сојузници на Киев во саботата, во која се вели дека мировните разговори со Русија мора да ја вклучат и Украина.

Во изјавата на лидерите на Велика Британија, Франција, Италија, Германија, Полска, Финска и Европската комисија се нагласува дека „само пристап што ги комбинира активната дипломатија, поддршката за Украина и притисокот врз Руската Федерација да ја прекине својата нелегална војна може да успее“.

Европските лидери, исто така, ветија дека ќе ја одржат својата „значителна воена и финансиска поддршка за Украина“, додавајќи дека „Украина има слобода да ја избере својата судбина“.

update

Едно лице убиено и неколку ранети во престрелка во Тетово, меѓу нив и малолетно девојче

Повреден е и пешак - случаен минувач.
Повреден е и пешак - случаен минувач.

Едно лице е убиено, а три лица се ранети во вооружена престрелка од возила во Тетово.

Меѓу ранетите лица е и едно малолетно девојче од Тетово на возраст од 12 години. Останатите двајца ранети се на 32 и 37 години.

Министерството за здравство соопшти сите се примени на клиники во Скопје.

„На КАРИЛ е примен 32-годишен пациент со прострелна рана во предел на граден кош, тешка телесна повреда. На Детска хирургија е применo 12-годишно дете со прострелна рана во предел на десна натколеница, а на Торакална хирургија е 37-годишен пациент со прострелна рана во предел на граден кош“, соопшти Министерство за здравство.

Дополнително, од сообраќајка настаната при престрелката повреден е и 60-годишен пешак кој бил случаен минувач. Тој е хоспитализиран на Клиниката за трауматологија.

Според првичните податоци од СВР Тетово престрелката се случила околу 12:30 часот на крстосницата од улиците „Илинденска“ и „Благоја Тоска“. Таа била помеѓу лица од две возила кои направиле и сообраќајна незгода.

По сообраќајката и престрелката, двете возила го напуштиле местото – едното се упатило кон улицата „113“, а другото во непознат правец.

За првиот автомобил очевидци кажале дека било марка „форд фиеста“ со тетовски регистрации, по што полицијата направила проверка и констатирала дека станува збор за одјавени таблички од истото возило во сопственост на 19-годишно лице тетовското село Гајре.

Второто возило, пак, било пронајдено на друга локација и во него било телото на убиеното лице.

„На крстосницата од улица ’Благоја Тоска‘ со улица ’107‘ било пронајдено патничко возило ’фолксваген голф‘ со тетовски регистарски таблички, сопственост на Ф.Р.(46) од Тетово. Во возилото пронајдено е едно починато лице со прострелни рани од огнено оружје“, соопшти СВР Тетово.

За овој кривичноправен настан е формиран истражен тим со кој раководи јавен обвинител од Тетово и увидна екипа од тетовската полиција.

Сè уште, како што информираат оттаму, се врши увид на местото на настанот.

Вчитај повеќе

XS
SM
MD
LG