Американскиот претседател Доналд Трамп и рускиот лидер Владимир Путин ќе се сретнат во Алјаска кон крајот на следната недела за да разговараат за иднината на војната во Украина.
Средба што треба да се одржи на 15 август, Трамп ја најави на социјалните мрежи, а подоцна ја потврди и портпаролот на Кремљ велејќи дека локацијата е логична со оглед на релативната близина на северозападната американска држава до Русија.
Портпаролот на Кремљ додаде дека Трамп е поканет во Русија за потенцијален втор самит.
Американскиот претседател, кој постојано ветуваше дека ќе ја заврши војната во Украина, во последните месеци неколку пати разговараше со рускиот претседател по телефон, но не се сретнаа лично откако Трамп се врати на функцијата во Белата куќа.
Се очекува главната тема на состанокот да биде завршување на војната во Украина.
Трамп претходно изјави дека најавениот договор ќе вклучува размена на територии што ќе биде од корист за двете страни.
„Многу е комплицирано, но ќе има размена на територии, во корист на двете страни“, рече тој.
Трамп не ја исклучи можноста ниту за трилатерална средба со Путин и украинскиот претседател Володимир Зеленски, велејќи дека мисли оти Путин сака мир исто колку и Украина и другите европски лидери.
Зеленски: Украина нема да даде територија
Откако беше најавен состанокот во Алјаска, со реакција се јави украинскиот претседател, Володимир Зеленски, велејќи дека Украина „нема да им ја даде својата земја на окупаторите“.
Во објава на социјалните мрежи, тој предупреди дека какви било решенија без Украина би биле „решенија против мирот“.
„Оваа војна мора да заврши – и Русија мора да ја заврши. Русија ја започна и ја одолговлекува, игнорирајќи ги сите рокови, и тоа е проблемот, а не нешто друго. Одлуките донесени без Украина нема да постигнат ништо. Ова се неизводливи одлуки“, вели Зеленски во објава на мрежата Икс.
Украинскиот претседател забележа и дека најавениот самит во Алјаска се одржува „многу далеку од војната што беснее во неговата земја“.
„И која не може да се заврши без нас, без Украина во секој случај“, рече Зеленски.
Тој наведе „ние сме подготвени да соработуваме со претседателот Трамп, заедно со сите наши партнери“ за „вистински“ мир.
Десетици илјади луѓе беа убиени откако Русија ја започна инвазијата на Украина во февруари 2022 година, а милиони беа принудени да ги напуштат своите домови.
Трите досегашни рунди разговори меѓу двете земји не вродија со плод, а Путин се спротивстави на повиците за прекин на огнот од САД, Европа и Киев.
На разговорите во Истанбул минатиот месец, руските преговарачи поставија територијални барања, повикувајќи го Киев да се повлече од територијата што ја контролира Русија и да се откаже од воената поддршка од Западот.
Трамп на 14 јули објави дека Путин има 50 дена да ја заврши војната или да се соочи со строги тарифи за руската нафта и другите производи што ги извезува Русија, но подоцна го скрати рокот до 8 август.
Претставникот на американскиот претседател, Стив Виткоф, во средата разговараше со Путин во Москва, како дел од тридневната посета, при што двете страни ги оценија разговорите како конструктивни.
Во пресрет на состанокот со Трамп, Путин во петокот одржа консултации со лидерите на Кина и Индија.
Самитот во Алјаска ќе биде првиот меѓу актуелните претседатели на САД и Русија откако претходниот американски претседател Џо Бајден се сретна со Путин во Женева во јуни 2021 година.
Трамп и Путин последен пат седеа заедно во 2019 година, на самитот на Г20 во Јапонија за време на првиот мандат на Трамп. Тие разговараа по телефон неколку пати откако Трамп повторно ја презеде функцијата во јануари.