Достапни линкови

Вести

ЕСМ со зголемено производство на струја за 27 отсто

Работници на електричен столб. Илустрација.
Работници на електричен столб. Илустрација.

Директорот на ЕСМ, Васко Ковачевски на состанок со фирмите членки на Стопанската комора изјави дека акционерското друштво го зголемило производството на електрична енергија за 27 проценти. Според него, за наредната година е планиран раст на производството за уште 20 остсто споредено со годинава.

„Иако законот за 2022 година предвидуваше да обезбедиме 60 отсто од електричната енергија, сепак по препорака на Владата ние обезбедуваме 100 проценти и дополнително обезбедуваме енергија за загубите за „Електродистрибуција“ и МЕПСО, за училиштата, јавните претпријатија и прехранбената индустија и други витални институции во државата“, рече Ковачевски.

Според него, во овој момент работат сите капацитети во државата освен Блок 3 на РЕК „Битола“, кој ќе биде ставен во употреба за 10-тина дена. Тој порача и дека е потребно да се најде начин да се обезбедат дополнителни ресурси за да се обезбеди дополнителна електрична енергија за стопанството, односно да се помогне со пониски цени на струјата, со оглед на тоа што кризата ќе биде присутна и следната година и никој не може да знае кога ќе заврши, а државата мора да биде подготвена.

Производствената цена на струјата во ЕСМ е 72 евра за мегаватчас, а ЕСМ му ја продава таа струја на ЕВН, која ја дистрибуира до граѓаните, за 48 евра за мегаватчас. ЕСМ исто така обезбедува струја за покривање на загубите во дистрибутивната мрежа, кои граѓаните ги плаќаат преку надоместот за пренос и дистрибуција, по цена од 143 евра за мегаватчас. Берзанските цени на струјата оваа година се над 300 евра за мегаватчас.

види ги сите денешни вести

Кремљ: Путин е подготвен да разговара за мир во Украина, но сака да ги постигне целите

Казахстан - Владимир Путин, претседател на Русија (десно) и Дмитриј Песков, портпарол на Кремљ(лево), 27 ноември 2024 година.
Казахстан - Владимир Путин, претседател на Русија (десно) и Дмитриј Песков, портпарол на Кремљ(лево), 27 ноември 2024 година.

Рускиот претседател Владимир Путин е подготвен да направи чекор напред кон мировен договор за Украина, но главната цел на Москва е да ги постигне своите цели, изјави портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков за државната телевизија, јави Ројтерс.

Ден претходно, на 19 јули, украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека Киев ѝ испратил на Москва понуда за одржување нова рунда мировни преговори следната недела, нагласувајќи дека сака да ги забрза преговорите за прекин на огнот.

Тој рече дека руската страна „треба да престане да бега од носење одлуки“.

Песков рече дека светот е навикнат на понекогаш „острата“ реторика на американскиот претседател Доналд Трамп, но истакна дека Трамп, исто така, во коментарите за Русија нагласил дека ќе продолжи да бара мировен договор.

„Претседателот Путин постојано зборуваше за својата желба што поскоро да го доведе украинското решение до мирен крај. Ова е долг процес, бара напор и не е лесно. Главната работа за нас е да ги постигнеме нашите цели. Нашите цели се јасни“, рече Песков пред новинарот на државната телевизија, Павел Зарубин.

Трамп објави построг став кон Русија, ветувајќи нов бран воена помош за Украина, вклучувајќи ги и системите за ракетна одбрана „Патриот“.

Тој, исто така, ѝ даде на Русија рок од 50 дена да се согласи на прекин на огнот или да се соочи со дополнителни санкции.

Украина и Русија одржаа две рунди разговори во Истанбул во минатите пет месеци. Тие се согласија за размена на затвореници, но немаше значителен напредок во завршувањето на речиси три и полгодишниот конфликт што започна со руската инвазија на Украина во 2022 година.

Владата на Сирија објави прекин на огнот во Свеида

Бедуински борец во Свеида, Сирија, 18 јули 2025 година.
Бедуински борец во Свеида, Сирија, 18 јули 2025 година.

Владата на Сирија објави прекин на огнот во градот Свеида, една недела по судирите меѓу локалната верска заедница Друзи и војската, јави агенцијата АФП.

Портпаролот на Министерството за внатрешни работи, Нуредин ел-Баба, напиша на Телеграм дека сите „племенски борци се евакуирани од Свеида“, додека борбите во градските населби се завршени.

Конфликтот меѓу Друзите и сунитските бедуини се интензивираше минатата недела, на 13 јули и оттогаш во борбите загинаа околу 940 лица, според невладината организација Сириска опсерваторија за човекови права (СОХР).

Околу 87.000 луѓе се внатрешно раселени поради конфликтот, објави Агенцијата за миграција на Обединетите нации (ИОМ).
Владата во Дамаск објави прекин на огнот во саботата и започна со прераспоредување на армиски единици во регионот на југот од земјата.

Привремениот претседател на Сирија, Ахмад ал-Шарех, ја распореди војската во Свеида во вторникот, на 15 јули, по што Израел бомбардираше неколку локации во Дамаск, велејќи дека сака да ги заштити Друзите и дека се чувствува загрозен од присуството на војската во близина на својата граница.

Кратко по нападот, под покровителство на Соединетите Американски Држави(САД), следеше прекин на огнот меѓу Сирија и Израел.

Друзите живеат главно на југот на Сирија. До почетокот на граѓанската војна во Сирија во 2011 година имало околу 700.000 Друзи, а присутни се и во Либан и Израел, потсетува АФП.

Активни пожари кај Желино, Василево, Македонски Брод и Прилеп

Северна Македонија - Армијата активирана за пожарите, јули 2025 година.
Северна Македонија - Армијата активирана за пожарите, јули 2025 година.

Во последното деноноќие имаше 29 пожари. Од нив, активни се пет, два се под контрола и 22 се изгаснати, соопшти Центрарот за управување со кризи (ЦУК) за состојбата со пожарите до 8 часот на 20 јули.

Активни се пожарите кај село Желино према Еребино, на планината Жеден, кај село Нивичино во општина Василево, кај неколку села во Македонски Брод и меѓу селата Царевиќ и Смолани во општина Прилеп.

Под контрола се пожарите кај село Слатина, Македонски Брод и кај селата Џидимирци – Крушје – Иванковци во општина Велес.

Вчера гореше дел од планината кај селото Желино, На терен интервенираа противпожарни екипи од Тетово и Скопје, Центарот за управување со кризи и хеликоптер.

Градоначалникот на Општина Желино, Блерим Сејдиу, изјави дека постои сомнеж за намерно подметнување на пожарот и очекува сторителите да одговараат.

Поради опасноста од пожари, на сила е целосна забрана за движење во шумите која почна на 1 јули и ќе трае до 31 август. Казната за непочитување на оваа одредба е глоба од 1.500 до 2.000 евра во денарска противредност.

Русија лансираше стотици дронови во Украина

Украина - последици од руските напади врз Одеса, 19 јули 2025 година.
Украина - последици од руските напади врз Одеса, 19 јули 2025 година.

Русија почна масовен напад со стотици беспилотни летала врз Украина ноќта кон 19 јули, при што загина најмалку едно лице, како дел од засилената кампања на бомбардирање што ги уништи надежите за пробив во напорите за ставање крај на повеќе од три годишната војна, објави агенцијата АП.

Украинскиот претседател Володимир Зеленски објави на мрежата „Икс“ дека Русија испукала над 300 беспилотни летала, заедно со повеќе од 30 крстосувачки ракети.

Едно лице загина кога руските сили го нападнаа пристанишниот град Одеса со повеќе од 20 беспилотни летала и еден проектил, изјави градоначалникот на Одеса Генадиј Труханов, додека пет лица беа спасени кога избувна пожар во станбена висока зграда.

Според Зеленски, уште шест лица беа ранети во нападот врз Одеса, вклучувајќи едно дете, а беше оштетена и критична инфраструктура во североисточниот сумиски регион на Украина.

Украинскиот претседател им се заблагодари на меѓународните лидери „кои разбираат колку е важно брзо да се спроведат нашите договори“ насочени кон зајакнување на одбранбените капацитети на Украина, вклучително и заедничко производство на оружје, производство на беспилотни летала и снабдување со системи за воздушна одбрана, јави АП.

Русија ги интензивира своите напади со долг дострел врз украинските градови. Сега често ја напаѓа Украина со повеќе беспилотни летала во една ноќ отколку што го правеше тоа во текот на цели месеци во 2024 година.

Руското Министерство за одбрана соопшти дека соборило 71 украински беспилотни летала во ноќта кон 19 јули.

Градоначалникот на Москва, Сергеј Собјанин, рече дека 13 беспилотни летала биле соборени додека се приближувале кон руската престолнина.

Автомобил влета во толпа луѓе во Лос Анџелес, најмалку 28 повредени

Припадник на противпожарната служба на Лос Анџелес, илустрација
Припадник на противпожарната служба на Лос Анџелес, илустрација

Најмалку 28 лица се повредени откако „непознат“ автомобил влета во толпа во Холивуд, кварт во Лос Анџелес, соопшти противпожарната служба на Лос Анџелес, без да даде информации за причината за инцидентот, јави агенцијата АФП.

Повеќе од 100 пожарникари реагираа на местото на настанот во источен Холивуд помагајќи им на тројца пациенти во критична состојба и шест во сериозна состојба, додека 19 пациенти се во стабилна состојба, соопшти противпожарната служба.

ABC News цитираше официјален претставник на противпожарната служба кој рече дека прелиминарните истраги укажуваат на возач кој изгубил свест и удрил голема толпа пред ноќен клуб. Сепак, ова не можеше веднаш да се потврди.

Областа каде што се случил инцидентот е во близина на холивудските знаменитости, вклучувајќи го булеварот „Сансет“ и „Булеварот на славните“ - тротоар украсен со ѕвезди во чест на личности од филмската индустрија.

Сириското претседателство тврди дека на сила е прекин на огнот по конфликтот на југот од земјата

Бедуински борец во Свеида, Сирија, 18 јули 2025 година.
Бедуински борец во Свеида, Сирија, 18 јули 2025 година.

Владата на Сирија, предводена од исламистите, соопшти дека нејзините внатрешни безбедносни сили почнале да се распоредуваат во Свеида додека претседателството ги повика сите страни да го почитуваат прекинот на огнот откако крвопролевањето во областа претежно населена со Друзи однесе стотици мртви.

Сириското претседателство објави итен и сеопфатен прекин на огнот и ги повика сите страни да се обврзат на него и веднаш да ги прекинат непријателствата во сите области.

Портпаролот на сириското Министерство за внатрешни работи претходно на 19 јули изјави дека внатрешните безбедносни сили почнале да се распоредуваат во Свеида, покраина на југот од земјата.

Израел интервенираше во конфликтот претходно оваа недела, погодувајќи ги владините сили и зградата на Министерството за одбрана во Дамаск во знак на поддршка на Друзите.

Американскиот амбасадор во Турција и претставникот на Вашингтон за Сирија, Том Барак, изјавија дека двете земји се согласиле за прекин на огнот поддржан од Турција, Јордан и нејзините соседи.

Сириската покраина Свеида е зафатена од насилство кое почна со судири меѓу бедуинските борци и друзските фракции, пред да се вмешаат владините безбедносни сили испратени од Дамаск во областа.

Барак ги повика Друзите, бедуините и сунитите да го положат оружјето и „да изградат нов и обединет сириски идентитет заедно со другите малцинства“.

Израел тврди дека неговата цел е да го заштити сириското малцинство Друзи и дека сака областите долж јужната граница на Сирија да останат демилитаризирани.

Привремениот претседател Ахмед ал-Шара го обвини Израел дека се обидува да посее поделби меѓу Сиријците.

Активни се четири пожари, 27 се изгаснати

Северна Македонија - пожар кај Чучер Сандево, скопско, јули 2025 година.
Северна Македонија - пожар кај Чучер Сандево, скопско, јули 2025 година.

Изгаснати се 27 пожари на отворен простор, а четири се ставени под контрола во изминатото деноноќие, соопшти Центарот за управување со кризи (ЦУК).

Активни пожари има во село Нивичино, општина Василево, во село Грешница, општина Македонски Брод, меѓу прилепските села Царевиќ и Смолани и во село Виштица, општина Липково.

ЦУК соопшти дека под контрола се ставени пожарите во општина Велес, кај селата Џидимирци – Крушје – Иванковци, во село Николиќ, општина Дојран, во општина Демир Хисар, кај градската депонија и во општина Македонски Брод, кај селата Црешнево, Локвица и Крапа.

По три пожари се изгаснати во општините Ранковце и Куманово, а два во општина Липково. Изгаснати се пожарите и во општините Старо Нагоричане, Кратово, Јегуновце, Теарце, Тетово, Свети Николе, Битола, Карбинци, Штип, Делчево, Росоман…

Во општина Аеродром изгаснат е пожарот на улица „Гаврил Константиновиќ“, каде гореше ниска вегетација, во општина Гази Баба – кај стрелиште Камник, во општина Сарај – крај Вардар, а во општина Бутел – населба Визбегово. Во општина Ѓорче Петров се изгаснати два пожара, на влезот во населбата Ѓорче Петров и на улица „Васил Чакаларов“, во општина Илинден, кај индустриската зона.

Трамп ги тужи Мардок и „Волстрит џурнал“ поради текстот за Епштајн, бара 10 милијарди долари отштета

Доналд Трамп, претседател на Соединетите Американски Држави (САД)
Доналд Трамп, претседател на Соединетите Американски Држави (САД)

Доналд Трамп, претседателот на Соединетите Американски Држави(САД), поднесе тужба за клевета вредна 10 милијарди долари против издавачот на „Волстрит џурнал“(WSJ) и против новинари поради текст за збирка писма дадени на сексуалниот престапник Џефри Епштајн за неговиот 50-ти роденден во 2003 година, вклучувајќи белешка со потписот на Трамп и цртеж од гола жена.

Трамп категорично негира дека е автор на пораката.

Тужбата е поднесена против „Дау Џонс“, матичната компанија на „Волстрит џурнал“, нејзиниот сопственик, Руперт Мардок и двајца новинари на весникот.

Според судскиот поднесок поднесен во федералниот суд во Јужна Флорида, Трамп тужи за клевета, напад и навреда. Копија од тужбата не е прикачена на судскиот досие.

„Волстрит џурнал“ објави дека писмото, на кое пишувало името на Трамп, содржело неколку реда текст врамени со контура на гола жена, која изгледала како рачно нацртана со дебел маркер.

Весникот наведува дека писмото завршува со „Среќен роденден - и нека секој ден биде уште една прекрасна тајна“ и дека е потпишано со „Доналд“.

Трамп се закани дека ќе тужи речиси веднаш по објавувањето на статијата, напишана од новинарите на „Волстрит џурнал“, Кади Сафдар и Џо Палацоло.

„Волстрит џурнал“ и Руперт Мардок беа лично предупредени директно од претседателот Доналд Трамп дека наводното писмо што го објавиле - наводното писмо на Трамп до Епштајн - е лажно и дека ако го објават, ќе бидат тужени“, објави Трамп на својата социјална мрежа.

Милијардерот Џефри Епштајн се самоуби во затвор во август 2019 година, откако беше обвинет за сексуално злоставување малолетници.

Загинаа 26 лица во израелски напади, според цивилната одбрана на Газа

Газа - деца чекаат храна и вода на дистрибутивен пункт во Нусејрат, во централниот дел од Појасот Газа, 11 јуни 2025 година.
Газа - деца чекаат храна и вода на дистрибутивен пункт во Нусејрат, во централниот дел од Појасот Газа, 11 јуни 2025 година.

Загинаа 26 лица, а повеќе од 100 се повредени во израелски напади во близина на два хуманитарни центри на југот од палестинската територија, соопшти Агенцијата за цивилна одбрана на Газа, јави агенцијата АФП.

Портпаролот на агенцијата, Махмуд Басал, изјави за АФП дека 22 лица биле убиени во близина на локација југозападно од Кан Јунис а четворица во близина на друг центар северозападно од Рафа, поради „израелското пукање“.

Еден очевидец рече дека се упатил кон областа Ал-Тина во Кан Јунис пред зори со петмина негови роднини за да се обиде да купи храна кога „израелските војници“ почнале да пукаат.

„Моите роднини и јас не можевме да купиме ништо“, изјави за АФП 37-годишниот Абдул Азиз Абед. „Секој ден одам таму и сè што добиваме се куршуми и исцрпеност наместо храна“.

Израелската војска соопшти дека ги испитува тврдењата кога била контактирана од АФП.

Војната во Газа, предизвикана од смртоносниот напад на милитантната група Хамас врз Израел на 7 октомври 2023 година, создаде тешки хуманитарни услови за локалното население.

Повеќе од два милиони луѓе кои живеат на густо населената крајбрежна територија се соочуваат со сериозен недостиг на храна и други основни производи, а лекарите пријавија пораст на акутна неухранетост.

Агенцијата за цивилна одбрана објави дека девет лица биле застрелани и убиени во близина на истата точка за помош во областа Ал-Шакуш северозападно од Рафа на 18 јули.

Обединетите нации (ОН) соопштија дека регистрирале 875 убиени лица во Газа додека се обидувале да добијат храна.


Нормализирано е водоснабдувањето во болницата „Козле“

Илустрација
Илустрација

Водоснабдувањето во Универзитетската клиника за белодробни заболувања кај децата – Козле е целосно нормализирано.

Хоспитализацијата на пациентите продолжува непречено, а здравствената установа функционира во целосен капацитет – информораше попладнево Министерството за здравство.

Претходно денеска, МЗ соопшти дека поради прекин во водоснабдувањето во болницата во Козле, веднаш е побарано од Универзитетска клиника за детски болести и Универзитетска клиника за инфективни болести и фебрилни состојби времено да ги згрижат пациентите кои ќе имаат потреба од хоспитализација, додека во Козле ќе продолжи третманот на пациенти во дневна болница и амбулантските прегледи.

Вчитај повеќе

XS
SM
MD
LG