Достапни линкови

Вести

Поранешниот пакистански премиер се појави пред Суд

Членовите на правниот тим на Имран Кан, Хаваја Харис (лево) и Али Зафар (десно) непосредно пред да влезат во судница во Исламабад, 10 мај 2023 година
Членовите на правниот тим на Имран Кан, Хаваја Харис (лево) и Али Зафар (десно) непосредно пред да влезат во судница во Исламабад, 10 мај 2023 година

Поранешниот пакистански премиер Имран Кан денеска се појави пред специјалниот суд во главниот полициски штаб за да одговори на обвиненијата за корупција, објавија локалните медиуми, еден ден откако неговото апсење предизвика насилни протести низ целата земја.

Некои локални медиуми, повикувајќи се на неименувани извори, јавија дека обвинителите побарале на Кан да му биде одреден 14-дневен притвор, пренесува агенцијата Франс прес.

Гео ТВ соопшти дека на Кан му било дозволено да се консултира со своите адвокати за време на сослушувањето, но судските службеници не биле достапни да ги потврдат деталите за постапката зад затворени врати.

Апсењето на Кан следува по повеќемесечната политичка криза и неколку часа откако војската го опомена поранешниот меѓународен играч на крикет поради наводите дека висок офицер бил вклучен во заговор да го убие.

Пакистанските политичари честопати беа апсени и затворани од основањето на земјата во 1947 година, но малкумина толку директно ја предизвикаа војската која организираше најмалку три државни удари и владееше повеќе од три децении, проценува АФП.

Демонстрантите ја запалија резиденцијата на командантот на корпусот во Лахоре и направија опсада на влезот во штабот на армијата во градот Равалпинди.

Властите, исто така, наредија затворање на училиштата низ целата земја и продолжија да го ограничуваат пристапот до платформите на социјалните медиуми како што се Твитер и Фејсбук.

Полицијата вчера вечерта со часови водела жестоки битки со поддржувачите на партијата на Кан Техрик-е-Инсаф (ПТИ) низ повеќе градови низ земјата.

Локалните медиуми објавија дека двајца загинале во судирите, додека полицијата соопшти дека 945 „прекршители на законот и бунтовници“ биле уапсени само во Пенџаб, најнаселената провинција во земјата.

Демонстрантите во средата блокираа некои правци кои водат кон Исламабад, но имаше огромно присуство низ главниот град, особено надвор од таканаречените полициски линии каде што заседаваше специјалниот суд.

Шах Мехмуд Куреши, потпретседател на ПТИ, ги повика поддржувачите да продолжат со протестите на „законски и мирен начин“, додавајќи дека партиските адвокати ќе поднесат жалба против апсењето на Кан.

Министерот за правда Азам Назир Тарар на прес-конференција рече дека нема „политичка одмазда“ во врска со апсењето на Кан.

Случајот што доведе до негово притвор го покрена Националното биро за отчетност (НАБ), највисокото пакистанско антикорупциско тело, кое рече дека тој ги игнорирал постојаните повици да се појави пред судот.

„Кога и да беше повикан на суд, тоа го правеше во слободно време и само откако ќе добиеше последно предупредување“, рече Тарар.

Кан се соочи со десетици обвиненија откако беше сменет во април.

Него може да му биде забрането да извршува јавна функција доколку биде осуден, што ќе го исклучи од изборите закажани за подоцна оваа година.

види ги сите денешни вести

Русија: Во украински напад со дрон загина едно лице, оштетен е индустриски објект

Дронови со долг дострел на Одбранбената разузнавачка служба на Украина, 28 февруари 2025 г.
Дронови со долг дострел на Одбранбената разузнавачка служба на Украина, 28 февруари 2025 г.

Едно лице е убиено, а неколку станови и еден индустриски објект се оштетени во украинскиот напад со беспилотно летало врз јужниот руски регион Саратов, изјави гувернерот на областа на 10 август.

На апликацијата Телеграм, Роман Бусаргин објави дека жителите биле евакуирани откако остатоците од уништен дрон оштетиле три станови.

„На неколку жители им била потребна медицинска помош. Помош беше пружена на самото место, а едно лице беше хоспитализирано. За жал, едно лице почина“, рече Бусаргин.

Руското Министерство за одбрана соопшти дека единиците за воздушна одбрана уништиле 121 украински дрон во текот на ноќта, вклучувајќи осум над регионот Саратов.

Известувањето е само за тоа колку беспилотни летала соборила руската одбрана, а не колку дронови биле лансирани од украинска страна.

Бусаргин не прецизираше каков вид индустриски објект бил оштетен.

Снимките на социјалните медиуми покажуваат како се издига густ чад над место што изгледа како индустриска зона.

Украинските медиуми, вклучувајќи ја и РБК-Украина, објавија дека рафинерија за нафта во градот Саратов, административен центар на регионот, била запалена по напад со беспилотно летало.

Ројтерс не можеше да ги потврди извештаите. Нема официјален коментар од Русија.

Рафинеријата Саратов, во сопственост на Роснефт, беше принудена да се затвори претходно оваа година од безбедносни причини по нападот со беспилотно летало од Украина, изјавија извори од индустријата за Ројтерс.

Руската служба за цивилно воздухопловство Росавијација на Телеграм соопшти дека летовите до и од Саратов биле прекинати околу два часа рано во неделата за да се обезбеди безбедноста на воздушниот сообраќај.

Украина и Русија негираат дека таргетираат цивили во нивните напади на територијата на другата страна во војната што Русија ја започна кога ја нападна Украина во февруари 2022 година.

Киев тврди дека неговите напади во Русија имаат за цел уништување на инфраструктура што е клучна за воените напори на Москва, вклучително и енергетската и воената инфраструктура, и дека нападите се одговор на континуираните напади од Русија.

ЦУК: Активен е пожар во Националниот парк Јасен

Пожар во Северна Македонија (фотоархива)
Пожар во Северна Македонија (фотоархива)

Во Националниот парк Јасен гори мешана шума, информираше Центарот за управување со кризи (ЦУК).

Според пресекот за пожари на отворено, тоа е единствениот активен пожар до 9 часот на 10 август.

Во изминатото деноноќие, пак, имало уште 21 пожар, но тие се изгаснати. Биле на териториите на општините Тетово, Струмица, Новаци, Велес, Битола, Гостивар, Карбинци, Прилеп, Куманово, Ранковце, Сарај, Кичево, Валандово и Студеничани.

Северна Македонија и ова лето се справува со зголемен број пожари на отворено.

На територијата на цела држава е прогласена кризна состојба, која Влада ја седница на 7 август ја продолжи за нови 30 дена.

За да се зајакнат капацитетите во справување со пожарите, Дирекцијата за заштита и спасување преку општините потпиша договори со 352 граѓани што се пријавија на неодамнешниот повик за обука на пожарникари.

Повеќе од 365 уапсени во Лондон поради поддршка на забранета пропалестинска група

Апсење на еден од демонстрантите во Лондон, 9 август 2025 г.
Апсење на еден од демонстрантите во Лондон, 9 август 2025 г.

Британската полиција соопшти дека уапсила повеќе од 365 лица во центарот на Лондон во саботата (9 август) бидејќи поддржувачи на неодамна забранета пропалестинска група свесно го прекршиле законот во обид да ја принудат Владата да ја преиспита забраната.

Парламентот усвои закон на почетокот на јули со кој се забранува групата Палестинска акција, а јавното поддржување на неа претставува кривично дело. Претходно, активисти упаднаа во база на Кралските воздухопловни сили и вандализираа два танкери во знак на протест против поддршката на Велика Британија за израелската офанзива во Појасот Газа против Хамас кој САД и ЕУ го сметаат за терористичка организација.

Поддржувачите на групата, кои одржаа серија протести низ Велика Британија во текот на изминатиот месец, велат дека со донесениот закон нелегално се ограничува слободата на изразување.

Повеќе од 500 демонстранти се собраа на плоштадот пред зградата на парламентот во саботата, од кои многумина ја предизвикаа полицијата да ги уапси држејќи транспаренти на кои пишуваше „Се спротивставувам на геноцидот. Ја поддржувам палестинската кауза“.

Преку социјалната мрежа Икс полицијата соопшти дека уапсила 365 лица за поддршка на забранетата организација додека седум лица биле уапсени и за други кривични дела – вклучително и пет за напад врз полицајци.

Како што демонстрациите почнаа да се смируваат, полицијата и организаторите на протестите – кои се обидуваат да покажат дека законот не е применлив – почнаа да се расправаат околу бројот на апсења.

„Полицијата успеа да уапси само мал дел од оние за кои се тврди дека извршиле ’терористички‘ дела, а повеќето од нив се ослободени со кауција и им е дозволено да си одат дома. Ова е голем срам за (владата), што дополнително го поткопува кредибилитетот на овој широко исмејуван закон, кој беше донесен за да ги казни оние кои ги разоткриваат злосторствата на Владата“, изјавија од групата која го организираше протестот.

Лондонската полиција брзо одговори, велејќи дека ова не е вистина и дека многу од собраните на плоштадот биле минувачи, медиуми или луѓе кои не држеле транспаренти во поддршка на групата.

„Уверени сме дека секој што денес дојде на плоштадот пред парламентот носејќи транспарент за поддршка на Палестинската акција е или уапсен или е во процес на апсење“, се вели во соопштението на полицијата.

Во петокот, полицијата соопшти дека демонстрациите биле невообичаени по тоа што демонстрантите сакале да бидат уапсени во голем број за да ја оптоварат полицијата и поширокиот кривичноправен систем.

Владата презеде чекори за забрана на Палестинската акција откако активистите упаднаа во британска воздухопловна база во јужна Англија на 20 јуни во знак на протест против британската воена поддршка за војната меѓу Израел и Хамас. Активистите испрскаа црвена боја врз моторите на два танкери и ги оштетија лостовите.

ЦУК: Активни се три пожари на територијата на државата

Пожари во Северна Македонија (фотоархива).
Пожари во Северна Македонија (фотоархива).


На територијата на државата, според пресекот направен во 12:30 часот, имало вкупно пет пожари на отворен простор, од кои два се изгаснати, а три се водат како сè уште активни, информираат од Центарот за управување со кризи на 9 август.

Активни се пожарите кај село Братиндол, во Општина Битола, каде гори сува трева во нива, пожарот во Општина Прилеп каде гори сува трева над касарната во Прилеп и во Општина Валандово каде гори сува трева покрај патот Валандово – Дојран.

Под контрола се два пожара и тоа во Општина Тетово каде гори ѓубре кај железничката станица и во Општина Ранковце каде гори ниска трева и ситна шума.

Северна Македонија и ова лето се бори со шумски и други пожари на отворено. Во државата е прогласена и кризна состојба, која пред два дена од страна на Владата беше продолжена за уште 30 дена.

Како што соопшти владината прес-служба на 7 август, кризната состојба се продолжува за да се обезбедува навремена помош за сите засегнати подрачја, односно сите ресурси вклучително и човечки, технички, логистички остануваат мобилизирани, сè со цел да се справат со пожарите и заштита на населението од огнените стихии.

Иран уапси 20 лица осомничени дека шпионирале за Израел

Тенеран, Иран.
Тенеран, Иран.

Дваесет лица, за кои иранските власти тврдат дека се оперативци на израелската разузнавачка служба Мосад, се уапсени во Иран во последните неколку месеци.

Ова на 9 август го објавија иранските судски власти, предупредувајќи дека нема да бидат поблаги односно дека уапсените ќе бидат „казнувани за пример“.

Пред неколку дена, Иран ја погуби научничката Розбе Вади, осудена за шпионажа во корист на Израел и пренесување информации за нуклеарен научник кој беше убиен во јуни во израелските воздушни напади врз Иран, пренесе Ројтерс.

Портпаролот на судот, Асгар Џахангири, изјави дека обвиненијата против некои од 20-те уапсени се отфрлени и дека тие се ослободени.

Егзекуциите на Иранци осудени за шпионажа во корист на Израел значително се зголемија од јуни оваа година, кога двете земји влегоа во војна.

Нов конфликт на Блискиот Исток избувна кога Израел започна напад врз Иран на 13 јуни, погодувајќи повеќе локации, меѓу кои нуклеарен објект и станбени области во Техеран. Тогаш загинаа голем број високи команданти на Иранската револуционерна гарда (ИРГЦ), нуклеарни научници и цивили.

Иран возврати со лансирање беспилотни летала и балистички ракети врз воени центри и воздухопловни бази во Израел.

Соединетите Американски Држави, пак, влегоа во конфликтот на 22 јуни, кога претседателот Доналд Трамп изјави дека американските бомбардери нападнале три ирански нуклеарни објекти.

По 12 дена, беше прогласен прекин на огнот.

Сомнежи за пропусти со лиценците на стоматолозите, Комората остана без овластувања

Азир Алиу, министер за здравство на Северна Македонија (фотоархива).
Азир Алиу, министер за здравство на Северна Македонија (фотоархива).

Министерството за здравство привремено ги одзеде овластувањата на Стоматолошката комора на Македонија поради утврдени пропусти во однос на едукацијата, издавањето и продолжувањето на лиценците на стоматолозите.

Оваа одлука денеска (9 август) на прес-конференција ја соопшти министерот за здравство Азир Алиу.

Стоматолошката комора е тело кое со издавање и продолжување на лиценците практично одлучува кој стоматолог може да работи, а кој не.

Со одземањето на овластувањата, како што соопшти Алиу, од денеска надлежностите за лиценцирање ќе ги преземе Министерството за здравство сè додека не се воспостави „систем кој ќе работи законито, транспарентно и професионално“.

„Надзорите и документите покажаа сериозни пропусти. Едукации преку нерегистрирани здруженија и сертификати кои неправилно се користеле за продолжување на лиценците. Договори склучени ретроактивно, спротивно на законот, одлуки и документи без потпис и со невалидна документација“, рече Алиу образложувајќи ја одлуката за одземање на овластувањата.

Покрај тоа, министерот наведе и оти Стоматолошката комора ги игнорирала привремените мерки и одлуката на Уставниот суд кој пред повеќе од една година утврди дека условите за стручно усовршување биле противзаконски.

Алиу немаше информации колку лиценци се издадени незаконски односно со пропусти, но рече дека сега не може да се каже дека „тие се невалидни“.

Покрај сомнежите за лиценци, Стоматолошката комора се „чешла“ и од аспект на финансиското работење.

„Имаме сериозни сомнежи и за финансиски злоупотреби на Комората за што истражува Финансиската полиција и таа има прибавено обемна документација за што веруваме дека за брзо време ќе има и епилог“, додаде министерот.

На Стоматолошката комора, според неговите тврдења, ѝ била дадена шанса да ги отстрани недостатоците, но не го сторила тоа и затоа е донесена одлука за одземање на овластувањата.

Осум децении од атомската бомба која го срамни со земја Нагасаки

Комеморации за жртвите во Нагасаки на 80-годишнината од атомското бомбардирање за време на Втората светска војна, 9 август 2025 година.
Комеморации за жртвите во Нагасаки на 80-годишнината од атомското бомбардирање за време на Втората светска војна, 9 август 2025 година.

Илјадници луѓе се собраа саботата (9 август) во Нагасаки за да ја одбележат 80-годишнината од атомското бомбардирање на градот, со предупредувања дека сегашните глобални конфликти би можеле да го свртат светот во нуклеарна војна.

Овој град во западниот дел на Јапонија беше срамнет со земја на 9 август 1945 година, кога Соединетите Американски Држави ја фрлија плутониумската бомба „Fat man“, која уби околу 27.000 луѓе од околу 200.000 жители.

До крајот на 1945 година, бројот на жртви од акутна радијација достигна околу 70.000.

Уништувањето на Нагасаки се случи три дена откако американската ураниумска бомба ја уништи Хирошима. Јапонија се предаде на 15 август, со што заврши Втората светска војна.

Градоначалникот на Нагасаки, Широ Сузуки, ги повика светските лидери да покажат конкретен пат кон укинување на нуклеарното оружје, предупредувајќи дека пролонгирањето „веќе не е дозволено“.

„Ова е криза на човечкиот опстанок што се надвиснува над секој од нас“, рече Сузуки, повикувајќи на решение засновано на меѓусебно разбирање и солидарност.

Претставници од 95 земји и територии присуствуваа на годишната церемонија во Меморијалниот парк на мирот во Нагасаки.

Меѓу нив беше и Русија, која го има најголемиот нуклеарен арсенал во светот.

Водечката јапонска организација за преживеани од атомска бомба, Нихон Хиданкјо, ја освои Нобеловата награда за мир минатата година за својата кампања за свет без нуклеарно оружје.

Во децениите по нападите, преживеаните, познати како „хибакуша“, честопати се соочувале со дискриминација поради гласини дека биле носители на болеста и дека нивните потомци би можеле да бидат заразени. Нивниот број падна под 100.000 за прв пат оваа година.

Јапонија, единствената земја што претрпела нуклеарни напади, ја изрази својата посветеност на нуклеарното разоружување, но не е потписник или набљудувач на договорот на ОН за забрана на нуклеарно оружје.

Синот на Дмитриј Медведев работи за руски гигант во воената индустрија

Иља Медведев, син на поранешниот руски претседател Дмитриј Медведев.
Иља Медведев, син на поранешниот руски претседател Дмитриј Медведев.

Синот на поранешниот руски претседател Дмитриј Медведев работи во филијала на Ростек, кој е гигантски државен конгломерат што произведува многу од оружјата што Москва ги користи во својата војна против Украина, открива рускиот истражна единица на Радио Слободна Европа (РСЕ), „Система“.

Во 2016 година, пред дипломирањето на еден од најелитните универзитети во Москва, Иља Медведев во интервју за рускиот таблоид МК изјави дека не би сакал да работи за голема државна компанија.

Но, токму тоа го прави. Од октомври 2022 година, помладиот Медведев, кој овој месец наполни 30 години, е советник на директорот на „РТ-Бизнис Дивелопмент“ („РТ-Развитије Бизнеса“), компанија која е дел од Ростек.

Тој е вклучен во инвестиции и управување со средства и зема месечна плата од 270.000 рубли (3.400 американски долари), покажуваат податоците што протекоа од Федералната даночна служба во кои „Система“ имаше увид.

Владимир Путин го избра Дмитриј Медведев за претседател на Русија од 2008 до 2012 година, со што Путин избегна да ја пречекори уставната граница од два последователни претседателски мандати. Потоа, Путин се врати на претседателската функција во 2012 година, а во 2020 година, протурка амандман што му овозможува потенцијално да остане на највисоката функција во државата до 2036 година.

Како претседател, Медведев се претставуваше како релативен либерал и поддржувач на демократските реформи. Сега како заменик-претседател на советодавниот Совет за безбедност на Путин и претседател на владејачката партија Единствена Русија, честопати се покажува како воинствен поддржувач на руската војна против Украина, користејќи ги социјалните медиуми за да упатува остри пораки и нуклеарни закани против Западот.

Многу од децата на високи функционери во владејачките структури на Путин работат во државни компании или приватни фирми поврзани со владата или, пак, се назначени на некои владини позиции.

Директорот на Ростек, Сергеј Чемезов, е близок со Путин уште од времето кога биле советски офицери на КГБ стационирани во Источна Германија во 1980-тите, кога живееле во иста станбена зграда во Дрезден. Во првите неколку месеци од работењето на Иља Медведев во „РТ-Бизнис Дивелопмент“, раководител на компанијата беше Александар Назаров, долгогодишен познаник на Чемезов.

Иља Медведев е единственото дете на Дмитриј Медведев и неговата сопруга, Светлана. Немаше јавно објавени информации за неговото вработување во рускиот воен гигант, ниту пак јавни информации за тоа како ја добил работата.

Како премиер од 2012 до 2020 година, Дмитриј Медведев беше одговорен за врските со Ростек, а инвестициски фонд поврзан со него стана партнер на Ростек.

Во периодот 2015-2019 година, Иља Медведев работеше во интернет гигантот VK - иако ниту еден од вработените со кои разговараше „Система“ не можеше да каже што работел таму.

„Никогаш не го видов на работа“, рече поранешен виш менаџер.

Ростек поседуваше акции во VK преку „РТ-Бизнис Дивелопмент“, а друг акционер во интернет гигантот во тоа време беше истакнатиот милијардер Алишер Усманов. Во периодот 2019-2022 година, Иља Медведев, пак, работел во инвестицискиот оддел на „Криптонит“, ИТ компанија што во тоа време му припаѓала на Усманов.

Во 2022 година, претставник на Усманов негираше дека тајкунот бил близок со семејството Медведев и рече дека секој обид за поврзување на Усманов со кариерата на Иља Медведев бил „пристрасен“.

Ростек и „РТ-Бизнис Дивелопмент“ не одговорија на барањата за коментар.

Дмитриј Медведев е претседател на Единствена Русија, еден од главните инструменти за политичката контрола на Путин низ целата земја, од 2012 година. Неговиот син се приклучи на партијата неколку месеци откако Русија ја започна целосната инвазија на Украина во февруари 2022 година. Последователно, тој беше ставен и на листата со санкции од САД и Европската Унија.

Во 2023 година, Единствена Русија соопшти дека Иља Медведев го координирал воспоставувањето на веб-страница наречена „Јас сум во Русија“ наменета за користење од жителите во деловите од Украина окупирани од Русија, за кои Путин неосновано тврди дека се дел од Русија.

Руска „офанзива“ за спасување на мандатот на Додик

Милорад Додик
Милорад Додик

Се започна со реакцијата на портпаролката на руското Министерство за надворешни работи, Марија Захарова, продолжи со невообичаено остра изјава од руската амбасада во Сараево, а досега резултираше со итни консултации во Советот за безбедност на Обединетите нации.

Сето ова е дел од руската „офанзива“ во обид да се спаси позицијата на прорускиот лидер на водечката српска партија во Босна и Херцеговина, Милорад Додик, кој беше осуден на затвор и му беше забрането да врши политички активности, а му беше одземен и мандатот како претседател на Република Српска.

Помалку од 24 часа по консултациите во Советот за безбедност на ОН за процесот против Додик, свикани на барање на Русија, Министерството за надворешни работи на Босна и Херцеговина одлучи да испрати писмо до земјите од Квинтата (САД, Велика Британија, Германија, Франција и Италија).

Целта е да се посочат „сериозните закани за стабилноста и суверенитетот на Босна и Херцеговина што доаѓаат од Русија“, особено во контекст на неодамнешната одлука на Централната изборна комисија (ЦИК) на Босна и Херцеговина да му го одземе мандатот на Милорад Додик.

Мандатот на Додик како претседател на РС беше одземен откако беше осуден на една година затвор и му беше забрането да извршува јавни политички функции во следните шест години поради непочитување на одлуките на високиот претставник во БиХ.

Елмедин Конаковиќ, министерот за надворешни работи на БиХ, за Радио Слободна Европа изјави дека писмата до министерствата за надворешни работи на земјите-членки на Квинтот ќе бидат испратени во петок, 8 август.

Тој додаде дека најновото соопштение на руската амбасада во Сараево, во кое се доведува во прашање „постоењето на Босна и Херцеговина како единствена држава“, се разбира како „најостра и најконцентрирана закана“ за БиХ досега.

Во овој контекст, рече Конаковиќ, ќе разговара со амбасадорите на земјите од Квинтот во Сараево на 11 август.

„Москва континуирано ја користи политичката криза во Босна и Херцеговина како простор за проширување на своето влијание, особено преку поддршка на раководството на Република Српска и политичките лидери како Додик. Нема да дозволиме ваквите пораки да ги охрабрат оние кои повикуваат на блокада на изборите или референдум што го доведува во прашање уставниот поредок. Ова не се дипломатски изјави, туку отворени закани за државата“, изјави Конаковиќ за РСЕ/РЛ.

Амбасадите на земјите од „Квинтот“ во Босна и Херцеговина не одговорија веднаш на прашањето на Радио Слободна Европа за руските обвинувања и обидите да се спаси мандатот на Додик.

Се чекаат нови руски потези во Босна и Херцеговина

Конаковиќ, исто така, изјави за РСЕ/РЛ дека институциите на Босна и Херцеговина се подготвени да одговорат на „руските закани“.

„Знаеме дека Русија не дејствува само политички. Тие се подготвени за шпионски активности, сајбер напади, дезинформации. Ги видовме нивните операции во Молдавија, Романија и Грузија. Босна и Херцеговина не е исклучок“, рече Конаковиќ.

Тој истакнува дека во моментов нема информации за пристигнувањето на руски државјани во БиХ, но дека знае „за некои други активности“, за кои сè уште не може да зборува додека не пристигнат „дополнителни информации и потврди“.

„Станува збор исклучиво за нивните луѓе кои се тука и кои имале, тие имале некои дипломатски статуси претходно, но... Кога ќе имам (информации) и ќе биде во наш интерес вие да ги знаете, ќе ги објавиме“, изјави Конаковиќ за РСЕ/РС.

Руската амбасада во Сараево не одговори веднаш на прашањето на РСЕ/РС во врска со тврдењата на Конаковиќ.

Руска верзија на приказната и притисокот врз ОН

Итните консултации на Советот за безбедност на ОН зад затворени врати на 7 август претставуваат прв пат Москва директно да ги користи структурите на ОН за да се обиде да го спаси прорускиот лидер на водечката српска партија во Босна и Херцеговина.

Во сите свои реакции на конечната пресуда против Милорад Додик, Русија покажа дека не ја смета за „легитимна“, туку за „обид за отстранување на непожелен лидер“, како што истакна Марија Захарова, портпаролката на руското Министерство за надворешни работи.

Рускиот заменик-амбасадор во ОН, Дмитриј Пољански, им изјави на новинарите по консултациите дека „кривичниот прогон на Додик ја загрозува стабилноста на Босна и Херцеговина“.

Притоа, тој го повтори рускиот наратив дека Кристијан Шмит не е легитимен висок претставник бидејќи не е потврден од Советот за безбедност.

Руските претставници, исто така, тврдат дека судските одлуки се политички мотивирани и производ на западен притисок, додека Додик е претставен како симбол на отпор кон „наметнатата“ влада.

Руската амбасада во Сараево, исто така, испрати пораки што ги надминуваат границите на класичната дипломатија. „Дојде моментот на вистината за БиХ“, рекоа тие, велејќи дека земјата се соочува со „точка од која нема враќање“.

Амбасадорот на БиХ во ОН, Златко Лагумџија, во објава на социјалните мрежи, оцени дека рускиот обид да ја стави пресудата на Додик на масата на Советот за безбедност бил неуспешен.

„Русите беа единствените што ги негираа судските пресуди. Сите други земји-членки го потврдија територијалниот интегритет и суверенитет на БиХ, поддржувајќи го владеењето на правото и законските одлуки на институциите“, напиша Лагумџија.

Иако Русија тврди дека високиот претставник Кристијан Шмит не е легитимен бидејќи неговиот мандат не е формално потврден од Советот за безбедност на ОН, пошироката меѓународна заедница, вклучувајќи ги САД и повеќето земји од ЕУ, веруваат дека Шмит е назначен во согласност со овластувањата на Советот за спроведување на мирот во Босна и Херцеговина.

ОН претходно појасни дека Шмит има целосен легитимитет да работи во БиХ, со што се поби руската теза за неговата нелегалност.

Зошто Русија стои зад Додик?

Уредникот на списанието „Бука“, Александар Трифуновиќ, за РСЕ/РЛ изјави дека Русија „не се грижи толку за Додик“, колку за можноста да влијае на настаните во Босна и Херцеговина, земјата „најоддалечена“ од Истокот до Европската Унија.

„Република Српска е најдлабоката точка на Истокот во европската зона, најблиската точка до Хрватска, која е во ЕУ, најблиската точка до Виена. И Русија ја користи оваа можност, исто како што го користи Додик и исто како што Додик оди кај Путин. Се сеќавам на ситуацијата кога започна руската инвазија на Украина, кога имавме изјава од руската амбасада во Босна и Херцеговина во која Додик се потсетуваше на договорите со Путин“, рече Трифуновиќ.

Тој истакнува дека во сегашната ситуација е прашање колку му одговара ваков вид руска реакција на Додик, бидејќи во моментов српските власти, предводени од претседателот Александар Вучиќ, но и самиот Додик, „се обидуваат да се приближат“ до американската администрација.

„Не знам како тоа се вклопува во оваа приказна за соработка и колаборација со Русија. Дури и не мислам дека Додик инсистира на таков вид непосредна поддршка, на толку радикален начин, во тонови што не се во согласност со дипломатијата, колку што Русија сега ја користи оваа можност да реагира на овој начин“, истакнува Трифуновиќ.

Кога станува збор за идните активности на Русија, Трифуновиќ предвидува дека Москва ќе продолжи да ја користи секоја можност за да покаже дека има одреден вид влијание врз Србија и Република Српска.

„Претпоставувам дека ќе имаат некои активности што би можеле, на некој начин, дополнително да ја комплицираат ситуацијата и мислам дека ќе го принудат Додик да оди во таа насока. Немам дилеми со тоа“, заклучува Трифуновиќ.

Откако Судот на БиХ конечно го осуди Милорад Додик, во согласност со Изборниот закон на БиХ, ЦИК му го одзеде мандатот на 6 август, отворајќи го патот за предвремени избори во Република Српска.

Додик одговори со објавување референдум за неговиот мандат, иако Уставот на БиХ не признава таква можност.

Тој објави дека изборите во РС нема да се одржат „додека тој е претседател“, а Владата на РС и СНСД ја отфрлија одлуката, најавувајќи вонредна седница на парламентот на ентитетот.

И покрај заканувачката реторика, институциите на РС досега не презедоа никакви правно обврзувачки мерки за да ја оспорат одлуката на ЦИК или да најават формална блокада на изборите.

Американскиот потпретседател отфрла можноста за признавање на палестинска држава

Потпретседателот на САД, Џеј Ди Венс на средба со британскиот министер за надворешни работи, Дејвид Лами во Лондон, 8 август 2025 г.
Потпретседателот на САД, Џеј Ди Венс на средба со британскиот министер за надворешни работи, Дејвид Лами во Лондон, 8 август 2025 г.

САД немаат намера да признаат палестинска држава, порача потпретседателот на САД, Џеј Ди Венс.

Ваквата изјава американскиот потпретседател ја даде пред средбата со британскиот министер за надворешни работи, Дејвид Лами, во петокот во Лондон, каде што двајцата лидери рекоа дека темите на дискусија ќе бидат глобалната економија, војната меѓу Израел и Хамас и рускиот напад врз Украина.

Хамас е прогласен за терористичка организација и од страна на САД и од Европската Унија.

Одговарајќи на новинарски прашања пред средбата, Венс, ја коментираше и најавата на Обединетото Кралство да признае палестинска држава во септември доколку Израел не се согласи на прекин на огнот во Газа.

Тој рече дека не знае што би значело таквото признавање, „со оглед на недостатокот на функционална влада таму“.

На прашањето дали Доналд Трамп бил однапред информиран за намерата на Израел да го заземе градот Газа, Џеј Ди Венс рече дека не сака да навлегува во такви дискусии.

„Доколку беше лесно да се обезбеди мир во тој дел од светот, тоа ќе се случеше досега“, рече тој.

Соединетите Американски Држави и Велика Британија, кои имаат историски близок однос познат како „специјална врска“, се во несогласување околу тоа како да се стави крај на војната во Газа.

Венс рече дека двете страни сакаат да го „решат проблемот“ со кризата во Газа, но дека „можеби имаат некои разлики во мислењата за тоа како точно да се постигне таа цел“.

„Тука има многу заеднички цели. Мислам дека има некои разлики во мислењата за тоа како точно да се постигнат тие заеднички цели, но тоа е – тешка ситуација“, рече тој.

Канада, Франција и Велика Британија минатиот месец објавија дека ќе признаат палестинска држава.

Во моментов, повеќе од 140 од 193-те земји-членки на Обединетите нации признаваат палестинска држава.

Меѓу нив се и некои членки на Европската Унија – вклучувајќи ги Шпанија и Ирска.

Израел ја започна војната во Газа како одговор на нападот на Хамас во јужен Израел на 7 октомври 2023 година, во кој беа убиени 1.200 луѓе, а повеќе од 240 беа земени како заложници.

Според палестинските здравствени власти, оттогаш повеќе од 61.000 Палестинци се убиени во Газа.

Поголемиот дел од Газа сега е претворен во урнатини.

Повеќе од 100 меѓународни хуманитарни организации и групи за човекови права предупредија на масовен глад во Појасот Газа, повикувајќи ги владите ширум светот да преземат итни мерки.

Вчитај повеќе

XS
SM
MD
LG