Достапни линкови

Вести

Не стивнуваат борбите помеѓу израелската армија и Хамас

Израелските војници чистат кал од тенкови во јужен Израел, во близина на границата со Газа, на 1 февруари 2024 година.
Израелските војници чистат кал од тенкови во јужен Израел, во близина на границата со Газа, на 1 февруари 2024 година.

На 1 февруари, Израел објави дека неговите трупи се борат низ Појасот Газа против милитантите на Хамас, која е означена како терористичка организација од САД и Европската унија (ЕУ).

Израел наведува дека во последните борби биле убиени десетина припадници на Хамас во централниот и северниот дел на Газа, додека израелските воздушни напади биле извршени врз Кан Јунис во јужниот дел на Појасот. Нема независна потврда за овие податоци.

Борбите продолжија додека преговарачите кои разговараа за предложениот нов прекин на огнот чекаа да слушнат дали има напредок во постигнувањето договор меѓу Израел и Хамас што ќе донесе краткорочен прекин на борбите и ослободување на затворениците што ги држеше Хамас во Газа.

Нацрт-предлогот произлезе од разговорите во Париз меѓу американските, израелските, катарските и египетските власти претходно оваа недела. Се очекува лидерот на Хамас Исмаил Ханије да отпатува во Каиро за да разговара за планот.

Прашан за деталите од предлогот, портпаролот на Советот за национална безбедност Џон Кирби рече дека ниту еден дел не е конечен додека самиот договор не биде финализиран.

„Ќе ви кажам дека, гледано во поширок аспект, гледаме на продолжена пауза како цел“, им рече Кирби на новинарите. „Колку долго? Сето тоа е дел од дискусиите, но подолго од она што го видовме во ноември, што беше околу една недела“.

Повеќе од 100 заложници земени од Хамас за време на терористичкиот напад на Израел на 7 октомври беа ослободени за време на ноемврискиот прекин на огнот во замена за 240 Палестинци затворени од Израел. Се верува дека Хамас сè уште држи околу 100 заложници.

Кирби рече дека е можно да се извлечат повеќе заложници од Газа доколку има подолг прекин на огнот и дека подолга пауза, исто така, ќе го олесни зголемувањето на протокот на хуманитарна помош за цивилите во Газа.

Хамас повика на траен прекин на огнот и целосно повлекување на израелските трупи од Газа.

Израел вети дека ќе го уништи Хамас, кој владее со Газа, а е прогласен за терористичка организација од САД, Велика Британија, Европската унија и други. Израел ја започна својата офанзива врз Газа веднаш по нападот на Хамас во кој според израелските податоци загинаа околу 1.200 луѓе, главно цивили.

Министерството за здравство на Газа, управувано од Хамас, објави дека бројот на загинати во израелската контраофанзива е 26 900. Министерството не прави разлика меѓу цивилите и милитантите по број, но вели дека повеќето од убиените се жени и деца.

Агенцијата на Обединетите нации за помош на Палестинците (UNRWA) објави дека поради интензивните борби во регионот во последните денови, 184 000 луѓе се пријавиле за хуманитарна помош и избегале поблиску до брегот на Средоземното Море.

Шефот за хуманитарна помош на ОН Мартин Грифитс на 31 јануари пред Советот за безбедност на ОН изјави дека околу 75 отсто од населението во Газа е раселено и живее во услови кои се „ужасни и се влошуваат од ден на ден“.

Големите донатори претходно го суспендираа финансирањето на Агенцијата на ОН за помош и работа за палестинските бегалци, по израелските наводи дека десетина претставници на UNRWA можеби биле вмешани во терористичкиот напад на 7 октомври.

UNRWA вработува 13 000 претежно палестински персонал во Газа. Агенцијата продолжи со работа од 7 октомври за да обезбеди одредена помош за речиси два милиони раселени Палестинци. Повеќе од 150 припадници на UNRWA се убиени во борбите меѓу Израел и Хамас. Сепак, ОН велат дека помошта наскоро би можела да биде загрозена доколку финансирањето не продолжи.

Од десетината персонал кој Израел го соопшти дека бил вклучен во смртоносните напади, ОН веднаш отпушти девет, потврдено е дека еден е мртов, а властите го разјаснуваат идентитетот на други двајца. ОН отворија внатрешна истрага.

види ги сите денешни вести

Курти и Грвала велат дека Србија е „реална закана за безбедноста на Косово“

Косовскиот премиер Албин Курти
Косовскиот премиер Албин Курти

Вршителот на должноста премиер на Косово Албин Курти и вршителот на должноста министер за надворешни работи Доника Грвала изјавија дека Србија сè уште претставува „вистинска закана за националната безбедност на Косово“.

На Конференцијата на амбасадори - која ги собира сите косовски амбасадори од целиот свет во Приштина, Курти рече дека косовските амбасадори имаат витална улога во борбата против пропагандата, но и во промоцијата на Косово во странство.

„Напорите на Србија да го поткопа суверенитетот и територијалниот интегритет на нашата земја продолжуваат да претставуваат закана за нашата национална безбедност“, рече Курти.

Во меѓувреме, Грвала рече дека односите меѓу Косово и Србија се „предизвик“ бидејќи Србија претставува „вистинска закана за безбедноста и стабилноста на Косово“.

„Србија не само што одбива да ја признае нашата земја, туку води и отворена кампања за поткопување на нашата меѓународна субјективност, ги попречува процесите на интеграција и финансирање и управува со нелегални, криминални структури во нашата земја“, рече таа.

Таа додаде дека Косово тесно соработува со своите сојузници за „заканите“ на Србија никогаш да не станат реалност.

Косово редовно ја обвинува Србија дека води кампања против признавањето на независноста на Косово, како и дека го спречува членството во меѓународни организации и спроведува кампања за дезинформации.

Во овој контекст, Курти рече дека Србија „во тесна соработка со Руската Федерација“ троши милиони евра за лобирање и дистрибуција на „систематски лажни пораки против Косово“ низ целиот свет.

Србија секогаш реагира остро кога други земји ја признаваат независноста на Косово, како што беше случајот оваа година, кога Кенија и Судан ја признаа независноста на Косово.

Србија го смета Косово за дел од својата територија.

Дијалогот за нормализација на односите преку Европската Унија меѓу двете страни се води од 2011 година, во рамките на кој се постигнати десетици договори, но повеќето од нив не се спроведени на терен.

Општините лани потрошиле 190 милиони евра за јавни набавки

илустрација
илустрација

Сите осумдесет општини во земјава и Градот Скопје во 2024 година потрошиле рекордни 190 милиони евра на тендери, покажува истражувањето на Центарот за граѓански комуникации.

Истражувањето покажува дека биле склучени вкупно 4006 договори за јавни набавки, а само во 2024 година, вредноста на општинските тендери пораснала за 16 проценти, односно за 26 милиони евра. Најголемо зголемување во вредноста на тендерите имаат скопските општини Гази Баба, Аеродром и Кисела Вода.

„Град Скопје за прв пат го загуби приматот и со годишен пад на вредноста на тендерите од 11,5 милиони евра, се наоѓа на шестото место. Општините склучиле договори за јавни набавки со 1210 фирми. Дури една четвртина од вкупната вредност на локалните тендери завршила кај само 10 фирми. На врвот според вкупната вредност на договорите е ЕДС (Енерџи деливери солушнс) со вредност на договорите од 500 милиони денари, односно околу 8 милиони евра“ се вели во истражувањето.

Општините трошеле на јавни набавки просечно по 28 % од своите буџети. Најголема вредност на набавки по жител има Општина Дојран или 675 евра, а најмала Градот Скопје, само 14 евра.

Најголемо зголемување на вредноста на јавните набавки во 2024 година има кај Општина Гази Баба и тоа околу 5,7 милиони евра. Веднаш по неа е Општина Аеродром со годишно зголемување од 5,4 милиони евра, па Општина Кисела Вода со 4,9 милиони евра. Следуваат општините Битола, Ѓорче Петров и Штип со зголемена вредност на јавните набавки за околу 3 милиони евра, па Струмица со 2,8, Велес со 2,2 милиони евра и Охрид со 2 милиони евра.

„Околу милион и пол евра зголемена вредност на јавните набавки имаат општините Кавадарци, Илинден и Арачиново. Општините Крива Паланка и Виница имаат зголемување од околу милион евра, додека кај останатите 38 општини, вредноста на јавните набавки во 2024 година е зголемена за помалку од милион евра“, се наведува во истражувањето.

Пад на вредноста на тендерите кај Град Скопје и 28 општини

Намалување на вредноста на набавките во 2024 година во однос на 2023 година има кај вкупно 29 општини. Најголем пад во апсолутна вредност на тендерите во 2024 година бележи Градот Скопје, од дури 11,5 милиони евра, а по него следуваат општините Центар, со пад од 2,2 милиони евра, потоа Радовиш, со намалување од 2 милиони евра, Тетово со 1,5 и Општина Карпош, со пад од околу милион евра.

„Градот Скопје ја изгуби апсолутната доминација во јавните набавки и сега се наоѓа дури на шестото место со остварена вредност на договорите за јавни набавки во 2024 година од 7,3 милиони евра. Во 2023 година вредноста на договорите за јавни набавки на Град Скопје изнесуваше близу 19 милиони евра, па така во 2024 година Скопје има пад од околу 11,5 милиони евра. Набавките на Градот Скопје во 2024 се драстично пониски од изминативе 7 години и тоа двојно пониски од 2018 година кога биле најниски во оваа седумгодишна низа, а изнесувале околу 14 милиони евра“, покажува истражувањето.

Сепак, како што се наведува во истражувањето, вредноста на јавните набавки на скопските општини и Градот Скопје во 2024 изнесува 30 % од вкупните набавки на сите 80 единици на локална самоуправа и Градот Скопје.

Локалните самоуправи кај кои само една фирма има добиено половина од вкупните набавки на општината за 2024 година се: Желино Дојран, Врапчиште, Струмица, Бутел, Крушево, Старо Нагоричане, Зелениково, Липково, Могила, Арачиново, Босилово и Виница.

Интересно е што кај половина од општините, третина од спроведените јавни набавки во 2024 година ги реализирала само една фирма.

„Целта на овој податок е да ги алармира локалните власти да преземат активности во насока на стимулирање на конкуренцијата, како и, по можност, поделба на тендерите на делови наспроти нивно окрупнување“, се наведува во истражувањето.

Од Центарот за граѓански комуникации наведуваат дека воочувањето концентрација на една фирма во јавните набавки на одделните општини е и една од главните придобивки на оваа база на податоци за јавните набавки на општините бидејќи овозможува јасен и визуелен приказ на состојбите.

Украина соборила 59 руски дронови во текот на ноќта

илустрација
илустрација

Украинските воздушни одбранбени сили собориле или ги попречиле сигналите на 59 од 71 руски дронови што ја нападнаа Украина во текот на ноќта, објавија украинските воздухопловни сили денеска (11 август) на Телеграм.

„Од вчера во 20:30 часот, руската армија ја напаѓа Украина со 71 дрон „Шахед“ и разни видови дронови-мамки лансирани од Шаталово, Курск, Милерово и Приморско-Ахтарск“, се наведува во соопштението.

Украинските сили го одбија нападот со координирани акции на борбената авијација, противвоздушните ракетни единици, силите за електронско војување и мобилните групи за оган.

До денеска, украинските воздушни одбранбени сили соборија или онеспособија 59 руски дронови „Шахед“ и разни видови дронови-мамки над северните, јужните и источните региони на земјата.

Дванаесет дронови погодија шест различни локации, а остатоци од пресретнатите дронови паднаа на друга локација.

Еден загинат, 29 повредени во силен земјотрес во Турција

илустрација
илустрација

Едно лице загинало, а 29 лица биле повредени во земјотрес со јачина од 6,1 степен според Рихтеровата скала што го потресе регионот Баликесир и беше силно почувствуван во Истанбул и многу други градови.

Осумдесет и едногодишен маж починал откако беше извлечен жив од урнатините на станбена зграда во Сундерга, изјави турскиот министер за внатрешни работи Али Јерликаја. л

„Вложени се сите напори да се спаси откако беше извлечен жив од урнатините, но за жал тие беа неуспешни“, изјави министерот, цитиран од весникот „Милиет“.

Тој рече дека состојбата на 29-те повредени не е сериозна и нема опасност по нивните животи. Уништени се 16 згради во руралните области.

Агенцијата за управување со катастрофи и вонредни состојби соопшти дека операциите за пребарување и спасување се прекинати преку ноќ.

За денеска(11 август) е закажан увид на штетите на зградите. Од соседните области е испратено засилување. Граѓаните се предупредени да не влегуваат во оштетените згради.

Опсерваторијата Кандили објави дека главниот земјотрес во регионот Баликесир бил проследен со три последователни потреси со магнитуда од 4,6, 4,1 и 4,0 и околу 15 со магнитуда над 3.

Австралија ќе ја признае палестинската држава во септември

Австралискиот премиер Ентони Албанезе
Австралискиот премиер Ентони Албанезе

Австралија ќе ја признае палестинската држава, објави австралискиот премиер Ентони Албанезе - и тоа официјално за време на годишната сесија на Генералното собрание на ОН во Њујорк во септември.

На тој начин, Австралија им се придружува на Франција, Велика Британија и Канада, кои исто така објавија слична намера.

„Решението со две држави е најдобрата надеж на човештвото да го прекине циклусот на насилство на Блискиот Исток и да го прекине конфликтот, страдањето и гладот во Газа“, рече Албанезе.

Признавањето е „врз основа на обврските што ги презеде Палестинската власт кон Австралија“, рече Албанезе. Овие обврски вклучуваат исклучување на Хамас од палестинската влада, демилитаризација на Газа и одржување избори, додаде тој.

Сепак, Палестинската самоуправа нема контрола врз Газа, која е под власт на Хамас речиси две децении.

Неколку часа пред објавата на Албанезе, израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху ги критикуваше меѓународните повици за признавање на палестинската државност, тврдејќи дека таков потег „нема да донесе мир, туку војна“.

Меѓународната загриженост расте поради тешката положба на повеќе од 2 милиони Палестинци во Појасот Газа, каде што борбите предизвикаа тешка хуманитарна криза и предупредувања за масовно гладување.

Албанезе ја критикуваше израелската влада, велејќи дека таа продолжува да го крши меѓународното право и да ја задржува доволната помош.

Како што глобалното движење за признавање на палестинска држава станува сè посилно, министерот за надворешни работи на Нов Зеланд, Винстон Питерс, рече дека неговата земја внимателно ја разгледува можноста за признавање на палестинска државност во текот на следниот месец. Според него, признавањето на палестинската држава е „прашање на време, а не дали ќе се случи“.

Додека земјите објавуваат признавање на палестинска државност, војната во Газа продолжува.

Како резултат на нападите на Хамас на 7 октомври 2023 година, околу 1200 луѓе беа убиени во Израел, а 251 беа киднапирани. Од друга страна, според податоците на Министерството за здравство во Газа, повеќе од 61 000 Палестинци беа убиени во израелските напади.

Пет новинари на Ал Џезира убиени во израелски напад во Газа

Новинарот на Ал Џезира, Анас ал-Шариф, за време на интервју за АФП во Газа, на 1 август 2024 година.
Новинарот на Ал Џезира, Анас ал-Шариф, за време на интервју за АФП во Газа, на 1 август 2024 година.

Пет новинари на Ал Џезира, меѓу кои и Анас ал-Шариф, биле убиени во израелски напад во близина на болницата Ал-Шифа во градот Газа, објави телевизиската мрежа.

Според извештајот на Ал Џезира, Анас ал-Шариф, дописникот Мохамед Курејка и снимателите Ибрахим Захер, Мохамед Нуфал и Моамен Алива биле во шаторскиот простор за новинари пред главниот влез на болницата кога се случил нападот.

Во соопштението на Ал Џезира, овој чин е опишан како „целна ликвидација“ и „уште еден отворен, однапред планиран напад врз слободата на медиумите“.

Како што објави Би-Би-Си, Израелските одбранбени сили (ИДФ) потврдија дека го нападнале ал-Шариф, тврдејќи дека тој бил „водач на терористичка ќелија на Хамас“ и дека „учествувал во ракетни напади врз израелски цивили и војници“.

Комитетот за заштита на новинарите (КЗН) изрази шок од нападот, велејќи дека Израел не понудил докази во поддршка на обвинувањата.

„Ова е шема што ја гледаме со децении - новинар е убиен од израелските сили, а потоа се изнесуваат обвинувања дека бил терорист, без доволно докази“, изјави директорката на Комитетот за заштита на новинарите, Џоди Гинсберг.

Главниот уредник на Ал Џезира, Мохамед Моавад, истакна дека ал-Шариф бил акредитиран новинар и „единствениот глас“ од Газа до меѓународната јавност.

Тој додаде дека Израел не им дозволува на меѓународните новинари да влезат за време на војната, па затоа известувањето главно се базира на локални дописници.

„Тие беа цел додека престојуваа во шаторот, а не известуваа од фронтовската линија“, рече Моавад, оценувајќи дека израелската влада сака да го замолчи секој канал за известување од Газа.

Пред еден месец, Ал Џезира, Обединетите нации и Комитетот за заштита на новинарит предупредија дека животот на ал-Шариф е во опасност и побараа негова заштита.

Според извештаите, Ал-Шариф (28) на мрежата X, кратко пред неговата смрт, предупредил за интензивно бомбардирање во Газа.

Во нападот биле убиени вкупно седум лица.

Калас: Договорот за крај на војната во Украина мора да ги вклучи и Киев и ЕУ

Каја Калас, шефица за надворешна политика на ЕУ (фотоархива).
Каја Калас, шефица за надворешна политика на ЕУ (фотоархива).

Шефицата за надворешна политика на Европската Унија, Каја Калас во неделата порача дека секој договор меѓу Вашингтон и Москва за завршување на војната во Украина мора да ги вклучи и Киев и ЕУ.

„САД имаат моќ да ја принудат Русија сериозно да преговара. Секој договор меѓу САД и Русија мора да ги вклучи Украина и ЕУ, бидејќи тоа е прашање на безбедност за Украина и за цела Европа“, рече Калас.

Претседателите на САД и Русија, Доналд Трамп и Владимир Путин, треба да се сретнат во Алјаска следната недела во обид да ја прекинат војната во Украина. Европските лидери ги поздравија напорите на Трамп да се обиде да го реши 41-месечниот воен конфликт, но ја нагласија потребата да се изврши притисок врз Москва и да се обезбедат безбедносни гаранции за Киев.

Калас, исто така, најави дека ќе свика состанок на европските министри за надворешни работи во понеделник за да се разговара за следните чекори.

„Меѓународното право е јасно: Сите привремено окупирани територии ѝ припаѓаат на Украина“, рече Калас, повторувајќи ја својата поддршка за Украина, која се спротивстави на американските сугестии дека треба да отстапи територија на Русија.

Таа предупреди дека „договорот не смее да обезбеди појдовна точка за понатамошна руска агресија против Украина, трансатлантскиот сојуз и Европа“.

Нејзината изјава е одраз на заедничката изјава на европските сојузници на Киев во саботата, во која се вели дека мировните разговори со Русија мора да ја вклучат и Украина.

Во изјавата на лидерите на Велика Британија, Франција, Италија, Германија, Полска, Финска и Европската комисија се нагласува дека „само пристап што ги комбинира активната дипломатија, поддршката за Украина и притисокот врз Руската Федерација да ја прекине својата нелегална војна може да успее“.

Европските лидери, исто така, ветија дека ќе ја одржат својата „значителна воена и финансиска поддршка за Украина“, додавајќи дека „Украина има слобода да ја избере својата судбина“.

update

Едно лице убиено и неколку ранети во престрелка во Тетово, меѓу нив и малолетно девојче

Повреден е и пешак - случаен минувач.
Повреден е и пешак - случаен минувач.

Едно лице е убиено, а три лица се ранети во вооружена престрелка од возила во Тетово.

Меѓу ранетите лица е и едно малолетно девојче од Тетово на возраст од 12 години. Останатите двајца ранети се на 32 и 37 години.

Министерството за здравство соопшти сите се примени на клиники во Скопје.

„На КАРИЛ е примен 32-годишен пациент со прострелна рана во предел на граден кош, тешка телесна повреда. На Детска хирургија е применo 12-годишно дете со прострелна рана во предел на десна натколеница, а на Торакална хирургија е 37-годишен пациент со прострелна рана во предел на граден кош“, соопшти Министерство за здравство.

Дополнително, од сообраќајка настаната при престрелката повреден е и 60-годишен пешак кој бил случаен минувач. Тој е хоспитализиран на Клиниката за трауматологија.

Според првичните податоци од СВР Тетово престрелката се случила околу 12:30 часот на крстосницата од улиците „Илинденска“ и „Благоја Тоска“. Таа била помеѓу лица од две возила кои направиле и сообраќајна незгода.

По сообраќајката и престрелката, двете возила го напуштиле местото – едното се упатило кон улицата „113“, а другото во непознат правец.

За првиот автомобил очевидци кажале дека било марка „форд фиеста“ со тетовски регистрации, по што полицијата направила проверка и констатирала дека станува збор за одјавени таблички од истото возило во сопственост на 19-годишно лице тетовското село Гајре.

Второто возило, пак, било пронајдено на друга локација и во него било телото на убиеното лице.

„На крстосницата од улица ’Благоја Тоска‘ со улица ’107‘ било пронајдено патничко возило ’фолксваген голф‘ со тетовски регистарски таблички, сопственост на Ф.Р.(46) од Тетово. Во возилото пронајдено е едно починато лице со прострелни рани од огнено оружје“, соопшти СВР Тетово.

За овој кривичноправен настан е формиран истражен тим со кој раководи јавен обвинител од Тетово и увидна екипа од тетовската полиција.

Сè уште, како што информираат оттаму, се врши увид на местото на настанот.

МВР ќе го разреши началникот за претресот кај директорката на училиштето во Демир Хисар

Министерство за внатрешни работи (фотоархива).
Министерство за внатрешни работи (фотоархива).

Министерството за внатрешни работи соопшти дека ќе биде разрешен полицискиот началник во Демир Хисар поради непрофесионално однесување во случајот со претресот во домот на директорка на средното училиште „Крсте Петков Мисирков“ во Демир Хисар.

Станува збор за настан што предизвика лавина реакции во јавноста откако на социјалните мрежи се појави видео од претресот. Од видеото може да се забележи дека во домот на директорката присутна е и екипа на Брзата помош поради нејзината здравствена состојба додека началникот инсистира таа да дојде на информативен разговор во полицијата.

„По извршени проверки во врска со објавеното видео за време на претрес во Демир Хисар, Одделот за внатрешна контрола констатираше непрофесионално и неетично однесување на началник во ОВР Демир Хисар. За лицето е покрената дисциплинска постапка. Со цел целосна непристрасност и објективност на истрагата, наведениот началник ќе биде разрешен од функцијата“, соопштија од МВР додавајќи дека осудуваат секаков облик на насилство, незаконско и непрофесионално постапување.

За овој случај од Јавно обвинителство вчера (9 август) информираа дека полицијата барала да се издаде наредба за претрес на три локации – едната од нив била домот на директорката на училиште во Демир Хисар, додека другите две локации биле службените простории на училиштето и автомобилот на директорката.

Причините поради кои се барал претресот биле сомнежи за кривично дело „фалсификување и уништување деловни книги“.

Судот потоа го одобрил барањето за претрес. Меѓутоа, потенцираше обвинителството, не била издадена и наредба за распит на лице во овој случај.

„Законската процедура за обезбедување наредба за претрес на дом и други простории е во целост испочитувана. Спроведувањето на наредбата е во надлежност на полициските службеници. Основното јавно обвинителство Битола нема издадено наредба за приведување или итен распит на лице во конкретниот случај“, информираше Обвинителство.

Случајот предизвика и реакции од опозицијата. СДСМ обвини дека полицијата се злоупотребува за партиски цели, а по полицискиот началник го нарекоа „ударна тупаница на ВМРО-ДПМНЕ за заплашување на граѓаните и малтретирање пред избори“ алудирајќи на претстојните локални избори што треба да се одржат во октомври.

Талибанците истражуваат смртни закани кон авганистанските жени во ОН

Авганистански жени чекаат да добијат оброк доставен од хуманитарна група во Кабул, 23 мај 2023 г.
Авганистански жени чекаат да добијат оброк доставен од хуманитарна група во Кабул, 23 мај 2023 г.

Талибанците истражуваат смртни закани упатени до десетици авганистански жени кои работат за Обединетите нации, според извештај објавен на 10 август.

Во својот последен извештај за состојбата со човековите права во Авганистан, мисијата на ОН во земјата соопшти дека десетици национални службенички биле подложени на експлицитни закани со смрт во мај.

Заканите дошле од неидентификувани лица, а се во врска со нивната работа со Мисијата на ОН за помош во Авганистан, или УНАМА, и други агенции, фондови и програми „барајќи од ОН да спроведе привремени мерки за заштита на нивната безбедност“, се вели во извештајот.

Талибанците наводно ѝ одговориле на мисијата на ОН дека нивниот персонал не е одговорен за заканите. Истрагата на Министерството за внатрешни работи е во тек, се вели во извештајот.

Авганистанските власти, вклучително и Министерството за внатрешни работи, не одговорија веднаш на барањата за коментар за истрагата.

Талибанците им забранија на авганистанските жени да работат за домашни и странски невладини организации во декември 2022 година, а потоа се заканија дека ќе ги затворат агенциите и групите кои сè уште вработуваат жени.

Хуманитарните агенции тврдат дека Талибанците ги попречиле или се мешале во нивните операции, тврдење кое властите го негираат.

Извештајот на ОН е прва официјална потврда за закани со смрт упатени кон авганистанските жени кои работат во овој сектор.

Извештајот, исто така, ги истакнува и другите области што влијаат на личните слободи и безбедноста на жените.

Во Херат, инспекторите од Министерството за пороци и доблести почнаа да бараат од жените да носат чадор, облека што го покрива целото тело и главата. На десетици жени за кои се смета дека не се придржуваат кон прописите им е забрането да влегуваат на пазари или да користат јавен превоз. Неколку жени беа приведени додека роднините да им донесат чадор, се вели во извештајот.

Во Урузган, жените беа уапсени за носење шамија, хиџаб, наместо бурка.

На жените им беше забранет и пристап до јавни места. Во покраината Гор, полицијата принуди неколку семејства да напуштат рекреативна зона. Тие ги предупредија семејствата да не посетуваат отворени места за пикник со жени.

Во Херат, инспекторите од Министерството за пороци и доблести забранија семејни групи со жени и девојки да имаат пристап до отворена рекреативна зона, дозволувајќи пристап само на машки групи.

Никој од Министерството за пороци и доблести не беше веднаш достапен за коментар за инцидентите во Гор, Херат и Урузган, за кои ОН вели дека се случиле во мај.

Во Кандахар, Министерството за јавно здравје им нареди на здравствените работници да бидат придружувани на работа од машки „старатели“ со лични карти што докажуваат дека се во крвно или брачно сродство со жената.

По речиси четири години на власт во Авганистан, владата на Талибанците ја наметна својата исклучително строга визија за исламот, забранувајќи многу активности за жените, што доведе до тоа ОН да го осуди ова како „родов апартхејд“.

Вчитај повеќе

XS
SM
MD
LG