Достапни линкови

Вести

Западни министри за надворешни работи во Молдавија во знак на поддршка

Архивска фотографија, молдавскиот министер за надворешни работи Михаи Попсои
Архивска фотографија, молдавскиот министер за надворешни работи Михаи Попсои

Молдавија потпиша меморандум за разбирање со група западни земји за да се спротивстави на руските хибридни напади само неколку дена пред клучните избори кои би можеле да го зацврстат патот на Кишињев кон евроатланската интеграција и да ја одврзат поранешната советска република од повеќедецениското влијание на Москва.

Договорот во Кишињев на 15 октомври го потпишаа молдавскиот министер за надворешни работи Михаи Попсои и министрите за надворешни работи на осумте членки на нордиско-балтичкиот формат и тоа Данска, Финска, Естонија, Исланд, Латвија, Литванија, Норвешка и Шведска.

Оваа посета доаѓа само неколку дена откако претседателката на Комисијата на ЕУ Урсула фон дер Лајен отпатува за Кишињев за да ја изрази својата поддршка за европскиот пат на Молдавија.

Според заменикот премиер и министер Попсои, меморандумот има за цел да ги зајакне институционалните способности на Молдавија соочени со сè поагресивната руска кампања за дезинформации.

Прозападната претседателка Маја Санду се кандидира за втор мандат на изборите на 20 октомври, кои се одржуваат истовремено со референдум на кој треба да се одлучи дали Молдавците сакаат нивната земја да продолжи со интеграцијата во Европската унија.

Под водство на Санду, образовувана во САД, која го порази актуелниот претседател поддржан од Русија во 2020 година, Молдавија, земја од 2,5 милиони жители заглавена меѓу Украина и членката на ЕУ и НАТО, Романија, направи радикален пресврт кон Западот и покрај непрестајните обиди на Русија да ја дестабилизираат владата на Санду.

И покрај тоа што сè уште има руски војници на територијата на нејзиниот отцепен регион Трансдњестар, Молдавија застана на страната на Украина по неиспровоцираната инвазија на Русија и ја отвори својата граница за десетици илјади украински бегалци.

Една од најсиромашните европски земји, Молдавија го обезбеди статусот кандидат за ЕУ во 2022 година и ги отвори пристапните преговори со блокот на почетокот на оваа година.

Попсои им рече на дипломатите во посета дека нивното присуство во Кишињев испраќа „политичка порака“ и претставува „јасен знак за поддршка за европските аспирации“ на Молдавија.

Посетата на нордиските министри доаѓа откако Фон дер Лајен на 10 октомври го претстави планот за економска поддршка за Молдавија во Кишињев во вредност од 1,8 милијарди евра во следните три години.

На 15 октомври, Парламентарното собрание на Организацијата за безбедност и соработка во Европа (ОБСЕ) соопшти дека 40-члена делегација набљудувачи од ОБСЕ и набљудувачи од Канцеларијата за демократски институции и човекови права (ОДИХР) ќе го надгледуваат двојно гласање во Молдавија.

види ги сите денешни вести

Трка со возила кај Сити мол, Безбеден град чека измени на закони

Илустрација
Илустрација

Трка на автомобили заврши со сообраќајна несреќа која се случи доцна синоќа на булеварот Партизански Одреди, близу Сити мол. Според МВР настанот се случил во 25 минути кога неколку автомобили излетале од коловозот, покосиле неколку метални столбови и завршиле на тротоарите. Има повредени.

„Се случила сообраќајна несреќа помеѓу патничко возило „Рено каптур“ управувано до Д.И. (20) од Скопје и патничко возило марка „Ауди А-5“ управувано од Е.С. (20) исто така од Скопје. Во несреќата со телесни повреди се здобиле Е.С. како и неговите двајца сопатници А.И. (26) и Е.Б. (21) а констатирани во Комплекс клиники „Мајка Тереза“ и тие сите се пуштени на домашно лекување. Увид е извршен од увидна екипа при СВР Скопје а причинета е материјална штета од околу 200.000 денари“, се вели во соопштението од МВР.

Претходниот ден пак загина 17 годишно момче од Кичево кое со моторцикл „Хамачи“ се судрил со автомобил „Ауди“ управуван од 22 годишниот А.Е. од кичевското село Стрелци. Несреќата се случила на пресекот на улиците „Борис Кидриќ“ и „Мирко Милески“, а момчето им подлегнало на повредите на пат кон Клиничкиот центар „Мајка Тереза“ во Скопје.

Од друга страна безбедносниот систем Безбеден град, и камерите поставени на патиштата низ државата се уште не функционираат. Денеска министерот за внатрешни работи Панче Тошковски повтори дека кога ќе бидат ставени во функција зависи од измена на повеќе закони меѓу кои и кривичниот.

„За да можеме да го ставиме во функција системот Безбеден град треба да смениме отприлика шест-седум закони, отпочната е постапка за секој од овие, но не само закони директно поврзани со имплементацијата на системот, туку и закони кои треба да направат суштинска разлика и раздвојување на безредието од претходно со она што треба да го имплементираме како нормален ред и поредок“, изјави министерот за внатрешни работи Панче Тошковски.

Инаку Безбеден град треба да стартува од 1 јануари 2026 година најави поригорозни мерки за прекршоци во сообраќајот, меѓу кои и со конфискација на возило.

Според Тошковски во земјите каде овој систем е имлементиран има видливи резултати и најави дека ќе има и во државава.

Додаде дека во однос на вкупната сума за „Безбеден град“ нема информации, но забалежа дека „е сигурно многу“. -И затоа греота е што досега не бил ставен во функција така како што требало, жално е, но ние ќе го ставиме во функција и граѓаните конечно ќе го видат бенефитот затоа што потенцијал има огромен, подвлече Тошковски.

Во отчетот министерот Тошковски рече дека се уште не е задоволен од фактичката состојба во сообраќајот.

„Има напредок, има намалување на тешките несреќи и бројот на повреди, но се уште премногу луѓе гинат на улиците. Ова е едно од најважните работи на кои работиме, порача министерот за внатрешни работги Тошковски.

Инаку неколку сообраќајни незгодисо жртви кои се случија во последнава година во главниот град Скопје, ја вознемирија јавноста. Последен е случајоит кога повозрасен маж беше прегазен и загина откако во него удри мотор управуван од возач кој избега од местотот на несреќата коај се случи во обележана пешачка зона пред зградата на жртвата. За возачот откако е пронајден истрагата е започната, судот му одреди домашен притвор на кој се жали обвинителството.


Трамп навестува нови санкции кон Русија додека нападите врз Украина продолжуваат

Претседателот на САД, Доналд Трамп, разговара со претставници на медиумите во авионот „Ер Форс Уан“ на пат кон Њу Џерси
Претседателот на САД, Доналд Трамп, разговара со претставници на медиумите во авионот „Ер Форс Уан“ на пат кон Њу Џерси

Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека неговиот руски колега Владимир Путин разбира дека „можеби ќе дојдат повеќе санкции“, бидејќи Москва продолжува да го отфрла притисокот на Вашингтон за прекин на огнот во Украина.

Зборувајќи во „Ер Форс Уан“ на 4 јули, Трамп рече: „Знаете, многу зборуваме за санкции и тој разбира дека можеби ќе дојдат“.

Забелешките на Трамп се надополнија со неговиот претходен коментар дека бил „разочаран“ од телефонскиот разговор со Путин на 3 јули.

„Тој сака да оди до крај, само да продолжи да убива луѓе, тоа не е добро“, рече тој, додавајќи дека е „многу незадоволен“ од лидерот на Кремљ.

Часови претходно, Трамп имаше телефонски повик со Володимир Зеленски, кој украинскиот претседател го опиша како „многу важен и корисен разговор“.

Зеленски постојано ги повикуваше Соединетите Држави да воведат поголеми санкции врз Русија за да ја принудат Москва на преговарачка маса.

Откако ја презеде функцијата, Трамп не воведе никакви нови санкции врз Русија. Неговата администрација, исто така, го олабави спроведувањето, велат експертите. Трамп возврати дека воведувањето санкции врз Русија ќе им наштети на мировните преговори.

Трамп, исто така, потврди дека тој и Зеленски разговарале за воздушната одбрана, клучно прашање во Украина, бидејќи Русија масовно го засили своето воздушно бомбардирање на Киев и други градови оваа година.

Двајцата разговараа по огромниот напад со беспилотни летала и ракети, за кој Киев рече дека е најголемиот во војната досега. Нивниот разговор следеше и по неодамнешната одлука на САД да ги запре испораките на оружје за Украина, што вклучува ракети за воздушна одбрана „Патриот“, според извештаите на американските медиуми.

„Ракетениот систем „Патриот“ е апсолутно вреден, а одземањето на него е огромен проблем за Украина“, изјави американскиот аналитичар Кервин Окоин за украинската служба на РСЕ/РЛ.

„Отстранувањето на оваа помош од страна на САД за Украина ги охрабри Русите, го охрабри Владимир Путин да нападне повеќе области во Украина“, додаде Окоин, кој порано беше разузнавачки аналитичар во американската војска.

Зеленски посочи дека го покренал ова прашање со Трамп.

„Разговаравме за можностите за воздушна одбрана и се согласивме дека ќе работиме на зголемување на заштитата на небото“.

Тој додаде дека се договориле за „соодветен состанок на нашите тимови“.

Исто така, на 4 јули, Трамп разговараше за ракетите „Патриот“ во телефонски разговор со германскиот канцелар Фридрих Мерц, еден од низата разговори што ги имаше со западните лидери на Денот на независноста на САД.

Берлин ја покрена можноста дека ќе купи „Патриот“ од Вашингтон, а потоа ќе му ги достави на Киев.

Во меѓувреме, имаше извештаи за жртви додека борбите продолжуваа во различни региони на Украина.

Три лица загинаа, а 30 се повредени во текот на 24 часа како резултат на руските напади врз регионите Донецк, Харков и Херсон, според податоците од регионалните воени администрации.

Меѓу повредените има 10-годишно момче и 14-годишно девојче.

„Објектите на цивилната инфраструктура беа оштетени и уништени: во областа Купјански беа оштетени две станбени згради, училиште, две приватни куќи и продавница; во областа Чугуив беа оштетени студентски дом, бензинска пумпа, 10 автомобили, поштенска инфраструктура и нефункционална зграда“, се вели во официјалното соопштение.

Украинските воздухопловни сили објавија дека преку ноќ Русија лансирала 322 дронови кон Украина.

Во Русија, службениците во регионите Воронеж и Саратов објавија напади со украински дронови. Руското Министерство за одбрана објави дека 94 украински дронови наводно биле соборени преку ноќ во повеќе региони.

Нема извештаи за жртви.

Украина соопшти дека нејзините специјални сили го нападнале воздушниот полигон Борисоглебск во рускиот регион Воронеж.

„Складиште со наведувани бомби, авион за борбена обука и веројатно други авиони беа погодени. Резултатите од ударот се разјаснуваат“, соопшти украинскиот Генералштаб. Додаде дека нападот имал за цел да ја намали способноста на Русија да бомбардира Украина.

Тврдењата за бојното поле од двете страни не можеа да се потврдат.



Османи: За тајно гласање за избор на претседател на парламентот, потребна е согласност од пратениците

Претседателката на Косово, Вјоса Османи
Претседателката на Косово, Вјоса Османи

Претседателката на Косово, Вјоса Османи, денеска (4 јули) изјави дека тајно гласање за избор на претседател на парламентот е дозволено, но оти мора да постои согласност меѓу пратениците за таква процедура.

„Заклучокот на мојот правен тим, со кој се согласувам, е дека тајното гласање не е исклучено како можност. Сепак, за тоа е потребен консензус од пратениците. Тоа значи дека мора да постои одлука пред да се пристапи кон таков начин на гласање“, рече Османи по церемонијата на положување заклетва на 18 нови кадети на Косовските безбедносни сили.

Таа предупреди дека „ќе има последици“ доколку Собранието на Косово не биде конституирано во рокот што го определил Уставниот суд.

Уставниот суд во одлуката објавена на 26 јуни наведе дека Собранието мора да биде конституирано во рок од 30 дена, најдоцна до 26 јули.

Османи претходните денови одржа консултации со политичките партии во врска со блокадата на парламентот, а денеска изјави дека главните политички партии и понатаму имаат дијаметрално спротивни ставови за начинот на избор на претседател на Собранието на Косово.

„Мислам дека блокадата околу начинот на гласање е навистина многу нерационална“, рече Османи.

Таа ги повика лидерите на политичките партии до крајот на јули да најдат решение за блокадата во врска со конституирањето на новиот состав на Собранието на Косово.

Собранието на Косово не беше конституирано ниту по 41-от обид на 3 јули, бидејќи пратениците на неколку парламентарни партии не сакаа да го поддржат предлогот за тајно гласање за избор на претседател на тоа тело.

Инаку движењето „Самоопределување“ победи на парламентарните избори во Косово во февруари, но без конституирање на Собранието, процесот на формирање нова Влада не може да започне.

Мицкоски: Демографската рецесија е алармантна, размислуваме за дополнителни даноци за немажени и неженети

илустрација
илустрација

Владата размислува за воведување дополнителни даноци за немажени и неженети, изјави денеска(4 јули)премиерот Христијан Мицкоски во неговото обраќање на настанот „Демографски трендови, предизвици и можни решенија“.

„Секоја мерка, секоја инвестиција, секоја политика што ја носиме – е со цел да ја вратиме вербата. И тука сериозно размислуваме за дополнителни даноци за немажени и неженети“, рече Мицкоски зборувајќи за демографската рецесија во земјава за која рече дека е алармантна.

Тој нагласи дека ова не е проблем само на Македонија, туку предизвик со кој се соочуваат и држави како Германија, Италија, Бугарија, Јапонија и Јужна Кореја, каде што се раѓаат се помалку деца, населението старее, а младите се сè почесто во потрага по подобар живот надвор од границите.

„Во последните четири години, изгубивме повеќе од 33000 жители, како да исчезна еден град од големина на Кавадарци или Кичево. Стапката на наталитет падна од 12,5 процентни промили во 2010 година на само 8,8 во 2024 година“, истакна премиерот.

Тој истакна дека во многу општини и села веќе нема ниту прво одделение, сè повеќе луѓе живеат сами, сè помалку стапуваат во брак, сè помалку деца се раѓаат. Додаде дека во 2024 година се родиле 16061 деца, а починале 20201 лица и напомена дека тоа е природен пад од 4140 луѓе за само една година.

Премиерот нагласи дека целта е како што рече, да се направи животот вреден, мајчинството благослов, а не товар, но и да им се дадат причини на младите да останат во земјава.

Северна Македонија имаше и Стратегија за демографска политика 2015-2024 година. И таму беа набројани семејни политики, миграциски политики и политики за активно стареење, како подрачја каде треба да се дејствува за да се подобрат демографските трендови.

Во меѓувреме, статистичките податоци покажуваат дека бројот на новородени бебиња секоја година е сѐ помал, а бројот на тие кои се иселуваат е сѐ поголем.

Од 2008 година, Владата на поранешниот премиер Никола Груевски преку серија законски измени почна да спроведува политики за зголемување на наталитетот. Неколку години во земјава, додека на власт беше ВМРО-ДПМНЕ, имаше додаток за трето дете.

Со доаѓањето на СДСМ на власт оваа мерка беше укината, оти како што велеа, не дала резултат за да се зголеми наталитетот. Наместо тоа, беше овозможен родителски додаток за трето дете.

Обвинение за директорот на Геријатрија за поткуп од 20.000 евра

Јавно обвинителство на РСМ
Јавно обвинителство на РСМ

Обвинител од Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција поднесе обвинение против две лица за кривични дела поврзани со корупција, информираат од Обвинителството.

Првообвинет во случајот е директорот на ЈЗУ „13-ти Ноември“ – Скопје, кој се товари за кривично дело примање поткуп, додека второобвинетото лице се товари за примање награда за противзаконито влијание.

Според обвинението, директорот побарал поголема сума пари од сведок – давател на доживотна издршка, за да овозможи болнички прием на лице во тешка здравствена состојба. Иако се работело за службено дејствие што морал да го изврши, тој го условил со лична корист.

Второобвинетиот ја примил договорената сума во негово име, со цел да изврши влијание и да го поттикне директорот да ја исполни својата обврска.

При примање на дел од договорените 20 000 евра, второобвинетиот бил фатен на лице место од страна на полицијата.

Обвинителството заедно со обвинителниот акт поднесе и посебен предлог за продолжување на притворот за двајцата обвинети, со образложение дека не постојат услови за поблага мерка.

Хамас соопшти дека одржува консултации околу предлогот за примирје во Газа

Појас Газа (илустрација)
Појас Газа (илустрација)

Хамас, организација која САД и ЕУ ја прогласија за терористичка, соопшти дека денеска (4 јули) одржува консултации со други палестински движења околу предлогот за примирје во војната со Израел, што е можен знак дека се подготвува за преговори за прекин на огнот во Газа.

Изјавата дојде пред посетата на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху на Вашингтон во понеделник (7 јули), во период кога претседателот Доналд Трамп се залага за завршување на војната.

Конфликтот во Газа започна со невидениот напад на Хамас врз Израел на 7 октомври 2023 година, што предизвика масовна израелска офанзива насочена кон уништување на Хамас и враќање дома на сите заложници заробени од милитантите.

Два претходни прекини на огнот, посредувани од Катар, Египет и САД, доведоа до привремен прекин на борбите, заедно со враќање на израелските заложници во замена за палестински затвореници.

„Движењето спроведува консултации со лидерите на палестинските сили и фракции во врска со предлогот добиен од медијаторите“, се вели во соопштението на Хамас рано утрово на 4 јули.

Неколку часа претходно, Нетанјаху вети дека ќе ги врати дома сите заложници што ги држат милитантите во Газа, откако се најде под огромен домашен притисок, вклучително и од најблиските на заложниците, за нивната судбина.

„Чувствувам длабока посветеност, пред сè, за да обезбедам враќање на сите наши киднапирани, на сите нив“, им рече Нетанјаху на жителите на кибуцот Нир Оз, заедницата во која беа заробени најмногу заложници во нападот на Хамас во 2023 година.

Трамп во четвртокот изјави дека сака „безбедност“ за луѓето во Газа, додека се подготвува да го угости својот сојузник.

„Сакам да видам безбедност за луѓето од Газа. Тие поминаа низ пекол“, рече тој.

Палестински извор запознаен со преговорите за АФП претходно оваа недела изјави дека нема фундаментални промени во новиот предлог што се дискутира во споредба со претходните услови презентирани од САД.

Изворот рече дека новиот предлог „вклучува 60-дневно примирје, во текот на кое Хамас би ослободил половина од живите израелски заробеници во Појасот Газа, во замена за ослободување од на голем број палестински затвореници и притвореници од страна на Израел“.

Порано неделава, највисокиот израелски дипломат Гидеон Саар изјави дека секоја шанса за ослободување на заложниците „не смее да се пропушти“, откако Трамп го повика Хамас да се согласи на 60-дневен прекин на огнот, за кој рече дека има поддршка од Израел.

Војната која трае речиси 21 месец и се уште трае создаде ужасни хуманитарни услови за повеќе од два милиони луѓе во Појасот Газа, каде што Израел неодамна ги прошири своите воени операции против милитантите на Хамас.

Од 251 заложник киднапиран од палестинските милитанти за време на нападот на 7 октомври, 49 сè уште се во Газа, вклучувајќи 27 за кои израелската војска вели дека се мртви.

Во петокот, агенцијата за цивилна заштита на Газа соопшти дека во израелските напади извршени преку ноќ загинале најмалку 15 лица.

Претставникот на цивилната одбрана Мохамед ал-Мугајир за АФП изјави дека седум лица, меѓу кои и едно дете, се убиени во израелски воздушен напад врз шаторите на раселените лица во близина на градот Кан Јунис во јужниот дел на Газа. Мугајир рече дека уште осум лица се убиени во два други напади врз шаторски кампови на брегот на Кан Јунис, вклучувајќи го и оној во кој загинаа две деца рано наутро во петокот.

Израел ја започна својата офанзива во Газа како одговор на нападите од 7 октомври 2023 година, во кои загинаа 1219 лица, претежно цивили, според пресметката на АФП врз основа на израелски официјални бројки.

Во одмаздничката воена кампања на Израел загинаа најмалку 57130 луѓе во Газа, претежно цивили, според Министерството за здравство на територијата управувана од Хамас.

Обединетите Нации ги сметаат овие бројки за веродостојни.

update

Петти ден блокади низ цела Србија, приведени неколку студенти и демонстранти

Протестни блокади на раскрсници во Белград, Србија, 4 јули 2025 година
Протестни блокади на раскрсници во Белград, Србија, 4 јули 2025 година

Полицијата со опрема против демонстрациите ги отстранува блокадите на патиштата на протестите низ цела Србија, а репортерите на Радио Слободна Европа (РСЕ) исто така јавуваат за првите апсења.

Неколку учесници во блокадата беа приведени во центарот на Белград, а апсења беа регистрирани и во Нов Белград во близина на Факултетот за драмски уметности.

На раскрсницата во центарот на градот, полицијата привела и малолетник од Математичката гимназија, објави репортер на РСЕ.

Студентите и граѓаните почнаа да се собираат рано наутро на 4 јули во Белград, Нови Сад, Ниш и други градови каде што поставија контејнери и други пречки на улиците.

Студентите во блокада ден претходно повикаа на „тотална блокада на Србија поради полициска бруталност“.

Повикот следеше по полициските акции за време на кои речиси 80 студенти и антивладини демонстранти беа уапсени во неколку градови во ноќта помеѓу 2 и 3 јули.

Граѓаните и студентите кои од седум часот наутро ја блокираа раскрсницата кај Правниот факултет во центарот на Белград, се засолнаа од патот кога пристигнаа полициските кордони.

Демонстрантите се повлекоа сами на околните тротоари, и немаше инциденти.

Откако полицијата дошла и ги отстранила металните огради и контејнерите од коловозот, граѓаните се преместиле на друга локација и продолжиле со блокадата, информира репортерот на Радио Слободна Европа (РСЕ).

Слично нешто се случува и во други делови од Белград, каде што демонстрантите поставуваат контејнери на улиците, а потоа силни полициски сили ги отстрануваат блокадите.

Голем број полицајци во полна опрема се присутни на Плоштадот на Републиката за да ги растурат демонстрациите. Исто така, има пет полициски возила, јавува репортерот на РСЕ.

Студентите на Факултетот за драмски уметности објавија на Инстаграм дека нивниот колега е уапсен пред тој факултет во Нов Белград.

Неколку раскрсници се блокирани во Земун.

Според репортерот на РСЕ, имало мали вербални конфликти меѓу собраните демонстранти и граѓаните кои се спротивставуваат на блокадите, но немало поголеми инциденти.

Протестните блокади на патиштата започнаа утрово и во Нови Сад и Ниш.

Во овие градови се присутни и силни полициски сили, кои ги следат демонстрантите и ги отстрануваат блокадите.

Студентите во блокадата, нивните професори, опозицијата и дел од јавноста ја обвинија полицијата за прекумерна употреба на сила при кршењето на блокадите барајќи предвремени избори.

Министерството за внатрешни работи „ги предупреди сите оние кои имаат намера да организираат нелегални блокади дека полицијата, во согласност со законот и своите должности и овластувања, дека ќе ги преземе сите потребни мерки за заштита на јавниот ред и мир“.

Во соопштението објавено навечер на 3 јули, се наведува дека „против сите што ќе го прекршат законот ќе бидат поднесени кривични и прекршочни пријави“.

Блокадите на протестите во градовите низ Србија започнаа откако студентите повикаа на граѓанска непослушност по протестите во Белград на 28 јуни.

Мнозинството студенти побараа предвремени избори во мај, откако организираа големи демонстрации и блокади на факултетите низ целата земја, барајќи одговорност од властите за смртта на 16 лица при падот на настрешницата на железничката станица во Нови Сад на 1 ноември.

Русија истрела 539 дронови и 11 балистички и крстосувачки ракети кон Украина

UKRAINE -- Consequences of the Russian attack on Kyiv. July 4, 2025
UKRAINE -- Consequences of the Russian attack on Kyiv. July 4, 2025

Русија истрелала рекордни 539 дронови и 11 балистички и крстосувачки ракети кон Украина во текот на ноќта, соопштија денеска (4 јули) украинските воздухопловни сили.

Украинската војска соопшти дека нејзините единици за воздушна одбрана собориле вкупно 270 руски дронови во текот на ноќта.

Други 208 руски дронови биле или пренасочени со електронско војување или биле симулатори на дронови без боеви глави.

Украинскиот министер за надворешни работи Андриј Сибиха, во објава на „Х“ нагласи дека на Москва мора да ѝ се наметнат најстрогите санкции без одлагање.

„Доста е чекање! Путин јасно го покажува своето целосно непочитување кон САД и сите што повикаа на крај на војната. На Москва мора да ѝ се наметнат најстрогите санкции без одлагање. На Украина мора да ѝ се обезбедат сите потребни средства за да се одбрани. Погрешните одлуки можат само да го охрабрат агресорот да го ескалира теророт. Секој криминален режим во светот сега внимателно ги следи постапките и одговорите на Путин на нив. Ако се извлече со сето ова, сите ќе добијат многу јасна порака. Престанете да чекате мир. Дејствувајте за да постигнете мир. Мир преку сила“, напиша Сибиха на платформата „Х“.

Во меѓувреме рускиот претседател Владимир Путин му рекол на американскиот претседател Доналд Трамп, во телефонски разговор, дека Москва нема да се откаже од своите цели во Украина, додека последната надеж за прекин на огнот во војната што трае повеќе од 40 месеци се распаѓа.

Русија има за цел да ја освои Украина и повторно да ја стави независната држава под своја контрола. Таа ја почна инвазијата врз Украина на 24 февруари 2022 година.

Стартува системот One Stop на граничниот премин со Србија

Граничен премин Табановце
Граничен премин Табановце

На граничниот премин со Србија „Табановце-Прешево“ денеска (4 јули) ќе биде пуштен во употреба системот One Stop за заедничка интегрирана контрола.

На официјалниот старт на One Stop системот ќе присуствуваат министрите за внатрешни работи на Македонија и на Србија, Панче Тошковски и Ивица Дачиќ.

Воведувањето на овој систем, како што изјави неодамна министерот Тошковски, ќе овозможи многу побрз проток на граѓани на „Табановце-Прешево“, кој моментално е најфреквентниот граничен премин во државава.

Новиот начин на контрола треба да го олесни метежот на границите, особено во летниот период на зголемени патувања.

One Stop системот веќе е воспоставен со Косово на премините Блаце и Јажинце, а во тек се разговори и со Албанија за воведување на два гранични премина, додека со Бугарија и Грција, како членки на ЕУ и на Шенген-зоната, ќе има само организациски подобрувања.

Путин му кажал на Трамп дека нема да се откаже од целите во Украина, соопшти Кремљ

Американскиот претседател Доналд Трамп и оретседателот на Русија Владимир Путин
Американскиот претседател Доналд Трамп и оретседателот на Русија Владимир Путин

Рускиот претседател Владимир Путин му рекол на американскиот претседател Доналд Трамп, во телефонски разговор, дека Москва нема да се откаже од своите цели во Украина, додека последната надеж за прекин на огнот во војната што трае повеќе од 40 месеци се распаѓа.

Путин му рекол на Трамп дека „Русија ќе ги оствари своите цели“ во Украина и дека „нема да се откаже“ од нив, според советникот на Кремљ, Јуриј Ушаков, кој зборуваше со новинарите по разговорот на 3 јули. Русија има за цел да ја освои Украина и повторно да ја стави независната држава под своја контрола.

Разговорот, кој траел околу еден час, бил шестиот меѓу двајцата лидери откако Трамп ја презеде функцијата на 20 јануари. Белата куќа сè уште нема дадено коментар за разговорот.

Трамп ја постави како врвен приоритет во надворешната политика ставањето крај на војната во Украина, започнувајќи интензивна дипломатска офанзива со Киев и Москва само неколку недели по преземањето на претседателската функција.

Сепак, напорите, кои вклучуваа и барање за 30-дневен прекин на огнот, пропаднаа поради непопустливоста на Кремљ.

Путин верува дека ја добива војната и затоа во моментов има мала мотивација за преговори, велат експерти. Руските сили продолжуваат со напредокот на бојното поле во источна Украина, иако по цена на огромни човечки жртви и материјални трошоци.

Во нивното најзначајно напредување оваа година, руските сили минатиот месец ги здружија територијалните добивки со најжестоките воздушни напади од почетокот на војната на 24 февруари 2022 година.

Украина повторно апелираше до Западот, особено до Соединетите Држави, да испрати повеќе оружје и да воведе построги санкции против Русија, со цел да се принуди Москва да седне на преговарачка маса.

Откако ја презеде функцијата, Трамп нема одобрено ниту една нова испорака на оружје за Украина, ниту пак вовел нови санкции против Русија. Тој возврати дека воведувањето санкции би ги попречило мировните преговори.

Претходно оваа недела, портпаролката на Белата куќа, Ана Кели, изјави дека САД запираат дел од воената помош одобрена од претходниот претседател Џо Бајден, бидејќи земјата има намалени резерви.

Ушаков тврдеше дека ова прашање не било спомнато за време на повикот меѓу Трамп и Путин. Тој додаде дека Путин му рекол на Трамп дека Русија сè уште е заинтересирана за „преговарачко решение“ за војната.

Оваа година, руски и украински претставници се сретнаа за првпат од почетокот на војната, но постигнале мал напредок, бидејќи двете страни сè уште се далеку една од друга во ставовите.

Кремљ бара Украина да се откаже од дел од својата територија, да се демилитаризира и да се одрече од аспирациите за членство во НАТО — барања што ги надминуваат украинските „црвени линии“.

Експертите велат дека Путин продолжува да ја истакнува својата подготвеност за мировни преговори со цел да му угоди на Трамп, кој вложил многу во обидите да постигне договор.

Вчитај повеќе

XS
SM
MD
LG