Достапни линкови

Е-услуги кои завршуваат на шалтер


Илустративна фотографија - Северна Македонија и натаму заостанува во дигитализацијата на јавните услуги.
Илустративна фотографија - Северна Македонија и натаму заостанува во дигитализацијата на јавните услуги.

Иако националниот портал за е-услуги нуди над 300 дигитални услуги, искуствата на граѓаните и натаму покажуваат дека патот до документите често вклучува многу чекање, двојни процедури и враќање на шалтерите. Проблем е и ниската дигитална писменост во администрацијата, но и на населението, покажуваат истражувањата на невладиниот сектор.

„Убаво е што на националниот портал uslugi.gov.mk има опција да се извадат многу документи електронски, но сепак сè уште не е едноставно за тоа да го направи секој граѓанин. Има и упатство како да се добијат услугите, но е напишано нејасно на стотици страници“, вели Весна А. од Скопје.

Нејзината „мака“ го отсликува искуството на многу граѓани на порталот што треба да ја намали бирократијата и да го замени чекањето на шалтери, велејќи дека процедурите иако се онлајн, сè уште бараат многу трпение и повисока техничка подготвеност.

Властите со години ветуваат дека дигиталните услуги ќе бидат лесно достапни за сите, но бројките и искуствата покажуваат дека Северна Македонија е далеку од европските стандарди за е-администрација.

Националниот портал за е-услуги „www.uslugi.gov.mk“ моментално нуди над 300 електронски услуги, од кои повеќе од 200 се целосно дигитализирани без потреба од физичко присуство, велат за РСЕ од Министерството за дигитална трансформација.

Порталот има над 176 илјади регистрирани корисници, според институцијата, со раст од 50 проценти секој месец.

„Најчесто користени се уверенијата за неосудуваност, државјанство и жителство“, се вели во одговорот за РСЕ.

Но, граѓаните споделуваат поинакви искуства. Илија Б. од Скопје за РСЕ раскажа дека со неговата сопруга деновиве поднеле две барања за извод од матична книга на родени и извод од матична книга на венчани по електронски пат преку порталот е-услуги.

Платиле со картичка, а платформата во моментот на аплицирање како единствен начин на доставување нудела достава на документите преку пошта.

Дигитално, но со шалтерски навики

По еден месец изводите сè уште не им се доставени, поради што аплицирале повторно преку истата платформа за нови два изводи кои повторно ги платиле, но со можност за подигање во институцијата.

„Истите се издадени во рок од 7 дена. При подигањето се констатираа грешки во податоците и повторно се изработуваа нови изводи. На порталот стои дека се поднесени две апликации за документите. За истите документи за сопругата не може да се пристапи до апликацијата на ниеден начин. На многуте обиди да се јавиме на телефонскиот број кој е наведен на порталот за контакт не се јавува никој“, вели Илија.

Од Министерството за дигитална трансформација потврдуваат дека има проблеми во однос на испораката на документи преку Пошта на Македонија.

„Постојат доцнења и случаи на недоставени пратки поради недостиг на вработени. Како алтернатива, граѓаните можат да изберат лично подигање или испорака по е-пошта“, велат од Министерството.

Од институцијата додаваат дека и покрај законските обврски, дел од институциите и особено приватниот сектор сè уште не ги прифаќаат електронските документи како целосно валидни, барајќи и хартиена копија „за секој случај“.

Министерството најавува инспекциски надзор и едукација на институциите за целосно спроведување на законот.

Далеку од „еден клик“ до документ

Но, дека е потребно подобрување на дигиталните услуги доволно говори и ситуацијата во која се најдоа граѓанските иницијативи кои на претходните избори добија советнички места во скопските општини, а сега се соочуваат со законски нејаснотии коишто ги принудуваат да формираат политички партии за да учествуваат повторно на избори.

За тоа им се потребни 1.000 потписи од граѓани, а секој потписник мора да приложи изјава заверена на нотар и електронски извадено државјанство. Искуството покажува дека токму дигиталниот дел од постапката е често пречка.

Горјан Јовановски од граѓанската иницијатива Зелен Хуман Град која собира потписи за партија, ни кажа дека луѓето кои сакаат да им дадат потпис, а никогаш не користеле електронски услуги, мора лично да одат до УЈП за да ја активираат својота сметка, иако како што вели, тоа денес на многу сервиси се прави онлајн со лична карта и фотографија.

„Ова денес на многу сервиси (дури и ПроКредит банка) се прави дигитално со лична карта и слика, и треба веднаш истата технологија да се примени и онлајн“, вели Јовановски.

Второ, додава тој, е што се мешаат корисничките сметки на УЈП и е-Услуги, што прави забуна кај луѓето, и според него тие треба да се унифицираат под една сметка.

Ситуацијата на е-Услуги е сè уште комлицирана, а треба да биде лесна и едноставна, додава Јовановски.

Може на порталот да се активира сметка за граѓаните да добиваат лични документи, но за тоа постои основно и ниско ниво на безбедност.

Основно значи дека граѓаните можат да се регистрираат со корисничко име и лозинка, но на тој начин системот не може да верифицира дека навистина се регистрирал тој корисник и потребно e корисникот на оди на шалтер во УЈП со лична карта за да му биде потврден идентитетот. Со тоа се зголемува нивото на неговата корисничка сметка и потоа тој може да вади посензитивни документи. Но, наместо да се оди на шалтер, постојат начини за дигитална верификација онлајн, вели Јовановски.

Втората работа, е ако некој веќе има корисничка сметка на УЈП, што доста граѓани имаат поради скенирањето на фискални сметки, тогаш постои опција корисникот со таа сметка да се најави на порталот и да симнува документи. Но и тоа е збунувачки, бидејќи при регистрацијата теба корисникот да одбере опција дека веќе има отворено сметка на УЈП, а многу луѓе не знаат што значи таа опција и не ја одбираат, посочува Јовановски.

Графички приказ за усогласување на личниот профил од УЈП со личниот профил на e-uslugi.mk
Графички приказ за усогласување на личниот профил од УЈП со личниот профил на e-uslugi.mk

„Конечно, кога корисникот плаќа за некоја услуга на www.uslugi.gov.mk, на крајот се соочуваат да одбере банка - изборот е Уни Банка и Комерцијална Банка. Тука многу луѓе доаѓаат во зaбуна, бидејќи ја нема нивната банка како опција за избор и поради тоа се откажуваат од вадење на документите, а всушност изборот меѓу овие две банки е која да го испроцесира плаќањето, што е направено непотребно“, вели Јовановски.

Години ветувања, мал напредок

Сите овие примери и искуства покажуваат дека Северна Македонија и натаму доста заостанува во дигитализацијата на јавните услуги.

Земјата беше на претпоследното место во Европа – пред Албанија, а на дното на индексите за е-Влада на Европската комисија за 2021 и 2022 година.

Така е бидејќи практиката покажува дека граѓаните и натаму многу од документите во пракса ги добиваат со физичко присуство, употреба на хартија и чекање на шалтери.

Дополнителни проблеми во кои треба да се вложува се ниската дигитална писменост во администрацијата, но и на населението, покажуваат истражувањата на невладиниот сектор.

Според фондацијата „Метаморфозис“, дигиталните технологии би можеле значително да ја намалат бирократијата, но и да ја зголемат транспарентноста и да придонесат кон борбата против корупцијата доколку се користат правилно и доследно.

А ветувањата за целосна дигитална трансформација датираат уште од почетокот на 2000-тите, преку повеќе влади и министри за информатичко општество.

Инспектори ќе ја надгледуваат дигитализацијата

Идеите за електронски идентитет, онлајн поднесување и следење на барања, па дури и користење на токени или лозинки за електронски потпис, главно остануваа на хартија.

Сега Новата Влада и Министерството за дигитална трансформација најавуваа дека ќе изградат „Смарт Македонија“, односно инфраструктура која ќе овозможи јавните услуги да се добиваат со еден клик, со примена на вештачка интелигенција во повеќе сектори.

Од Министерството за дигитална трансформација за РСЕ велат дека е во завршна фаза на формирање на сектор за инспекциски надзор во институцијата, којшто треба да врши системски надзор над спроведувањето на законите за електронски документи и дигитална трансформација.

Почетниот тим ќе има шест лиценцирани инспектори кои ќе почнат со работа откако ќе поминат обука во соработка со Инспекцискиот совет.


  • 16x9 Image

    Владимир Калински

    По завршувањето на студиите по новинарство започна да работи во А2 телевизија каде што известуваше за политички, економски и социјални теми. Потоа беше ангажиран во македонската редакција на Радио Дојче Веле во Бон. Во последниве неколку години работи во Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG