Достапни линкови

Вести

Израел соопшти дека убил командант на Хезболах во Либан

илустрација
илустрација

Израелската армија на 4 ноември објави дека убила висок командант на Хезболах, милитантната група и политичка партија која го контролира поголемиот дел од јужен Либан, пишува Франс прес.

Израел го обвини дека ги надгледувал воздушните и противтенковски ракетни напади врз израелските сили во јужен Либан.

Абу Али Рида, командант на Хезболах во областа Барачи во јужен Либан, бил „елиминиран“ во воздушен напад, соопшти израелската војска, без да даде дополнителни детали.

„Рида беше одговорен за планирање и извршување на воздушни и противтенковски ракетни напади против израелската армија и ги надгледуваше терористичките активности на оперативците на Хезболах во областа“, се вели во соопштението на Израел.

Израел продолжи да напаѓа цели на Хезболах во Либан, откако борбите меѓу двете страни се интензивираа кон крајот на септември. Во октомври, Израел започна копнена офанзива во јужен Либан.

Во последниве недели, Израел уби неколку команданти на Хезболах, група која САД ја означи како терористичка организација, додека Европската Унија го стави на црната листа само военото крило, но не и политичката партија на групата. Партијата Хезболах има места во либанскиот парламент.

Меѓу лидерите убиени од Израел беше и претходниот водач на групата, Хасан Насрала.

Конфликтите меѓу Израел и Хезболах започнаа во октомври минатата година, кога започна војната во Газа меѓу Израел и Хамас, палестинска група која САД и ЕУ ја прогласија за терористичка организација.

види ги сите денешни вести

Украинската премиерка потврди дека брат ѝ живее во странство, додека армијата се бори да најде нови регрути

Украинската премиерка Јулија Свириденко
Украинската премиерка Јулија Свириденко

Украинската премиерка Јулија Свириденко за украинскиот сервис на Радио Слободна Европа (РСЕ) изјави дека нејзиниот брат живее во странство, што е потенцијално штетно откритие додека армијата на земјата се бори да најде нови воени регрути поради тековната руска инвазија.

Киев им забрани на мажите на возраст меѓу 18 и 60 години да ја напуштат земјата откако Русија ја започна целосната војна во февруари 2022 година.

РСЕ ѝ пристапи на Свириденко додека таа одеше на настан во Киев на 25 август и ја праша дали е вистина дека нејзиниот брат, Виталиј, ја напуштил Украина за време на војната.

Свириденко продолжи да оди и рече: „Тој не замина за време на целосната војна“.

На прашањето дали заминал пред војната и дали не се вратил, Свириденко на која очигледно и беше непријатно, на почетокот не одговори, но на крајот рече: „Тој живее во странство“.

Виталиј Свириденко, брат на украинската премиерка Јулија Свириденко
Виталиј Свириденко, брат на украинската премиерка Јулија Свириденко

Документите покажуваат дека Виталиј Свириденко изнајмил имот во Лондон во август 2022 година.

Иако коментарите на Свириденко не сугерираат никакви законски прекршувања, случајот се поврзува со тековните дебати во воена Украина за тоа како праведно се спроведуваат ограничувањата за патување и барањата за политичка транспарентност.

Воведувањето на воена состојба што ги ограничи патувањата на украинските мажи во странство ги раздели семејствата, ги наруши студиите и можностите за работа во странство и создаде тензии на граничните премини.

Украинските медиуми известуваат за луѓе кои се жалат на очигледен јаз помеѓу жртвите на обичните граѓани и привилегиите што ги уживаат семејствата на политичките елити.

Медиумските извештаи во Украина, исто така, посочуваат дека забраната за патување довела до зголемување на нелегалните гранични преминувања, лажните медицински ослободувања и поткуп.

Виталиј Свириденко, 37, е поранешен член на регионалниот совет на Чернигов за владејачката партија „Слуга на народот“. Тој поднесе оставка од функцијата пред целосната руска инвазија во февруари 2022 година. Неговото последователно преселување во Лондон стана јавно познато, а извештаите сугерираат дека неговата сестра го сметала тоа за потенцијална слабост кога минатиот месец таа беше разгледувана за премиерската функција.

Коментирајќи го случајот, Маријана Безухла, независна пратеничка која ја напушти партијата „Слуга на народот“ минатата година, рече дека функционерите мора да одговорат на непријатни прашања дури и ако не можат да бидат одговорни за одлуките на роднините.

Контроверзноста доаѓа во време кога Украина се соочува со недостиг на војници предизвикан од дезертерство и ниска регрутација.

Во моментов, мажите на возраст од 25 години и постари можат да бидат регрутирани. Земјата не сакаше да ја намали возраста за регрутирање.

Украинскиот парламент моментално дебатира за предложениот закон што би им дозволил на мажите под 25 години да патуваат во странство. Поддржувачите на законот велат дека мерката би го намалила притисокот врз семејствата и би го намалила бројот на млади мажи кои се обидуваат нелегално да ја напуштат земјата.

Според предлагачите, сегашната општа забрана за патување создава пречки за оние кои бараат легални можности за студирање или работа во странство, а истовремено поттикнува корупција и недоверба на јавноста.

Димал Баша избран за претседател на косовското собрание, деблокиран процесот за избор на нова влада

Пратеникот на движењето Самоопределување, Димал Баша, е избран за претседател на Собранието на Косово, 26 август 2025 година
Пратеникот на движењето Самоопределување, Димал Баша, е избран за претседател на Собранието на Косово, 26 август 2025 година

Пратеникот на движењето Самоопределување, Димал Баша, е избран за претседател на Собранието на Косово.

По долг политички ќорсокак по изборите на 9 февруари, изборот на Баша за претседател го отвора патот за конституирање на Собранието и формирање нова влада.

По ова следува и изборот на пет потпретседатели на парламентот: по еден од Самоопределување, Демократската партија на Косово (ДПК) и Демократскиот сојуз на Косово (ДСК), еден од Српската листа и еден од другите партии кои не се мнозинство.

Во својот прв говор откако беше избран за шеф на законодавното тело, Баша зборуваше за одговорноста што ја чувствува, за важноста на Собранието и ги повика пратениците на соработка. Тој нагласи дека Косово „е изградено врз жртви и врз заедничкото верување дека нашата слобода и земја се поголеми од секој личен интерес“.

„Нашата република е изградена врз безброј жртви: врз крвта, работата и упорноста на оние кои веруваа дека иднината на нацијата е поважна од нивните животи“, рече тој.

Додаде дека одбраната на Косово треба да биде должност на сите, и на Владата и на опозицијата, и покрај фактот дека очекува големи разлики меѓу партиите, бидејќи „живееме во демократија“.

„Ве поканувам на соработка. Време е да докажеме дека и покрај политичките разлики, имаме храброст и мудрост да работиме заедно за највисокиот интерес на нашата земја“, нагласи тој.

Тој, исто така, ја повика Србија да ја признае независноста на Косово.

Ова беше четврти пат пратениците да се соберат за да формираат Собрание по одлуката на Уставниот суд, со која им беше наложено на пратениците да формираат ново Собрание во рок од 30 дена, почнувајќи од 18 август.

Во изминатите три седници, победничката партија, Движењето Самоопределување - кое е задолжено за номинирање кандидати за претседател на Парламентот - номинираше пет кандидати, но ниту еден не ги доби минималните 61 глас потребни за да биде избран.

Ниеден од нив, Аљбулена Хаџију, Хекуран Мурати, Арберија Нагавџи, Доника Гервала, Димал Баша, не успеа да добие повеќе од 57 гласови на претходното гласање.

Констутитивната седница на Собранието започна на 15 април, но се појави криза поради несогласувањето на партиите во врска со начинот на гласање за претседател на Собранието - дали ќе биде јавно или тајно, и во врска со кандидатот на Движењето Самоопределување Аљбулена Хаџија за таа позиција.

Уставниот суд со одлука му наложи на Собранието да избере нов претседател на Парламентот во рок од 30 дена, почнувајќи од 18 август, преку јавно гласање, но ставајќи го истиот кандидат на гласање не повеќе од три пати.

Партијата ДемСК претходно инсистираше дека нема да гласа за ниту еден кандидат на Самоопределување во Владата, освен ако не се постигне договор за влада на национално единство.

Партијата АБК тврдеше дека ќе поддржи одредени кандидати на Самоопределување, како што се Глаук Коњуфца, Шќипе Селими и Саранда Богујевци.

Во меѓувреме, Социјалдемократската иницијатива - која претходно водеше преговори со Самоопределување - инсистираше на политички договор со партијата на Курти, во замена за гласови за претседателот на Парламентот.

Славески: Преземаме мерки за да ја симнеме инфлацијата под 3 проценти

Трајко Славески, гувернер на НБРМ
Трајко Славески, гувернер на НБРМ

Гувернерот на Народната банка Трајко Славески уверува дека се преземаат мерки за намалување на инфлацијата на ниво под три проценти, а во таа насока гледа охрабрувачки сигнали од страна на Владата.

„Навистина сакаме да се симнеме на инфлација под 3 проценти. Тука има охрабрувачки сигнали од страна на Владата, помалку популизам од аспект на притисоците за раст на платите. Најверојатно до крајот на годината ќе има напори, мерки, да се вклопи буџетот во рамки на она што е придвидено, буџетскиот дефицит од аспект на трошењето. Тоа е фискалниот аспект. А сето она што го правиме со дополнителни макропрудентни мерки како што ги нарекуваме, претпазливоста од аспект на основната каматна стапка на благајничките записи која што од јануари не ја имаме променето, сето тоа е во насока на некој начин на намалување на инфлацијата на едно прифатливо ниво. Тоа прифатливо ниво е кога нема да ги тангира луѓето. Ќе има блага ползечка инфлација секогаш да речеме од околу два проценти, којашто нема да ја перципираме и нема да влијае на нашите одлуки и очекувањата“, изјави Славески, по денешната средба со директорот на Агенцијата за катастар на недвижности.

Инфлацијата во Северна Македонија останува на релативно високо ниво. Во споредба со јуни годинава, месечната инфлација во јули изнесувала 1,1 процент. Индексот на малопродажните цени во јули во споредба со јуни, изнесува 103, 1 или укажува на пораст од 3, 1 отсто.

Гувернерот Славески потврди и дека системот на државава во рамки на Единствената област за плаќања во евра (СЕПА) ќе стане оперативен во текот на декември.

„Беше објавено дека од октомври и официјално влегуваме во СЕПА, ќе ни требаат заради подготовката на системот уште два месеца и до крајот на годината во текот на декември системот ќе стане оперативен“, рече Славески.

И ЕК наведува дека иако земјава бележи релативно стабилен фискален биланс за разлика од другите земји во регионот, каде трошоците ги надминале приходите, намалувањето на девизните резерви и инфлацијата што сè уште се движи во пораст остануваат ризици.

Во однос на пад на берзите во европските земји, Славески истакна дека нема причина за пренос на нашите пазари, а за поголема сигурност за инвеститорите ја истакна важноста од поврзувањето на пазарите на капитал во регионот.

Канцеларот Мерц потврди дека Германија нема да ја признае палестинската држава

Германскиот канцелар Фридрих Мерц
Германскиот канцелар Фридрих Мерц

Германија нема да им се придружи на партнерите како Канада и Франција во признавањето на палестинска држава, изјави канцеларот Фридрих Мерц по средбата со канадскиот премиер Марк Карни.

„Ние нема да се придружиме на оваа иницијатива“, рече Мерц на заедничката прес-конференција со Карни во Берлин.

„Во моментов не сметаме дека условите за признавање на државата се исполнети на кој било начин“, додаде германскиот канцелар.

Германија смета дека признавањето на палестинска држава е меѓу последните чекори во решението за две држави во кое Израелците и Палестинците можат да живеат мирно еден до друг.

Спротивно на тоа, Карни кон крајот на јули објави дека неговата земја ќе ја признае Палестина како држава на Генералното собрание на ОН во септември. Францускиот претседател Емануел Макрон исто така планира да го стори тоа, додека Велика Британија му се закани на Израел дека ќе го стори тоа доколку не се исполнат одредени услови.

Карни го оправда потегот велејќи дека изгледите за решение со две држави стануваат сè полоши и полоши.

Додека Мерц воведе делумно ембарго за оружје врз Израел како одговор на израелските планови за проширување на војната во градот Газа, тој сега потврди дека Германија нема да ги следи своите партнери во признавањето на Палестина, дури и откако Обединетите Нации прогласија дека избувнал глад во делови од Газа.

Смртоносните напади на Израел продолжија во понеделник, при што најмалку 19 лица, вклучувајќи и пет новинари, беа убиени во напад врз болницата Насер во Кан Јунис.

Новиот мост преку реката Ибар отворен за возила

илустрација
илустрација

Вршителот на должноста министер за внатрешни работи на Косово, Џељаљ Свечља, на 25 август објави дека е отворен еден од двата моста што актуелната влада ги започна да ги гради пред неколку месеци над реката Ибар, која ја дели Митровица на јужен дел населен со Албанци и северен дел населен со Срби.

„Драги граѓани на Митровица и на целото Косово, ви честитам за новиот мост“, напиша Свечља на Фејсбук, каде што објави и фотографија од возила што го преминуваат новиот мост.

Косовските власти започнаа со изградба на два моста од двете страни на главниот мост над реката Ибар, и покрај противењето на локалните Срби и реакциите од меѓународната заедница.

Косовската влада постојано објавува дека изградбата на овие мостови - еден за пешаци и еден за возила - има за цел да ја поврзе Северна Митровица со Јужна Митровица, град кој е етнички поделен од војната.

За нивната изградба, Владата издвои околу три милиони евра и најави дека двата ќе бидат завршени на есен.

На нивната изградба се спротивстави и Српска листа, најголемата српска партија во Косово која ужива поддршка од Белград, која исто така покрена петиција против неа, која доби над 3500 потписи.

Европската Унија објави дека изградбата на два нови моста преку реката Ибар во Митровица „има практично и политичко значење“ и дека секој инфраструктурен проект помеѓу Северна и Јужна Митровица бара тесна координација и дијалог на сите вклучени заедници.

„Неопходно е овие проекти да ја одразуваат волјата и потребите на локалните заедници“, се вели во одговорот.

Во меѓувреме, со почетокот на градежните работи, обвинителите објавија дека одобриле истраги, поради сомневања за можна злоупотреба на јавни средства во процесот на склучување договор со надлежната компанија.

На 10 јули, Обвинителството официјално потврди дека ја овластило косовската полиција да го испита начинот на кој е склучен договорот за овој проект, но не сподели други информации.

Новите мостови се градат во близина на главниот мост преку Ибар, што е дел од Договорот за слобода на движење постигнат како дел од дијалогот помеѓу Косово и Србија.

Овој мост е познат по етничките конфликти по војната и затоа е под надзор на силите на КФОР.

Главниот мост е отворен само за пешаци, додека косовската влада го најави неговото отворање за сообраќај во јули минатата година - што предизвика тензии и реакции од меѓународната заедница.

Косово и Србија се согласија да го отворат мостот за сообраќај во 2014 година, како дел од дијалогот за нормализирање на односите.

Мостот требаше да се ревитализира, а сите барикади поставени од локалните Срби требаше да се отстранат.

Нов план за имплементација за надминување на несогласувањата околу толкувањето на претходните договори беше договорен во 2016 година. Според овој план, мостот требаше да се отвори за сообраќај во јануари 2017 година.

Работите за ревитализација беа завршени во јуни 2018 година, додека мостот - во кој беа инвестирани 1,5 милиони евра - никогаш не беше отворен за возила, туку само за пешаци.

Рубио и европските министри разговараа за завршување на војната во Украина

Американскиот државен секретар Марко Рубио
Американскиот државен секретар Марко Рубио

Американскиот државен секретар Марко Рубио разговараше со своите европски колеги за дипломатските напори за ставање крај на војната во Украина, објави Стејт департментот.

„Рубио разговараше со британскиот министер за надворешни работи Дејвид Лами, украинскиот министер за надворешни работи Андрија Сибихa, финскиот министер за надворешни работи Елина Валтонен и шефицата за надворешна политика на Европската унија (ЕУ) Каја Калас“, изјави портпаролот на Стејт департментот.

Украинскиот министер за надворешни работи Андриј Сибиха изјави дека Украина му е благодарна на Рубио за неговите напори и на американскиот претседател Доналд Трамп за неговото „мирно водство“. Тој додаде дека безбедносните гаранции за Украина се клучни.

„Ја повторив позицијата на Украина дека безбедносните гаранции мора да бидат конкретни, правно обврзувачки и ефикасни. Тие треба да бидат мултидимензионални, вклучувајќи воено, дипломатско, правно и друго ниво“, напиша Сибиха на мрежата X.

„Сите веруваме дека украинската армија е основното ниво на какви било такви гаранции, затоа нејзиното максимално зајакнување е наш главен приоритет“, рече украинскиот министер.

По одделните самитски средби со рускиот претседател Владимир Путин, а подоцна и со украинскиот Володимир Зеленски и европските лидери, Трамп го замоли Рубио да ги води разговорите за обезбедување безбедносни гаранции за Украина.

Висок советник на украинскиот претседател Володимир Зеленски, сепак, изјави дека Украина бара повеќе оружје од Западот поради загриженоста дека, дури и по двата неодамнешни самити во Соединетите Држави, Русија „не е заинтересирана“ за мир.

Михајло Подољак за програмата „Current Time“ на Радио Слободна Европа изјави дека Киев е во „активни консултации“ со американски и европски претставници „за зголемување на снабдувањето со разни алатки за спроведување контравоени операции“.

Исто така, на брифинг во Киев по разговорот со норвешкиот премиер Јонас Гар Сторе, кој ја посети Украина на 25 август, Зеленски рече дека Украина се надева дека ќе обезбеди најмалку една милијарда долари месечно од земјите што ја поддржуваат за купување американско оружје.

ОН: Повеќе од две милијарди луѓе низ светот сè уште немаат пристап до безбедна вода за пиење

илустрација
илустрација

Повеќе од две милијарди луѓе низ целиот свет сè уште немаат пристап до безбедно управувана вода за пиење, соопштија Обединетите Нации во вторник (26 август), предупредувајќи дека напредокот кон универзално покривање со водни ресурси не се движи ни приближно брзо.

Агенциите за здравство и деца на ОН соопштија дека еден од четири луѓе низ целиот свет минатата година немале пристап до безбедно управувана вода за пиење, при што над 100 милиони луѓе остануваат зависни од пиење површинска вода - на пример од реки, езерца и канали.

Светската здравствена организација и УНИЦЕФ изјавија дека заостанатите услуги за вода, санитарни услови и хигиена оставаат милијарди луѓе во поголем ризик од болести.

Тие во заедничка студија рекоа дека светот е далеку од патот за да ја достигне целта за постигнување универзално покривање на вакви услуги до 2030 година.

Наместо тоа, таа цел „е сè подалеку од дофат“, предупредија тие.

„Водата, санитарните услови и хигиената не се привилегии: тие се основни човекови права. Мора да го забрзаме дејствувањето, особено за најмаргинализираните заедници“,изјави шефот за животна средина на СЗО, Рудигер Крех.

Извештајот анализира пет нивоа на услуги за вода за пиење.

Безбедно управувано или највисоко ниво, се дефинира како вода за пиење достапна во објектот, достапна секогаш кога е потребно и без фекална и хемиска контаминација.

Четирите нивоа подолу се основно (за достап до подобрена вода се потребни помалку од 30 минути), ограничено (подобрена, но потребно е подолго време), неподобрено(на пример, од незаштитен бунар или извор) и површинска вода.

Од 2015 година, 961 милион луѓе добиле пристап до безбедно управувана вода за пиење, при што покриеноста се зголемила од 68 проценти на 74 проценти, се вели во извештајот.

Од 2,1 милијарди луѓе минатата година кои сè уште немаат безбедно управувани услуги за вода за пиење, 106 милиони користеле површинска вода, што е намалување од 61 милион во текот на изминатата деценија.

Бројот на земји кои ја елиминирале употребата на површинска вода за пиење, во меѓувреме, се зголемил од 142 во 2015 година на 154 во 2024 година, се вели во истражувањето.

Во 2024 година, 89 земји имале универзален пристап до барем основна вода за пиење, од кои 31 имале универзален пристап до безбедно управувани услуги.

Дваесет и осумте земји каде што едно од четири лица сè уште немале основни водни услуги биле во голема мера концентрирани во Африка.

Австралија го протера иранскиот амбасадор

Новинари и сниматели пред иранската амбасада во Канбера, 26 август 2025 година.
Новинари и сниматели пред иранската амбасада во Канбера, 26 август 2025 година.

Австралиската влада на 26 август објави дека го протерува иранскиот амбасадор во Канбера, обвинувајќи го Иран за вмешаност во антисемитски напади во Мелбурн и Сиднеј.

„Разузнавачките служби на земјата дојдоа до „длабоко вознемирувачки заклучок“ дека Иран организирал најмалку два антисемитски напади кон крајот на 2004 година“, изјави австралискиот премиер Ентони Албанезе на прес-конференција.

Австралија им даде на амбасадорот и на тројца други ирански дипломати рок од седум дена да ја напуштат земјата, изјави министерката за надворешни работи Пени Вонг.

Ова е прв пат Австралија да го стори ова од Втората светска војна.

Канбера, исто така, ја суспендираше својата амбасада во Техеран и го повлече својот амбасадор.

Сепак, Австралија нема намера целосно да ги прекине дипломатските односи со Иран за да ги брани интересите на своите граѓани, додаде Пени Вонг.

Австралискиот премиер изјави дека Иран стои зад пожарите во кошер кафуле во предградието на Сиднеј во октомври 2024 година и во синагогата Адас Израел во Мелбурн во декември 2024 година. Во овие инциденти немаше повредени.

Австралискиот премиер додаде дека Иран веројатно стои зад другите антисемитски напади во земјата.

Сирија: Израел се обиде да преземе контрола врз дел од сириската територија

Илустрација
Илустрација

Сирија на 25 август соопшти дека Израел испратил 60 војници да ја преземат контролата врз област на сириска територија во близина на планината Хермон, во операција што го нарушува сирискиот суверенитет и, како што соопштија, претставува дополнителна закана за регионалната безбедност.

Портпаролот на израелската војска изјави дека војниците извршиле рутинска активност во јужна Сирија, но не дејствувале во Бејт Џин, област во близина на границата со Либан и планината Хермон.

Инцидентот се случил во време кога двете земји се вклучени во разговори со посредство на САД, насочени кон намалување на тензиите во јужна Сирија.
Дамаск се надева дека ќе постигне безбедносен договор што би можел да го отвори патот за пошироки политички разговори.

Сириското министерство соопшти дека инцидентот се случил на стратешки самит во правец на Бејт Џин. Според локалните жители, Израел уапси шест Сиријци таму.
Израелската војска соопшти дека не извршила апсења во јужна Сирија, но привела едно лице на испрашување откако војската идентификувала лица што ги сметала за закана во областа.

Областа е позната по шверц на оружје од страна на либанскиот Хезболах и други џихадистички фракции.

Хезболах, група блиска до Иран, е означена како терористичка организација од страна на САД и други светски сили.

Израел наведе безбедносни причини како оправдување за неколку воени интервенции во Сирија по падот на режимот на Башар ал-Асад во декември, вклучително и она што го смета за обврска да ги заштити членовите на малцинството Друзи во јужна Сирија.

Полската влада го обвини Навроцки за исклучување на интернетот во Украина

Украински војник од 47-та бригада подготвува сателитски интернет системи Стралинк на своите позиции на фронтовската линија, за време на рускиот напад врз Украина
Украински војник од 47-та бригада подготвува сателитски интернет системи Стралинк на своите позиции на фронтовската линија, за време на рускиот напад врз Украина

Полската влада го обвини претседателот Карол Навроцки дека го запрел финансирањето на услугата за сателитски комуникации „Старлинк“ во Украина со ставање вето на закон за помош на украинските бегалци.

„Претседателот знаел дека законот што го отфрлил за поддршка на украинските граѓани, исто така, содржел прашања поврзани со „Старлинк“. Со својата одлука, тој де факто го исклучи интернетот во Украина“, изјави министерот за дигитализација Кшиштоф Гавковски.

Полската Влада сега бара решенија за тоа како сè уште може да го финансира „Старлинк“.

Конзервативниот Навроцки, кој има врски со опозициската партија „Право и правда“ (ПиС), во понеделник стави вето на предлог-законот за продолжување на исплатата на социјалните бенефиции за воените бегалци од Украина до март 2026 година.

Тој го оправда потегот наведувајќи дека, според него, само оние бегалци што работат во Полска треба да добиваат бенефиции.

„По три и пол години војна во Украина, јавното мислење се промени по ова прашање“, вели полскиот претседател.

Во Полска, украинските граѓани со заштитен статус имаат право на еквивалент од 180 евра месечно како детски додаток по дете. За второто и секое дополнително дете, постои и додаток за грижа за деца од 117 евра месечно за првите две години.

Бегалците исто така имаат бесплатен пристап до образовниот систем и здравствената заштита, ставајќи ги на рамноправна основа со полските семејства.

Законот, кој беше усвоен со гласовите на централно-левичарската коалиција на премиерот Доналд Туск, предвидуваше бегалците да продолжат да ги добиваат овие социјални бенефиции до март 2026 година.

Сепак, законот, чија оригинална верзија датира од март 2022 година, исто така содржи пасус што го регулира обезбедувањето фонд за помош за обезбедување интернет конекција за граѓаните на Украина, која сè уште е нападната од Русија.

Според претходните изјави на полскиот министер за надворешни работи Радослав Сикорски, Полска го финансира обезбедувањето на услугата за сателитски комуникации Starlink на Елон Маск за Украина со еквивалент од 50 милиони долари годишно.

Според Министерството за дигитализација, ветото на претседателот значи дека нема да има правна основа и нема средства за понатамошно финансирање по 30 септември.

„Не можам да замислам подобар подарок за трупите на [рускиот претседател Владимир] Путин од исклучување на Украина од интернет“, напиша Гавковски на социјалната мрежа X.

Тој го обвини Навроцки дека ѝ помага на Русија и му штети на населението што се бори за својата независност.

Вчитај повеќе

XS
SM
MD
LG