Достапни линкови

Вести

Демонстранти поставија камп во главниот град на Грузија и бараат нови избори

Грузија, Протест поради фалсификуваните избори, Тбилиси, 18 ноември 2024 година
Грузија, Протест поради фалсификуваните избори, Тбилиси, 18 ноември 2024 година

Демонстрантите во понеделникот поставија шатори во грузискиот главен град Тбилиси, ветувајќи дека нема да ја напуштат се додека не се одржат новите парламентарни избори, објави грузискиот сервис на Радио Слободна Европа.

Студенти, опозициски групи и грузискиот претседател Саломе Зурабишвили тврдат дека парламентарните избори на 26 октомври биле наместени. Официјалните резултати покажаа дека проруската партија Грузиски сон го освои мнозинството од гласовите, обезбедувајќи го својот четврти мандат на власт.

По изборите во Тбилиси се одржуваат протести. Во неделата демонстрантите маршираа низ центарот на главниот град, блокирајќи една од главните авении.

Студентски групи објавија и манифест во кој ги осудија спорните парламентарни избори на 26 октомври.

Во манифестот објавен во неделата се вели дека „систематското местење на изборите од страна на владата открива груб обид на партијата Грузиски сон да ја преземе контролата врз земјата“.

Во манифестот се осудуваат, како што се наведува, нападите врз образовниот систем преку „дискриминаторски и селективни одлуки во процесот на одобрување“ за влез во образовните институции и „наметнување цензура во наставата“.

„Во светлината на репресивните дејствија на наметнување на „руски“ закони и закони за цензура и други права и слободи, фактот на систематско местење на изборите открива груб обид на Грузискиот сон да ја преземе земјата“, се наведува во манифестот.

Документот го потпишаа 13 групи, вклучувајќи студенти од најмалку 13 грузиски универзитети.
Грузиската Централна изборна комисија (ЦИК) во саботата ги потврди резултатите од спорните избори на 26 октомври, и покрај повеќенеделните протести на опозицијата и обвинувањата за широко распространети нерегуларности и руско мешање.

Промосковската владејачка партија Грузиски сон освои 53,93 отсто од гласовите наспроти 37,79 отсто за опозициската алијанса, објави ЦИК за време на седницата што беше накратко прекината откако опозицискиот политичар Давит Киртадзе прска со црна течност врз шефот на ЦИК, Јорги Каландаришвили и го нарече „темен место“.

Протестот на Киртаџе имаше за цел да укаже на мастилото од гласачките пенкала што се гледаше низ тенка хартија од другата страна на некои гласачки ливчиња. Опозицијата вели дека ја нарушила тајноста на спорното гласање на 26 октомври.

Грузискиот сон, кој е на власт од 2012 година, е единствената партија која ги призна изборните резултати. Проевропската претседателка Саломе Зурабишвили сè уште одбива да го признае исходот од гласањето, за кое таа рече дека е под големо влијание на Русија.

Проевропската опозиција го бојкотира новиот парламент, откажувајќи се од своите мандати освоени на изборите на 26 октомври, наведувајќи ги широко распространетите неправилности, измами и руското мешање.

Официјални претставници на ЕУ и на западот изразија сериозни сомневања за изборите и забележаните нерегуларности.

Грузија е кандидат за членство во ЕУ од минатата година, но законот за „странско влијание“ и анти-ЛГБТ мерките ја ставија таа цел во прашање.

САД во јули објавија дека ќе суспендираат повеќе од 95 милиони долари помош за грузиската влада, предупредувајќи ја дека земјата доживува назадување во демократијата.

види ги сите денешни вести

Еден загинат, 29 повредени во силен земјотрес во Турција

илустрација
илустрација

Едно лице загинало, а 29 лица биле повредени во земјотрес со јачина од 6,1 степен според Рихтеровата скала што го потресе регионот Баликесир и беше силно почувствуван во Истанбул и многу други градови.

Осумдесет и едногодишен маж починал откако беше извлечен жив од урнатините на станбена зграда во Сундерга, изјави турскиот министер за внатрешни работи Али Јерликаја. л

„Вложени се сите напори да се спаси откако беше извлечен жив од урнатините, но за жал тие беа неуспешни“, изјави министерот, цитиран од весникот „Милиет“.

Тој рече дека состојбата на 29-те повредени не е сериозна и нема опасност по нивните животи. Уништени се 16 згради во руралните области.

Агенцијата за управување со катастрофи и вонредни состојби соопшти дека операциите за пребарување и спасување се прекинати преку ноќ.

За денеска(11 август) е закажан увид на штетите на зградите. Од соседните области е испратено засилување. Граѓаните се предупредени да не влегуваат во оштетените згради.

Опсерваторијата Кандили објави дека главниот земјотрес во регионот Баликесир бил проследен со три последователни потреси со магнитуда од 4,6, 4,1 и 4,0 и околу 15 со магнитуда над 3.

Австралија ќе ја признае палестинската држава во септември

Австралискиот премиер Ентони Албанезе
Австралискиот премиер Ентони Албанезе

Австралија ќе ја признае палестинската држава, објави австралискиот премиер Ентони Албанезе - и тоа официјално за време на годишната сесија на Генералното собрание на ОН во Њујорк во септември.

На тој начин, Австралија им се придружува на Франција, Велика Британија и Канада, кои исто така објавија слична намера.

„Решението со две држави е најдобрата надеж на човештвото да го прекине циклусот на насилство на Блискиот Исток и да го прекине конфликтот, страдањето и гладот во Газа“, рече Албанезе.

Признавањето е „врз основа на обврските што ги презеде Палестинската власт кон Австралија“, рече Албанезе. Овие обврски вклучуваат исклучување на Хамас од палестинската влада, демилитаризација на Газа и одржување избори, додаде тој.

Сепак, Палестинската самоуправа нема контрола врз Газа, која е под власт на Хамас речиси две децении.

Неколку часа пред објавата на Албанезе, израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху ги критикуваше меѓународните повици за признавање на палестинската државност, тврдејќи дека таков потег „нема да донесе мир, туку војна“.

Меѓународната загриженост расте поради тешката положба на повеќе од 2 милиони Палестинци во Појасот Газа, каде што борбите предизвикаа тешка хуманитарна криза и предупредувања за масовно гладување.

Албанезе ја критикуваше израелската влада, велејќи дека таа продолжува да го крши меѓународното право и да ја задржува доволната помош.

Како што глобалното движење за признавање на палестинска држава станува сè посилно, министерот за надворешни работи на Нов Зеланд, Винстон Питерс, рече дека неговата земја внимателно ја разгледува можноста за признавање на палестинска државност во текот на следниот месец. Според него, признавањето на палестинската држава е „прашање на време, а не дали ќе се случи“.

Додека земјите објавуваат признавање на палестинска државност, војната во Газа продолжува.

Како резултат на нападите на Хамас на 7 октомври 2023 година, околу 1200 луѓе беа убиени во Израел, а 251 беа киднапирани. Од друга страна, според податоците на Министерството за здравство во Газа, повеќе од 61 000 Палестинци беа убиени во израелските напади.

Пет новинари на Ал Џезира убиени во израелски напад во Газа

Новинарот на Ал Џезира, Анас ал-Шариф, за време на интервју за АФП во Газа, на 1 август 2024 година.
Новинарот на Ал Џезира, Анас ал-Шариф, за време на интервју за АФП во Газа, на 1 август 2024 година.

Пет новинари на Ал Џезира, меѓу кои и Анас ал-Шариф, биле убиени во израелски напад во близина на болницата Ал-Шифа во градот Газа, објави телевизиската мрежа.

Според извештајот на Ал Џезира, Анас ал-Шариф, дописникот Мохамед Курејка и снимателите Ибрахим Захер, Мохамед Нуфал и Моамен Алива биле во шаторскиот простор за новинари пред главниот влез на болницата кога се случил нападот.

Во соопштението на Ал Џезира, овој чин е опишан како „целна ликвидација“ и „уште еден отворен, однапред планиран напад врз слободата на медиумите“.

Како што објави Би-Би-Си, Израелските одбранбени сили (ИДФ) потврдија дека го нападнале ал-Шариф, тврдејќи дека тој бил „водач на терористичка ќелија на Хамас“ и дека „учествувал во ракетни напади врз израелски цивили и војници“.

Комитетот за заштита на новинарите (КЗН) изрази шок од нападот, велејќи дека Израел не понудил докази во поддршка на обвинувањата.

„Ова е шема што ја гледаме со децении - новинар е убиен од израелските сили, а потоа се изнесуваат обвинувања дека бил терорист, без доволно докази“, изјави директорката на Комитетот за заштита на новинарите, Џоди Гинсберг.

Главниот уредник на Ал Џезира, Мохамед Моавад, истакна дека ал-Шариф бил акредитиран новинар и „единствениот глас“ од Газа до меѓународната јавност.

Тој додаде дека Израел не им дозволува на меѓународните новинари да влезат за време на војната, па затоа известувањето главно се базира на локални дописници.

„Тие беа цел додека престојуваа во шаторот, а не известуваа од фронтовската линија“, рече Моавад, оценувајќи дека израелската влада сака да го замолчи секој канал за известување од Газа.

Пред еден месец, Ал Џезира, Обединетите нации и Комитетот за заштита на новинарит предупредија дека животот на ал-Шариф е во опасност и побараа негова заштита.

Според извештаите, Ал-Шариф (28) на мрежата X, кратко пред неговата смрт, предупредил за интензивно бомбардирање во Газа.

Во нападот биле убиени вкупно седум лица.

Калас: Договорот за крај на војната во Украина мора да ги вклучи и Киев и ЕУ

Каја Калас, шефица за надворешна политика на ЕУ (фотоархива).
Каја Калас, шефица за надворешна политика на ЕУ (фотоархива).

Шефицата за надворешна политика на Европската Унија, Каја Калас во неделата порача дека секој договор меѓу Вашингтон и Москва за завршување на војната во Украина мора да ги вклучи и Киев и ЕУ.

„САД имаат моќ да ја принудат Русија сериозно да преговара. Секој договор меѓу САД и Русија мора да ги вклучи Украина и ЕУ, бидејќи тоа е прашање на безбедност за Украина и за цела Европа“, рече Калас.

Претседателите на САД и Русија, Доналд Трамп и Владимир Путин, треба да се сретнат во Алјаска следната недела во обид да ја прекинат војната во Украина. Европските лидери ги поздравија напорите на Трамп да се обиде да го реши 41-месечниот воен конфликт, но ја нагласија потребата да се изврши притисок врз Москва и да се обезбедат безбедносни гаранции за Киев.

Калас, исто така, најави дека ќе свика состанок на европските министри за надворешни работи во понеделник за да се разговара за следните чекори.

„Меѓународното право е јасно: Сите привремено окупирани територии ѝ припаѓаат на Украина“, рече Калас, повторувајќи ја својата поддршка за Украина, која се спротивстави на американските сугестии дека треба да отстапи територија на Русија.

Таа предупреди дека „договорот не смее да обезбеди појдовна точка за понатамошна руска агресија против Украина, трансатлантскиот сојуз и Европа“.

Нејзината изјава е одраз на заедничката изјава на европските сојузници на Киев во саботата, во која се вели дека мировните разговори со Русија мора да ја вклучат и Украина.

Во изјавата на лидерите на Велика Британија, Франција, Италија, Германија, Полска, Финска и Европската комисија се нагласува дека „само пристап што ги комбинира активната дипломатија, поддршката за Украина и притисокот врз Руската Федерација да ја прекине својата нелегална војна може да успее“.

Европските лидери, исто така, ветија дека ќе ја одржат својата „значителна воена и финансиска поддршка за Украина“, додавајќи дека „Украина има слобода да ја избере својата судбина“.

update

Едно лице убиено и неколку ранети во престрелка во Тетово, меѓу нив и малолетно девојче

Повреден е и пешак - случаен минувач.
Повреден е и пешак - случаен минувач.

Едно лице е убиено, а три лица се ранети во вооружена престрелка од возила во Тетово.

Меѓу ранетите лица е и едно малолетно девојче од Тетово на возраст од 12 години. Останатите двајца ранети се на 32 и 37 години.

Министерството за здравство соопшти сите се примени на клиники во Скопје.

„На КАРИЛ е примен 32-годишен пациент со прострелна рана во предел на граден кош, тешка телесна повреда. На Детска хирургија е применo 12-годишно дете со прострелна рана во предел на десна натколеница, а на Торакална хирургија е 37-годишен пациент со прострелна рана во предел на граден кош“, соопшти Министерство за здравство.

Дополнително, од сообраќајка настаната при престрелката повреден е и 60-годишен пешак кој бил случаен минувач. Тој е хоспитализиран на Клиниката за трауматологија.

Според првичните податоци од СВР Тетово престрелката се случила околу 12:30 часот на крстосницата од улиците „Илинденска“ и „Благоја Тоска“. Таа била помеѓу лица од две возила кои направиле и сообраќајна незгода.

По сообраќајката и престрелката, двете возила го напуштиле местото – едното се упатило кон улицата „113“, а другото во непознат правец.

За првиот автомобил очевидци кажале дека било марка „форд фиеста“ со тетовски регистрации, по што полицијата направила проверка и констатирала дека станува збор за одјавени таблички од истото возило во сопственост на 19-годишно лице тетовското село Гајре.

Второто возило, пак, било пронајдено на друга локација и во него било телото на убиеното лице.

„На крстосницата од улица ’Благоја Тоска‘ со улица ’107‘ било пронајдено патничко возило ’фолксваген голф‘ со тетовски регистарски таблички, сопственост на Ф.Р.(46) од Тетово. Во возилото пронајдено е едно починато лице со прострелни рани од огнено оружје“, соопшти СВР Тетово.

За овој кривичноправен настан е формиран истражен тим со кој раководи јавен обвинител од Тетово и увидна екипа од тетовската полиција.

Сè уште, како што информираат оттаму, се врши увид на местото на настанот.

МВР ќе го разреши началникот за претресот кај директорката на училиштето во Демир Хисар

Министерство за внатрешни работи (фотоархива).
Министерство за внатрешни работи (фотоархива).

Министерството за внатрешни работи соопшти дека ќе биде разрешен полицискиот началник во Демир Хисар поради непрофесионално однесување во случајот со претресот во домот на директорка на средното училиште „Крсте Петков Мисирков“ во Демир Хисар.

Станува збор за настан што предизвика лавина реакции во јавноста откако на социјалните мрежи се појави видео од претресот. Од видеото може да се забележи дека во домот на директорката присутна е и екипа на Брзата помош поради нејзината здравствена состојба додека началникот инсистира таа да дојде на информативен разговор во полицијата.

„По извршени проверки во врска со објавеното видео за време на претрес во Демир Хисар, Одделот за внатрешна контрола констатираше непрофесионално и неетично однесување на началник во ОВР Демир Хисар. За лицето е покрената дисциплинска постапка. Со цел целосна непристрасност и објективност на истрагата, наведениот началник ќе биде разрешен од функцијата“, соопштија од МВР додавајќи дека осудуваат секаков облик на насилство, незаконско и непрофесионално постапување.

За овој случај од Јавно обвинителство вчера (9 август) информираа дека полицијата барала да се издаде наредба за претрес на три локации – едната од нив била домот на директорката на училиште во Демир Хисар, додека другите две локации биле службените простории на училиштето и автомобилот на директорката.

Причините поради кои се барал претресот биле сомнежи за кривично дело „фалсификување и уништување деловни книги“.

Судот потоа го одобрил барањето за претрес. Меѓутоа, потенцираше обвинителството, не била издадена и наредба за распит на лице во овој случај.

„Законската процедура за обезбедување наредба за претрес на дом и други простории е во целост испочитувана. Спроведувањето на наредбата е во надлежност на полициските службеници. Основното јавно обвинителство Битола нема издадено наредба за приведување или итен распит на лице во конкретниот случај“, информираше Обвинителство.

Случајот предизвика и реакции од опозицијата. СДСМ обвини дека полицијата се злоупотребува за партиски цели, а по полицискиот началник го нарекоа „ударна тупаница на ВМРО-ДПМНЕ за заплашување на граѓаните и малтретирање пред избори“ алудирајќи на претстојните локални избори што треба да се одржат во октомври.

Талибанците истражуваат смртни закани кон авганистанските жени во ОН

Авганистански жени чекаат да добијат оброк доставен од хуманитарна група во Кабул, 23 мај 2023 г.
Авганистански жени чекаат да добијат оброк доставен од хуманитарна група во Кабул, 23 мај 2023 г.

Талибанците истражуваат смртни закани упатени до десетици авганистански жени кои работат за Обединетите нации, според извештај објавен на 10 август.

Во својот последен извештај за состојбата со човековите права во Авганистан, мисијата на ОН во земјата соопшти дека десетици национални службенички биле подложени на експлицитни закани со смрт во мај.

Заканите дошле од неидентификувани лица, а се во врска со нивната работа со Мисијата на ОН за помош во Авганистан, или УНАМА, и други агенции, фондови и програми „барајќи од ОН да спроведе привремени мерки за заштита на нивната безбедност“, се вели во извештајот.

Талибанците наводно ѝ одговориле на мисијата на ОН дека нивниот персонал не е одговорен за заканите. Истрагата на Министерството за внатрешни работи е во тек, се вели во извештајот.

Авганистанските власти, вклучително и Министерството за внатрешни работи, не одговорија веднаш на барањата за коментар за истрагата.

Талибанците им забранија на авганистанските жени да работат за домашни и странски невладини организации во декември 2022 година, а потоа се заканија дека ќе ги затворат агенциите и групите кои сè уште вработуваат жени.

Хуманитарните агенции тврдат дека Талибанците ги попречиле или се мешале во нивните операции, тврдење кое властите го негираат.

Извештајот на ОН е прва официјална потврда за закани со смрт упатени кон авганистанските жени кои работат во овој сектор.

Извештајот, исто така, ги истакнува и другите области што влијаат на личните слободи и безбедноста на жените.

Во Херат, инспекторите од Министерството за пороци и доблести почнаа да бараат од жените да носат чадор, облека што го покрива целото тело и главата. На десетици жени за кои се смета дека не се придржуваат кон прописите им е забрането да влегуваат на пазари или да користат јавен превоз. Неколку жени беа приведени додека роднините да им донесат чадор, се вели во извештајот.

Во Урузган, жените беа уапсени за носење шамија, хиџаб, наместо бурка.

На жените им беше забранет и пристап до јавни места. Во покраината Гор, полицијата принуди неколку семејства да напуштат рекреативна зона. Тие ги предупредија семејствата да не посетуваат отворени места за пикник со жени.

Во Херат, инспекторите од Министерството за пороци и доблести забранија семејни групи со жени и девојки да имаат пристап до отворена рекреативна зона, дозволувајќи пристап само на машки групи.

Никој од Министерството за пороци и доблести не беше веднаш достапен за коментар за инцидентите во Гор, Херат и Урузган, за кои ОН вели дека се случиле во мај.

Во Кандахар, Министерството за јавно здравје им нареди на здравствените работници да бидат придружувани на работа од машки „старатели“ со лични карти што докажуваат дека се во крвно или брачно сродство со жената.

По речиси четири години на власт во Авганистан, владата на Талибанците ја наметна својата исклучително строга визија за исламот, забранувајќи многу активности за жените, што доведе до тоа ОН да го осуди ова како „родов апартхејд“.

Русија: Во украински напад со дрон загина едно лице, оштетен е индустриски објект

Дронови со долг дострел на Одбранбената разузнавачка служба на Украина, 28 февруари 2025 г.
Дронови со долг дострел на Одбранбената разузнавачка служба на Украина, 28 февруари 2025 г.

Едно лице е убиено, а неколку станови и еден индустриски објект се оштетени во украинскиот напад со беспилотно летало врз јужниот руски регион Саратов, изјави гувернерот на областа на 10 август.

На апликацијата Телеграм, Роман Бусаргин објави дека жителите биле евакуирани откако остатоците од уништен дрон оштетиле три станови.

„На неколку жители им била потребна медицинска помош. Помош беше пружена на самото место, а едно лице беше хоспитализирано. За жал, едно лице почина“, рече Бусаргин.

Руското Министерство за одбрана соопшти дека единиците за воздушна одбрана уништиле 121 украински дрон во текот на ноќта, вклучувајќи осум над регионот Саратов.

Известувањето е само за тоа колку беспилотни летала соборила руската одбрана, а не колку дронови биле лансирани од украинска страна.

Бусаргин не прецизираше каков вид индустриски објект бил оштетен.

Снимките на социјалните медиуми покажуваат како се издига густ чад над место што изгледа како индустриска зона.

Украинските медиуми, вклучувајќи ја и РБК-Украина, објавија дека рафинерија за нафта во градот Саратов, административен центар на регионот, била запалена по напад со беспилотно летало.

Ројтерс не можеше да ги потврди извештаите. Нема официјален коментар од Русија.

Рафинеријата Саратов, во сопственост на Роснефт, беше принудена да се затвори претходно оваа година од безбедносни причини по нападот со беспилотно летало од Украина, изјавија извори од индустријата за Ројтерс.

Руската служба за цивилно воздухопловство Росавијација на Телеграм соопшти дека летовите до и од Саратов биле прекинати околу два часа рано во неделата за да се обезбеди безбедноста на воздушниот сообраќај.

Украина и Русија негираат дека таргетираат цивили во нивните напади на територијата на другата страна во војната што Русија ја започна кога ја нападна Украина во февруари 2022 година.

Киев тврди дека неговите напади во Русија имаат за цел уништување на инфраструктура што е клучна за воените напори на Москва, вклучително и енергетската и воената инфраструктура, и дека нападите се одговор на континуираните напади од Русија.

ЦУК: Активен е пожар во Националниот парк Јасен

Пожар во Северна Македонија (фотоархива)
Пожар во Северна Македонија (фотоархива)

Во Националниот парк Јасен гори мешана шума, информираше Центарот за управување со кризи (ЦУК).

Според пресекот за пожари на отворено, тоа е единствениот активен пожар до 9 часот на 10 август.

Во изминатото деноноќие, пак, имало уште 21 пожар, но тие се изгаснати. Биле на териториите на општините Тетово, Струмица, Новаци, Велес, Битола, Гостивар, Карбинци, Прилеп, Куманово, Ранковце, Сарај, Кичево, Валандово и Студеничани.

Северна Македонија и ова лето се справува со зголемен број пожари на отворено.

На територијата на цела држава е прогласена кризна состојба, која Влада ја седница на 7 август ја продолжи за нови 30 дена.

За да се зајакнат капацитетите во справување со пожарите, Дирекцијата за заштита и спасување преку општините потпиша договори со 352 граѓани што се пријавија на неодамнешниот повик за обука на пожарникари.

Повеќе од 365 уапсени во Лондон поради поддршка на забранета пропалестинска група

Апсење на еден од демонстрантите во Лондон, 9 август 2025 г.
Апсење на еден од демонстрантите во Лондон, 9 август 2025 г.

Британската полиција соопшти дека уапсила повеќе од 365 лица во центарот на Лондон во саботата (9 август) бидејќи поддржувачи на неодамна забранета пропалестинска група свесно го прекршиле законот во обид да ја принудат Владата да ја преиспита забраната.

Парламентот усвои закон на почетокот на јули со кој се забранува групата Палестинска акција, а јавното поддржување на неа претставува кривично дело. Претходно, активисти упаднаа во база на Кралските воздухопловни сили и вандализираа два танкери во знак на протест против поддршката на Велика Британија за израелската офанзива во Појасот Газа против Хамас кој САД и ЕУ го сметаат за терористичка организација.

Поддржувачите на групата, кои одржаа серија протести низ Велика Британија во текот на изминатиот месец, велат дека со донесениот закон нелегално се ограничува слободата на изразување.

Повеќе од 500 демонстранти се собраа на плоштадот пред зградата на парламентот во саботата, од кои многумина ја предизвикаа полицијата да ги уапси држејќи транспаренти на кои пишуваше „Се спротивставувам на геноцидот. Ја поддржувам палестинската кауза“.

Преку социјалната мрежа Икс полицијата соопшти дека уапсила 365 лица за поддршка на забранетата организација додека седум лица биле уапсени и за други кривични дела – вклучително и пет за напад врз полицајци.

Како што демонстрациите почнаа да се смируваат, полицијата и организаторите на протестите – кои се обидуваат да покажат дека законот не е применлив – почнаа да се расправаат околу бројот на апсења.

„Полицијата успеа да уапси само мал дел од оние за кои се тврди дека извршиле ’терористички‘ дела, а повеќето од нив се ослободени со кауција и им е дозволено да си одат дома. Ова е голем срам за (владата), што дополнително го поткопува кредибилитетот на овој широко исмејуван закон, кој беше донесен за да ги казни оние кои ги разоткриваат злосторствата на Владата“, изјавија од групата која го организираше протестот.

Лондонската полиција брзо одговори, велејќи дека ова не е вистина и дека многу од собраните на плоштадот биле минувачи, медиуми или луѓе кои не држеле транспаренти во поддршка на групата.

„Уверени сме дека секој што денес дојде на плоштадот пред парламентот носејќи транспарент за поддршка на Палестинската акција е или уапсен или е во процес на апсење“, се вели во соопштението на полицијата.

Во петокот, полицијата соопшти дека демонстрациите биле невообичаени по тоа што демонстрантите сакале да бидат уапсени во голем број за да ја оптоварат полицијата и поширокиот кривичноправен систем.

Владата презеде чекори за забрана на Палестинската акција откако активистите упаднаа во британска воздухопловна база во јужна Англија на 20 јуни во знак на протест против британската воена поддршка за војната меѓу Израел и Хамас. Активистите испрскаа црвена боја врз моторите на два танкери и ги оштетија лостовите.

Вчитај повеќе

XS
SM
MD
LG