Достапни линкови

Украина и Русија со меѓусебни обвинувања за кршење на Велигденското примирје


Илустрација - Жител на Авдивијка пред уништена станбена зграда
Илустрација - Жител на Авдивијка пред уништена станбена зграда

Се чини дека 30-часовниот прекин на огнот во борбите меѓу Русија и Украина не се одржува, а двете страни се обвинуваат меѓусебно за прекршување на договорот.

Едностраниот прекин на огнот го прогласи рускиот претседател Владимир Путин во саботата, почнувајќи од 18 часот тој ден и завршувајќи на полноќ во недела.

Украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека неговата земја ќе се придржува до прекинот на огнот и предложи негово продолжување за 30 дена.

Сепак, двете страни пријавија континуирани напади на Велигден, иако тврдењата од фронтот не можеа независно да се потврдат.

Руските власти во неделата рано наутро известија за најмалку три експлозии во регионот Доњецк, кој е под руска окупација.

Зеленски тој ден на социјалните мрежи објави дека „руската армија се обидува да создаде општ впечаток за прекин на огнот, додека во некои области сè уште се обидува да напредува и да и нанесе загуби на Украина“.

Како што рече, цитираше утрински извештај од украинскиот Генералштаб.

„Помеѓу 18 часот во саботата и полноќ, забележани се 387 случаи на гранатирање и 19 напади од руските сили. Русите користеле беспилотни летала 290 пати“, напиша Зеленски.

Во Киев, додека свештениците ги посипуваа верниците со света вода, меѓу граѓаните имаше длабок сомнеж за искреноста на велигденското примирје.

„Навистина се надевам, но не верувам. Тие (Русите) велат едно, а го прават спротивното“, рече Дмитро (37), експерт за ИТ.

„Никој не верува во тоа“, вели Олха Малашук (40), која работи во продажба. „[Путин] веројатно сака повторно да ја вооружи армијата, затоа никој повеќе не му верува.

Сомнежите може да се слушнат и меѓу цивилите во Москва, каде што функционирањето на Радио Слободна Европа е практично забрането.

Бесмислено е затоа што не и верувам на Украина“, изјави Евгениј Павлов (58) за АФП. „Не треба да им даваме пауза. Ако веќе ги притискаме, треба да ја завршиме работата.

„Мораме да ставиме крај на ова - или да или не. Или траен мир или воопшто нема мир“, беа зборовите на Марија Горанина (85).

Сличен став искажа и портпаролката на ЕУ за надворешни работи, Анита Хипер.

„Русија може да ја заврши оваа војна во секое време, ако навистина сака. Ние продолжуваме да ја поддржуваме Украина во постигнувањето траен, праведен и сеопфатен мир“, рече таа по објавувањето на прекинот на огнот во саботата.

Русија започна сеопфатна инвазија на Украина на 24 февруари 2022 година. Се проценува дека стотици илјади луѓе - главно војници - се убиени или ранети од сите страни.

Соединетите Држави водат директни разговори со Русија како дел од нивните напори за ставање крај на војната, но се соочуваат со тешкотии во постигнувањето брз напредок.

Москва минатиот месец го отфрли предлогот за целосен и безусловен прекин на огнот поддржан од САД и Украина.

Американскиот претседател Доналд Трамп во петокот предупреди дека Вашингтон ќе се „одмине“ од понатамошните преговори за ставање крај на војната во Украина доколку наскоро не се постигне напредок.

Тој ги даде забелешките откако државниот секретар Марко Рубио рече дека САД „нема да ја следат оваа иницијатива со недели и месеци“, бидејќи имаат „други приоритети на кои треба да се фокусираат“.

XS
SM
MD
LG