Достапни линкови

Либералите на пат до победа на канадските избори


Премиерот на Канада и лидер на Либералната партија, Марк Карни
Премиерот на Канада и лидер на Либералната партија, Марк Карни

Либералната партија на Канада, предводена од премиерот Марк Карни, е на добар пат да победи на федералните избори, објавија канадските медиуми, по кампањата обележана со провокации и царини од страна на американскиот претседател Доналд Трамп.

Премиерот Марк Карни побара од гласачите силен мандат за да се спротивстават на царините и заканите на американскиот претседател Доналд Трамп за анексија на земјата.

Гласовите сè уште се пребројуваат, а првичните прогнози на Си-Ен-Ен, ЦТВ и ЦБЦ, предвидуваат дека либералите ќе освојат доволно места за да формираат нова влада.

Бидејќи гласовите сè уште се пребројуваат, CBC News вели дека е прерано да се каже дали новата влада ќе биде мнозинска или малцинска – потребни се 172 места за мнозинска влада.

Резултатите ќе треба да се почекаат извесно време и можно е тоа да зависи од исходот од гласањето во најзападната провинција Британска Колумбија, каде што гласачките места се затвораат последни.

Либералите, кои се на власт во последните девет години, победија или водат во 133 изборни единици, а конзервативците во 93 изборни единици.

Парламентот има 343 места и ако Карни освои само релативно мнозинство, ќе мора да преговара со помалите партии.

Резултатите од изборите се тежок пораз за конзервативниот лидер Пјер Поилиевре, кој во кампањата се фокусираше на домашната политика и ветувањето дека ќе ја поправи земјата што либералите ја „корумпираа“.

Откако Џастин Трудо поднесе оставка од функцијата премиер на почетокот на годината, поранешниот гувернер на Националната банка на Канада, Марк Карни, убедливо победи на внатрепартиските избори на Либералната партија на Канада, а потоа стана шеф на политичкиот блок што го предизвика антитрамповото расположение во земјата.

Карни ја мобилизираше канадската јавност против заканата на американскиот претседател да ја анектира Канада како 51-ва држава на Соединетите Држави, а истовремено го направи прашањето за одбраната на Канада од тврдењата на Трамп централен дел од неговата политичка платформа.

„Ги отфрлам сите обиди за ослабување, исцрпување, разбивање на Канада, за Америка да може да нè поседува. Ние сме господари во својата куќа“, им рече Карни на новинарите кон крајот на март.

Конзервативната опозиција, предводена од долгогодишниот парламентарец Пјер Поилиевре, се сметаше за изборен фаворит кога Трудо ја објави својата оставка во јануари, во услови на галопирачка економска криза, растечки трошоци за живот и внатрешен бунт во неговиот кабинет.

Сепак, високите царини што Трамп ги наметна врз Канада и заканите за нејзиниот суверенитет драматично го променија расположението на канадскиот електорат.

XS
SM
MD
LG