Пропадна и осмиот обид за конституирање на косовското собрание, бидејќи претседателот на оваа институција не беше избран на предлог на победничката партија на февруарските избори - Движењето Самоопределување.
Конститутивната седница започна на 15 април, но беше прекината по осми пат во вторник (29 април) поради несогласувања меѓу парламентарните партии во врска со третата точка на дневниот ред, а таа е изборот на претседател на Собранието.
Победничката партија на изборите, во овој случај - Движењето Самоопределување, има ексклузивно право да предложи кандидат за претседател на Собранието. Сепак, најголемите албански опозициски партии не го прифаќаат нивниот кандидат, Албулена Хаџиу, туку бараат да биде номиниран некој друг, што пак Самоопределување одбива да го стори.
Во вторник, Хаџиу доби 54 гласа „за“, додека на претходните седници имаше 57 гласа од пратениците.
Според деловникот на Собранието, конститутивната седница завршува со избор на претседател и потпретседател, а за да се избере претседател на Собранието, потребни се 61 глас од вкупно 120 пратеници.
Парламентарните опозициски партии проценуваат дека движењето Самоопределување, кое ја водеше Владата во претходните четири години, нема доволно гласови за избор и формирање нови институции.
Движењето Самоопределување има 48 пратеници, по што следуваат Демократската партија на Косово со 24 места, Демократскиот сојуз на Косово со 20, коалицијата Алијанса за иднината на Косово и Социјалдемократската иницијатива (НИСМА) со 8 места. На малцинските заедници во косовското собрание им се загарантирани 20 пратенички места, од кои десет ѝ припаѓаат на српската заедница.
Демократската партија на Косово и Алијансата за иднината на Косово сметаат дека Албулена Хаџиу е „контроверзна личност“, додека Демократскиот сојуз на Косово објави дека нема да поддржи ниту еден кандидат предложен од Самоопределување.
Додека не се конституира Собранието, не може да се отвори патот за формирање на новата Влада на Косово.
Европската Унија изјави дека Косово мора брзо да формира нови институции, а некои амбасадори на западните земји, исто така, повикаа на деблокада.