Достапни линкови

Димитровска: Мојата комуникација со семеен пријател беше пред да биде обвинет во „Адитив“


Татјана Димитровска, претседателка на ДКСК
Татјана Димитровска, претседателка на ДКСК

Претседателката на Државната комисија за спречување на корупција, Татјана Димитровска, која е осомничена за кривичното дело „одавање службена тајна“ во случајот „Адитив“, вели дека кредибилитетот и интегритетот на институцијата со која раководи во никој случај не смее да биде оспорен.

Во соопштение до јавноста, една недела откако беше вклучена во проширената истрага за овој предмет, Димитровска тврди дека комуникацијата со лицето за кое вели дека ѝ е семеен пријател, а кое подоцна било обвинето во случајот, се водела во период пред почетокот на постапката против него.

„Од соопштението на ОЈО ГОКК се согледува дека нашата комуникација траела до декември 2024 година, пред да му е изречена мерка притвор. По оваа мерка кон него, јас престанувам со комуникација. Содржината на комуникацијата се однесува на разговори без никаква поврзаност со случајот „Адитив“. Дел од споделените информации се однесуваат на јавни документи чија содржина пред нашата комуникација е објавена во јавност, а останатиот дел е вообичаена пријателска комуникација. За оваа моја комуникација изразувам жалење и укажувам дека е направена без никаква намера да влијаам на постапката или на било кој аспект на истрагата. Ова го тврдам одговорно“, пишува Димитровска во соопштението доставено до медиумите.

Додава дека во ДКСК во моментов е во тек постапка за проверка на имотната состојба на ова лице и дека според електронската распределба на предметите, овој предмет не е распределен на постапување кај неа.

„Согласно утврдените правила, немам никаква можност да влијаам врз текот на постапката или врз исходот. Одлуките на ДКСК се носат колективно, со мнозинство гласови на членовите“, вели таа.

Димитровска вели дека целосно ќе соработува со надлежните правосудни органи и ќе ги почитува во целост мерките за претпазливост.

Димитровска порача дека кредибилитетот и интегритетот на Антикорупциската комисија не смеат да бидат оспорени, особено имајќи ги предвид принципот на презумпција на невиност и владеење на правото, како и фактот што останатите шест члена од Комисијата немаат поврзаност со делото за кое е осомничена.

Димитровска, минатата недела се најде на листата на осомничени со која Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК) ја прошири истрагата за случајот „Адитив“ кој однесува на криминал во државната ЕСМ тежок 6,5 милиони евра.

XS
SM
MD
LG