Достапни линкови

Руски дрон погоди цивилен минибус, загинаа деветмина, соопшти Киев


Остатоците од минибусот погоден од руски дрон, Суми 17 мај 2025
Остатоците од минибусот погоден од руски дрон, Суми 17 мај 2025

Во напад на руско беспилотно летало е погоден минибус со цивили во регионот Суми, во близина на руската граница, при што загинаа девет лица, а четворица беа ранети, соопштија украинските власти.

Нападот на 17 мај дојде еден ден откако првите директни мировни преговори по повеќе од три години завршија без позитивен резултат и кога Киев ја обвини Москва за „неприфатливи“ барања. Русија ги отфрли повиците на Украина, европските земји и Соединетите Држави за 30-дневен прекин на огнот во војната, сега веќе во нејзината четврта година од целосната инвазија на Русија на Украина во февруари 2022 година.

Нападот е извршен со дрон, соопшти регионалната воена управа на Суми. Националната полиција на Украина обвини дека руските сили намерно го гаѓале комбето, кое се користело како меѓуградски автобус. Беше погоден во близина на градот Билопиља, недалеку од руската граница.

Сликите објавени од Националната полиција на Телеграм покажаа извалкан минибус Мерцедес и остатоци расфрлани на патот.

Немаше моментален коментар од Русија, која тврди дека не цели цивили и покрај многуте докази за спротивното. Регионот Суми е место на чести руски напади.

По видливите и неубедливи разговори меѓу украинската и руската делегација во Истанбул на 16 мај, американскиот претседател Доналд Трамп рече дека е потребна средба со рускиот претседател Владимир Путин за да се постигне напредок во ставањето крај на најдолгиот конфликт во Европа од Втората светска војна.

„Мораме да се собереме“, изјави Трамп во интервју за Фокс њуз. Тој рече дека е оптимист за ангажман со Путин, но е подготвен да изврши притисок врз Русија доколку е потребно.

Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, на 16 мај рече дека средбата Трамп-Путин на која ќе се разговара за билатералните врски, Украина и други прашања е „сигурно неопходна“, но ќе биде потребно време за да се подготви и не треба да се одржи освен ако не даде резултати.

На разговорите во Истанбул, кои траеја околу 90 минути, преговарачите се согласија да разменат по 1.000 затвореници од секоја страна во блиска иднина, изјавија шефовите на двете делегации. Тоа би била најголемата поединечна размена од почетокот на целосната инвазија.

Но, немаше индикации дека големите јазови меѓу Русија и Украина за прашања како територијата и прекинот на огнот беа намалени. Европските лидери му се придружија на украинскиот претседател Володимир Зеленски во осудата на Москва.

„Руската позиција е јасно неприфатлива, и тоа не е првпат“, рече британскиот премиер Кир Стармер во заедничката изјава со лидерите на Полска, Германија и Франција на самитот во Тирана, Албанија.

Тој рече дека по состанокот со Зеленски, кој исто така беше на самитот, и заедничкиот телефонски разговор со Трамп на кој разговараа за разговорите во Истанбул, „сега тесно ги усогласуваме и координираме нашите одговори и ќе продолжиме да го правиме тоа“.

XS
SM
MD
LG