Достапни линкови

Преговори меѓу Украина и Русија, ама без Путин и Зеленски


Делегации од Русија и Украина ќе одржат директни мировни преговори лице в лице за прв пат по повеќе од три години во Истанбул, иако тимовите ќе бидат составени од технократи од пониско ниво, откако претседателот Владимир Путин изјави дека нема да присуствува.

Делегациите треба да се состанат на 15 мај во палатата Долмабахче во Истанбул и ќе се одржат во тајност без пристап за медиумите, објавија руските медиуми.

Според извештаите украинскиот претседател Володимир Зеленски е на пат кон Турција, како што е предвидено, иако Путин одлучи да не патува на разговорите. Зеленски ќе се сретне со турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган во Анкара, но нема да присуствува на мировните преговори во Истанбул.

Тој изјави дека е подготвен да се сретне со Владимир Путин, но не и со руски претставници од пониско ниво.

Очекувањата дека американскиот претседател Доналд Трамп, исто така, ќе присуствува на разговорите беа уништени кога во соопштението на Кремљ беше кажано дека Путин потпишал наредба на 14 мај со која се именуваат четворица преговарачи и четворица експерти кои ќе ја сочинуваат руската делегација.

Трамп, кој е во регионот во четиридневна посета на неколку земји од Блискиот Исток, рече дека ќе оди ако тоа го убеди Путин да учествува.

„Не знам дали Путин би бил таму, ако јас не сум таму“, им рече Трамп на новинарите додека леташе од Саудиска Арабија за Катар на 14 мај.

„Знам дека би сакал јас да бидам таму и тоа е можност. Ако можеме да ја завршиме војната, би размислил за тоа“, рече Трамп пред соопштението на Кремљ.

Американските медиуми објавија дека се очекува пратениците Стив Виткоф и Кит Келог сè уште да бидат во Истанбул.

Во соопштението на Кремљ се вели дека заменик-министерот за одбрана Александар Фомин, кој учествуваше во разговорите одржани меѓу двете страни во неделите по целосната инвазија на Москва во февруари 2022 година, ќе биде меѓу преговарачите.

Делегацијата ќе ја предводи Владимир Медински, помошник на Путин, кој исто така учествуваше во последната рунда разговори пред повеќе од три години.

Медински се смета за влијателен во унапредувањето на историските претензии на Русија врз големи делови од Украина и има напишано учебници со националистички поглед на руската историја, кој е доведен во прашање од независни историчари.

Игор Костјуков, директор на Главната дирекција за разузнавање на ГРУ, руската агенција за надворешно воено разузнавање, е исто така именуван како преговарач. Костјуков беше идентификуван во соопштението на Кремљ како началник на Главната дирекција на Генералштабот на руските вооружени сили.

Преговарачите одржаа неколку рунди разговори во март 2022 година во Белорусија и во Турција пред преговорите да пропаднат.

Украинскиот претседател Володимир Зеленски, кој го предизвика Путин да се сретне со него лично на разговорите, кои треба да се одржат во Истанбул, претходно оваа недела изјави дека отсуството на Путин би било јасен сигнал дека тој не е навистина заинтересиран за мир.

„Чекам да видам кој ќе пристигне од Русија. Потоа ќе одлучам какви чекори треба да преземе Украина“, рече Зеленски на 14 мај.

Зеленски додаде дека е подготвен да се сретне со Путин лице в лице откако рускиот лидер повика на директни разговори. Зеленски, исто така, рече дека ќе се сретне само со рускиот лидер, а не со делегација од функционери од Москва.

Путин предложи директни преговори „без никакви предуслови“.

По објавата на делегацијата од Кремљ, американски функционер рече дека американскиот претседател Доналд Трамп нема да присуствува. Американскиот лидер претходно изјави дека размислува да застане во Турција за време на неговото сегашно патување на Блискиот Исток, доколку тоа го убеди Путин да се појави.

Разговорите имаат за цел да се постигне мировен договор меѓу Киев и Москва за да се стави крај на најлошиот конфликт во Европа по Втората светска војна. Сепак, отсуството на рускиот и американскиот претседател ги намалува очекувањата за голем пробив во војната што Русија ја започна во февруари 2022 година.

Постоеше скептицизам во врска со шансите за успех на разговорите дури и пред веста дека ниту Путин ниту Трамп нема да присуствуваат.

Амбасадорот на Литванија во Шведска, Линас Линкевичиус, за „Курент Тајм“ изјави дека иако сите сакаат пробив, тој не гледа основа за тоа бидејќи почетните позиции што ги имаат сите страни се многу различни.

„Нема разговор за интересите на Украина, за правната одговорност на Русија, што е важно бидејќи сите тие злосторства ги извршила таа земја и нејзиниот лидер. Не можете само да го тргнете сето тоа настрана и да се преправате дека од сега па натаму само работиме“, рече Линкевичиус.

Линкевичиус, исто така, предвиде дека Русија ќе држи предавања за „коренските причини“ на конфликтот и откако ќе се решат, може да зборува за некаков вид прекин на огнот.

„Со други зборови, повторно нема да има прекин на огнот. Тие ќе се влечат за да купат време и според мене ќе се подготват за летна воена кампања“, вели тој.

Руската независна политикологка, Наталија Шавшукова, за „Курент Тајм“ изјави дека вистинската мотивација на Путин б/ила само да се сретне со американскиот претседател.

„Единствениот интерес на Путин е директна средба со Трамп. А, Украина стана изговор за средба на двајцата лидери“, рече Шавшукова, додавајќи дека Путин во моментов не изгледа заинтересиран за склучување мировен договор со Украина.

Во интервју за „Ле Монд“, Андриј Јермак, шефот на кабинетот на украинскиот претседател, рече дека отсуството на Путин во Турција на 15 мај ќе сигнализира дека „Москва не сака мир и не е подготвена за сериозни преговори“.

„Не ѝ веруваме на Русија. Но, сакаме да го завршиме овој конфликт и сме подготвени да прифатиме каков било формат на преговори“, изјави Јермак за „Ле Монд“.

Украинскиот министер за надворешни работи Андриј Сибиха веќе пристигна во Анталија на медитеранскиот брег на Турција, каде што генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, претседаваше со неформален состанок на министрите за надворешни работи од воената алијанса.

Американскиот државен секретар Марко Рубио, кој треба да учествува во разговорите за завршување на војната заедно со високите американски претставници Стив Виткоф и Кит Келог, се сретна со Сибиха на 14 мај на маргините од состанокот на министрите за надворешни работи на НАТО.

Сибиха на X изјави дека ја објаснил „визијата на Зеленски за понатамошни мировни напори“ за време на „оваа критична недела“. Тој и Рубио „детално разговарале за логиката на понатамошните чекори и ги споделиле нашите пристапи“, напиша тој.

Русија започна бранови напади со беспилотни летала и ракети врз Украина во последните недели, во услови на притисок за прекин на огнот.

Артем Кобзар, вршителот на должноста градоначалник на градот Суми, рече дека во ваквите напади загинале две лица, а повредени се уште две лица во украинскиот Сумски регион на 14 мај. Бројот на жртви подоцна се зголеми на три.

XS
SM
MD
LG