Руските преговарачи на мировните преговори во Истанбул побараа Украина да ги повлече своите сили од сите украински територии за кои претендира Москва пред да се согласи на прекин на огнот, изјави за Ројтерс висок украински функционер запознаен со разговорите.
Тоа барање, заедно со другите поставени во петокот, ја надминува рамката на нацрт-мировниот договор предложен од САД минатиот месец по консултациите со Москва.
Првите директни разговори во Истанбул меѓу двете страни по три години завршија со договор за размена на воени заробеници, без договор за прекин на огнот.
Според украински функционер, Русите предложиле повлекување на украинските трупи од Доњецк, Запорожје, Херсон и Луганск како услови за мировен договор и дури тогаш ќе дојде до прекин на огнот.
Русија ги контролира повеќето од овие региони, но украинската армија се уште се бори во некои делови. Москва дополнително бара меѓународната заедница да признае пет региони на Украина како руски. Покрај Доњецк, Луганск, Запорожје и Херсон, се бара и признавање на Крим, анектиран во 2014 година, како дел од руската територија.
Американскиот предлог вклучува „де јуре“ признавање само за Крим и „де факто“ признавање за делови од други региони под руска контрола.
Москва побара од сите страни да се откажат од правото на воени отштети, додека САД бараат Украина да добие компензација. Украинскиот функционер рече дека руските преговарачи ги поставиле овие барања усно, а не писмено, објави Ројтерс.
Украина оцени дека руската преговарачка позиција во Истанбул покажала дека Москва не е сериозна за постигнување мир, а европските сојузници на Киев бараат од американскиот претседател Доналд Трамп да воведе нови санкции кон Русија.
Киев и неговите европски сојузници подготвија алтернативен предлог според кој прво би се случило прекин на огнот, а дури потоа би почнале преговорите. Тие исто така одбиваат да разговараат за територијални прашања до подоцнежна фаза.