Достапни линкови

Лани во пожари „изгореа“ 83 милиони евра - огнот го разгоре стравот кај луѓето


Пожар кај Чучер Сандево, јули 2025 година
Пожар кај Чучер Сандево, јули 2025 година

Беше грозно, страшно, летаа и хелихоптери, како во војна да бевме, сведочи за РСЕ жителка на Николиќ, крај Дојран. Жителите на Горно Оризаре со лопати и трактори се бореле со огнот. Досега има две жртви. Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски се сомнева оти пожарите се подметнати.

И сега има чад, но огнот е далеку од куќите, вели Слободанка Стојчева од селото Николиќ кај Дојран, каде што гори еден од осумте активни пожари колку што во моментов ги има во државата.

Кај Николиќ гори нискостеблеста шума, веќе четврти ден.

„Најстрашно беше вчера (9 јули). Беше грозно, страшно, летаа и хелихоптери, како во војна да бевме. Надвор бевме само со маски, ги прскавме дворовите, сувите делови.. ни беше страв дека огнот ќе ги зафати куќите. Таков страв немам претрпено. Се зборуваше дека ако се зафати фабриката „Дојран стил“, каде има и плински болници, ќе летнеме во воздух. Но, имаше и многу екипи, сите беа вклучени, организирани и навистина се трудеа да го изгаснат пожарот“, изјави Стојчева за Радио Слободна Европа (РСЕ).

Во Николиќ и денеска мириса на чад, но огнот е далеку од куќите. Жителите ги чистат домовите од пепелта што им влегла низ прозорците.

Денеска здивнаа и жителите на Горно Оризаре во општина Шуто Оризари, кои вчера беа во битка со огнената стихија. Се самоорганизирале и го пресекле огнот на 500-600 метри пред куќите.

„Беше страшно, баравме помош, во прв момент никој не ни помогна. Се собравме оклу 300 мажи и жени, со лопати и трактори, гасневме упорно и макотрпно цели четири часа. Среќа што ветерот го смени правецот па успеавме некако да се спасиме. Инаку, за половина саат ќе изгоревме“, изјави Цеко Мирчевски од Горно Оризаре за РСЕ.

Градоначалникот на Чучер Сандево: Бавно интервенираа, штетата е огромна

Состојбата во Чучер Сандево денес е под контрола, но штетата е огромна, изјави градоначалникот Сашко Комненовиќ за РСЕ. Општината на 8 јули прогласи вонредна состојба поради ситуацијата.

Пожарот кај неколку населени места во Чучер Сандево трае четири дена - на едно место ќе се изгаси, на друго се разгорува, најмногу кај селата Чучер, Бањани и Бразда.

„Има уште две места каде се појавува чад но тие не се пристапни, таму може да се гаси само од воздух. Закана кон населението и кон куќите нема, но штетата е огромна. Изгореа седум викенд куќи, магацински простор, фарми, голема површина поле, жито и шума. Вчера беше страшно, ваков пожар не памтат ни луѓето што сега имаат по 80 години. Заврши катастрофално затоа што надлежните не интервенираа брзо и целосно. Најмногу помогна самото население“, изјави Комненовиќ.

Центарот за управување со кризи (ЦУК) соопшти дека до 12 часот утрово се регистрирани 16 пожари. Од нив, активни се осум, пет се под контрола, еден пожар е локализиран, а три се изгаснати.

Освен кај Николиќ, активни се пожарите кајЧучер Сандево – помеѓу с.Блаце и с.Горњани, м.в.Рамна шума (шумски пожар), Прилеп – с.Бешиште, м.в.Бешишки Рид (приземен во мешана шума), Македонски Брод 1 – помеѓу с.Црешнево и с.Локвица (дабова шума и грмушки), Македонски Брод 2 – с.Рамне – с.Ковче (ниска вегетација, проширен од фабриката Самоков), Македонски Брод 3 – с.Слатина (мешана шума), Чашка – под Солунска глава, Изворите на Бабуна – Бабина дупка (само чад, шумски пожар) и Крива Паланка – с.Градец (шума и сува трева).

Под контрола се пожарите на градската депонија „Острец“ во Делчево, селото Орман кај Ѓорче Петров, пожарот кај Смилковско езеро, депонијата кај Шуто Оризари и пожарот кај кочанските села Јастебник и Полаки.

Вчера (9 јули), пак, на територијата на цела држава биле изгласнати 66 пожари на отворено, изјави директорот на Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС) Стојанче Ангелов.

Две жртви, сомнежи дека пожарите се подметнати

Ангелов кажа и дека дел од пожарите се подметнати.

„Имаме сериозни индиции и основано сомнение дека дел од пожарите се подметнати“, рече директорот на ДЗС апелирајќи до граѓаните ако забележат сомнителни активности да пријават на 112 или во полициска станица.

И министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски, на прес-конференција рече дека МВР се сомнева оти пожари се подметнати од човечки фактор при што се испитуваат неколку наводи.

„Морам да напоменам дека можеби се работи за поинакво сценарио, од она сценарио на случајност. Институциите работат на терен. Во текот на вчерашниот ден фативме лице кое со умисла палеше оган. Лицето беше пронајдено и му беше изречена најстрога мерка. Многу е симптоматично како се неутрализира еден пожар, започнува втор, а како се неутрализира вториот стартува трет пожар. И сите се поврзани со одредена инфраструктура во државата. Од страна на МВР сум информиран дека се сомневаат дека станува збор за одредено сценарио кое сака да се постигне во Македонија“, рече Тошковски на прес-конференција на 9 јули.

Премиерот Христијан Мицкоски денеска на прес-конференција кажа дека веќе се приведени неколку лица.

„Не само што се сомневаме, туку имаме и докази. Имаме и приведени лица коишто тоа го правеа, посебно на територијата на Скопје, на Градот Скопје. Затоа што пожарот, да речеме, последниот којшто вчера се случи во близина на Смилковското езеро, беше навечер, после девет часот и тоа што го најдовме таму, но и три лица коишто потоа беа обезбедени, укажуваат на тоа дека постои основано сомневање за координирана и добро осмислена акција, посебно во Скопје“, рече Мицкоски.

На одредени места биле пронајдени ракавици, а кај Чучер Сандево и дрва потопени во бензин.

Меѓу приведените, како што информираше и МВР, се и тројца малолетници кои се странски државјани. Тие биле фатени кај населбата Илинден во скопскиот регион и во ранец полицајците им пронашле две шишиња со по 1,5 литри бензин, две петарди, запалка и течен лепак.

Од Обвинителството соопштија дека согласно Законот за правда за децата со нив бил извршен разговор по што биле пуштени.

„Обвинителството продолжува да обезбедува докази во однос на нивната евентуална поврзаност со конкретниот пожар или со намера да извршат друго кривично дело“, велат од Обвинителството.

Приведени се сопствениците и на приватен отпад во Визбегово, каде вчера избувна пожар и треба да бидат изведени пред судија на претходна постапка.

Од пожарите има и две жртви- пред четири дена, во штала во близина на железничката станица „Ѓорче Петров“ која изгоре во пожар беше пронајдено тело на човек.

Починато лице беше пронајдено и близу пожарот во село Лозаново, Крива Паланка.

Пожарите „влегоа“ и во партиските препукувања- владејачката ВМРО-ДПМНЕ обвини дека додека институциите се борат да ја заштитат секоја педа земја, СДСМ тера политика и се обидува да ќари политички поени.

„Институциите на системот макотрпно работат и ги локализираат пожарите секој ден. Од друга страна некој во државата сака истата да ја пеплоса“, рече Бране Петрушевски, пратеник на ВМРО-ДПМНЕ, на прес-конференција.

Претходно, СДСМ обвини дека Владата нема контрола врз пожарите.

„Владата и институциите се немоќни и неспособни да одговорат на предизвикот. На пет локации низ Скопје граѓаните сами, со свои раце и ресурси, се борат со огнот“, соопштија од СДСМ.

Партискиот лидер, Венко Филипче, најави дека пратеничката група на СДСМ во Собранието ќе ги повлече сите амандмани на ребалансот на Буџетот кој е во тек, а целта им е парите да бидат пренаменети за поддршка на системот за справување со пожари.

„Ги повлекуваме сите амандмани денеска за сите средства да бидат насочени кон надградба на овие системи – за ЦУК, за ДЗС, сè што треба да се направи за да се помогне на тие институции, за да не доаѓаме понатаму во ситуации кога немаме капацитети и не сме спремни“, посочи Филипче на прес-конференција н 10 јули.

Лани изгореа над 61 илјади хектари шума

Во 2024 година изгоре површина од 61.061 хектари во шумски пожари, при што е причинета штета од 5.111.962.381 денари (над 82 милиони евра), покажуваат податоците што РСЕ ги доби од „Национални шуми“.

Истата година беа регистрирани 250 шумски пожари, според податоците од „Национални шуми“.

Само пожарите во 2022 година пеплосаа десетици илјади хектари на шума, од кои повеќе од 4.000 хектари само во Берово, Пехчево и Делчево. Вкупната материјална штета од сите шумски пожари беше проценета на 38 милиони евра.

За справување со пожарите во летниот период, Владата овој месец најави вработување на 400 пожарникари. Во функција се ставени 38 стари армиски и полициски возила кои биле неупотребливи и расходовани, за да се интервенира на тешко пристапни места.

Минатото лето беше најавена реформа според која требаше да се спојат Дирекцијата за заштита и спасување и Центарот за управување со кризи во една институција, за да се воспостави современ и функционален, интегриран систем за управување со кризи и заштита и спасување.

Реформата досега не е спроведена.

На општините се уште им недостигаат професионални пожарникари, кои кубурат со опрема и возила. На тоа укажа и извршната директорка на Заедницата на единиците на локална самоуправа (ЗЕЛС), Душица Перишиќ која „алармираше“ дека на државата ѝ недостигаат дури 400 пожарникари.

Согласно закон, нивниот број треба да биде поголем од 800, или по еден пожарникар на секои 1.500 жители.

Сега, Северна Македонија има 34 единици за противпожарна заштита, во 34 општини.

XS
SM
MD
LG