Вести
Францускиот парламент ѝ изгласа недоверба на владата, Макрон пред нов предизвик

Францускиот парламент на 8 септември изгласа недоверба на владата поради нејзините планови за ограничување на националниот долг, продлабочувајќи ја политичката криза и давајќи му на претседателот Емануел Макрон задача да пронајде петти премиер за помалку од две години.
Франсоа Бајру ја презеде функцијата пред само девет месеци, а сега тој мора да поднесе оставка, оставајќи го Макрон да се соочи со намален сет на опции, бидејќи финансиските пазари сигнализираат загриженост за политичката и фискалната криза во Франција.
Бајру неочекувано го свика гласањето за доверба за да се обиде да добие парламентарна поддршка за неговата стратегија за намалување на дефицитот што е речиси двојно поголем од горната граница од 3 проценти на Европската унија и да започне со справување со долгот што се искачи на 114 проценти од бруто домашниот производ.
Но, опозициските партии не беа спремни да ги поддржат неговите намалувања на буџетот од 44 милијарди евра за следната година, а изборите за наследник на Макрон се закажани за 2027 година.
Макрон сега би можел да номинира политичар од неговата центристичка малцинска владејачка група или од редовите на конзервативците за следен премиер, но тоа би значело повторување на стратегијата што не успеа да создаде стабилна коалиција.
Тој би можел да скршне лево и да номинира умерен социјалист или да избере технократ.
Ниту едно од сценаријата веројатно нема да ѝ даде на следната влада парламентарно мнозинство. Министерот за финансии Ерик Ломбард пред гласањето изјави дека потребата од формирање нова влада неизбежно ќе резултира со разредување на планот за намалување на дефицитот.
Макрон на крајот би можел да одлучи дека единствениот излез од кризата е да се распишат предвремени избори, но досега се спротивставуваше на повиците да го распушти парламентот по втор пат од крајнодесничарскиот Национален собир и крајнолевичарската „Непоколеблива Франција“.
Најитната задача на следната влада ќе биде да донесе буџет, предизвик со кој се соочи Бајру кога ја презеде функцијата.
„Вие имате моќ да ја соборите владата, но немате моќ да ја избришете реалноста“, им рече Бајру на пратениците пред гласањето за доверба.
„Реалноста ќе остане неумолива: трошоците ќе продолжат да растат, а товарот на долгот, веќе неподнослив, ќе стане потежок и поскап“, рече тој.
Бајру додаде дека „самиот опстанок на Франција е во прашање“.
Франција има најголем дефицит како процент од БДП во еврозоната.
„Фич рејтингс“ на 12 септември ќе го разгледа кредитниот рејтинг на Франција од АА- со негативна перспектива. „Мудис“ и „С&П Глобал“, кои ѝ дадоа на Франција ист рејтинг, ќе ги донесат своите одлуки во октомври и ноември.
Намалувањето на рејтингот би можело да ја попречи способноста на Франција да добива пари по ниски каматни стапки од инвеститорите, потенцијално продлабочувајќи ги нејзините проблеми со долгот.
Продолжениот период на политичка и фискална неизвесност ризикува да го поткопа влијанието на Макрон во Европа во време кога САД заземаат тврд став во врска со трговијата и безбедноста, а војната во Украина беснее.
Макрон и политичките личности од центристичките и конзервативните партии веруваат дека предвремените избори нема да ја решат кризата и дека разговорите со социјалистите треба да продолжат, велат два извори запознаени со размислувањето на Макрон.
Социјалистите понудија контрабуџет кој би вовел данок од најмалку 2 проценти на лично богатство над 100 милиони евра и би генерирал заштеди од 22 милијарди евра. Предлогот, сепак, е тешко да се вклопи во пробизнис реформската агенда на Макрон.
Незадоволството би можело да почне да се излева и на улиците. Протестното движење наречено „Bloquons Tout“ (Блокирај сè) повикува на национални немири во среда. Синдикатите планираат штрајкови една недела потоа.
види ги сите денешни вести
Лавров го поддржа Додик и го обвини Западот за кризата во БиХ

Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров и поранешниот претседател на Република Српска, Милорад Додик, ги повторија своите претходни ставови дека „комплицираните односи во Босна и Херцеговина се резултат на грубо мешање на Западот во внатрешните работи на Босна и Херцеговина“.
Двајцата се сретнаа во Москва на 9 септември.
На прес-конференцијата, Лавров ги повтори критиките кон Кристијан Шмит, високиот претставник на меѓународната заедница во БиХ, повторувајќи дека Шмит „нема мандат од Советот за безбедност на Обединетите Нации“ и дека „се обидува да наметне одлуки и закони по налог на Западот“.
„Остро ги осудуваме обидите за отстранување од власт на српските лидери кои се непожелни за Западот, а особено на нашиот денешен соговорник, нашиот пријател, легално избраниот легитимен претседател на Република Српска, преку измислени кривични случаи“, рече Лавров.
Централната изборна комисија на Босна и Херцеговина му го одзеде мандатот на претседател на РС на Додик по конечната пресуда на Судот на Босна и Херцеговина, поради непочитување на одлуките на високиот претставник на Меѓународната заедница во Босна и Херцеговина. На почетокот на август, Додик беше законски осуден на една година затвор и шестгодишна забрана за вршење јавни функции во Босна и Херцеговина.
Лавров објави дека Русија ќе го преземе претседателството со Советот за безбедност на ОН во октомври 2025 година и најави седница за ситуацијата во БиХ за 31 октомври, „кога нашите колеги во Советот ќе мора да одговорат на многу непријатни прашања за БиХ“.
Додик рече дека „Босна и Херцеговина никогаш не донела одлука за воведување санкции врз Руската Федерација, бидејќи Република Српска го направила тоа невозможно преку своите претставници“.
Поголемиот дел од своето обраќање до медиумите, Додик му го посвети на високиот претставник Кристијан Шмит.
„Високите претставници разрешија над 900 избрани претставници во Босна и Херцеговина, од кои две третини од Република Српска. Република Српска остана посветена на „зборот“ од Дејтонскиот договор, додека Западот го користеше таканаречениот „дух на договорот“. Со години имаме неименуван странец по име Шмит преку кого тие наметнуваат одлуки“, рече Додик.
Додик, меѓу другото, рече дека нема малигно руско влијание во Босна и Херцеговина.
Неодамна во интервју за рускиот „Спутник“, Додик објави дека во октомври ќе се сретне и со рускиот претседател Владимир Путин.
Како што тогаш рече, од Русија ќе биде побарано да стави вето на продолжувањето на мировната мисија ЕУФОР Алтеа во Босна и Херцеговина, за која се гласа секој ноември во Советот за безбедност на Обединетите Нации.
На 4 септември, Додик се сретна и со унгарскиот министер за надворешни работи, Петер Сијарто, кој го претстави како претседател на Република Српска, поради што Министерството за надворешни работи на Босна и Херцеговина испрати протестно писмо. Во недела, на пат кон Москва, тој се сретна и со претседателот на Србија, Александар Вучиќ, во Белград.
Премиерот на Непал поднесе оставка по протестите против корупцијата и забраната за социјални медиуми

Непалскиот премиер К.П. Шарма Оли поднесе оставка, потврди неговиот помошник. Во исто време, демонстрантите против корупцијата го прекршија полицискиот час и се судрија со полицијата.
Непал ја укина забраната за социјалните медиуми во вторник (9 септември)по масовните протести предизвикани од самата забрана.
„Владата ја укина забраната за социјалните мрежи воведена минатата недела“, објави портпаролот на кабинетот и министер за комуникации и информатичка технологија, Притви Суба Гурунг.
Најмалку 19 лица загинаа, а повеќе од 300 беа повредени во протестите предводени од членовите на „Генерацијата З“.
Властите воведоа полициски час во метрополитенската област Катманду за да ги спречат понатамошните протести.
„Протестите, масовните собири и состаноците нема да бидат дозволени за време на полицискиот час“, објави Чхабилал Риџал, градскиот окружен управник.
Ова соопштение следеше откако демонстрантите ги повикаа граѓаните да учествуваат во заедничкото изразување на жалост за мртвите. Организаторите на протестите, кои се проширија и во други градови во хималајската земја, ги нарекоа „демонстрации на Генерацијата З“.
Тие велат дека протестите го одразуваат широко распространетото незадоволство кај младите луѓе поради недостатокот на конкретни потези од страна на владата во борбата против корупцијата и создавањето економски можности.
Насилните протести во Непал вчера оставија најмалку 14 мртви и десетици повредени. Непалската влада на 4 септември соопшти дека ги блокирала повеќето платформи на социјалните медиуми, вклучувајќи ги Фејсбук, Инстаграм и Јутјуб, бидејќи компаниите не ги почитувале прописите што бараат од нив да се регистрираат кај владата.
Законот, кој не е усвоен од парламентот на Непал, беше широко критикуван како алатка за цензурирање и казнување на противниците кои ги изразуваат своите ставови преку интернет.
Зеленски: Најмалку 20 убиени во руски напад врз источна Украина

Руски напад во источниот украински регион Донецк уби најмалку 20 лица, објави украинскиот претседател Володимир Зеленски во објава на социјалните мрежи, на 9 септември.
Москва го прогласи индустрискиот регион за дел од Русија и покрај тоа што нема целосна контрола врз него, а Киев вели дека Кремљ распоредил 100.000 војници на клучен дел од фронтовската линија за нова офанзива.
„Брутално дивјачки руски воздушен напад со воздушна бомба врз руралната населба Јарова во регионот Донецк. Директно врз луѓе. Обични цивили. Во истиот момент кога се исплаќаа пензиите“, напиша Зеленски во својата објава.
„Според прелиминарните информации, повеќе од 20 лица се убиени“, додаде украинскиот лидер.
Гувернерот на регионот Донецк изјави дека 21 лице е убиено и дека исто толку луѓе се ранети.
Зеленски објави аматерско видео од местото на настанот на кое се гледаат трупови расфрлани по земјата и изгорено мини-комбе во близина на игралиште, со лични работи, документи и чевли расфрлани насекаде.
АФП не можеше независно да ги потврди сликите објавени од украинските власти.
Јарова, која се наоѓа на приближно осум километри (речиси пет милји) од линијата на фронтот, имала предвоена популација од околу 1900 луѓе.
Зеленски ги повика сојузниците на Украина да одговорат на нападот.
„Потребен е одговор од Соединетите Држави. Потребен е одговор од Европа. Потребен е одговор од Г20. Потребни се силни акции за да се натера Русија да престане да носи смрт“, додаде Зеленски.
Русија ја почна целосната инвазија врз Украина на 24 февруари 2022 година.
До почеток на изборната кампања, сите службени возила треба да бидат брендирани

Службата за општи и заеднички работи на Владата отопочна постапка за брендирање, односно означување на сите службени возила во државата.
„Целта е до 29 септември, односно до почеток на кампањата за локалните избори сите службени возила и возила во сопственост на државата да бидат брендирани, односно да ги заменат регистарските таблички на службените возила со нови, специјални таблици во боја, изјави директорот на Службата за општи и заеднички работи на Владата, Ивица Томовски.
Томовски вели дека станува збор за околу 7 до 7,5 илјади возила, нагласувајќи дека МВР заклчучно со 31 декември годинава презело обврска да направи регистар на службени возила.
„Им дадовме насока и препорака на сите институции во државата да отпочнат со промена на тие таблици. Ова нека биде втор повик. Имаат рок до 15 септември, овој месец да ги брендираат сите возила. Доколку и тоа не го направат, ќе повикаме по трет пат да се брендираат, со цел до 29 септември, односно до почеток на кампањата за локални избори сите службени возила и возила во сопственост на државата да бидат брендирани“, нагласи Томовски.
Правилникот не предвидува казни, рече Томовски, појаснувајќи дека доколку некои избегнат односно не направат брендирање во рокот до 29 септември тоа ќе мора да го направат со регистрација, кога ќе добијат специјални таблици во боја.
Правилникот предвидува да се брендираат сите возила кои што се во сопственост на државата, како што се владините возила, општинските возила, возилата на Јавните претрпијатија и се она што значи доминантна сопственсот на државата.
Правилникот ќе претрпи мали измени во текот на годинава, бидејќи ги опфаќа и возилата кои што се за специфични намени, како што се дел од возилата на МВР и дел на Агенцијата за национална безбедност. Тие ќе бидат исклучени од ова брендирање, но сите останати ќе бидат брендирани.
„Зборуваме најмногу за возила кои го користи администрацијата. Да ќе има дел од МВР кои што ќе бидат исклучени, но дел ќе бидат брендирани, бидејќи ги користи администрацијата“, изјави Томовски.
Одлуката за оваа новина беше донесена на владината седница на 29 јули, а први чии возила веќе се брендирани се СОЗР, ТИРЗ, Агенцијата за храна и ветеринарство и Царинската управа.
Калас: Годинава рекордно висока воена помош на ЕУ за Украина

Шефицата за надворешни работи на Европската Унија, Каја Калас, денеска (9 септември) изјави дека 27-те земји-членки на блокот обезбедуваат рекордна количина воена помош за Украина.
„Европската Унија и нашите земји-членки обезбедија речиси 169 милијарди евра (198,7 милијарди долари) финансиска поддршка откако започна целосната војна во 2022 година“, рече Калас во обраќањето пред Европскиот парламент во францускиот град Стразбур.
Таа додаде дека ова вклучува над 63 милијарди евра воена поддршка за Украина.
„Само оваа година, земјите-членки ќе обезбедат повеќе од кога било досега, 25 милијарди евра до денес. Земјите од ЕУ, исто така, ѝ обезбедија на Украина муниција, исполнувајќи 80% од целта на ЕУ за испорака на 2 милиони куршуми во Киев. Се стремиме кон 100% до октомври“, додаде Калас.
Според неа, целта на оваа помош за Украина е таа да може да се одбрани, да ги брани своите цивили и да ја одбие агресијата.
Во меѓувреме, украинските сили започнаа напади со беспилотни летала и ракети врз два града во окупираните делови од источниот украински регион Донецк, додека американските и европските претставници се состанаа во Вашингтон за да разговараат за повеќе економски санкции врз Русија за да ја принудат да преговара за крај на војната.
Украинските сили нападнале цели во градот Донецк и во Макиевка, а безбедносните претставници во окупираните области изјавија дека најмалку 20 беспилотни летала биле распоредени во два напада и дека биле активирани единици за воздушна одбрана. Руските новински агенции ги цитираа како велат дека експлозии се слушнале низ целиот град Донецк.
Израелската армија нареди евакуација на целиот град Газа пред копнената офанзива

Израелската армија нареди евакуација на целиот град Газа пред планираниот израелски напад.
„Израелската армија е решена да го победи Хамас и ќе дејствува во областа Газа со голема сила, исто како што правеше низ целиот појас“, напиша на платформата X Авичај Адрае, портпарол на израелската армија за арапски јазик.
Во соопштението, жителите на Газа беа поканети да се упатат по крајбрежниот пат кон ал-Маваси на југот од Појасот Газа, кој Израел го означи како „хуманитарна“ зона.
Ова е прва наредба на армијата за евакуација на целиот град.
Претходно, вакви повици беа упатени само за одредени области.
Во понеделник, израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху им порача на жителите на Газа да „излезат оттаму“ пред планираниот израелски напад врз градот.
На денот кога шест Израелци беа убиени во палестинска пукотница на автобуска станица во Ерусалим, Нетанјаху вети дека ќе ја засили војната против теророт, истакнувајќи дека израелската војска „елиминирала гнезда на тероризам“ на Западниот Брег и „урнала 50 терористички облакодери“ во Газа во последните два дена.
Овие уривања се само почеток на голема копнена кампања во градот Газа, рече тој.
„Затоа ја користам оваа можност да им кажам на луѓето од Газа, слушајте внимателно: Предупредени сте, излезете!“
Газа е најголемата населба на палестинската територија и е дом на околу еден милион луѓе.
Нетанјаху во неделата изјави дека околу 100.000 луѓе досега ја напуштиле областа.
Хуманитарните организации предупредуваат на понатамошно влошување на веќе катастрофалната ситуација за цивилното население.
Лабуристите победија на парламентарните избори во Норвешка

Лабуристичката партија на актуелниот премиер Јонас Гар Сторе победи на парламентарните избори во Норвешка, според прелиминарните резултати објавени доцна синоќа, јавува ДПА.
Лабуристите добија 28,2 отсто од гласовите, соопшти норвешката изборна комисија. Десничарската популистичка Партија на напредокот забележа најголем раст на рејтингот во споредба со резултатите од парламентарните избори во 2021 година, со зголемување од 12,3, и сега е втора најсилна политичка партија во земјата со прелиминарни 23,9 отсто од гласовите.
Конзервативната партија на поранешната премиерка Ерна Солберг се најде на третото место со освоени 14,6 отсто, јавува ДПА.
Според прелиминарните резултати, партиите од левиот политички спектар, предводен од Лабуристите, освоија вкупно 87 места во норвешкиот парламент со 169 места, што им дава тесно мнозинство. За време на кампањата сите тие ветија дека ќе ја поддржат владата предводена од Сторе, кој е на власт четири години.
Околу четири милиони луѓе имаа право да гласаат на вчерашните избори. Излезноста на гласачите беше 78,9 отсто, покажуваат податоците на изборната комисија, објавени на нивната веб-страница рано утринава. Конечните резултати се очекуваат во наредните денови.
Бербок ја презема претседателската функција во Генералното собрание на ОН

Поранешната шефица на германската дипломатија, Аналена Бербок, денеска (9 септември) и официјално ќе ја преземе функцијата претседател на Генералното собрание на ОН, јави ДПА.
На почетокот на 80-тата сесија на ГС на ОН во Њујорк таа го презеде раководењето со асамблејата од Филемон Јанг, поранешен премиер на Камерун.
Бербок беше избрана на оваа едногодишна функција во јуни со огромно мнозинство, и покрај кампањата на Русија за да ја попречи нејзината кандидатура.
Оваа 44-годишна политичарка од Зелената партија, до мај годинава беше германска министерка за надворешни работи, а е само петтата жена што ја извршува оваа функција.
Позицијата е во голема мера церемонијална и не треба да се меша со улогата на генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш, појаснува ДПА.
Бербок ќе претседава со седниците на Генералното собрание и ќе помага во одредувањето на дневниот ред и процедуралните правила за состаноците.
Протест во Белград - „Индексот е посилен од палката“

Протестот во Белград, „Индексот е појак од палката“, кој се одржува на повик на студентите кои учествуваат во блокадата, се бара кривично гонење на полицајците за кои се тврди дека го прекршиле законот за време на антивладините протести во Србија, кои влегоа во својот десетти месец.
Скалите на Палатата на правдата беа испрскани со црвена боја со пораката „Вашите раце се крвави“, а потоа демонстрантите се упатија кон седиштето на Секторот за внатрешна контрола на Министерството за внатрешни работи (МВР) во Нов Белград, што е последната точка на протестот.
По патот кон Министерството беше блокиран мостот Газела, еден од најголемите во Белград.
Собирот следеше по протестот во Нови Сад во петокот на 5 септември, каде што полицијата ги растера демонстрантите од универзитетскиот кампус.
„Државата и институциите не функционираат ако селективно ја вршат својата работа“, рече Алексанадра Николиќ, студентка на Правниот факултет во Белград, која додаде дека претрпела полициско насилство.
Како што изјави таа, припадник на жандармеријата ја удрил со палка во главата за време на протестот во Белград, нанесувајќи ѝ повреди на главата и лицето.
Таа рече дека владата сака да им испрати порака на граѓаните: „бидете послушни, плашете се, молчете“.
„Ги молам и ги охрабрувам сите оние кои преживеаја насилство да пријават што им се случило и да се борат за своите права. Ова е единствениот начин да ја отстраниме анонимноста на полицајците“, им рече таа на демонстрантите потсетувајќи ги дека фотографиите од неа со крвава глава сè уште циркулираат на социјалните мрежи.
Демонстрантите се упатија од српската Влада кон Палатата на правдата, зградата на Единицата за обезбедување на одредени лица и предмети (ЈЗО), а протестот заврши во Нов Белград кај Секторот за внатрешна контрола на Министерството за внатрешни работи.
Адвокатката Јелена Стојиќ праша на протестот пред Палатата на правдата зошто полицајците кои го прекршиле законот и ги пречекориле своите овластувања не се гонети.
„Каде е внатрешната контрола на Министерството за внатрешни работи и каде е Јавното обвинителство и што прави“, рече таа.
Полициските службеници претходно ги отфрлија обвинувањата за полициска бруталност, тврдејќи дека постапиле во согласност со законот.
Пред седиштето на Единицата за обезбедување на одредени лица и предмети (ЈЗО), зборуваше студентката Николина Синѓелиќ, обвинувајќи го командантот на единицата, Марко Кричек, за насилство и закани за силување откако беше приведена на антивладиниот протест на 14 август во Белград. Полицијата го негираше ова.
Таа рече пред зградата на ЈЗО дека „целиот државен апарат е насочен против нејзините граѓани“.
„Нè погоди секоја тупаница што удри граѓанин на Република Србија, наместо криминалците. Нè погоди секоја палка што падна врз студент наместо врз член на мафијата, нè погоди солзавец, гумени куршуми и кордони што ги штитат моќните од сопствениот народ“, рече таа.
За време на говорот на студентката, учесниците извикуваа навреди кон српскиот претседател Александар Вучиќ и пораки како „Апсеете го Кричек“.
Антивладините протести во Србија бараат одговорност за смртта на 16 лица при уривањето на бетонска настрешница на железничката станица во Нови Сад.
Најновото барање е распишување предвремени парламентарни избори.
Во последните недели се одржаа контра-протести „Граѓаните против блокадите“, во кои учествуваа поддржувачи на владата.
Српскиот претседател Александар Вучиќ присуствуваше на еден од овие собири на 7 септември во белградската населба Борча.
Поддржувачите на владата се собраа еден ден по антивладините студентско-граѓански протести во Белград, Крагуевац, Чачак, Ниш, Сремска Митровица и Суботица, одржани поради употребата на полициска сила против демонстрантите во Нови Сад на 5 септември.
На протестот во Нови Сад во петокот вечерта, голем број полицајци употребија палки, оклопни возила, солзавец и топовски удари за да ја растераат толпата, откако мала група маскирани демонстранти нападнаа полицајци во кордон пред зградата на Филозофскиот факултет.
Мултимедија
Најпосетени
Што треба да знаете