Достапни линкови

Додека колекторот чека пари, и натаму се излеваат фекалии во Охридското Езеро


Охридско Езеро - Септември 2024 година: Шахта која е дел од колекторскиот систем поставен на брегот на Охридското Езеро. Од овие шахти повремено се излеваат отпадни води во езерото, вклучително и во екот на туристичките сезони.
Охридско Езеро - Септември 2024 година: Шахта која е дел од колекторскиот систем поставен на брегот на Охридското Езеро. Од овие шахти повремено се излеваат отпадни води во езерото, вклучително и во екот на туристичките сезони.

Уште едно лето минува со срамна слика: туристите гледаат како фекални води се слеваат во Охридското Езеро, додека се чека на институциите да обезбедат пари за поправка на колекторскиот систем. Најавите се дека пари ќе бидат планирани во буџетот за следната година.

Додека фекални води и понатаму завршуваат во Охридското Езеро и на најатрактивните туристички локации, колекторскиот систем нема да биде поправен најмалку уште една година.

Толку време ќе биде минимум потребно, со оглед дека прво треба парите да се обзбедат со донесувањето на Буџетот за 2026 година, па да започне и санацијата на застарената инфраструктура.

Јавното претпријатие „Колекторски систем“ вели дека испратило до Министерството за животна средина и просторно планирање два проекти со кои бара околу 1,4 милиони евра за реновирање на системот. Од друга срана, од Министерствто ни одговорија дека од претпријатието добиле барање за финансирање на само еден проект од околу 790 илјади евра.

Според одговорот на ЈП „Колекторски систем“, пари меѓу другото се потребни за набавка на нови пумпи и генератори за препумпните станици – опрема која велат дека ќе ја зголеми ефикасноста на мрежата и ќе спречи истекување на отпадните води од колекторскиот систем во Охридското Езеро, а кои доаѓаат од домаќинствата, бизнисите и индустријата.

„Два проекти се доставени во Министерството за животна средина и просторно планирање и очекуваме да бидат вклучени во изготвувањето на Буџетот за наредната година“, велат од ЈП Колекторски систем.

Архивска фотографија - Охридско Езеро, загадување. Септември 2024 година.
Архивска фотографија - Охридско Езеро, загадување. Септември 2024 година.

Но, додека се чека на парите за модернизација, шахти поврзани на колекторскиот систем и натаму протекуваат во езерото - едно од највредните локации во земјава, ставено на мапата на УНЕСКО како светско природно и културно наследство.

Парите се чекаат, фекалиите течат

Ова се случува и во текот на актуелната туристичката сезона. Граѓанската организација „Охрид SOS“ објави видео од Канео, една од најатрактивните туристички локации во градот Охрид, на кое јасно се гледа како фекалии се излеваат директно во езерото.

„Фекалии ви течат в езеро, на сред Канео, во сред туристичка сезона,“ порачуваа активистите во видеото, кое предизвика згрозеност и гнев на социјалните мрежи.

Од друга страна проблем е што колекторскиот систем протекува во езерото при обилни дождови, но и бројни домаќинства го загадуваат езерото, според податоците на граѓнските организации, бидејќи не се приклучени на колктерскиот систем.

Колекторскиот систем околу Охридското Езеро е изграден пред речиси четири децении и сè уште чека модернизација.

Радио Слободна Европа во истражување од октомври 2024, откри дека оваа застарена мрежа попушта при обилни дождови, додека во езерото неконтролирано завршуваат отпадни води од нелегално изградени објекти и загадени реки, вклучително десетици ресторани, хотели, приватни резиденции, фарми и депонии.

Последиците се драматични за древното езеро кое е дом на десетици видови стари милиони години - унивезитетските истражувања покажуваа дека од загадувањето езерото забрзано ја губи својата единствена флора и фауна.

Охридското езеро мора да се исчисти од фекалии или го губи статусот на УНЕСКО
please wait

No media source currently available

0:00 0:08:38 0:00

Колекторскиот систем денес функционира со дотраени пумпи, застарени инсталации и недостиг од генератори, што ја зголемува опасноста од излевање на отпадните води (фекалии) при секој прекин на струја.

За да го надминат ова, од претпријатието Колекторски систем велат дека ги доставиле двата проекти до Министерството за животна средина и просторно планирање:

Со првиот проект велат дека планираат замена на пумпите во седум препумпни станици и во главната пречистителната станица во Враништа со современа опрема во вредност од околу 791 илјади евра (48,6 милиони денари).

Вториот проект, велат дека е за набавка на генератори, автоматски решетки и затварачи за неколку критични точки, проценет на 37,7 милиони денари, се вели во одговорот кој го доби РСЕ.

Препумпна станица во Oхрид. Септември 2024 година.
Препумпна станица во Oхрид. Септември 2024 година.

Двата проекти, велат од ЈП, можат да се реализираат за 7 до 8 месеци, но само ако Министерството за животна средина и просторно планирање обезбеди средства.

Од Министерството за животна средина и просторно планирање, пак, добивме различен одговор. Оттаму потврдуваат дека во Буџетот за 2026 ќе предвидат пари за проект - „Модернизација и унапредување на колекторскиот систем Охрид–Струга – поставување полжни пумпи“ во износ од 48.667.792 денари, но Министерството во одговорот не го спомна другиот проект на ЈП Колекторски систем од 37,7 милиони денари.

Заштита само на хартија

Додека се чека на институциите да ги обезбедат парите, загадување има и на други точки на езерото, меѓу нив каналот Студенчишта – локација која е жариште на биодиверзитет и за која УНЕСКО постојано бара да биде заштитена.

„На хартија, во изјавите за медиуми, нашите институции посветено работат на заштита на природното наследство на Охридскиот регион, но во стварност сето тоа се само празни фрази“, велат од Охрид SOS.

Колекторскиот систем околу Охридското Езеро е мрежа од околу 41 километар цевки, поставени долж брегот во 1988 година.

Во нив завршува отпадната вода од Охрид, Струга и околните општини, која потоа се транспортира кон прочистителната станица во Враништа.

Системот има два краци – охридскиот, кој почнува од Пештани и преку Лагадин влегува во градот Охрид, и струшкиот, кој се протега од Радожда и Калишта кон Струга. Двата се спојуваат и ја носат целата количина отпадни води до пречистителната станица во Враништа, а целиот процес се одвива со помош на препумпни станици и пумпи.

Овој систем не го покрива целиот брег на езерото, градоначалникот на Охрид, Кирил Пецаков, во пресрет на локалните избори ветува изградба на посебна пречистителна станица во Трпејца за испуштање на технички прочистена вода во езерото, а дека слични проекти се предвидени и за Љубаништа, со цел покривање на целата територија на брегот на Охридското Езеро


Графика за колекторски систем на Охридско Езеро.
Графика за колекторски систем на Охридско Езеро.

УНЕСКО скоро во сите извештаи изминативе години ја потенцира итната заштита на водите на Охридското Езеро од загадувањето.

Во јули годинива УНЕСКО уште еднаш ја предупреди македонската Влада дека Охридскиот регион е на прагот да биде ставен на списокот на загрозено светско наследство.

Но, и покрај тоа на Владата ѝ беше даден уште еден рок од неколку месеци за да преземе конкретни мерки, кои меѓу другото вклучуваат спречување на континуираното излевање на отпадни води, решавање на проблемот со нелегално изградени објекти и заштита на биодиверзитетот на езерото.

Граѓанските организации во земјава реагираа дека се „ужаснати од одлуката“, но наведоа дека ќе продолжат да се борат за зачувување на Охридскиот регион кој е прогласен за светско природно и културно наследство токму поради неговите уникатни и исклучителни вредности.

Дел од системот на пречистителната станица во Враништа. Септември 2024 година.
Дел од системот на пречистителната станица во Враништа. Септември 2024 година.

Илјадници години култура

Градот Охрид, сместен на брегот на езерото, е една од најстарите човечки населби во Европа, а во водите на Охридското Езеро се откриени праисториски населби.

Додека институциите не успеваат да го заштитат, археолозите објавуваат нови откритија кои потсетуваат на уникатноста и неговата непроценливата вредност.

Ројтерс во јули годинава објави дека археолози кои работеле на брегот на албанската страна на Охридското Езеро, откриле изградена населба стара околу 8.000 години.

Претходни археолошки истражувања на македоснкиот брег на езерто открија бројни траги од древни населби кои сведочат за континуирано живеење уште од праисториски времиња.

Еден од таквите локалитети е Заливот на коските сместен на јужниот брег на полуостровот Градиште со знаци на населување кои датираат од околу 1200 година п.н.е, како што објавија археолозите.

Охридско Езеро.
Охридско Езеро.

Но, дали ќе го заштитиме ова богатство?

Модернизацијата на колекторскиот систем е само дел од задачите што ги очекуваат македонските власти.

УНЕСКО повеќепати побара мораториум на нови градби, ревизија на урбанистичките планови, проценки за влијанието врз наследството, како и отстранување на дивоградбите.

Охридскиот регион е впишан на листата на светско наследство во 1979 година, а во 2019 статусот беше проширен и на албанската страна на езерото.

  • 16x9 Image

    Владимир Калински

    По завршувањето на студиите по новинарство започна да работи во А2 телевизија каде што известуваше за политички, економски и социјални теми. Потоа беше ангажиран во македонската редакција на Радио Дојче Веле во Бон. Во последниве неколку години работи во Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG