Достапни линкови

Потрошени над 6 милиони евра за проекти со вештачка интелигенција, ниту еден не е во функција


Илустрација
Илустрација

Вештачката интелигенција е глобален приоритет, но во државата сè уште нема законска рамка, национална стратегија, ниту институционална координација за нејзина примена. Ниту еден од кофинансираните 48 проекти од 2018 до 2023 година не е имплементиран во јавниот сектор, открива во својот извештај Државниот завод за ревизија.

За пет години се потрошени над шест милиони евра за 48 проекти кои користат вештачка интелигенција (ВИ) за да решат некој проблем, но ниту еден од нив не е имплементиран во јавниот сектор, објави Државниот завод за Резизија(ДЗР) во ревизорскиот извештај за можностите за употреба на ВИ во јавниот сектор во Северна Македонија.

„Иако не постојат официјални финансиски податоци за вложување на јавниот сектор во проекти поврзани со ВИ, Владата со Буџетот, во периодот од 2018 - 2023 година, а во соработка со Светска Банка, преку ФИТР има ко-финансирано 48 проекти кои вклучуваат ВИ. Во 17 сектори, финансирани се проекти во вкупна од 375.768 илјади денари или 6.110.044 евра од кои износот на кофинансирање за овие проекти е 267.104 илјади денари или 4.343.161 евра“, соопшти ДЗР.

Пет проекти биле кофинансирани од Светска банка, пет се од заеднички средства на Светска банка и државниот буџет, а 38 биле финансирани од Буџетот на Северна Македонија. Проектите се во дејностите авионска индустрија, авто/агро индустрија, ветерина, е-бизнис, енергетика, здравство, ИТ / финансии, ИТ/ образование, јавен сектор, правен сектор, производство и финансии.

И покрај тоа што се потрошени милиони евра, ревизорите констатирале дека јавниот сектор не е подготвен за користење на вештачката интелигенција во своите активности, дека државата нема национална стратегија ниту законска рамка, буџет за развој и квалификуван кадар за развој на ВИ.

Владата вложи 150.000 евра во асистентот АДА, згасна за две години

Во 2023 година, Владата предводена од тогашниот премиер Димитар Ковачевски го промовираше првиот дигитален асистент наречен АДА, базиран на вештачка интелигенција, со цел да ја зголеми транспарентноста и да ја подобри информираноста за инвестициските можности.

„Алатката веќе не е во функција, а една од причините е што не е продолжен договорот со економскиот оператор кој ја изработил и ја одржувал апликацијата“, откри ревизорскиот извештај.

АДА требаше да биде дигитален асистент во јавниот сектор, прв во регионот и пошироко што ќе им помага на компаниите да добијат целосни информации за условите за инвестирање во нашата земја, достапен 24/7 на македонски, на албански и на англиски јазик.

Технолошкиот парк во Скопје е уште еден проект кој беше најавен, а уште не е изграден.

Ревизорите констатирале и дека порталот за отворени податоци, воспоставен во 2018 година, не функционира од почетокот на 2025 година, што ја ограничува транспарентноста и иновативниот потенцијал на бизнис-секторот.

Понатаму, во рамките на пилот проект за бројот 112 за итни случаи, се користи ВИ за реално временска анализа и препораки при итни повици, но неговата целосна имплементација е ограничена поради дополнителни финансиски барања и недостиг на правна и техничка рамка.

Ревизорот констатира дека проектите како системот 112, каде што се тестира
транскрипција и превод во реално време со ВИ, бараат посебна проценка на влијанието врз приватноста а таквата практика сè уште не е
системски воспоставена.

Незначителни вложувања во ИКТ инфраструктура

Иако вештачката интелигенција на глобално ниво навлезе во многу сектори во секојдневниот живот, според ревизорите, во државава се незначителни вложувањата во ИКТ инфраструктура за напредни истражувачки капацитети.

„Иако 96,99 отсто од населението е покриено со 5G мрежа, а над 68 отсто од домаќинствата имаат пристап до фиксни мрежи со многу висок капацитет, Република Северна Македонија сè уште не располага со современа и сеопфатна дигитална инфраструктура што е предуслов за примена на вештачка интелигенција. Недостасуваат понови генерации на суперкомпјутери, стабилни дата центри и специјализирани системи за обработка на големи податоци, што ја ограничува подготвеноста на земјата за примена на ВИ во јавниот сектор“, пишува во ревизорскиот извештај.

Во Северна Македонија, првите проекти кои користат ВИ се уште од 2012 година. Меѓу нив е првиот комплетен говорен синтетизатор на македонски јазик TTS-MK кој е применет како помагало во Националниот Сојуз на слепи, а бил финансиран од Министерството за информатичко општество и администрација (МИОА) и Меѓународниот Сојуз за телекомуникации. Понатаму, за потребите на Државно училиште за рехабилитација на деца и младинци со оштетен вид „Димитар Влахов” – Скопје, од страна на кадарот на Факултетот за информатика при АУЕ-ФОН, бил изработен интерфејс за оспособување на печатач за Браево писмо (донација од МИОА и Владата).

Во Југоисточна Европа, Словенија е единствена држава која има национална стратегија за вештачка интелигенција и е на прво место по проактивни политики поврзани со ВИ. Северна Македонија е на средина на листата, а зад неа се Црна Гора, Албанија и Косово.

И индексот за подготвеност за ВИ на Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) ја позиционира земјата на 77 место од 174 држави. Тоа, според Државниот завод за ревизија, укажува дека иако постои потенцијал, потребни се значителни подобрувања во дигиталната инфраструктура, човечкиот капитал, иновациите и економската интеграција, како и регулативата и етиката во доменот на вештачката интелигенција.

Европската унија во 2024 година усвои Закон за вештачка интелигенција, кој е прва сеопфатна законска регулатива во светот за оваа технологија. Законот ги охрабрува земјите да ја прифатат ВИ и да создаваат услови за поддршка на иновациите и инвестициите во оваа сфера.

XS
SM
MD
LG