Достапни линкови

Отворени пред чет ботовите, отуѓени од луѓето - каде е границата?


Илустрација - Интеракција помеѓу вештачката интелигенција и човекот
Илустрација - Интеракција помеѓу вештачката интелигенција и човекот

Некој разговара со чет бот за да поправи нешто по дома, а некој за да има „пријател“. Светската статистика покажува дека секој шести човек на планетава е осамен. На толку осамени, очекувано е да има луѓе кои полесно ќе се поврзат до компјутер отколку со човек, велат психотерапевтите.

Од дигитално гледање на кафе до обид да се биде „сам свој мајстор“за поправка на кафемат. Граѓаните на социјалните мрежи споделуваат дека чет ботовите -компјутерски програми кои симулираат разговор со човек преку текстуални или гласовни пораки користејќи вештачка интелигенција - ги користат за различни цели.

Скопјанецот Мето Б. со кој разговараше Радио Слободна Европа (РСЕ), на пример, вели дека еден чет бот го решил она што не можеле пет различни автомеханичари низ Скопје.

„Не можеа да откријат што му е на автомобилот. Му дадов на чет ботот да прочита прирачник за поправка од официјалните сервисери за да го разбере целосно моделот, па одевме чекор по чекор. Кога го стеснивме решението на проблемот на две опции, отидов со целиот муабет кај мајсторот да провери и така конечно се најде чаре“, вели Мето Б.

Чет ботот, вели, му помага и за други, секојдневни работи. Со него, пресметува точно колку материјал треба да купи за сам да направи нешто по дома, а го советува и од каде да го купи откако ќе ги спореди онлајн објавените цени.

Сепак, тој не го консултира чет ботот за животни прашања и одлуки. За нив, вели, комуницира единствено со луѓе.

Дека мора да има граница меѓу она што се споделува со чет бот и она што се споделува со човек, се согласува и битолчанката Ана О.

Според неа, ако луѓето станат премногу „блиски“ со чет ботови, ќе ја оправдаат оддалеченоста од други луѓе и ќе ги заобиколуваат шансите за нови релации во реалниот живот.

„Може со ботот не можеш да се скараш како со човек, па некому му изгледа полесна оваа комуникација. Ама така нема ни да се запознаваме едни со други. А секој човек е некој нов свет што го откриваш постепено. Со чет ботови што правиш? Рефлексија на себеси – дај ми го тоа што го сакам“, вели Ана.

„Секој шести човек на планетата е осамен“

Секој час, околу 100 луѓе умираат од причини поврзани со осаменост, а силните социјални врски значат подобро здравје и подолг живот, објави здравствената агенција на ОН во јуни.

Според податоците на Светската здравствена организација (СЗО), Oколу 16% од луѓето ширум светот или еден од шест се осамени.

Поради ова, некои корисници на чет ботовите ги доживуваат како пријатели, велат психотерапевтите.

„Секогаш кога ќе му се обратиш на чет ботот, стои на располагање, враќа одговор. Обезбедува сигурност и присутност, што на многу луѓе денес им фали. Дури не им е ни битно квалитетот каков е. Тој што нема пријатели, нема што да прави, нема цел во животот, постепено ќе почне да мисли дека не разговара со бот“, вели психотерапевтот Станислав Петковски - Сашо.

Тој смета дека „користењето на чет ботови е симптом на општеството, а тоа е симптом на отуѓеност и колку се луѓето побездушни толку повеќе човек се врзува за компјутерите што се присутни и константни“.

Психотерапевтот Никола Дукоски, пак, во разговорот со РСЕ потсети дека човекот има потреба за припадност и размена, но и можност да декомпензира.

„На пример, потребата за изразување ја декомпензираме со запалена цигара, или потребата за близина ја декомпензираме со испиена чашка алкохол. Човекот е склон кон заменување на работите. Така и чет ботовите и вештачките творевини во оваа доба на осаменост, може да отворат простор човекот да посегне кон достапноста, а не кон реалната потреба“, додава Дукоски.

Јас не сум човек. Немам свест, чувства или лично искуство – само симулирам разговор врз основа на податоци, ни напиша еден чет бот со кој „разговаравме“ за потребите на овој текст.

„Апсолутно е можно некој да почне да ме доживува како човек – особено ако долгорочно разговара со мене и ако комуникацијата станува емоционално значајна или многу лична“, додаде чет ботот.

Како причини ги наведува јазикот што го користи - разговара природно, често со емпатија и разбирање, па поради недостатокот на други луѓе за комуникација некои луѓе се врзуваат за дигитални асистенти.

„Ќе остане ли меѓу нас?“

Разговорите со чет ботови кои користат вештачка интелигенција се генерално приватни, но нивото на приватност зависи од политиките на давателот на услуги и безбедносните мерки, вели инженерот за безбедност на информации, Ѓоко Крстиќ, за РСЕ.

Тој посочува дека повеќето реномирани компании ги криптираат разговорите за да ги заштитат од неовластен пристап, а некои, имаат за цел да ги чуваат вашите податоци безбедни и да не ги споделуваат со трети страни без согласност. Но вели дека ниту еден систем не е целосно безбеден.

Јас не можам да чувам тајна на ист начин како човек, бидејќи не паметам ништо од разговорите по нивното завршување — освен ако не е вклучена функцијата за меморија, која можеш сам да ја контролираш во поставките, одговори чет ботот кога прашавме - „Знаеш ли да чуваш тајна“?

Уверува дека нема да се сети на ништо откако ќе го завршиме разговорот и нема начин да го сподели тоа со никого, сепак има едно потсетување.

„Важно е да знаеш: ако внесеш лични податоци, тие може да се користат за подобрување на моделот (освен ако си го исклучил тоа). Значи, можеш слободно да зборуваш, но секогаш е паметно да внимаваш што споделуваш онлајн – со кого било“, напиша чет ботот.

Експертот за вештачка интелигенција, Стојанчо Туџарски, укажува на ризикот чет ботот самиот да го запамети она што ние сме му го кажале.

„Бидејќи она што ќе го кажеме влегува во тренинг податоците на чет-ботот со тоа постои ризик некогаш, некаде, во некакви услови и можеби случајно или со некакви точно погодени промптови, некој да го извлече она што сме го кажале“, вели Туџарски.

Затоа и инженерот за безбедност на информации Крстиќ советува да се биде внимателен околу споделувањето на сензитивни информации, како лични детали или финансиски податоци, бидејќи вештачката интелигенција може да доведе до ризици ако системите на компанијата се прекршени или ако споделуваат податоци со трети страни.

„Главните ризици вклучуваат потенцијални протекувања на податоци како резултат на компјутерски напади, злоупотреба на зачувани податоци за несакани цели (како модели за обука на AI) или нејасни политики за задржување на податоците“, посочи Крстиќ.

„Некој ќе настрада, но некој ќе добие“

Ана О. смета дека иако се пишуваат „црни“ сценарија за човештвото во однос на вештачката интелигенција, решение ќе се најде.

„Верувам дека, луѓето се како пиреј – и за доброто и за лошото наоѓаат некое решение. Поголемиот дел од нив. Колку изуми во светот биле донесени за некој бенефит на човештвото, а дел од луѓето кои ги искористиле и во лоши цели, но и обратно“, смета таа.

А дека секој може да ја искористи на различен начин се согласува психотерапевтот Петковски.

„Како со брзите автомобили – некој ќе настрада, ќе погине, некој, ако умее да ја користи, ќе ја користи на свое добро, да стигне побрзо, да стигне побезбедно, а некој што ќе помисли дека колата е супериорна, надмоќна, ќе изгуби“, додава Петковски.

Психотерапевтот Дукоски, порачува дека колку и да напредува технологијатаи колку и да се користи вештачката интелигенција во иднина, на човекот сепак ќе му треба човек.

„Секогаш на човекот ќе му треба човек, бидејќи се идентификуваме со сличното и го надминуваме сличното. Вештачката интелигенција ќе биде маратон кој нема да можеме да го дотрчаме, бидејќи за многу работи ќе е чекор пред нас, а за многу работи чекор зад нас“, заклучува Дукоски.

  • 16x9 Image

    Емилија Бунтеска Нацоска

    Новинарската кариера ја почнува во 2007-ма година, во А1 телевизија. За време на своето искуство во телевизија, радио и онлајн медиуми, се фокусира на теми од културата, животниот стил, социјални теми и луѓе-приказни. Во тимот на Радио Слободна Европа се вклучи во јуни 2021 година.

XS
SM
MD
LG