Вести
Првите четири македонски банки влегоа во регистарот на СЕПА

Европскиот совет за плаќања (ЕПС) ги регистрира првите четири македонски банки – три големи и една средна – во регистарот на учесници во шемата за кредитни трансфери на СЕПА. Овој чекор го означува официјалниот почеток на членството на Северна Македонија во Единствената област за плаќање во евра (СЕПА).
Народната банка која ги координираше активностите за членство, претходно доби одобрение за членство од ЕПС на 6 март 2025 година, со што Северна Македонијастана дел од СЕПА. Ова им овозможува на домашните банки да се интегрираат во европските платежни шеми за трансакции во евра опфаќајќи 41 земја членка.
Првите четири банки ќе започнат со извршување на кредитните трансфери во СЕПА од 6 октомври 2025 година. Се очекува и преостанатите осум деловни банки, кои најавија поднесување барања помеѓу јуни и август, исто така да бидат впишани во регистарот на ЕПС и да почнат со работа во рамките на СЕПА до истиот датум.
Попристапен, поудобен и побезбеден метод за трансакции во евра, се зборовите со кои од Народната банка ги опишуваат придобивките што ќе ги имаат граѓаните од членството во СЕПА. Оттаму потенцираат и оти користа, пред сè, ќе биде во намалените трошоци за прекугранични плаќања, вклучително и за дознаките.
„Според анализата на Светска банка за економиите од Западен Балкан трошоците за значително ќе се намалат при што економиите би можеле да заштедат приближно половина милијарда евра“, велат од Народната банка за Радио Слободна Европа (РСЕ).
Очекувањата се дека тоа ќе ја забрза и дигиталната трансформација на финансискиот сектор и ќе се намали зависноста од готовински трансакции.
Што е СЕПА?
СЕПА е иницијатива на ЕУ чија цел е да се поедностават и стандардизираат трансакциите и да има побрза, поевтина и посигурна уплата и исплата на евра меѓу земјите членки. Дел од неа се сите 27 членки на Унијата, како и Норвешка, Лихтенштајн, Швајцарија, Монако, Исланд, Сан Марино, Андора, Ватикан и Обединетото Кралство.
Членството во неа е еден од приоритетите дефинирани во Планот за раст за земјите од Западен Балкан. Народната банка апликацијата ја поднесе во јули 2024, а првиот можен датум за влез на банките од Западен Балкан, односно целосна подготвеност за интегрирање во СЕПА во пракса е октомври 2025.
Она што го истакнуваат и компаниите и Народната банка, е дека целиот процес ќе стави крај на користењето на кореспондентните банки.
„Приклучувањето кон СЕПА значи полесен пристап до платните системи во ЕУ, елиминирајќи ја потребата од сложени и скапи кореспондентни банкарски аранжмани. Ова поедноставување ќе доведе до поефикасни, исплатливи и побрзи прекугранични плаќања“, велат на Народната банка.
Сега, фирмите често за да платат фактура во друга земја, треба да користат банки и во трети земји.
Дополнително, членството во СЕПА значи и поголема финансиска интеграција на земјава во ЕУ и исполнување на една од целите на патот кон членство во Унијата.
види ги сите денешни вести
Муцунски: Софија да се однесува рационално и да не заглавува во ретроградни наративи

Софија е влезена во многу опасен наратив, кој е спротивставен со стратешките интереси и на ЕУ и на НАТО, а кој одговара на трети страни кои сакаат нестабилност во регионот, изјави министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски на денешната прес-конференција на која даде отчет за стаботеното во изминатата година
„Сакам да ја повикам Софија да се однесува рационално, да не биде заглавена во ретроградните наративи кои што за жал одредени кругови во таа држава ги граделе по однос на македонското прашање историски наназад. Ние не сме избрани од нашите граѓани и немаме легитимитет да ја судиме и анализираме, тоа е работа на историчарите и академиците. Ние сме избрани да носиме раст и развој. Она што го прави Софија во последниот период, оној експлицитен обид од кој стравуваме и со сите наши силе се спротивставуваме за редефинирање на нашиот идентитет е ретрограден, не му користи на регионот и на народите на двете земи, кои за жал поради таквиот однос се се повеќе оддалечени едни од други историјата, рече Муцунски.
Тој доддаде дека кај огромно мнозинство земји во ЕУ има силно разбирање за длабоките фрустрации на македонскиот народ на нашиот евроинтегративен пат, како и свест и за тоа дека она што и случува на нашата држава не придонесува за легитимитетот на полтиката на проширување.
„Ние сакаме пат напред кон ЕУ. Да дискутираме за компромис, но сакаме да дискутираме и за предвидливост односно гаранции по хипотетичко согласување за некој компртомис. Затоа велиме имаме неколку многу јасни црвени линии од кои нема да отстапиме. Тие се поврзани со примарно со јазикот, со идентитетските обележја, тука вклучувајќи ја потребата од афирмација на нашето културолошко и историско минато, академска слобода за секоја дискусија по тоа шрашање, и секако да не дозволиме и да се игнорира фактичката состојба односно очигледните прекршувања кои нашиот сосед Бугарија ги прави во почитување на принципите кои произлегуваат од меѓународното јавно право, а за кои тие имаат обрска да ги имплементираат“, рече македонскиот шеф на дипломатијата.
Тој смета дека изгласувањето Извештајот за Македонија во АФЕТ е историски момент, но не и момент за триумф, како и дека не се знае каков ќе биде извештајот што ќе биде усвоен во Европскиот парламент.
„Знаеме добро, немаме европратеници внатре. Но, истовремено факт е дека имаме комуникација со многу наши пријатели, пријатели на регионот, пријатели на Европа, бидејќи секој којшто сака успех на нашиот пат кон полноправно членство е на крајот на денот пријател на Европа. Тоа е процес којшто е значен за нас, и за самата ЕУ за затворање на тој вакум којшто постои од гледна точка на Западен Балкан“, рече Муцунски.
Инаку во атмосфера на жестоки реакции меѓу македонските и бугарските политичари, Комитетот за надворешни работи (АФЕТ) на Европскиот парламент, на 24 јуни, го усвои извештајот за напредокот на Северна Македонија за 2023 и 2024 година, кој што беше подготвен од известувачот, австрискиот европратеник Томас Вајц.
На денешната прес конференција, Муцунски исто така зборуваше за одлуката на земјите членки на НАТО да се зголемат трошоците за одбраната на 5 проценти.
Тој рече дека определбата за зголемување на средствата за одбрана до 5 проценти од БДП не се однесува само на класични воени набавки, туку претставува севкупна инвестиција во безбедноста, инфраструктурата и економскиот развој на државата. Додаде дека средствата ќе опфатат не само воена модернизација, туку и инвестиции во инфраструктурата, сајбер безбедноста, па дури и иновации и стартап компании.
Притвор за петмина осомничени за „рушење на уставниот поредок“ во Србија

На предлог на обвинителството, Вишиот суд во Белград им одреди притвор на петмина обвинети за подготовка на дело против уставниот поредок и безбедноста на Србија, додека на шестиот обвинет му е изречена забрана за напуштање на станот.
Притворот за петте осомничени И.М., Б.М., В.К., Н.А. и А.И. може да трае до 30 дена.
Како што е наведено, тие биле приведени бидејќи „постојат околности што укажуваат дека обвинетиот ќе го повтори делото за краток временски период“.
Од истата причина, на обвинетиот С.Г. му е изречена мерка забрана за напуштање на станот со примена на електронски надзор.
Во соопштението на Високиот суд се наведува дека И.М. и Б.М. се обвинети за нелегално производство, чување, носење и трговија со оружје и експлозивни материи и подготовка на дела против уставниот поредок и безбедноста на Србија во врска со кривичното дело повикување на насилна промена на уставниот поредок.
Обвинетите В.К., Н.А., А.И. и С.Г. се обвинети за сторено кривично дело подготовка на дело против уставниот поредок и безбедноста на Србија во врска со кривичното дело повикување на насилна промена на уставниот поредок.
Сите обвинети негираа вина.
Тие беа уапсени на 25 јуни под сомнение дека планирале „насилна промена на владата“ во Србија на протестот што студентите во блокадата го најавија за 28 јуни во Белград.
Полицијата потоа објави дека се осомничени за средба во хотел во Краљево со цел „планирање насилна промена на власта во Србија и организирање напади врз претставници на државни институции, физички напади врз припадници на полицијата со цел нивно разоружување, насилни упади во зградата на Владата на Србија и други институции“.
Студентите во блокада побараа од властите да распишат вонредни парламентарни избори до 28 јуни, за кога беше закажан нивниот протест.
Второто барање на студентите во блокадата е да се прекине собирот во центарот на Белград - каде што противниците на блокадите, кои се нарекуваат себеси „студенти кои сакаат да учат“, кампуваат во последните три месеци.
Студентите во блокада изјавија дека, доколку барањата не бидат исполнети до 28 јуни во 21 часот, очекуваат „граѓаните да бидат подготвени да ги преземат сите постојни мерки на граѓанска непослушност“.
Претставници на властите најавија дека апсењата на оние „кои подготвуваат дела против уставниот поредок и безбедноста на Србија“ ќе продолжат во наредните денови.
Студентите започнаа блокади на факултетот и протести кон крајот на ноември 2024 година, барајќи одговорност од властите за смртта на 16 лица при падот на настрешницата на реконструираната железничка станица во Нови Сад на 1 ноември.
Не се закажани разговори за нуклеарната програма, но САД и Иран одржуваат контакти

САД и Иран остануваат во контакт околу продолжувањето на разговорите за нуклеарната програма на Техеран, но не се планирани формални преговори, изјавија претставници од двете страни на 26 јуни.
Вашингтон е „во тесна комуникација“ со Иран и неговите посредници, изјави портпаролката на Белата куќа, Каролин Ливит, на брифинг за медиумите, додека иранскиот министер за надворешни работи, Абас Аракчи, за државниот радиодифузер ИРИБ изјави дека дипломатијата е во тек и дека контактите се одвиваат преку различни канали.
Аракчи додаде дека не е постигнат никаков „договор, аранжман или разговор за започнување нови преговори“.
Иран во моментов проценува што е најдобро за нашите национални интереси, рече Аракчи, додавајќи дека „шпекулациите“ дека Техеран ќе седне на масата за преговори „не треба да се сфаќаат сериозно“.
Претседателот Доналд Трамп, зборувајќи на самитот на НАТО во Хаг на 25 јуни, рече дека Вашингтон ќе одржи разговори со Техеран следната недела. Шестата рунда разговори меѓу САД и Иран во Оман, која беше закажана за 15 јуни, беше откажана откако израелските сили започнаа напади врз ирански цели на 13 јуни.
Во коментарите за телевизијата, Аракчи потврди дека нападите минатиот викенд од страна на американските сили предизвикаа „значајна“ штета на нуклеарната инфраструктура на Иран.
Коментарите на Аракчи дојдоа откако уставниот надзорник на Иран, Советот на чувари, на 26 јуни го одобри потегот на парламентот за суспендирање на соработката на Техеран со Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ).
Законот, кој беше одобрен од пратениците со 221 гласа „за“ и 0 „против“ еден ден претходно, на крајот ќе биде одлучен од Врховниот совет за национална безбедност (СНСБ).
СНСБ технички го води претседателот, но како и сите клучни државни институции, тој му одговара на врховниот лидер ајатолахот Али Хамнеи.
„Планот да се бара од владата да ја прекине соработката со Меѓународната агенција за атомска енергија не се покажа како спротивен на исламскиот закон и уставот по прегледот од страна на членовите на Советот на чувари“, изјави Хади Тахан Назиф, портпарол на советот, во објава на платформата X.
Израел го започна својот напад на 13 јуни врз клучните ирански нуклеарни и воени објекти, како и врз станбени области во војна во која загинаа десетици цивили од двете страни. На 21 јуни, САД нападнаа три нуклеарни објекти во Фордо, Натанц и Исфахан.
Дванаесетдневниот конфликт заврши со кревко примирје меѓу Израел и Иран, посредувано од САД на 24 јуни.
Прекинувањето на соработката со МААЕ значи дека Иран ќе ги запре инспекциите, известувањето и надзорните активности според Договорот за неширење на нуклеарно оружје (НПТ).
Пред гласањето од страна на пратениците, претседателот на парламентот Мохамед Бакер Калибаф ја критикуваше МААЕ за она што го нарече неуспех на нуклеарниот надзорник на ОН „дури и да се преправа дека ги осудува нападите врз нуклеарните објекти на Иран“ и ја обвини дека „го става својот меѓународен кредибилитет на продажба“.
Според протоколот, Калибаф објави дека ѝ наложил на владата да ја спроведе мерката по нејзиното одобрување од страна на Советот на чувари.
Во законот се вели дека суспензијата може да се укине ако безбедноста на иранските нуклеарни објекти и научници е загарантирана и ако правото на Техеран да збогатува ураниум на домашен терен е загарантирано. Иран инсистира дека неговата нуклеарна програма е мирна и дека не се стреми да ја претвори во оружје.
Техеран долго време ја обвинуваше МААЕ за пристрасност и соработка со западните сили и Израел против Иран.
Голем пожар во магацин со хемиски средства во Улцињ

Во тек е гасење на пожарот што избувна во магацин во Улцињ, во Црна Гора, на патот кон Солана, јавуваат медиумите.
Како што може да се види на снимките од локалната телевизија Теута, противпожарната служба и брзата помош се на терен, а полицијата го блокирала патот до местото на пожарот.
Пожарникарите на лице место потврдија дека се запалил магацин на компанијата „Агрис“.
Снимките покажуваат густ чад што се издига над запалениот објект.
Засега нема информации за евентуални повредени.
Според информациите на веб-страницата, компанијата „Агрис“ се занимава со увоз и дистрибуција на хемиски средства за чистење, заштитни средства, шампони, детергенти, хартиени производи и опрема за угостителство.
Eвропа мора автономно да се справува со заканите - заклучоци од ЕУ самитот за одбрана

Европа мора да стане посуверена, поодговорна за сопствената одбрана и подобро опремена да дејствува и да се справува автономно и координирано со непосредните и идните предизвици и закани, се наведува во делот од заклучоците од денешниот Самит на ЕУ посветен на европската одбрана и безбедност (26 јуни).
„Агресивната војна на Русија против Украина и нејзините последици врз европската и глобалната безбедност во променлив амбиент, претставуваат егзистенцијален предизвик за Европската Унија. Европскиот совет потсетува дека посилна и поспособна Европска Унија во областа на безбедноста и одбраната позитивно ќе придонесе за глобалната и трансатлантската безбедност и е комплементарна на НАТО, кој, за оние држави што се нејзини членки, останува основа на нивната колективна одбрана“, се вели во заклучоците, јави МИА.
Во текстот натаму се нагласува дека за да ја исполни својата цел за решително зголемување на одбранбената подготвеност на Европа во следните пет години, Европскиот совет ја нагласува потребата од продолжување на значителното зголемување на трошоците за одбраната и безбедноста на Европа и подобро заедничко инвестирање, истакнувајќи ја и обврската преземена на Самитот на НАТО во јуни 2025 година од страна на земјите членки, кои се исто така членки на НАТО.
Лидерите на ЕУ го поздравува и усвојувањето на Регулативата за воспоставување на инструментот „Безбедносната акција за Европа“ (САФЕ), повикуваат за побрзо усвојување на предлогот за стимулација на инвестициите поврзани со одбраната на ЕУ и потсетуваат на важноста од мобилизирање на приватно финансирање за одбранбената индустрија.
„Со оглед на итноста од зајакнување на европската одбранбена технолошка и индустриска база низ целата Унија, така што таа ќе биде во можност подобро да произведува и снабдува опрема во потребните количества и со забрзано темпо, Европскиот совет ја повторува важноста на агрегацијата на побарувачката, хармонизацијата на барањата, стандардизацијата и заедничката набавка, како и правилното функционирање и понатамошната интеграција на европскиот одбранбен пазар“, се додава во заклучоците, во кои се нагласува потребата од целосна кохерентност на одбранбените приоритети на ЕУ со оние на НАТО.
Лидерите апелираат на зголемено производство во одбранбената индустрија, вклучително и на малите и средните претпријатија.
„Европскиот совет нагласува дека одбраната на сите копнени, воздушни и поморски граници на ЕУ придонесува за безбедноста на Европа како целина, особено во однос на источната граница на ЕУ, имајќи ги предвид заканите што ги претставуваат Русија и Белорусија. Дополнително, имајќи ги предвид заканите врз останатите граници на ЕУ, Европскиот совет ја нагласува важноста на нивната одбрана“, се додава, меѓудругото, во заклучоците.
Лидерите на земјите членки на ЕУ воедно ја повикуваат Европската комисија да презентира дополнителни предлози за зајакнување на воената мобилност и ја нагласуваат важноста на соработката со партнери кои споделуваат идентични цели со ЕУ во надворешната и безбедносната политикa.
Владината потрошувачка кошничка ќе опфаќа четиричлено семејство

Владината потрошувачка кошничка сепак ќе биде за четиричлено семејство, а не за тричлено, како што досега се најавуваше. Ова денеска (26 јуни) го потврди министерот за економија Бесир Дурмиши.
Според Дурмиши, потрошувачката кошничка ќе биде пореална од синдикалната и ќе биде донесена на првата седница на Економско-социјалниот совет што треба, која како што додаде, треба да се одржи наскоро.
„Затоа правиме нова потрошувачка кошничка, затоа што ќе биде со реални податоци колку му треба за еден месец на едно четиричлено семејство во делот на храната, пијалоците, облеката и така натаму. Таа што ја објавуваат синдикатите, немаме ништо против, но е несоодветна и нереална, поради тоа што бројките не се точни“, потенцираше Дурмиши на денешната прес-конференција.
Во пресметката на просечната потрошувачка кошничка ќе бидат вклучени сите видови овошја и зеленчук што се произведуват во земјава, изјави неодамна и министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Цветан Трипуновски.
Според синдикалната месечна потрошувачка кошничка, на едно семејство му требаат речиси 64 000 денари за да ги задоволи минималните потреби и тоа ни оддалеку не е доволно доколку само двајца члена на семејството работат и добиваат минимална плата.
Во меѓувреме, зголемување на трошоците за живот регистрираше и Државниот завод за статистика, кој соопшти дека инфлацијата во мај 2025 се зголемила за 1,5 отсто во однос на април. Споредено со мај 2024 година пак, зголемувањето изнесува 3,3 отсто.
Најголемо покачување се бележи кај храната и безалкохолните пијалоци, кај рестораните и хотелите, кај земјоделските производи. Априлската синдикална кошничка чинела 62 691 денар, а мајската минимална кошница, достигнала вредност од 63 908 денари.
Хамнеи: САД „не добија ништо“ од нападите врз Иран

Во телевизиско обраќање во четврток, 26 јуни, врховниот лидер на Иран, ајатолахот Али Хамнеи предупреди дека секоја идна агресија против Иран ќе има голема цена.
Хамнеи, исто така, рече дека способноста на Иран потенцијално да стигне до големите американски воени бази е значително достигнување и додаде дека ваквите акции би можеле да се повторат доколку агресијата се обнови.
Врховниот лидер на Иран изјави дека архинепријателот Израел „речиси се распадна“ по одмаздничките напади на Исламската Република за време на 12-дневната војна што ја започна Израел.
„Ционистичкиот режим речиси се распадна и беше уништен од нападите на Исламската Република“, рече Хамнеи, два дена по прекинот на огнот со кој заврши војната меѓу Иран и Израел.
Хамнеи, меѓудругото додаде дека Соединетите Држави „не добиле ништо“ од нивните напади за време на 12-дневната војна, во која беа погодени ирански нуклеарни објекти.
Во соопштението објавено од државните медиуми, Хамнеи рече дека Соединетите Држави „директно се вклучиле во војната, убедени дека нивното одбивање да интервенираат ќе доведе до целосно уништување на ционистичкиот режим“.
„САД не добија ништо од оваа војна“, рече Хамнеи, додавајќи дека „Исламската Република победи и како одмазда ѝ зададе тешка шлаканица на Америка“.
Во меѓувреме, Советот на чувари во Иран го ратификуваше законот со кој се суспендира соработката на Техеран со Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ), објави Иранскиот клуб на млади новинари, осврнувајќи се на оваа тело составено од свештеници и адвокати кое ја проверува усогласеноста на законот со Уставот и исламскиот закон.
Законот, претходно усвоен од иранскиот Парламент, потенцијално би можел дополнително да ги влоши односите на Иран со Западот и да влијае на меѓународниот надзор врз неговата нуклеарна програма, јавија британските медиуми.
МААЕ сè уште не издаде официјална реакција на одлуката.
Муртезани: Позициите на Бугарија мора да се разделат од оние на другите земји членки на ЕУ

Министерот за европски прашања Орхан Муртезани изјави дека е неопходно да се направи разлика помеѓу ставовите на Бугарија и останатите земји членки на Европската Унија кои го признаваат македонскиот идентитет и јазик.
Според него, за нас е добредојдено сè што прави разлика помеѓу билатерална позиција на Бугарија, и заедничка позиција на сите земји членки на ЕУ, со тоа што би се издвоило што е прашање на билатерален идентитетски аспект и што е прашање на пристапување во Унијата.
„Мислам дека поединечно, ако ги слушаме сите 26 други земји, сите го признаваат и македонскиот идентитет и македонскиот јазик. Тоа не е спорно. Меѓутоа со Резолуцијата, нивната волја дополнително ќе се потврди. Затоа ние инсистираме да се разделат позициите на другите земји членки и Бугарија, по однос на билатералното прашање“, изјави Муртезани по денешната тркалезна маса „Геополитичкиот пејзаж и проширувањето на ЕУ: Перспективи за Северна Македонија и другите земји-кандидатки од Западен Балкан“, што се одржа во Македонската академија на науките и уметностите.
Во однос на реформите и уставните измени, Муртезани нагласи дека процесот е во тек, но дека за вклучување на Бугарите во Уставот е потребен поширок политички договор.
„Првиот дел е што се однесува до реформите и којшто е се работи во континуитет. Дел од реформите се спроведуваат со поголем интензитет, дел со намален интензитет. Меѓутоа тоа е процес којшто оди. Што се однесува до вклучувањето на Бугарите во преамбулата на нашиот Устав, тоа е прашање за коешто треба поширок политички консензус и двотретинско мнозинство во Собранието. Сѐ додека немаме широк политички консензус и двотретинско мнозинство во Собранието, а пред тоа треба сите тие наши грижи или барања да бидат ставени на маса, и разговарани, нема да има политички простор да направиме чекор напред“, рече Муртезани.
Околу можноста за внесување на придавката „модерна“ пред македонски јазик и идентитет во извештајот на Европскиот парламент, министерот повика на трпение и воздржаност.
„Прво мислам дека не треба од сега да прејудицираме. Да видиме како ќе се одвива процесот до крај. Ние се надеваме дека тоа што помина во првиот чекор треба да се заврши во вториот. Меѓутоа тоа е прашање на внатрешен политички консензус во ЕП. Секако дека ние би сакале идентитетот да остане таков како што ние сметаме и го чувствуваме, меѓутоа да чекаме финална одлука, па после ќе видиме“, порача министерот.
Комитетот за надворешни работи (АФЕТ) на Европскиот парламент со 40 гласови „за“, 19 „против“ и 10 „воздржани“ го усвои Предлог-извештајот за земјава подготвен од австрискиот европратеник Томас Вајц.
По гласањето бугарски европратеник најави дека како додаток на Извештајот ќе предложат дополнение со „мислење на малцинството“.
Беше поднесен и амандман по скратена постапка за вметнување на зборот „модерен (современ)“ пред македонски јазик и идентитет во Извештајот, но согласно Деловникот за работа, тој не беше ставен на гласање затоа што против таквиот предлог се изјаснија најмалку шест пратеници членови на АФЕТ. Деловникот предвидува дека предложен амандман нема да биде ставен на гласање, доколку против предлогот се изјаснат најмалку петмина европратеници.
Извештајот на Вајц треба да се најде на пленарна седница на Европскиот парламент на заседанието од 7 до 10 јули во Стразбур.
Препораки за заштита од горештините

Температурите денеска, 26 јуни се очекува да достигнат максимум од 41 степен Целзиусов, а УВ факторот да достигне 9, прогнозира Хидрометеоролошкиот завод. Жешкото време се очекува да продолжи и утре, со мало намалување на температурата на воздухот во текот на викендот.
Избегнување да се излегува на сонце, носење лесна облека, капа и очила за сонце, како и престој во климатизирани простории, се само дел од препораките на Институтот за јавно здравје. Граѓаните велат дека на овие високи температури брзо ги завршуваат обврските и се враќаат дома.
Институтот за јавно здравје (ИЈЗ) објави препораки за заштита на лицата над 65 години во услови на високи температури. Оттаму нагласуваат дека оваа група на луѓе се посклони кон здравствени проблеми поврзани со топлината. Тие влегуваат во таканаречената „ризична категорија“ бидејќи потешко се прилагодуваат на температурните промени, имаат поголема веројатност да имаат хронична здравствена состојба, да користат редовна терапија што може или ги менува нормалните реакции на телото на топлина, појаснуваат од ИЈЗ.
Се апелира повозрасните да избегнуваат изложување на сонце, како и работа на отворено, во периодот од 11 до 17 часот. Да носат лесна, светла и памучна облека, заштитни очила за сонце, капа и крем со висок УВ фактор. Препораките се да се пие повеќе од вообичаено и да не се чека додека не се почувствува жед за вода. Алкохолните пијалаци да се избегнуваат, како и оние што содржат кофеин, но и екстремно ладните. Доколку лекарот им има поставено некои ограничувања за внес на течности, да се консултираат со него.
Се препорачува да се избегне користење шпорет, рерна и слични уреди од 11 до 17 часот.
Поради најавените високи температури до 27 јуни, Институтот за јавно здравје ги повика работодавачите и работниците на строго почитување на препораките за заштита при работа во услови на екстремна горештина. Меѓу другото се препорачува да се обезбеди вентилација и климатизација на работните простории и да се избегнува работа на отворено од 11 до 17 часот.
Се препорачува и воведување работа од далечина, флексибилно или двократно работно време каде што е можно, како и ослободување од работни обврски за бремени жени и лица постари од 60 години доколку нема услови за прилагодување на работниот простор.
Меѓу мерките и препораките на Владата за овие вонредни временски услови е и дека градовите ќе имаат обврска да обезбедат климатизиран јавен превоз во текот на целиот ден.
Од 1 јули до 31 август, на државните сообраќајници во Македонија стапува на сила летниот режим на сообраќај, кој го ограничува движењето на тешки камиони со тежина поголема од 15 тони, во текот на викендите и во денови со исклучително високи температури.
Трамп ги продолжи вонредните мерки за Западен Балкан во кои е вклучена и „црната листа“

Американскиот претседател Доналд Трамп ја потпиша одлуката за Западен Балкан, со која се продолжуваат за една година вонредните мерки што поранешниот американски претседател Џорџ В. Буш ги донесе пред 16 години, објави американската влада. ккдкд
Одлуката, меѓу другото, вклучува објавување на таканаречените црни листи на лица и организации под санкции на САД поради кршење на Дејтонскиот мировен договор и загрозување на националната безбедност и интереси на САД. Од 2017 година, на листата е и претседателот на Република Српска (РС) Милорад Додик.
Трамп ги продолжи мерките за уште една година, и тоа го стори во претходниот мандат, во 2017 година, како и неговите претходници во претседателската функција.
На 26 јуни 2001 година, Буш издаде извршна наредба во која се наведува дека интересите на САД се загрозени од поединци и организации во Босна и Херцеговина, Македонија и Косово.
Наредбата предвидува голем број правни последици, вклучувајќи блокирање на средства, забрана за влез во САД и финансиски трансакции за обвинетите од Хаг и околу 150 лица и организации поврзани со обвинетите за воени злосторства, терористички организации или поткопување на Дејтонскиот мировен договор.
Вашингтон верува дека овие лица го загрозуваат мирот и процесот на стабилизација во регионот.
„Заканата што се рефлектира во постапките на лицата кои се вклучени, помагаат или финансираат екстремистичко насилство во Македонија и на други места во Западен Балкан, или во попречувањето на спроведувањето на Дејтонскиот мировен договор и резолуцијата на ОН во Косово, не е отстранета“, се наведува во одлуката, која, по Буш, Барак Обама и Џо Бајден, ја потпиша и Трамп.
Врз основа на таа одредба на Буш од 2001 година, постои таканаречена црна листа на лица и организации со кои на американската влада и компаниите им е забрането да соработуваат и чии средства и финансиски трансакции се блокирани во САД.
Листата, која ги вклучува лицата вклучени во оваа одлука, како и други од сличен тип, ја објавува Канцеларијата за контрола на странски средства (OFAC), која работи во рамките на Министерството за финансии на САД.
Досега, освен Босна и Херцеговина, САД ставија десетици лица од Западен Балкан на својата листа на санкции. Најчесто станува збор за државни функционери и луѓе на власт.
Во земјите од Западен Балкан, најсанкционирани лица има од Босна и Херцеговина и Србија.
Во спротивно, САД воведуваат санкции врз поединци и компании врз основа на Глобалниот закон Магнитски за кршење на човековите права и забрануваат секаков бизнис со компании кои нелегално стекнале капитал.
Според овој закон, Соединетите Држави се насочени кон поединци поврзани со сериозни злоупотреби на човековите права или корупција. Сите средства на санкционираните лица кои се наоѓаат на црната листа на САД се замрзнати. Покрај тоа, сите компании поврзани со нив се исто така блокирани.
Мултимедија
Најпосетени
Што треба да знаете