Достапни линкови

Вести

Седум мртви, 71 ранети при напад на паравоена група во Судан

Илустрација
Илустрација

Во гранатирањето од страна на Суданските сили за брза поддршка загинаа најмалку седум лица, а 71 беа ранети во Ел-Фашер, изјави медицински извор во неделата, додека паравоената група (РСФ) ја започна својата најжестока офанзива досега врз опколениот град.

Ел-Фашер, последниот голем град во огромниот западен регион Дарфур кој сè уште е под контрола на армијата, стана најнасилната фронтовска линија во војната меѓу суданската армија и РСФ, која избувна во април 2023 година.

Во последните недели, паравоените сили ја засилија својата долготрајна опсада, лансирајќи жестоки артилериски баражи и копнени упади во густо населените населби, аеродромот во градот и кампот за раселени лица Абу Шук, погоден од глад.
Ретките болници кои сè уште работат беа постојано бомбардирани, а локалната полициска станица беше заземена од паравоената група РСФ.

Медицинскиот извор, кој побара анонимност од безбедносни причини, рече дека вистинската бројка од нападот во саботата е „веројатно поголема“, бидејќи многу повредени не можеа да стигнат до болницата поради интензитетот на нападите на РСФ.

Меѓу ранетите, претежно повредени од шрапнели, 22 се во критична состојба, според изворот, кој бил контактиран преку сателитски интернет за да се заобиколи прекинот на комуникацијата.

Локалните активисти изјавија дека нападот погодил неколку населби во западниот дел на градот во близина на аеродромот, кои силите на РСФ се обидувале да ги освојат.

види ги сите денешни вести

Две години затвор за напаѓачот на скопската градоначалничка Арсовска

Фотографија од судењето на Сулејман Љамалари за грубо насилство врз градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска
Фотографија од судењето на Сулејман Љамалари за грубо насилство врз градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска

Две години казна затвор доби Сулејман Љамалари, осуден дека физички ја нападнал скопската градоначалничка Данела Арсовска. Кривичниот суд ја изрече пресудата и го прогласи за виновен.

„Основен кривичен суд Скопје известува дека судот на 02.09.2025 година ја донесе и јавно ја објави пресудата по предметот К.бр.1338/25, со која обвинетиот С.Љ. го огласи за виновен за сторено кривично дело – Насилство од член 386 став 3 вв со став 1 од Кривичниот законик, по што му изрече казна затвор во траење од 2 – две години, а заради тоа што на 11.07.2025 година извршил грубо насилство врз градоначалничката на Град Скопје“, соопштија од Кривичниот суд.

Согласно член 47 од Кривичниот законик, во изречената казна затвор на обвинетиот С.Љ. му се засметува и времето поминато во куќен притвор, преиначена во мерка притвор. Од Кривичен суд додаваат дека против ваквата пресуда странките имаат право на жалба во рок од 8 дена по приемот на пресудата, до Апелациониот суд Скопје.

С. Љ. останува во притвор до правосилност на пресудата, односно до започнување со издржување на казната затвор, но не подолго од 60 – шеесет дена.

Градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска, на 11 јули беше физички нападната во Општина Чаир, додека вршела увид на терен, на локација каде што, како што изјави, се гради дивоградба спроти Полициската станица Чаир.

Од Обвинителството тогаш информираа дека обвинетиот (сега веќе осуден С.Љ.) извршил грубо насилство врз градоначалничката Арсовска, со кое предизвикал телесна повреда кај оштетената и чувство на несигурност, загрозување и страв во јавноста.

На 12 јули, Министерството за внатрешни работи (МВР) одобри 24-часовно обезбедување на градоначалничката Арсовска.

Нов руски гасовод за зголемен извоз на гас во Кина

илустрација
илустрација

Русија и Кина потпишаа правно обврзувачки меморандум за изградба на нов гасовод низ Монголија до Кина, објави шефот на „Газпром“, Алексеј Милер, во Пекинг, јавуваат руските новински агенции, а пренесе ДПА.

Цената на гасот што ќе се испорачува преку гасоводот „Моќта на Сибир 2“ ќе биде пониска од онаа за Европа, истакна Милер, посочувајќи на намалените трошоци за транспорт.

„Газпром“ и Кинеската национална нафтена корпорација, исто така, потпишаа документи за зголемување на испораките на гас преку постојниот гасовод „Моќта на Сибир“ од 38 милијарди кубни метри годишно на 44 милијарди кубни метри, според извештаите.

Гасоводот „Моќта на Сибир 2“, долг 6700 километри, вклучувајќи 2700 километри на руска почва, треба да има капацитет од 50 милијарди кубни метри годишно. Договорот е поставен на 30 години, според руските извештаи.

Милер го опиша гасоводот како „најголем, најобемниот и капитално интензивен гасен проект во светот“, без да даде детали за трошоците. Проценките сугерираат дека ќе чини десетици милијарди долари.

Соопштението доаѓа по средбата на рускиот претседател Владимир Путин со неговиот кинески колега Си Џинпинг и монголскиот претседател Ухнаагин Хурелсух во Пекинг.

Временската рамка за изградба на новиот гасовод останува нејасна. Преговорите за гасоводот „Моќта на Сибир 2“ траат веќе пет години, а Москва и Пекинг не можат да се договорат за цената.

Откако во голема мера го загуби европскиот пазар на нафта и гас по целосната инвазија на Русија во Украина, Москва е под притисок од Кина да понуди големи попусти, а медиумите објавија дека Пекинг сакал да ги плати домашните цени на рускиот гас.

Разговорите неколку пати заглавија. Сепак, според „Волстрит џурнал“, неодамнешниот конфликт меѓу Израел и Иран, вклучувајќи ги и нападите на САД врз Иран, го разгоре кинескиот интерес за проектот, поради загриженоста за безбедноста на снабдувањето со нафта од Блискиот Исток.

Витакер: САД сакаат стабилност на Западен Балкан

Американскиот амбасадор во НАТО, Метју Г. Витакер
Американскиот амбасадор во НАТО, Метју Г. Витакер

Американскиот амбасадор во НАТО, Метју Г. Витакер, изјави дека Соединетите Држави внимателно ја следат ситуацијата во Србија и во Босна и Херцеговина, со цел да не се дозволи развој на настани што би можеле да доведат до регионален конфликт.

„Многу внимателно следиме сè што се случува и во Република Српска и во Србија. Моментално сме фокусирани на тоа да се осигураме дека ситуацијата нема да се претвори во потенцијален регионален конфликт“, рече Витакер на еден од панелите на Стратешкиот форум во Блед.

Тој нагласи дека САД „сакаат стабилност на Западен Балкан“ и дека тоа, како што рече, е важно и за европските партнери во рамките на НАТО, кои „имаат обврска да дејствуваат заедно во кризни ситуации“.

Со месеци, Србија е потресена од антивладини протести, за време на кои повремено избувнуваше насилство, додека претседателот Александар Вучиќ ги обвини странските фактори дека се обидуваат да поттикнат револуција, без никакви докази или споменување кој ја поттикнува насилната промена на власта.

Во Република Српска, поранешниот претседател Милорад Додик ја оспорува пресудата на судот во БиХ, кој му го одзеде претседателскиот мандат по неговата пресуда, и постојано се закануваше дека ќе го одвои тој ентитет од остатокот од БиХ.

На прашањето дали НАТО ќе интервенира доколку политичката криза ескалира во вооружен конфликт, особено во Босна и Херцеговина, но и во Србија, Витакер рече дека НАТО дејствува едногласно, но додаде и дека „ние сме далеку од тоа“.

„Ако НАТО се вклучи... Правило број еден во политиката е да не се дејствува врз основа на претпоставки. Мислам дека треба да видиме како ќе се одвиваат работите. Ќе продолжиме да ги охрабруваме сите страни да работат во согласност со Дејтонскиот договор“, рече тој, осврнувајќи се на договорите со кои заврши војната во Босна и Херцеговина во 1990-тите“, рече Витакер.

Американскиот амбасадор, исто така, рече дека „НАТО е посилен од кога било“ и дека „тоа треба да биде многу загрижувачко за нашите противници“.

На прашањето дали американскиот претседател Доналд Трамп би можел да се сретне со Вучиќ или Додик, Витекер рече дека нема индикации за такви средби, но дека тие би можеле да се дискутираат доколку има јасни придобивки за мирот и стабилноста.

Тој рече дека Трамп има посебна способност да комуницира со светските лидери, да го користи влијанието на американското претседателство и моќта на државата, во корист на мирот, демократијата, стабилноста и економскиот развој. Истакна дека доколку Трамп одлучи да се сретне со Вучиќ или Додик, тоа нема да биде за да ја зајакне нивната политичка позиција, туку само ако тоа би послужило за промовирање на пошироките интереси на мирот и стабилноста.

„Секако не би прифатил средба насочена кон зајакнување на политичката позиција на кој било лидер. Тоа не е она што го прави претседателот Трамп“, рече американскиот амбасадор во НАТО.

Тој го опиша Трамп како „миротворец“, истакнувајќи дека неговите политики се фокусираат на резултати и на создавање можности за напредок.

Мицкоски не бил таргет на прислушување, тврди Димовски и бара декласификација на документите

Виктор Димовски, поранешен директор на Агенцијата за национална безбедност
Виктор Димовски, поранешен директор на Агенцијата за национална безбедност

Поранешниот директор на Агенцијата за национална безбедност (АНБ) Виктор Димовски тврди дека премиерот Христијан Мицкоски не бил следен и прислушкуван во времето кога Димовски беше директор на Агенцијата за национална безбедност. Тој денеска преку својот Фејсбук-профил, одговори за наводите за злоупотреби во Агенцијата што биле правени во периодот додека тој раководел со службата, а се однесуваат на следење и прислушување на тогашниот лидер на опозицијата, а сега актуелен премиер Христијан Мицкоски, како и на бизнисмени и новинари.

„Во текот на вчерашниот ден од страна на премиерот и од актуелниот директор на Агенцијата за национална безбедност беа изнесени сериозни обвинувања за наводна злоупотреба на државни ресурси за прислушкување на поранешниот лидер на опозицијата (сега премиер), бизнисмени и новинари од страна на АНБ и Агенцијата за разузнавање. Со оглед на тоа што во претходен брифинг за медиуми во АНБ бил споменат периодот од 2019 до 2024 година во дел од кој и јас ја извршував должноста директор на АНБ, одговорно тврдам дека тој како лидер на тогашна опозициона партија во периодот од 2019 -2022 година не бил предмет на посебен оперативен интерес на Агенцијата, не бил предмет на организирана оперативна работа, а со тоа ниту таргет кон кого биле применувани било какви оперативно-технички мерки“, наведува Димовски во својата објава на Фејсбук.

Димовски го повикува актуелниот директор на АНБ, Бојан Христовски да ги декласифицира документите за наводни злоупотреби, особено оние кои се однесуваат на Мицкоски.

Вели дека е точно оти „во наведениот период согласно законските надлежности во Агенцијата имаше постапка за преиспитување на проверките за безбедносни сертификати, вклучително и за еден тогашен и сегашен пратеник поради оддавање на класифицирана информација, а за што му беше поднесена соодветна кривична пријава до надлежното обвинителство“.

Во врска со тоа, како што посолува, на негово барање, на дневен ред на надлежната собраниска Комисија за надзор на работата на АР и АНБ беше ставена точката за информирање за случајот и изнесените наводи во електронските медиуми.

„Со оглед на сериозноста на изнесените наводи на синоќешниот прес и на претходниот брифинг во АНБ го повикувам директорот на Агенцијата веднаш и неодложно да ги декласифицира документите за наводни злоупотреби, а особено тие кои се однесуваат на прислушкување на тогашниот лидер на опозицијата. Македонската јавност има право да знае кој тоа предлагал, барал, одобрувал и кој ги извршувал наводните прислушкувања! Очекувам дека овојпат нема да има криење со изговори од типот „класифицирани информации со степен на државна тајна", посебно после последните неколку објави во некои „информирани медиуми" кои лифериваат конкретни имиња на лица кои наводно биле таргет на Агенцијата, вклучително и податоци за идентитетот на вработени и тајни соработници“, наведува во објавата на Фејсбук, поранешниот директор на АНБ Димовски.

Коментарот на Димовски следува откако во петокот беше објавено дека Агенцијата за национална безбедност доставила три известувања до Јавното обивнителство за еден поранешен директор и група вработени во АНБ поради индиции за незаконско, непрофесионално и неетичко постапување.

Нив ги потврдија и премиерот Христијан Мицкоски и директорот на АНБ, Бојан Христовски.

Премиерот Христијан Мицкоски порача дека најновите информации за незаконско прислушување не се личен напад врз него, туку директен удар врз демократијата и правото на слобода.

„Јас лично, тогаш како претседател на опозицијата, а денеска како премиер, заедно со новинари, медиуми, бизнисмени и јавни личности сме биле жртва на системот кој ги следел своите граѓани. Ова не е напад само врз мене, туку врз демократијата, врз правото на слобода, врз темелите на државата“, изјави денеска (2 септември) премиерот Мицкоски.

Мицкоски и Христовски не посочија детали бидејќи, како што рекоа, станува збор за документи кои се класифицирани како државна тајна, но и двајцата изразија очекување дека случајот ќе добие правна разрешница, а одговорните ќе бидат казнети.

Од Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК), до кое АНБ ги доставило известувањата, вчера во одговор на новинарски прашања излегоа со став дека во моментов се води предистражна постапка и поради нејзината тајност не можат да споделат повеќе детали.

Димовски беше првиот директор на АНБ, која беше основана по реформите на безбедносниот систем на државата. Тој со Агенцијата раководеше од нејзиното основање во 2019 до 2022 година, кога на негово место дојде Зарко Милошевски.

Собранието на Република Српска расправа за неуставниот предлог за мандатар и нова влада

Седница на Собранието на Република Српска (илустрација)
Седница на Собранието на Република Српска (илустрација)

На 2 септември во Бања Лука започна посебна седница на Собранието на Република Српска, чиј дневен ред е изборот на претседател и новата ентитетска влада.

Од 22 август, владата дејствува со „технички мандат“ откако Собранието ја прифати оставката на премиерот на ентитетот Радован Вишковиќ.

Милорад Додик го предложи новиот мандатар Сава Миниќ, иако тој нема уставно овластување за тоа, бидејќи мандатот му беше одземен од Централната изборна комисија на Босна и Херцеговина.

Според Уставот на РС, претседателот на РС треба да го предложи претставникот.

Миниќ е поранешен министер за земјоделство, шумарство и водостопанство и член на Здружението на независни социјалдемократи на Милорад Додик.

ЦИК му го одзеде мандатот на Додик, бидејќи Судот на БиХ, на почетокот на август, донесе конечна пресуда со која беше осуден на една година затвор (казната ја откупи со парична исплата) и шестгодишна забрана за вршење јавна функција.

После тоа, Централната изборна комисија на БиХ распиша предвремени избори за претседател на РС за 23 ноември.

Во заклучоците од седницата одржана истиот ден кога беше прифатена оставката на Вишковиќ, Собранието на РС го покани Додик да продолжи да ја извршува функцијата претседател на РС, ги отфрли предвремените избори и им наложи на институциите на ентитетите да не соработуваат со ЦИК.

Опозицијата предупреди дека ова влегува во зоната на кривични дела и кршење на уставниот поредок на Босна и Херцеговина.

Собранието, исто така, објави референдум на кој гласачите треба да одлучат дали да ги прифатат одлуките на високиот претставник на меѓународната заедница, Кристијан Шмит, на Судот и на Централната изборна комисија (ЦИК) на Босна и Херцеговина, со кои беше казнет поранешниот претседател на ентитетот Милорад Додик.

Милорад Додик беше осуден и отстранет од функцијата на почетокот на август, откако беше осуден за непочитување на одлуките на високиот претставник на меѓународната заедница во Босна и Херцеговина, Кристијан Шмит.

Меѓу другото, Шмит, со својот авторитет, ги поништи неуставните закони донесени од Република Српска со кои се обиде да ги оспори одлуките на државниот Уставен суд на Босна и Херцеговина, до кој Додик поднесе жалба на пресудата.

Белгија најави признавање на палестинската држава на Генералното собрание на ОН

Министерот за надворешни работи на Белгија Максим Прево
Министерот за надворешни работи на Белгија Максим Прево

Белгија ќе ја признае палестинска држава на Генералното собрание на ОН, изјави во вторник (2 септември) министерот за надворешни работи Максим Прево, зголемувајќи го меѓународниот притисок врз Израел по сличните потези на Австралија, Велика Британија, Канада и Франција, објави Ројтерс.

Под зголемените глобални критики за војната во Газа, Израел е незадоволен од најавата на голем број земји дека формално ќе ја признаат палестинска држава на седница на телото на ОН подоцна овој месец.

„Белгија ќе им се придружи на потписниците на Декларацијата од Њујорк, отворајќи го патот за решение за две држави, имено палестинска држава која мирно коегзистира со Израел“, напиша Прево во објава на мрежата X.

Одлуката доаѓа „во светлината на хуманитарната трагедија што се одвива во Палестина, особено во Газа, и како одговор на насилството што Израел го врши кршејќи го меѓународното право“, додаде Прево.

Белгија, исто така, ќе разгледа воведување на 12 санкции против Израел, како што се забрана за увоз на производи од неговите населби и ревидирање на политиките за јавни набавки со израелските компании, како и прогласување на лидерите на Хамас (палестинска група која САД и ЕУ ја прогласија за терористичка организација?) за персона нон грата во Белгија, додава Прево.

Палестинците долго време бараат држава на Западниот Брег и Газа, окупирани од Израел, со Источен Ерусалим како главен град.

Соединетите Држави тврдат дека таква држава може да се воспостави само преку директни преговори меѓу Израелците и Палестинците.

„Белгија, членка на Европската Унија, донесе одлука да го зголеми притисокот врз израелската влада и Хамас“, рече Превота.

Врховниот суд на Обединетите Нации во 2024 година пресуди дека израелската окупација на палестинските територии, вклучувајќи го Западниот Брег и неговите населби, е нелегална и дека израелската армија треба да се повлече што е можно поскоро.

Израел, од друга страна, тврди дека териториите не се окупирани во правна смисла бидејќи се наоѓаат на спорно земјиште, но ОН и поголемиот дел од Меѓународната заедница ги сметаат за окупирани територии.

ЦУК: Два активни пожара, три под контрола

илустрација
илустрација

Два пожара се активни во моментов низ државава, додека три се ставени под контрола. Изминатото деноноќие, до осум часот утрово, на територија на државава регистрирани се вкупно 18 пожари на отворен простор. Од нив, 13 се изгаснати, соопштија денеска од Центарот за управување со кризи.

Нискостеблеста вегетација гори во подрачјето на селата Црнилиште и Долгаец во општина Долнени. Мешана шума гори во регионот на селото Никуштак во општина Липково.

Ставени под контрола се пожарите во општините Гевгелија, Македонски Брод и Гази Баба. Станува збор за приземен пожар на планината Кожуф, опожарена мешана шума во „Јасен“, како и запалено ѓубриште во „Вардариште“.

Изгаснатите пожари биле на територија на општините Арачиново, Валандово, Делчево, Илинден, Кавадарци, Куманово, Липково, Радовиш, Свети Николе, Чешиново - Облешево. Останатите три биле во подрачјето на општина Струга.

Инаку на територијата на цела држава е прогласена кризна состојба која ќе трае до 7 септември.

За да се зајакнат капацитетите во справување со пожарите, Дирекцијата за заштита и спасување преку општините потпиша договори со 352 граѓани што се пријавија на неодамнешниот повик за обука на пожарникари

Продолжува потрагата по загинатите во земјотресот во Авганистан

Фотографијата прикажува оштетена куќа по земјотрес во селото Мазар Дара во округот Нургал, покраина Кунар, источен Авганистан, 1 септември 2025 година.
Фотографијата прикажува оштетена куќа по земјотрес во селото Мазар Дара во округот Нургал, покраина Кунар, источен Авганистан, 1 септември 2025 година.

Од Џалалабад денеска (2 септември) продолжија спасувачките операции со хеликоптери во обид да се стигне до селата во епицентарот на земјотресот што го погоди Авганистан.

Нивна задача е да ги пренесат повредените во регионалната болница во овој источен авганистански град, јави Би-Би-Си.

Според локалното население, многу луѓе сè уште се заробени под урнатините. Во планинскиот терен на Кунар, пристапот по пат до погодените области е тежок дури и во најдобри временски услови. Ќе бидат потребни денови за да се процени целосниот обем на катастрофата.

Талибанската влада апелираше за меѓународна помош.

ОН ослободија итни средства, додека Велика Британија вети помош од 1 милион фунти (1,3 милиони долари), нагласувајќи дека парите нема да одат во рацете на Талибанците.

Индија испрати храна и материјали за помош, вклучувајќи шатори. Кина, исто така, вети поддршка.

Земјотрес со јачина од 6 степени ја погоди источната авганистанска провинција Кунар, со епицентар на само 27 километри оддалеченост од градот Џалалабад, петти по големина град во земјата.

Бројот на загинати од земјотресот се искачи на над 1000 луѓе, додека над 3500 лица се повредени.

Според талибанската влада, некои села се целосно уништени. Оддалеченоста на областите погодени од земјотресот го отежнуваат пребарувањето и спасувањето. Се стравува дека многу луѓе се заробени под урнатините

Најмалку илјада загинати во свлечиште во Судан

Илустрација
Илустрација

Најмалку 1000 луѓе загинаа во лизгање на земјиште во оддалечените планини Мара во западен Судан, соопшти бунтовничката група Движење за ослободување на Судан/Армија.

Како што пренесува Би-Би-Си, обилните дождови кои го зафатиле регионот неколку дена предизвикале одрон во неделата, кој оставил само еден преживеан и „израмнил“ голем дел од селото Тарасин, се вели во соопштението на групата.

Движењето апелира за хуманитарна помош од Обединетите нации и други регионални и меѓународни организации.

Многу жители од државата Северен Дарфур побарале засолниште во регионот на планините Мара, откако војната меѓу суданската армија и паравоените Сили за брза поддршка ги принуди да ги напуштат своите домови.

Гувернерот на Дарфур, кој е сојузник на армијата, Мини Минави, го нарече одронот „хуманитарна трагедија“.

Граѓанската војна што избувна во април 2023 година меѓу суданската армија и паравоените Сили за брза поддршка предизвика глад во земјата и доведе до обвинувања за геноцид во западниот регион Дарфур.

Проценките за бројот на загинати од граѓанската војна значително се разликуваат, но американски официјален претставник минатата година процени дека до 150 000 луѓе биле убиени од почетокот на непријателствата во 2023 година. Околу 12 милиони луѓе избегаа од своите домови.

Фракциите на Движењето за ослободување на Судан/Армија, кое ја контролира областа каде што се случи одронот, ветија дека ќе се борат заедно со суданската војска против паравоените Сили за брза поддршка.

Кос: Црна Гора може да стане членка на ЕУ во 2028, Албанија во 2029 година

Марта Кос, еврокомесарка за проширување.
Марта Кос, еврокомесарка за проширување.

Еврокомесарката за проширување Марта Кос денеска (1 септември) изјави дека Црна Гора би можела да стане првата земја што следна ќе се приклучи на Европската Унија во 2028 година, а Албанија би можела тоа да го направи во 2029, пренесе агенцијата Бета.

На панел за проширувањето на ЕУ на Бледскиот стратешки форум, Кос порача дека вклучувањето на нови земји во Унија не е само зголемување на територијата на блокот или бројот на жители, туку и нејзина заштита од надворешни влијанија.

„За мене, процесот на проширување денес е еден вид обединување на Европа, какво што никогаш не сме имале во историјата“, рече Кос.

Таа ја истакна важноста на лидерството на патот кон членство во ЕУ, како и порешителното спроведување на реформите во земјите-кандидати.

Како позитивни примери еврокомесарката ги наведе црногорскиот и албанскиот премиер, Милојко Спајиќ и Еди Рама, и рече дека е оптимист во врска со влезот на овие земји во ЕУ.

„Напредуваме со Црна Гора и можно е, доколку го завршиме техничкиот дел од преговорите во 2026 година, таа да стане 28-ма членка на Европската Унија во 2028 година“, рече Кос, додавајќи дека Албанија би можела да се приклучи на ЕУ во 2029 година.

Говорејќи на панелот, албанскиот премиер, пак, оцени дека влезот на земјите од Западен Балкан во ЕУ ќе ја направи организацијата „посилна и покомпактна“, додека црногорскиот шеф на владата ја нагласи важноста на компромисот во оваа мултиетничка држава.

„Ако ЕУ се прошири за да нè вклучи и нас, таа ќе биде посилна и покомпактна. Зошто? Затоа што нема да остави ниту еден дел отворен за вируси, микроби, напади и инфекции“, рече Рама.

Словенечкиот премиер Роберт Голоб ги повика земјите од Западен Балкан да го искористат „отворениот прозорец“ за пристапување кон ЕУ, кој го отвори војната во Украина.

Голоб, исто така, зборуваше за тоа како да се избегнат евентуални блокади од страна на поединечни земји на патот кон проширување на ЕУ.

„Формулата 26 или 27-1 веќе функционираше, па би можела да функционира и во овие случаи“, рече Голоб.

Бледскиот стратешки форум, која традиционално се одржува во Блед, Словенија, кон крајот на август или почетокот на септември, собира учесници од различни области за размена на мислења и идеи за надминување на сегашните и идните предизвици.

Вчитај повеќе

XS
SM
MD
LG