Достапни линкови

„Дисциплинирање на власта во Србија“: Како реагира Белград на предупредувањето на Кремљ за српското оружје во Украина?


Рускиот претседател Владимир Путин во разговор со претседателот на Србија Александар Вучиќ
Рускиот претседател Владимир Путин во разговор со претседателот на Србија Александар Вучиќ

„Поправка на штетата.“

Вака Предраг Петровиќ од белградскиот Центар за безбедносна политика ја сфаќа најавата на претседателот на Србија, Александар Вучиќ, дека ќе се прекинат договорите за продажба на оружје и муниција, каде што постои сомневање за злоупотреба и испраќање на украинското боиште.

Изјавата на Вучиќ е реакција на соопштението на Службата за надворешна безбедност на Руската Федерација (СВР), која на 28 мај ја обвини Србија дека продолжува да испорачува муниција на Украина, „и покрај нејзината официјално прогласена неутралност“.

Во острото соопштение, Србија е обвинета дека „и пукала во грб на Русија“ преку нејзината воена индустрија, бидејќи продала „стотици илјади гранати и хаубици, како и милиони куршуми за мало оружје“.

Реакцијата од Москва доаѓа откако пред неколку години некои медиуми објавија дека српското оружје и муниција преку трети земји завршуваат во рацете на украинските војници.

Официјален Белград постојано демантираше дека Србија директно извезува оружје во Украина или Русија и дека не може да влијае дали српското оружје од трети земји ќе заврши на украинскиот фронт.

„Таа објава на Службата за надворешна безбедност на Русија може да се сфати како еден вид обид за дисциплинирање на властите во Белград, со оглед на фактот дека сите информации што се споменуваат во таа објава беа познати од претходно. Се чини дека на тој начин Москва сака да го задржи режимот на Вучиќ во својата орбита“, смета Предраг Петровиќ.

Тоби Фогел, од Советот за политика на демократизација во Берлин, во интервју за Радио Слободна Европа (РСЕ) вели дека Александар Вучиќ со години успевал да балансира меѓу Брисел и Москва, но забележува дека таквата политика била ранлива на предизвиците што доаѓаат од двете страни.

„Но, сега Кремљ одлучи – од причини што не се сосема јасни – да го повика јавно, што може да значи крај на неговата способност да балансира“, смета Фогел.
Тој додава дека не е изненаден што толку остри критики доаѓаат од Русија.
Фогел посочува дека Европската унија, „иако има многу силни карти во рацете“, досега не сакала да ги користи во однос на Вучиќ.
„Ова е делумно затоа што Вучиќ купуваше еден вид осигурување: потпишување договори за литиум со Германија и ЕУ, купување француски борбени авиони, испорака на оружје и муниција во Украина“, вели Фогел.

Одење по тенка жица

Во соопштението на СВР се наведени државни и приватни компании кои се занимаваат со производство на оружје и муниција, кои, наводно, продаваат муниција на Украина преку „лажни сертификати на крајни корисници и земји посредници“.

„Меѓу посредничките земји најчесто се појавуваат земјите од НАТО, пред се Чешка, Полска и Бугарија. Неодамна за овие цели се користат повеќе егзотични канали со учество на африкански земји“, соопшти на 28 мај Службата за надворешна безбедност на Русија.

Еден ден подоцна, Александар Вучиќ изјави дека за ова разговарал со рускиот претседател Владимир Путин за време на неговата посета на Москва на 9 мај, а Србија и Руската Федерација формирале работна група „со цел да се утврдат сите факти“.

„Сигурно ќе дадам наредба и предупредување, секаде каде што има сомневање за злоупотреба на „крајните корисници“ и нивно испраќање на боиштето, без ние да знаеме за тоа – таквите договори да не се спроведуваат“, рече Вучиќ за време на гостувањето на српската Радио телевизија.

Предраг Петровиќ од белградскиот Центар за безбедносна политика вели дека иницијативата на претседателот би имала смисла под услов „официјален Белград да не знае каде завршува оружјето“.

Предраг Петровиќ од белградскиот Центар за безбедносна политика
Предраг Петровиќ од белградскиот Центар за безбедносна политика

„Но, бидејќи имаме високоцентрализиран систем во Србија и имаше бројни извештаи во претходните години дека српското оружје завршува кај украинската армија, ова може да се толкува само како поправка на штетата и испраќање сигнал до Москва дека Србија е подготвена да соработува на ова прашање и дека ќе ги почитува критиките што пристигнаа од Русија“, смета Петровиќ.

Белград постојано оди по јаже, се префрла од една на друга страна за да ги задоволи двете страни, а се за да остане на власт. Се покажа дека власта во Србија функционира исклучиво под притисок, а не по некои принципи и правила“, оценува Петровиќ.

Тоби Фогел, од Советот за политика на демократизација во Берлин, вели дека очекува Вучиќ да се обиде да ја продолжи својата политика на истовремено смирување и на Западот и на Истокот.

За извозот на оружје и во документите на Пентагон

Информациите дека оружјето произведено во Србија го користат украинските сили првпат се појавија во април 2023 година.

Тогаш на интернет беа објавени доверливи документи на Пентагон, до кои дојде агенцијата Ројтерс, во кои се наведува дека Србија се согласила да испорача оружје на Украина.

Таа информација ја демантираа српските функционери - тогашниот министер за одбрана на Србија Милош Вучевиќ и шефот на дипломатијата Ивица Дачиќ.
Србија и пред објавувањето на овие документи секогаш ги демантираше сите информации кои навестуваа можност нејзиното оружје да заврши на украинското бојно поле.

Тоа го направи во март 2022 година, помалку од еден месец по почетокот на војната во Украина, кога на социјалните мрежи и во некои руски медиуми се појавија фотографии кои наводно покажуваат дека оружјето произведено во Србија се користи во Украина.

Меѓутоа, на 22 јуни 2024 година, британскиот Фајненшл Тајмс (ФТ) објави и проценки дека Србија индиректно, преку други земји, извезла муниција во таа земја во вредност од 800 милиони евра од почетокот на руската инвазија на Украина.

Наводите за ФТ ги коментираше и српскиот претседател Александар Вучиќ, кој потврди дека информациите за вредноста на муницијата се претежно точни, прикажувајќи ја продажбата како деловна можност.

„Ова е дел од нашето економско заживување и е важно за нас. Да, ние ја извезуваме нашата муниција. Не можеме да извезуваме во Украина или Русија, но имаме многу договори со Американците, Шпанците, Чесите и другите. Што прават со тоа во крајна линија е нивна работа“, рече Вучиќ, како што пренесува ФТ.

По ФТ, на 8 јули минатата година на оваа тема се осврна тогашниот помошник државен секретар на САД за европски и евроазиски прашања Џејмс О'Брајан.
Тој изјави дека Србија „со тоа што го става на располагање своето оружје, и помага на Украина да го одбрани суштинскиот принцип на меѓународното право“.

Во изминатите две години, секоја информација за начините на кои оружјето од српските фабрики завршувало во Украина, главно биле нетранспарентни.
Со ова прашање се занимаваше и Меѓународниот институт за мировни истражувања (СИПРИ) со седиште во Стокхолм.
Но и за нив имаше многу непознати.
„СИПРИ врши истражување врз основа на јавно достапни извори, а начините на кои оружјето (конкретно муницијата) од Србија може да заврши во Украина се крајно нетранспарентни“, оценуваат тие во претходното интервју за РСЕ од овој институт.

XS
SM
MD
LG