Достапни линкови

Нутс: Странското мешање може да предизвика хаос или дестабилизација


 Јоп Нутс, истражувачки новинар
Јоп Нутс, истражувачки новинар

Изборни процеси, скандали или кризи – сите овие фактори создаваат „плодна почва“ за една земја да стане цел на странско мешање и манипулација со информации (СММИ), вели белгискиот истражувачки новинар Јоп Нутс во интервју за РСЕ.

Белгискиот новинар Јоп Нутс кој го истражува странското мешање во различни држави, објаснува што тоа може да значи за довербата на граѓаните во институциите, но и што државата би можела да направи за да ги заштити.

Дали малите земји се поизложени на манипулација со информации?

Мислам дека не мора да се гледа колку е голема една држава, туку колку е „атрактивна“ за странските актери за да биде нападната. Белгија може да биде многу интересна земја за вакви напади, бидејќи се смета за престолнина на Европа, а Брисел, а во Брисел ги имате седиштата на НАТО и Европската Унија. Влијанието врз остатокот од Европа почнува од таму. Но исто така таму има голем потенцијал за странското мешање бидејќи има многу влијание и затоа е интересна цел за странски актери.

Значи, не е толку важно колку е голема државата, туку колку е привлечна за напади. Други примери би можеле да бидат држави кои имаат избори, скандали или кризи – сите овие се основи на кои странски актери можат да играат за да предизвикаат хаос или дестабилизација.

Сега, кога го споменавте изборите, дали тие го зголемуваат ризикот?

Апсолутно, секогаш. За време на изборите постои можност за промена на власта, а она што странските актери ќе го направат, е да се обидат да влијаат или да манипулираат со информациите, така што следните партии или политичари на власт ќе бидат посклони кон нив.

Ако не успеат тоа, барем ќе се обидат да ги дестабилизираат и да ги дискредитираат што е можно повеќе. Ова се случува и во поголеми европски држави како Франција или Германија, каде имаше операции со создавање на лажни вести за дискредитирање на одредени политичари, но може да се случи и во помалите држави.

Колку има руско мешање и манипулација со информации во Германија и во други држави во Европа?

Како што веќе дадов пример, се случи манипулација со информациите од страна на Русите пред изборите: операцијата Дупликат (Doppelgänger) за време на претходните избори во Германија, која е документирана од многу медиумски извори. Со оваа кампања, веб страници за вести беа обновени и користени за ширење дезинформации на платформата Икс (X).

Така што, на меѓународно ниво, да, постоеле повеќе случаи на странско мешање и манипулација со информации документирани пред изборите во повеќе земји.

Во кои земји најчесто има странско мешање и манипулација со информации од страна на Русија и како тоа се манифестира?

Не би знаел кои земји се најчесто цел на руско мешање и манипулација со информации, конкретно. Можам само да разговарам за поединечни случаи. Меѓународните истражувања покажуваат дека кампањите на странско мешање и манипулација со информации се поприсутни пред избори, скандали, меѓународни кризи или други примери каде јавната мислење е поподложно.

Дали се очекува руско мешање и манипулација со информации на изборите кои треба оваа година да се одржат во Северна Македонија или можеби имало мешање во некои претходни изборни циклуси?

Не можам да предвидам што ќе се случи за време на претстојните избори, а не сум истражувал ниту самиот претходни избори во Северна Македонија.

Како мешањето од странство може да влијае врз довербата на граѓаните во домашните институции?

Може, на пример, да шири многу дезинформации и дури и теории на заговор за политичарите кои се дел од владата, да ги дискредитира со споделување или измислување скандали. Тоа всушност и се случи и во Германија, каде министри и поранешни министри беа дискредитирани со лажни приказни за нив. Ова може да има огромно влијание врз нивната репутација.

Ако многу луѓе ги споделуваат и веруваат во овие приказни, а проверките и расчистувањата не се споделуваат подеднакво, тогаш ќе имаме проблем со оштетена репутација.

Дали општествената нееднаквост ја намалува отпорноста на манипулација?

Тешко е да се одговори од научна гледна точка бидејќи не сум прочитал ниту една студија за ова. Меѓутоа, забележувам во моите истражувања дека одредени општествени групи се поподложни на влијание од други.

Конкретно, луѓето кои имаат поголемо образование и информации за постоењето на вакви напади, кои читаат и проучуваат за нив, се помалку ранливи. Додека луѓето кои не се информирани, не читаат проверки на факти или не читаат написи и студии за овие кампањи, се многу поподложни, а тоа може да биде поврзано и со општествени фактори.

Што може државата да направи, со цел заштита од странско мешање? Дали има механизми во земјите на ЕУ кои би можеле да послужат како пример за Северна Македонија, која сака да стане дел од оваа Унија?

Мислам дека во моментов треба да се направи повеќе. Има повеќе примери на држави кои треба повеќе да се подготват за напади и тука има два главни пристапа: првиот е медиумска писменост. Нападите и дезинформациите секогаш ќе бидат проблем. Треба да се запамети дека нападите и дезинформациите се олеснети и од социјалните мрежи како Мета или ТикТок кои овозможуваат ширење на ваквите информации. Затоа, законодавството може да помогне да се стави повеќе контрола на оваа појава.

Постои и DSA (Акт за дигитални услуги), кој неодамна беше воведен, и според него социјалните медиумски компании не само што мораат побрзо да реагираат на барањата за отстранување на oбјави или кампањи на нивните платформи, туку имаат и одговорност сами да ги бараат таквите објави на нивните платформи, проактивно. Значи, важно е да се гледа на одговорноста на социјалните медиумски компании, но и на медиумската писменост воопшто. Треба постојано да се објавуваат приказни за тоа како и зошто се случуваат овие напади, но и да се прават индивидуални проверки на факти за неточните содржини.

Понекогаш, во проверките на факти, треба да се наведе и дека содржините се шират од профили или страници за кои во минатото веќе било откриено дека шират дезинформации, така што луѓето ќе знаат дека одредени профили не се доверливи.

Тогаш, која би била улогата на традиционалните медиум во овој случај?

Да продолжат да известуваат за самиот феномен, односно за странските манипулации и мешања, но и да ги проверуваат сите поединечни содржини кои се шират. Големиот феномен треба да се опише, но и поединечните теории на заговор треба да се проверат. Третиот елемент е дека медиумите треба да продолжат да пишуваат за одговорноста на социјалните медиумски компании и за одговорноста на владата да реагира на овие феномени, бидејќи тоа е навистина важно.


XS
SM
MD
LG