Израел им се закани на жителите на Техеран, велејќи дека тие ќе „платат цена“ откако иранските ракетни напади ги погодија израелските градови Тел Авив и Хаифа, при што загинале осум лица.
Националните служби за вонредни ситуации на Израел соопштија дека 23 лица загинале во иранските напади врз Израел од 13 јуни, кога Израел започна воздушни напади врз нуклеарни и воени цели низ Иран поради нуклеарната програма на земјата. Иранските власти велат дека во израелските напади загинале најмалку 224 лица во истиот временски период.
Спасувачките екипи продолжија да пребаруваат низ урнатините и остатоците во северниот крајбрежен град Хаифа, откако Иран започна напади во раните утрински часови на 16 јуни во кои беа повредени повеќе од 100 Израелци, додека во Тел Авив, ракети погодија неколку станбени згради, од кои некои беа близу до американскиот конзулат.
„Жителите на Техеран ќе ја платат цената и тоа наскоро“, рече израелскиот министер за одбрана Израел Кац, обвинувајќи го Иран за намерно гаѓање станбени згради.
Израелските напади врз станбени згради во Техеран каде што се вели дека живеат високи воени членови и врвни нуклеарни научници предизвикаа паника во главниот град, а долги редици автомобили се движат од градот кон север.
Портпаролот на иранското Министерство за надворешни работи, Исмаил Багаеи, на 16 јуни ги повика Обединетите Нации да „ја признаат и осудат агресијата на Израел“, обвинувајќи ги САД за соучество во нападите.
Претседателот Доналд Трамп на 15 јуни изјави дека САД не се вклучени во конфликтот, но бидејќи архинепријателите продолжуваат да извршуваат воздушни напади едни врз други, тој призна дека е „можно“ тоа да се промени.
Во разговор со новинарите пред да замине на самитот на Групата седум (Г7), Трамп рече дека САД ќе продолжат да го поддржуваат Израел, но не ги објасни понатамошните дејствија.
Порано на 15 јуни, во интервју за ABC News, Трамп беше прашан дали САД ќе се вклучат повеќе во конфликтот што започна три дена претходно.
„Ние не сме вклучени во тоа. Можно е да се вклучиме. Но, во овој момент не сме“, рече Трамп.
Тој додаде дека сè уште се надева на договор за прекин на борбите.
„Мислам дека е време за договор и ќе видиме што ќе се случи. Понекогаш тие мора да се борат, но ќе видиме што ќе се случи“, рече тој.
Поради стравувањата дека конфликтот може да се прошири низ Блискиот Исток, јеменските Хути изјавија на 15 јуни дека испукале ракети кон Израел во координација со Иран.
Тоа беше прв пат група поврзана со Иран јавно да објави заедничка соработка за напади со Техеран.
Нуклеарните разговори - откажани
Појавата на воздушни напади предизвика откажување на нова рунда нуклеарни преговори меѓу САД и Иран,планирани за 15 јуни во Оман.
Иран ги опиша разговорите како „бесмислени“ по израелските воздушни напади, а министерот за надворешни работи Абас Аракчи за државните медиуми изјави дека продолжувањето на преговорите би било неоправдано.
Багаеи ја повтори таа изјава на 16 јуни, додавајќи дека иако нуклеарната програма на Иран е само за цивилни цели - тврдење што Техеран го кажува со години - израелските напади се „фатален удар врз системот за неширење на нуклеарно оружје и меѓународното право“ и затоа молчењето на Европа за ова прашање е „удар врз системот за неширење на нуклеарно оружје“.
Иранските пратеници изјавија дека во наредните денови ќе поднесат предлог за повлекување од Договорот за неширење на нуклеарно оружје(NPT).
Во почетните бранови напади, Израел се чинеше дека избегнува да ја нападне енергетската инфраструктура на Иран поради растечките светски цени на горивата, но иранското Министерство за нафта соопшти рано на 15 јуни дека израелските напади погодиле две складишта за гориво во Техеран.
Претходно, иранските државни медиуми објавија дека избувнал пожар на гасното поле Јужен Парс во јужната покраина Бушер за време на израелски напад.