Дванаесет години затвор доби Васил Јованов, кој пред пет месеци на булеварот „Партизански одреди“ ја прегази младата Фросина Кулакова. Тој е обвинет за кривичното дело „Тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот“. Јованов доби и забрана за управување возило во траење од пет години.
Видно вознемирен и незадоволен од пресудата, таткото на Фросина, ја напушти судницата извикувајќи „Судот - мафија“. Мајката и сестрата на Фросина останаа во судницата до крајот на читањето на пресудата. Тие носеа маички на кои пишува „Правда за Фросина“.
Родителите на Фросина побараа максимална казна за сторителот, односно 20 години.
Судијката Снежана Марковска образложи дека Судот, ја ценел како отежителна околност при одмерување на казната на обвинетиот, загубата на млад човечки живот, но и поранешното „деликвентно“ однесување на обвинетиот.
Судот исто така утврдил и неколку отворени прекршочни постапки за обвинетиот Јованов.
Адвокатот Сашко Дуковски, бранител на Васил Јованов, рече дека ќе се жалат до Апелација на 12-годишната затворска казна. Според него, сите вакви случаи се казнувале со помали казни, па и тој бара истата да се намали.
„Бидејќи признавме вина, очекувана беше осудителна пресуда. Ваква пресуда не е во согласност со воспоставената пракса. Иста ваква сообраќајка, во 2019 година, на истото место, завршена е со правосилно со 3,5 години затвор. Сетете се на пресудата во Велес, само со еден прекршок повеќе – правосилно заврши со осум години. Само за тоа преговарам. Не може од овој настан да се спроведува нова казнена политика. Сметам дека не е ценето во доволна мера признанието на вина“, рече Дуковски.
Според Обвинителството изречена е казна затвор која што во историјата на овој суд досега не била изречена.
„Денешниот ден за Обвинителството е поголема победа затоа што беше изречена казна затвор која што во историјата на овој суд, за ова кривично дело, и кога станува збор за една жртва, не била досега изречена, а сметајќи на висината од 12 години казна затвор, сепак Обвинителството го задржува правото на жалба и да бара и повисока казна затвор“, изјави обвинителот Александар Марковски по објавувањето на пресудата.
Обвинителот посочи дека станува збор за трагичен настан каде што нема простор ниту за славје, ниту за разочараност.
Како што беше речено во образложението на пресудата „обвинетиот Васил Јованов на 29 јануари 2025 година, без возачка дозвола и под дејство на алкохол, управувал возило со брзина од 91 километар на час на булеварот „Партизански одреди“ во Скопје. На пешачки премин, на црвено светло, удрил во Фросина Кулакова, која поминувала на зелено светло за пешаци. Од силата на ударот, Фросина се здобила со тешки телесни повреди и починала на лице место“.
Во завршен збор пред Судот минатата недела, обвинетиот Васил Јованов, призна вина и изрази каење за случајот.
Инаку Основното јавно обвинителство Скопје поднесе обвинителен предлог и против таткото на Васил, Зоран Јованов, за кривично дело „предизвикување општа опасност“ од член 288 став 4 во врска со став 1 од Кривичниот законик.
Обвинението се однесува на периодот од 04.11.2022 до 30.01.2025 година, во кој Зоран Јованов дозволувал на својот син Васил Јованов да управува патничко моторно возило „Пежо 207“, иако знаел дека синот нема возачка дозвола и е повеќекратен сторител на сообраќајни деликти вклучително и сообраќајната несреќа во која животот го загуби 22-годишната Кулакова.
По трагичната смрт на Фросина, граѓаните се обединија во борба за правда и безбедни улици, а протестите станаа глас на семејствата на сите жртви. Граѓанското движење “Кој е следен“одржа неколку протести и побара конкретни реформи во правосудството.
Само на булеварот „Партизански одреди“ во изминатите години загинаа неколку млади луѓе.
Во 2015 година, на истиот булевар, беше прегазена студентката Фросина Цековска од страна на 26-годишен возач кој управувал под дејство на алкохол и со пречекорена брзина.
Исто така, во јануари 2022 година, 24-годишната Викторија Николова од Радовиш беше прегазена на истиот булевар, кај трговскиот центар Сити мол, од 22-годишен возач кој, според Обвинителството, исто така возел со поголема брзина од дозволената.
Според Кривичниот законик, најтешката казна за вакви случаи, кога има тешко повредени или загинати лица, е до 20 години затвор, а минималната казна е четири.