Достапни линкови

Актуелен и поранешни министри дел од нови 19 осомничени за пожарот во Кочани


Опожарената кочанска дискотека Пулс во која загинаа 61 лице на над 200 беа повредени
Опожарената кочанска дискотека Пулс во која загинаа 61 лице на над 200 беа повредени

Поранешни министри за економија, директори и генерален инспектор од Дирекцијата за заштита и спасување, државни секретари и пазарни и овластани гражени инспектори во Општина Кочани се меѓу новите осомничени со кои е проширена истрагата на Обвинителството за пожарот во дискитеката „Пулс“ во Кочани.

Со проширената истрага се опфатени поранешните министри за економија уште од минатата влада на ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ Беким Незири, Дритон Кучи и Ваљон Сарачини, како и поранешниот директор на пазарен инспекторат Виктор Дерменџиев.

Меѓу осомничените е и актуелниот министер без ресор кој од 2008-мата до 2017 година беше директор на Дирекцијата за заштита и спасување Шабан Салиу, како и неговиот наследник Аднан Џаферовски и актуелниот директор Џеват Селами.

Основното јавно обвинителство Кочани денеска донесе наредба со која ја прошири истрагата со нови 19 лица. Сите тие се осомничени за „тешки дела против општата сигурност“ се вели во соопштението.

Обвинителите се сомневаат дека службените лица во 2012 година до 16.03.2025 година, секој од свој аспект на делување во однос на надлежност воопшто не постапиле според прописите за мерките за заштита и со тоа предизвикале опасност за животот и телото на луѓето и имот од големи размери,

„Постојат сомненија дека нивните незаконити дејствија и пропусти во континуитет довеле до тоа кабаре КЛУБ ПУЛС во Кочани од самиот почеток во подолг временски период па се до настанување на пожарот да продолжи да врши угостителска дејност без воопшто да исполнува законски услови за тоа и со нарушување на сите безбедносни правила по животот на лицата кои го посетувале објектот“, се вели во соопштението.

Досега вкупно 45 осомничени во истрагата

Според соопштението, како резултат на нивното неделување, при користење на пиротехнички средства на 16.03.2025 година за време на настапот на музичката група ДНК, бил предизвикан пожар во кој настапила смрт на 61 лице меѓу кои 6 деца, а биле повредени уште 197 лица од кои 25 деца.

Обвинителите најавија дека до крајот на денот до Основниот суд во Кочани ќе достават предлози за определување соодветни мерки за присуство на 19-те нови осомничени. Со новите осомничени, вкупниот број на осомничени изнесува 45 физички и три фирми.

Еден од нив, по отворањето на истрагата почина како последица на повредите здобиени во пожарот и од тие причини, по целосно прибавување на медицинската документација, постапката за него ќе биде запрена.

„Задоцнета реакција“ - мото на протестниот марш во Кочани

Во меѓувреме денеска на пладне роднини и блиски на загинатите излегоа на протестен марш по мотото „задоцнета реакција“. Со транспраренти во рацете на кои пишуваше „Нашите ангели заслужуваат правда“, „Ова не е несреќа, ова е убиство“, „Стоп за селективна правда“, го искажаа незадоволството од задоцнетата реакција на надлежните институции, како една од причините за големата трагедија.

Демонстрантите поминаа и покрај кафулето на сопственикот на дискитеката „Пулс“ а оттаму се упатија пред зградата на Општина Кочани каде се наоѓаат и просториите на Државниот пазарен инспекторат.

Со едноминутен молк пред Полициската станица граѓаните го искажаа незадоволството од ненавременото постапување за да се спречи катастрофата, а потоа пред Основниот суд и Основното јавно обвинителство побараа информации за досегашната истражна постапка.

„Бараме отчет за сработеното“, беше единствената гласна порака што ја извикуваа пред Обвинителството, а истата беше испишана и на еден од транспарентите.

Протестот заврши во Паркот на Револуцијата, од каде што семејствата најавија дека ќе продолжат со протестите сè додека не се утврди одговорноста и не се казнат виновниците за трагичниот настан.

XS
SM
MD
LG