Достапни линкови

Kоцкарската игра - поскапи лиценци, помалку апарати и 500 метри оддалеченост од училишта


Илустрација
Илустрација

Новиот Закон за игри на среќа предвидува големи промени за тоа како државата во иднина планира да го регулира коцкарскиот бизнис со казината и обложувалниците. За Асоцијацијата на приредувачи на игри на среќа тоа се радикални решенија кои ќе доведат до целосно затворање на бизнисот.

Коцкањето во Северна Македонија стои пред најголемата трансформација во својата историја со новиот Закон за игри на среќа, кој би донел драстични промени што ќе го преобликуваат целиот пејзаж во индустријата за игри на среќа.

Според увидот на РСЕ во законското решение што го подготви Министерството за финансии, а кое се финализира во Владата, сржта на промените се дефинирани во членот 24.

Со него, за казината и автомат-клубовите кои имаат видеолотариски апарати е предвидено да се одалечат на најмалку 500 метри пат од основните и средни училишта.

Со оглед на тоа дека не ги пишува како исклучок, одредбата ќе важи и за казината кои се наоѓаат во рамки на хотелите, а кои се наоѓаат на половина километар од образовните институции.

За разлика од казината и автомат - клубовите, измените ги иземаат обложувалниците кои нема да морат да се селат и ќе останат на постојните локации.

Но, за нив ќе има друга регулација. Во обложувалниците ќе биде забрането да има видеолотариски апарати, а исклучок ќе бидат оние кои се оддалечени на половина километар од училиштата. Во нив, ќе може да се игра на најмногу пет ВЛТ апарати.

Во новиот закон, геодетите добиваат улога на нови арбитри на среќата. Тие ќе станат клучни фигури во одредувањето каде може, а каде не може локациски да се отвори казино, за разлика од досегашната слика на терен каде може да се забележат речиси на секоја улица.

Мерењето на оддалеченоста од 500 метри, владиното решение го опишува како "најкраток безбеден пат" од училишниот влез до влезот на казината.

„Оддалеченоста од ставот (2) на овој член претставува најкраткиот безбеден пат од основните или средните училишта до влезот на просторијата во која се приредуваат игрите на среќа, која се утврдува со геодетски елаборат за посебни намени изготвен од страна на трговец поединец овластен геодет или трговско друштво за геодетски работи. Начинот на утврдување на оддалеченоста и формата и содржината на геодетскиот елаборат од ставот (2) на овој член ги пропишува директорот на Агенцијата за катастар на недвижности“, пишува во законот.

Но, законското решение предвидува и ВЛТ апаратите на Државната видеолотарија значително да се намалат на територија на цела држава. Нивната бројка во моментов изнесува 7.000.

„Се ограничува вкупниот број на електронски видеолотариски терминали кои можат да бидат поставени во сите деловни простории на територијата на Република Северна Македонија, кој број изнесува не повеќе од 3.000, гледано секој месец поединечно“, се наведува во членот 64.

Рестриктивно рекламирање и поскапи лиценци

Законот пропишува и низа членови со кои се забранува рекламирањето и во медиумите, но и надворешниот дел на физичките објекти каде се приредуваат игри на среќа.

На телевизија и радио нема да биде возможно рекламирање поврзано со приредување на игрите на среќа и интернет игрите на среќа, секој ден од 06:00 часот наутро до 22:00 часот начевер.

„Се забранува и рекламирање за приредување на игри на среќа и забавни игри во технолошките индустриски развојни зони, секакви начини на рекламирање на надворешниот дел од излогот на деловната просторија кај приредувач на посебни или електронски игри на среќа поголеми од 30 сантиметри висина и 100 сантиметри должина, освен за посебните игри на среќа кои се приредуваат во казино на пограничните линии на оддалеченост од три километри од граничен премин“, пишува во законот.

Казината и автомат клубовите е предвидено да се соочат и со зголемени давачки. Наместо досегашните 20 насто, тие ќе треба да плаќаат 23 насто на разликата меѓу уплатениот износ од сите автомати и исплатениот износ од сите автомати на приредувачот на игри на среќа во казино, на месечна основа.

Од уплатените средства за посебната давачка од игрите на среќа, 3% ќе добива Агенцијата за филм, а 4% за промоција на туризмот ќе легнуваат на сметка на Министерството за култура и туризам.

Владата планира да го промени и пристапот во доделувањето на лиценци. Казината досега плаќаа 600.000 евра за лиценца со која се отвораа неброени деловни простории, а со новото законско решение се предвидува таа да изнесува 750.000 евра за период од шест години и да се однесува само за еден објект.

Кога станува збор за обложувалниците, пак, лиценцата ќе чини 210.000 евра, додека за автомат клуб 100.000 евра, при што за отворање на секоја следна деловна просторија ќе плаќа еднократен надоместок во износ од 30.000 евра.

Влада: Има доволно време за адаптација на промените

Новиот закон за игри на среќа сѐ уште е во владина процедура. Од Владата велат дека откако ќе завршат сите правни процедури, законот ќе биде испратен до Собранието, со што јавноста во детали ќе биде информирана за новото законско решение и одредбите.

Како што е наведено и во законот, од Владата велат дека ќе биде оставено доволно време до примената на ова решение до почетокот на јануари 2027 година за приредувачите на игри на среќа да се реорганизираат.

„Целта на новиот Закон за игрите на среќа и забавните игри е појасно регулирање на состојбите и односите во областа на игрите на среќа и забавните игри, како и поголема заштита на граѓаните. Со ова законско решение се воведува дистанца на деловните простории за приредување на игри на среќа од основни и средни училишта. Се зајакнуваат механизмите за контрола на приредување и ширењето на игри на среќа. Се зголемуваат сите давачки и надоместоци за игрите на среќа, се воведуваат дополнителни процедури во насока на добро корпоративно управување“, одговорија од Владата за РСЕ.

На промените во дејноста, реагираа од Асоцијацијата на спортски обложувалници на Македонија (АСОМ) барајќи Владата да се повлече од законското решение.

Од таму предупредуваат дека донесувањето на законот по скратена постапка, без вклучување на засегнатите и без јавна расправа е повторување на истиот пристап кој го имаше и претходната влада за ова прашање.

„Овој предлог-закон предвидува оддалечување од 500 метри на објектите за игри на среќа од училиштата, исто како и претходниот закон. Ова во пракса значи затворање на објектите и ништо друго. Факт е дека никаде во светот ваков закон не постои, ниту има докази дека тоа ќе значи некаква заштита за малолетниците. Индустријата е целосно регулирана и тие не смеат да играат и не играат во објектите. Се предвидуваат давачки кои се целосно нерационални и спротивни на пазарната логика и не постојат на ниту еден регулиран пазар во Европа и светот. Ако власта се надева дека на овој начин ќе успее да го наполни буџетот — многу се лаже. Законот ќе предизвика затворање на објектите, а приходот на државата драматично ќе се намали или целосно ќе се изгуби“, велат од АПИС.

Асоцијацијата смета дека принудното селење на нивните објекти, забраната за приредување игри на среќа на интернет за лиценцираните приредувачи, неоснованото зголемување на давачките и надоместоците, како и одредбите што директно навлегуваат во правната сигурност на веќе издадени лиценци ќе значат практично затворање на легалната индустрија.

Обиди за регулација на индустријата за игри на среќа досега имаше во повеќе наврати и за време на претходната влада на СДСМ-ДУИ.

Во март 2024 година, Собранието не ги изгласа Законот за игри на среќа и забавни игри со кое објектите за игри на среќа ќе требаше да се оддалечат повеќе од 500 метри од основните и средните училишта.

Тоа беше втор обид за донесување на законско решение откако на 7 фебруари пратениците го изгласаа законот, но тогашниот претседател на државата Стево Пендаровски не го потпиша Указот, со што законот беше вратен во собраниска процедура.

  • 16x9 Image

    Петар Клинчарски

    Петар Клинчарски новинарската кариера ја започнува како репортер во медиумот А1он, подоцна продолжувајќи ја во ТВ Телма. Од 2016-та до 2022-ра година беше дел од емисијата „360 степени“. Од јуни 2023-та година работи како новинар во Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG