Достапни линкови

Кос: Нема гаранции дека по уставните измени ќе нема пречки на европскиот пат на Северна Македонија


Eврокомесарката за проширување Марта Кос
Eврокомесарката за проширување Марта Кос

Никој не може да и даде гаранции на Северна Македонија дека ако сега го смени Уставот, нема повеќе да има пречки на европскиот пат, изјави еврокомесарката за проширување Марта Кос во интервју за Европската новинска редакција (ЕНР) од која дел е и МИА.

Во одговор на прашање на МИА дали ЕУ и земјите членки можат да гарантираат дека по спроведување на уставните измени не би имало нови блокади поради билатерални прашања поврзани со идентитетот, јазикот или историја, Кос вели дека гаранции не може да има.

„Разбираме дека ова не е лесно прашање. Промена на Устав. Сфаќаме и тоа е многу човечки и разбирливо што вашата земја сака да има гаранции по се она што го помина. Гаранции не може да има, но она што го очекувам од сите земји членки кога има билатерални прашања, е разговорите да се водат со добра волја и со визија да се дојде до компромис“, вели Кос во интервјуто.

Кос истакнува дека ова не значи дека ЕК не работи на тоа да и помогне на земјава да ги започне преговорите по кластери и потенцира дека лично е ангажирана околу билатералното прашање со Бугарија.

Еврокомесарката денеска (16 април) заминува за Софија на средби со сите бугарски политичари, а потоа ќе контактира и со политичарите во земјава.

„Најдобро би било билатералните прашања да не се мешаат во пристапниот процес. Тоа не значи дека билатералните прашања не се важни. Знаете, можам да разберам дека Унгарија се бори за своето малцинство(во Украина). Можам да разберам дека и Бугарија го прави истото, но лошо е кога ова прашање се меша со процесот на пристапување“, вели Кос.

Кос изрази надеж дека наскоро ќе се најде решение за деблокада на пристапниот процес на земјава и дека откако ќе се случи тоа ќе може без никакви нови услови да започнат преговорите по кластери.

„Затоа ние порачуваме, ве молиме направете ги реформите и бидете подготвени да го отвориме првиот кластер“, рече еврокомесарката за проширување, Кос.

Еврокомесарката нагласува дека во сегашните услови целосно ја разбира фрустрацијата на луѓето во земјава.

Последното истражување на Институтот за демократија Социетас Цивилис покажа дека мнозинството граѓани или 62 отсто поддржуваат идно членство на Северна Македонија во ЕУ, но од нив, само 20 отсто сметаат дека уставни измени се неопходен чекор.

Граѓаните остануваат поделени и околу следните чекори кои треба да ги направи земјата во евроинтегративниот процес. Според истото истражување, само 20 отсто од испитаниците сметаат дека уставни измени се неопходниот следен чекор. За еден процент повеќе или 21 отсто сметаат дека треба да запрат преговорите со ЕУ, а исто толку сметаат дека треба да се промени преговарачката рамка.

Еврокомесарката Кос, пак потенцира дека иако има нова динамика во процесот на проширување, сепак тој останува заснован на заслуги, но она што сега позитивно влијае врз него е тоа што има нова визија на Европската Унија за забрзување на пристапувањето.

„Ние исто така, особено преку Планот за раст, се соочуваме се еден вид притисок од колегите, особено во Западниот Балкан. И тогаш имаме разлики. На пример, знаете Албанија беше заедно со Северна Македонија. Сега, по раздвојувањето, Албанија направи навистина добар напредок. Но, зад себе нема да оставиме ниту една земја. Ние сме силно посветени сите да ги внесеме во Европската Унија. Но, секако, ќе се држиме до заслугите и ќе видиме“, вели Кос во интервјуто за Европската Новинска Редакција.

Инаку македонско-бугарските односи се нарушени по бугарското вето за старт на македонските преговори за влез во ЕУ, бидејќи Бугарија не го признава македонскиот јазик и делови од историјата и се жали на дискриминација на свои граѓани во земјава.

Софија во 2022 го повлече ветото за почеток на преговорите со ЕУ откако Скопје го прифати францускиот предлог кој меѓу другото, предвидува бугарскиот народ да стане дел од македонскиот Устав.

Услов за одржување на втората меѓувладина конференција со ЕУ на која ќе се отворат кластерите од преговорите е вметнување на бугарската заедница во македонската Преамбула.

XS
SM
MD
LG