Неисплатените плати и непочитувањето на колективниот договор беа главните причини поради кои културните работници денеска (22 април) одржаа протестен Совет пред Министерството за култура. Тие побараа почитување на колективните договори и законите, достоинствени услови за работа, транспарентност и професионално управување со културните институции, ослободени од партиска контрола.
Бараат и стратегија за развој на културата и закон за култура во чие подготвување ќе учествуваат токму тие, како и соодветни унапредувања на вработените и валоризација на нивните звања.
„Денеска стоиме овде не затоа што сакаме, тука затоа што мораме. Мораме затоа што веќе предолго трае ова лудило што секоја година во март и април повторно не доведува овде, на работ на трпението и достоинството. Групата од само 5 супер херои кои себеси гордо се нарекуваат министерството и оваа година никако не пропуштија да не разочараат. Храбро се бореа да ја зачуваат традицијата на протести во март и април на културните работници“, рече Вера Атанасовска, претседателка на Синдикатот за култура.
Таа додаде дека над 3000 вработени останале со празни трпези за Велигден и потсети дека овој проблем се провлекува со години.
Иронијата, порачаа културните работници, е што ова се случува во „министерството кое постои токму поради културните работници“.
„Сега кога конечно постои колективен договор за култура кој предвидел усогласување на платите кај сите вработени согласно растот на животниот стандард и кога постојат јавни правила на игра, одеднаш имаме проблем. Тоа не е само административна измама, тоа е правно и морално предавство. Ова е удар врз достоинството на секој вработен во културата“, порача Атанасовска.
Министерот за култура Зоран Љутков, пак деновиве на фејсбук, им се извини на вработените за настанатиот проблем, уверувајќи ги дека „таквите ситуации никогаш повеќе нема да се повторат“.
Неговите колеги порачаа дека културата нема да молчи и дека ако државата не сака да ги слушне преку институциите, ќе ги слушне од улица.
Од Министерството за култура и туризам претходно соопштија дека вработените во институциите од областа на културата ќе ги добијат платите со потребното зголемување во првите два работни дена после празниците, а доцнењето било заради усогласување на платите.
„Причините за доцнењето се заради усогласување на пресметките за плати со Министерството за финанасии“, информираа од Министерството за култура и туризам.
Од опозициската СДСМ побараа оставка од министерот за култура Љутков поради, како што наведоа, хаосот што го направил во културата.
Од ВМРО-ДПМНЕ пак реагираа дека СДСМ не треба да глумат дека се загрижени за културата, бидејќи според нив токму оваа партија ја претворила културата во партиско богатство и платформа за криминал.
Според Општиот колективен и Колективниот договор во областа култура, вработените треба да ја примат платата до 10-ти односно до 15-ти во месецот.
Покрај вработените во културата, без плата останаа и голем дел од вработените во јавниот и во приватниот сектор.