2030 година ќе биде година на големо проширување, порача поранешниот главен преговарач на Хрватска со Европската Унија, Владимир Дробњак кој изминатите два дена во Скопје зборуваше и во Собранието и со претставниците на Владата.
Според него, оваа перспектива за членство што се нуди сега е вистинска, можна да се исполни и видлива, а остварувањето на реформската агенда треба да го намали јазот дотогаш меѓу земјите од Западен Балкан и Унијата. Тоа е особено од интерес на Европската Унија во контекст на менувањето на меѓународниот поредок.
Споредувајќи го искуството на Хрватска со македонското искуство и билатералните спорови Дробњак смета дека фокусот сега треба да биде на реформите.
„2030 е веднаш зад аголот, а има огромна работа што треба да се спроведе“, рече Дробњак во македонското Собрание, посочувајќи дека за Црна Гора се очекува да ги заврши преговорите во 2028 година, а за Албанија до 2030 година, а тоа треба да најде одраз во финансиската рамка на ЕУ за 2028-2034 година, во смисла Северна Македонија треба да се погрижи да се најде во неа.
И пратениците во македонското Собрание и Владата на демонстрираа посветеност на европскиот пат на земјата.
Мицкоски: Мора да го урнеме системот на корупција
Премиерот Христијан Мицкоски како најголем предизвик ги посочи корупцијата иреформите во правосудството.
„Да бидеме отворени и искрени – корупцијата кај нас не е само појава, таа е дел од начинот на функционирање на одредени делови од општеството. Таа е систем кој се штити сам себе. Ако сакаме во Европската Унија, ако сакаме раст мора да го урнеме тој систем. Реформите во правосудниот сектор се најитни, без нив сите други реформи се безвредни“, изјави Мицкоски.
За лидерот на опозициската СДСМ Венко Филипче најважно е да се постигне консензус.
„Време е да гледаме низ една друга перспектива. Да влеземе, да работиме и да се бориме што и да е на масата. Каква и да е пречка биде исправена пред нас мораме да се обединиме поради тоа што сме заедно ги обединуваме сите капацитети и нема пречка што не можеме да ја совладаме“, рече Филипче на дебатата во Собранието.
Она што Дробњак им го нагласуваше и на власта и на опозицијата во Скопје е дека успехот на Хрватска во преговорите со ЕУ и членството се должи на консензусот меѓу сите политички партии и што тие во никој случај не ги користеле овие преговори за политички поени.
„Сепак, реформите не се само прашање на закони, тие се прашање на лидерство. Потребна е храброст за да се прифати транспарентноста, интегритетот и отчетноста“, рече министерот за европски прашања, Орхан Муртезани,
ЕУ не дава гаранции
Она што треба да го прави Северна Македонија е да ги заврши задачите од реформската агенда која има краен рок 2027 година, а со тоа би завршила и 60 отсто од преговорите со ЕУ.
Но блокадата од Бугарија останува и пристапните преговори Северна Македонија ќе усвои измени на Уставот со внесување на бугарското малцинство во Преамбулата. Брисел не дава никакви гаранции дека и во тој случај нема да има нови блокади од Бугарија.
„Никој не може да и даде гаранции на Северна Македонија дека ако сега го смени Уставот, нема повеќе да има пречки на европскиот пат“, изјави еврокомесарката за проширување Марта Кос во интервју за Европската новинска агенција минатата недела.
Поранешниот хрватски преговарач Дробњак затоа посебно внимание посвети на принципот на условување на преговорите оценувајќи дека се додека една земја не стане членка на ЕУ не е на иста маса со земјите во неа. Тој спомена дека и Хрватска имаше повеќе услови за да влезе во Унијата разделувајќи ги во три групи- решавање на статусот на поморската граница со Италија, барањата од Меѓународниот суд во Хаг за Анте Готовина и решавање на цел пакет погранични прашања со Словенија.
„Со влезот во ЕУ проблемите кои изгледаа огромни претходно станаа само рутински“, заклучи Дробњак.
Тоа што Северна Македонија е првата земја од Западен Балкан која ги доби првите средства во износ од 52,4 милиони евра од предфинасирањето во рамките Планот за раст, во Брисел се толкува како позитивен сигнал за напредок.
За Северна Македонија се предвидени вкупно 750 милиони евра, доколку Владата успешно се придржува кон домашните реформи кои самата ги ветила пред европските институции.
Според последното истражување на јавното мислење на Институтот за демократија Социетас Цивилис, се бележи пад на оптимизмот за подготвеноста на Европската Унија да ги прими земјите од Западен Балкан како членки до 2030 година.
Граѓаните остануваат поделени во ставовите за следните чекори во евроинтегративниот процес. Само 20% од граѓаните сметаат дека уставни измени треба да се неопходниот следен чекор, а 21% од граѓаните сметаат дека со процесот треба да се запре. Ако во 2023 година половината испитаници во исѕтражувањето на институтот за демократија, верувале дека тоа ќе се случи, во декември 2024 година нивниот број се намалил на 30 проценти.