Достапни линкови

УНЕСКО му даде уште една шанса на Охрид


Канео, Охрид.
Канео, Охрид.

УНЕСКО го одложи впишувањето на Охридскиот регион на Листата на загрозени светски наследства, но под услов Северна Македонија до февруари 2026 година да исполни низа конкретни обврски за заштита на неговите природни и културни вредности.

Комитетот за светско наследство на УНЕСКО на 47. сесија во Париз го усвои амандманот поднесен од македонските претставници, со кој беше барано да се одложи впишувањето на Охридскиот регион на Листата на светски наследства во опасност. Со тоа властите добија нови услови - до 1 февруари 2026 година да достават извештај за преземените мерки за заштита. Амандманот беше поднесен од македонската делегација која побара повлекување на Нацрт-одлука со која јасно предлагаше впишување на регионот како загрозен.

Комитетот по третпат расправаше за статусот на Охрид, во услови кога 39 граѓански организации од Северна Македонија и Албанија побараа да биде впишан во Листата на светски наследства во опасност, за како што велат, да се отвори врата за строго дефиниран процес за санација под постојан надзор на УНЕСКО.

Тие по гласањето рекоа дека се „ужаснати сме од одлуката“, но дека ќе продолжат да се борат за зачувување на Охридскиот Регион.“

И покрај три експертски мисии и две децении предупредувања, велат тие, Комитетот повторно не ја усвои препораката Охрид да биде ставен на Листата на загрозени наследства. Граѓанските организации сметаат дека со тоа се наградува институционалната негрижа, а се поткопуваат принципите на самата Конвенција на УНЕСКО.

„Во оваа смисла, сметаме дека со одлуката Комитетот ги изневери принципите врз кои е формиран и активно ја поткопа самата суштина на Конвенцијата за светско наследство“, велат граѓанските организации.

Тие бараат Северна Македонија и Албанија конечно одговорно да ја искористат шансата, веднаш да ги стопираат сите деструктивни проекти и да покажат вистинска посветеност за зачувување на уникатните вредности на регионот.

Ако би значело ако Охрид влезе на Листата во опасност?

Ако Комитетот одлучеше Охрид да биде ставен на листата во опасност, Северна Македонија и Албанија ќе добиеја обврска да направат посебен план од корективни мерки за Охрид да биде вратен во „посакуваната состојба на зачуваност“ (Desired State of Conservation), како што за РСЕ објасни Искра Стојковска од „Фронт 21/42“ – која е меѓу организациите кои бараат Охрид да отиде на Листата на светски наследства во опасност.

„Тоа ќе значеше дека државата ќе треба да усвои сет од прецизни корективни мерки со кои од сегашната ќе се стигне до посакуваната состојба на вредностите. Со тоа, државата ќе има многу поголем притисок од УНЕСКО, а ќе добие на располагање други фондови“, вели Стојковска.

Дополнително, со ставањето на Листата, македонските министри за животна средина и за култура ќе требаше да донесат посебна забрана за спроведување на разни активности во заштитеното подрачје. Така е според Законот за управување со светското природно и културно наследство.

Инаку, на 6 јули во седиштето на УНЕСКО во Париз започна 47. сесија на Комитетот за светско наследство, на која се води дискусија дали одредени светски наследства ќе бидат впишани на Листата во опасност, меѓу нив и Охридскиот регион.

Комитетот одлучи да даде рок уште една година за Охрид, и покрај тоа што во објавената Нацрт-одлука јасно се препорачуваше впишување на Листата, поради сериозната деградација на природните и културните вредности во регионот.

Во документот УНЕСКО бараше земјава итно да ја зајакне заштитата на Студенчишко Блато, да ги стопира сите тековни и планирани градежни активности во неговата околина, вклучително и кај хотелскиот комплекс „Горица“ и да го ревидира предлог-законот за прогласување на блатото за Парк на природата.

Како што се вели, целта е законот да биде усогласен со стандардите на Меѓународната унија за заштита на природата (IUCN) и со заклучоците од мониторинг мисијата на УНЕСКО од 2024 година.

Наместо заштита – молк и меѓусебни обвинувања

Но, и покрај наведеното во Нацрт-одликата, македонската Влада рече дека ќе бара членовите на македонските институции, кои присуствуваат на сесијата на УНЕСКО да предложат амандман за повлекување на предлогот.

Во деновиве пред гласањето, политичките партии си ја префрлаа вината: Власта ја обвинуваше претходната влада за системска негрижа, додека опозицијата тврдеше дека актуелната гарнитура не презела ништо суштинско.

Додека се случуваа препукувањата, граѓанските организации повторно укажаа дека години наназад локалните и централната власт овозможуваат неконтролирани градби и постојано ги игнорираат препораките од УНЕСКО.

„Ние 11 години работиме на Охрид и нема никаква разлика меѓу локална и централна власт и нема никаква разлика која партија владее на кое ниво. Препукувањето едни со други кој е крив само покажува дека се уште ниту милиметар не се мрднале“, вели Стојковска.

Охридското езеро мора да се исчисти од фекалии или го губи статусот на УНЕСКО
please wait

No media source currently available

0:00 0:08:38 0:00

„Сè уште се гради, сè уште се уништува“

17 организации од Македонија, 13 од Албанија и европска мрежа од 15 организации преку писмо побараа Комитетот да го стави Охридскиот Регион во Листата на светски наследства во опасност.

„Еко лоџик“, Транспаренски интернешнал - Македонија, „Охрид SOS“, Институтот за демократија „Социетас Цивилис“ се меѓу оние од Македонија. H2O Фондација и Актив Мобилити меѓу оние од Албанија, но заштита на Охрид бараат и граѓански организации од Чешка, Хрватска, Србија, Бугарија..

Велат дека поради нереализацијата на сите досегашни планови и проекти за заштита, а од друга страна „деструкцијата“, Охрид ја губи својата автентичност.

„Бараме Комитетот за светско наследство на својата 47 сесија во Париз, Франција, да го заштити и зачува Охридскиот Регион за сите идни генерации, со тоа што ќе ја усвои нацрт одлуката за негово впишување во Листата на светски наследства во опасност.“

„Ова го бараме искрено, затоа што веќе не знаеме на кој начин да го зачуваме Охрид. Секое предупредување за кршење на законите и уништување на природното и културно богатство се игнорира или се релативизира со фрази дека е сè според закон – а реалноста на терен е спротивна: Охрид се уништува сè повеќе“, вели Стојковска за РСЕ.

Но Унеско одлучи сепак да даде уште една година шанса на македонските власти да ја поправат состојбата.

Сите аларми се игнорираат

Граѓанските организации потсетуваат на првите аларми за прекумерна урбанизација и деградација на Охрид кои биле испратени уште во 1998 година до УНЕСКО, додавајќи дека и по 22 години, и покрај препораките од експертските мисии во 2017, 2020 и 2024 година, речиси ништо суштинско не е преземено, велат тие.

„Наспроти тоа, продолжуваат инфраструктурните проекти кои дополнително го загрозуваат регионот, како автопатот А2 и железничкиот Коридор 8. Не се спроведени ниту барањата за Стратешка еколошка проценка и проценка на влијание врз наследството.

Тие велат делка експертите на УНЕСКО три пати потврдиле дека Охрид ги исполнува критериумите за да биде ставен на Листата на загрозени светски наследства, но дека Комитетот им дава нови рокови на Северна Македонија и Албанија, велат граѓанските организации.

Тие предупредуваат дека ова „време за реформи“ е злоупотребено за нови штетни проекти и понатамошна деградација, а не за заштита.

Охрид признат од светот, уништен дома

Охридскиот регион е прогласен за светско наследство во 1979 година, а во 2019 статусот беше проширен и на албанскиот дел од езерото поради природните вредности на Охридското Езеро, едно од најстарите и најдлабоките езера во Европа, и поради богатото културно наследство на градот Охрид, кој е една од најстарите населби во Европа.

Мачу Пикчу во Перу, Пирамидите во Гиза во Египет, Нијагарските водопади во Канада, Плитвички Езера во Хрватска... - УНЕСКО ги прогласува светските природни и културни наследства за да ги заштити и зачува местата уникатни по својата природна убавина, историско значење или културна важност.

Статусот на светско наследство значително ја зголемува глобалната видливост на овие локации, што води до раст на туризмот и економски придобивки за локалното население – нови работни места, развој на мали бизниси и зајакнување на локалната економија.

Прогласувањето носи и други придобивки – од правна и институционална заштита до пристап до меѓународна техничка и финансиска помош.

Истовремено, се поттикнува јавната свест, едукацијата и вклученоста на локалните заедници во неговата заштита.

Но, Охридскиот регион де факто е во опасност и тоа треба да се препознае, вели Искра Стојковска.

Некои светски наследства се во опасност уништени од војни или природни непогоди.

„Охрид е уништен од корупција и криминал – самите си го уништуваме“, вели таа.

  • 16x9 Image

    Владимир Калински

    По завршувањето на студиите по новинарство започна да работи во А2 телевизија каде што известуваше за политички, економски и социјални теми. Потоа беше ангажиран во македонската редакција на Радио Дојче Веле во Бон. Во последниве неколку години работи во Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG