Достапни линкови

Подем на Револуционерната гарда додека Хамнеи владее со Иран од бункер


 Ајатолахот Али Хамнеи
Ајатолахот Али Хамнеи

Отсуството на Врховниот лидер на Иран, ајатолахот Али Хамнеи од јавноста за време на израелско - иранската војна може да се покаже како одлучувачки момент за неговото лидерство и иднината на Исламската Република.

Додека израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху беше постојано присутен, давајќи дневни изјави и демонстрирајќи решителност - Хамнеи, врховниот командант на Иран, беше во голема мера невидлив, објавувајќи само две видео пораки за време на конфликтот, од кои едната речиси сигурно беше снимена во бункер.

Кога се појави трета видео порака по прекинот на огнот, дебатата за влијанието на неговото однесување за време на војната се загреа меѓу експертите и иранската јавност.

Криење за преживување

Исчезнувањето на Хамнеи не е само прашање на стил на лидерство - тоа е директно поттикнато од веродостојни извештаи дека тој бил на врвот на листата на жртви на Израел.

Израелскиот министер за одбрана, Израел Кац, јавно потврди дека Израел активно се обидувал да го убие врховниот лидер на Иран за време на конфликтот, но не можел да го стори тоа бидејќи тој „отишол многу длабоко во илегала“, што значи „немало оперативен капацитет“.

Заканата била толку акутна што Хамнеи наводно ги суспендирал сите електронски комуникации и се потпирал само на доверливи помошници.

„Њујорк тајмс“ објави дека тој дури и назначил список на луѓе кои ќе го наследат во случај на негово убиство.

Раководството под притисок?

Ова извонредно ниво на закана и одговорот на Хамнеи ги обликуваа перцепциите за неговото раководство.

„Ајатолахот Хамнеи е одговорен и за предизвикувањето на оваа катастрофа за неговиот режим и за неговото спасување во неговиот час на опасност“, изјави за Радио Слободна Европа, Али Ваез, директор на програмата за Иран во Меѓународната кризна група.

Првичните израелски напади го елиминираа ешалонот на иранската воена команда, а воедно ги открија „сериозните структурни слабости во рамките на иранското раководство и безбедносниот апарат“, рече Ваез.

Овие проблеми, усложнети од штетата нанесена на ракетниот арсенал на Иран, нуклеарната програма и неговите регионални сојузници, предизвикаа хаос во стратешката доктрина на Исламската Република.

„Иако Хамнеи го преживеа конфликтот, и физички и политички, неговото наследство е катастрофално за земјата“, вели Ваез.

Сепак, некои гледаат нијанси во начинот на кој Хамнеи се справува со кризите.

Раз Зимт, директор на истражувачката програма за Иран и шиитската оска во Институтот за студии за национална безбедност со седиште во Тел Авив, забележа дека и покрај почетниот шок и загубата на високи команданти, Хамнеи успеал брзо да назначи наследници, организациски подвиг што „не е толку лесен“, особено со оглед на обемот на загубите.

„И покрај изненадувањето, и покрај шокот, кој сигурно ја зголемил неговата параноја, мислам дека тој всушност успеал да назначи наследници за помалку од 24 часа“, изјави Зимт за РСЕ.

Таа способност да ја одржи контролата и покрај хаосот, рече Зимт, привремено го заштити Хамнеи од директни предизвици за неговиот авторитет.

„Ќе биде уште потешко да се оспори неговиот авторитет во блиска иднина, главно поради фактот што е опкружен со помалку искусни команданти“, рече тој.

Подемот на Револуционерната гарда

Сепак, епизодата дополнително ја зголеми улогата на Корпусот на Исламската револуционерна гарда(ИРГЦ).

Ваез забележа дека „секој голем надворешен шок за Исламската Република во минатото придонесе за проширување на улогата на ИРГЦ во системот“.

ИРГК излезе од кризата како столб на политичкиот естаблишмент, брзо пополнувајќи ги критичните празнини во командата и позиционирајќи се како институција од суштинско значење за опстанокот на Исламската Република.

Зимт се согласува.

„Не гледам никој друг што може да ја замени Револуционерната гарда како главен елемент во рамките на иранската елита што може да обезбеди безбедност и да го одржи постоењето на режимот“, заклучува тој.

XS
SM
MD
LG