Четворица се приведени во врска со пожарот што вчера избувна во Трубарево, потврди денеска премиерот Христијан Мицкоски при посетата на Трубарево. Тој посочи дека нема вонредно големо загадување, повикувајќи се на последните мерења од Армијата и Институтот за јавно здравје.
Мицкоски изјави дека секој треба да ги следи препораките од институциите и најави дека сите кои се наоѓаат во периметарот на пожарот ќе бидат евакуирани и згрижени.
„Последните мерења што ги прават и Армијата и Институтот за јавно здравје велат дека немаме вонредно големо загадување. Ако вчера беше на мерна единица помеѓу осум и девет, сега е меѓу пет и шест, повторно има, но не е вонредно големо загадување. Зборувам во периметар од 100 метри околу местото каде што се случи пожарот“, рече Мицкоски.
Пожарот кој вчера попладне изби во објект со електронски отпад во Трубарево е целосно под контрола.
Покриени се околу 80 проценти од локацијата каде изби пожарот. Сега се работи на догасување и проверување дали има остатоци од самото горење, информира денеска командантот на територијалната противпожарна бригада на Град Скопје Звонко Томевски.
„Мирисот од пожарот веќе е интензивно намален, го нема оној интензивен препознатлив мирис кој беше на почетокот. Се надевам дека до крајот на денот целосно ќе биде затрупана и обезбедена како депонија, односно нема да има исчадување од неа“, изјави Томевски во Трубарево.
Тој додаде дека станува збор за тежок пожар кој е исто така тежок за гаснење, но, оти од професионален аспект може да каже оти интервенцијата е успешна благодарение на координацијата на сите институции.
Само една жителка на Трубарево останува хоспитализирана
Претходно, министерот за здравство Азир Алиу соопшти дека се надвор од животна опасност четирите лица кои побарале помош по пожарот во складиштето за рециклирање отпад во скопско Трубарево.
На Клиниката за токсикологија е хоспитализирана жителка на Трубарево, а другите три лица, припадник на Армијата, директорот на Центарот за управување со кризи и полицаец, веќе се пуштени на домашно лекување, информираше министерот Алиу.
Кај хоспитализираната пациентка, која е со коморбидитети, се прават дополнителни анализи, се третирасоодветно и Алиу се надева дека бргу и таа ќе биде пуштена дома.
Директорката на Институтот за јавно здравје Марија Андоновска соопшти дека според монитпорингот што го прават нема отстапки на параметрите за радијација во воздухот. Во текот на денов ќе се направат дополнителни анализи, ќе се проверат почвата и водата во погодените места, рече Андоновска.
Апелира да се следат дадените препораки коишто, како што рече, се во согласност со сите светски стандарди и колку и да изгледаат едноставни и обични доколку се почитуваат особено од граѓаните од ранливите групи, со коморбитдитети, хронични заболувања, бремените жени и децата, можат да придоенсат да нема здравствени проблеми.
„ИЈЗ не прави физичко-хемиски анализи, туку ќе спроведе мониторинг на квалитетот на воздухот, почвата и водата, на радијацијата во воздухот. Според нашите анализи и сознанија во моментов нема отстапувања од минимумот на параметрите за радиоактивност во воздухот“, рече Андоновска.
Повеќе од 15 часа траеше борбата со пожарот во складиштето за рециклирање отпад во Трубарево, кој е целосно изгаснат.
Министерот за животна средина Изет Меџити кажа дека е ангажирана акредитирана лабораторија за мерење на квалитетот на воздухот и тие ќе продолжат и во наредните денови, изјави министерот за животна средина Изет Меџити.
Тој соопшти дека објектот на компанијата „Ф Групација“ во Трубарево има важечка дозвола за управување со отпад издадена од Министерството во 2021 со важност до 2031.
„Веднаш по добивање на информацијата за пожарот, Државниот инспекторат за животна средина се упати на местото на пожарот во објект кој го користи правен субјект „Ф Групација“ во Трубарево. Во текот на надзорот беа извршени мерења од акредитирана лабораторија за животна средина „Еуромак контрол“ и поставен е 24-часовен мерач на квалитетот на амбиентниот воздух. Потоа направени се мерења од лабораторијата за животна средина при МЖСПП. На терен беше и посебна единица на АРМ за радиобилошко и хемиско загадување која исто така направи мерења, рече Меџити.
Соопшти дека денеска Амбикон – акредитираната лабораторија за животна и работна средина од Штипскиот универзитет ќе изврши дополнителни последователни мерења во наредните пет дена со поставување посебен станичен инструмент.
Обвинителството ја „чешла“ документацијата на фирмата
Во истрага на пожарот во Трубарево се вклучи и Основното јавно обвинителство - Скопје. Од таму информираат дека преземаат активности за утврдување на факти и собирање на докази во врска со големиот пожар кој избувна во магацински објекти во компанијата.
„Јавниот обвинител вчера упати барање за поддршка до Началникот на Генералштабот на АРМ за вклучување на Единицата за атомска, биолошка и хемиска одбрана на Армијата која со специјални инструменти изврши мерења и детекција на хемиска и токсична контаминација на воздухот со гасови и честички кои се ослободуваат од пожарот. Известување со резултатите од првичните мерења е доставено до обвинителството. ОЈО Скопје ги очекува резултатите од извршените мерења и од надлежните служби на Министерството за животна средина. Јавниот обвинител издава наредби за обезбедување на целокупната документација за работата на компанијата во чии магацини настана пожарот“, информираа од ОЈО.
Дополнително, ОЈО Скопје ги очекува извештаите од Министерството за животна средина, кои исто така вршат мерења и проценка на влијанието врз животната средина. Истовремено, јавниот обвинител наложи прибирање на целокупната документација поврзана со работењето на компанијата чии магацини се зафатени од пожарот.
Во наредниот период, по создавање безбедносни услови и прибирање на податоци за видот на складираните материјали, ќе биде издадена наредба за вештачење. Целта е да се утврди точниот вид на контаминација и евентуалните последици врз животната средина и јавното здравје.
Засега, како што соопштија од скопското обвинителство, поради опасните услови, не е возможно да се изврши увид на самото место.
Една недела учениците од Трубарево ќе учат онлајн
Поради пожарот во Трубарево, Министерството за образование и наука (МОН) информира дека наставата во основните училишта „Крум Тошев“, „Његош“, „Вера Јоциќ“ и „Наум Наумовски Борче“ во општина Гази Баба, од понеделник 15 септември до петок 19 септември ќе се реализира без физичко присуство на учениците во училиштата, туку онлајн.
На итна седница на Владата беше донесен Заклучок наставата во четирите основни училишта да се реализира преку далечинско учење, со примена на средства за електронска комуникација.
„Министерството за образование и наука ги извести училиштата да ја организираат наставата согласно новонастанатите услови“, се вели во соопштението од министерството.