Трагедијата во Кочани отвори многу болни точки. Истрагата е во тек, но јавноста, пред се семејствата на настраданите, а и новиот вд градоначелник на Кочани, изразуваат сомневање и бараат истрагата да не биде селективна. И опозицијата обвинува дека не се апсат актуелни функционери. Постои ли селективност во постапката на обвинителството и полицијата?
Генерално ние се соочуваме изминатите години, децении, би рекла со селективна правда. Така што не зачудуваат и перцепциите на јавноста дека селективно се водат истраги, селективно се покренуваат обвиненија, селективно се суди, се избира кому ќе се суди, селективно се определуваат висините на казните, кога станува збор за кривичните постапки. Хелсиншкиот комитет за човековите права најави веднаш по трагедијата, дека активно ќе ги следи сите случувања. Ги собираме податоците за тоа како се води истрагата, колку лица се приведени, колку лица се вклучени во истрагата. Во овој момент не можам да ви потврдам, бидејќи станува збор сепак за истрага која што е во тек, дека се оценува некаква особена селективност, меѓутоа да, забележително е дека фокусот е ставен повеќе носителите на јавни функции во на изминатиот период отколку во јавниот сектор од изминатата година, десетина месеци. Продолжуваме да го следиме овој процес и секако ќе ја известиме јавноста, но и ќе алармираме доколку ваквата тенденција на невклучување на сегашни функционери продолжи.
Веднаш по пожарот во дискотеката во Кочани во кој досега има 61 жртва, многу граѓани изразија револт и гнев за причините кои доведоа до несреќата. Протестите продолжуваат, и во Кочани на семејствата и во Скопје, но учесниците на овие протести се мета на напади на на социјалните мрежи, од медиуми, зошто?
Не е прв пат луѓето кои што излегуваат со барања за системски промени, бидејќи од она што го следиме, иницијативите кои што се појавија во Скопје, кои бараат системски промени, кои не бараат решенија денес за утре, не бараат правичност во конкретни случаи, туку бараат правда која генерално ќе се однесува или систем кој што ќе овозможи праведно општество, општество за сите. Ова е тенденција која што ние исто така, за жал, ја имаме со години, со јавно линчување на неистомислениците на определена политичка опција. При што оваа ситуација, знаете, многу е интересна. Вие имате една група на луѓе кои протестираат, барајќи го она за која што владата се залага. Протестите се насочени против системот воопшто и против сите чинители во системот и бараат еден степен на одговорност и будност во општеството, нешто што бараат декларативно го бараат и носителите на извршната власт. Истовремено од медиуми кои што се блиски на политичките опции на власта или поединци во тие медиуми, се жестоко напаѓани.
Зошто кога никој не бара смена на власт од овие протести, ниту избори, ниту очекуваат дека тоа би променило нешто, а сепак се мета на напад?
Заради тоа што, знаете, ако го префрлиме на некој поширок општествен контекст, заради тоа што властите по правило кај нас се научени дека граѓаните молчат. Дури и кога се избори дека молчат, дека излегуваат на оние партиски митинзи во предизборните периоди да аплаудираат и да викаат да така е, а не и да бараат навистина одговорност во работењето. Од тука претпоставувам дека е прилично нелагодна позицијата кога вие навистина треба да го сработите оно што сте ветиле дека ќе го сработите и некој будно гледа дали и како тоа го правите. Не се нашите власти генерално научени на отчетност и на одговорност.
Во некоја демократска, поразвиена држава би следувала некаква морална или политичка одговорност за овој случај. Тоа не е случај кај нас.
Да, освен што конкретно за овој случај градоначалникот поднеса оставка 24,48 часа по настанот или така нешто. Ден потоа. Не се појави кај своите граѓани. Јас верувам дека тој лично бил сериозно погоден заради тоа што Кочани е мал град и практично нема семејство кое што не е засегнато со трагедијата, но кога сте се нафатиле да носите едно бреме на таква функција, тогаш сте се нафатиле и во најдобрите и во најтешките моменти. Кај нас правната одговорност се доведува во прашање на начинот на кој што функционираат институциите кои го спроведуваат правото. За морална, етичка, политичка одговорност, тоа се некои работи кои, за жал, во овие повеќе од 30 години начелно демократски систем или на хартија демократски систем, па воопшто не успеавме да ги изградиме.
Како професорка на Правниот факултет бевте и на собирот на платото на УКИМ, кога неочекувано се појави, говореше министерката за образование. Тоа внесе раздор меѓу студентите. Има ли бунт кај студентите или тие се замолчени?
Искрено ќе ви кажам дека пострашна слика од таа слика, аулите на факултетите и платото на факултетот со толку многу млади луѓе во црнина, јас не имам видено на Универзитетот, ниту некогаш во нашата средина, иако сме имале ние страшни и трагични настани. Не беа само студенти, беа и средношколци, беа и нивни родители. Ние мораме да се навикнеме на фактот дека промените доаѓаат од младите луѓе. Мојата генерација, некоја генерација пред мене, некоја генерација по мене, ние народски кажано, го отпеавме своето и за жал не се истакнавме. И на овие деца не им оставивме ништо подобро од тоа што ние го имавме, а тоа требаше да го направиме. И тука ја имаме таа одговорност. Оттука ја имаме одговорността да им овозможиме се што им е потребно, нивната бунтовност, нивната потреба за промени, начинот на кој што тие сакаат да го видат ова општество, да може да го искомуницираат. Без директна вклученост на партиското, бидејќи станува збор сепак за политички прашања за кои што тие дискутираат, сфатено во најширок поим. На партиите тука не има место активно да се вклучат во процесот, освен да слушаат и да купуваат памет народски, што би се рекло. Дали е стишан бунтот? Да, би кажала, заради тоа што после тој понеделник имаше неколку обиди за некакви собирања, кој завршија така, би рекла, несреќно.
Огромна е недовербата во системот, правосудството е дел од тоа, како граѓанска организација која го мониторира со децении, сметате ли дека во моментот се реформира?
Ние сме во вечни реформи. Константа е кај нас, се се менува, константно се реформираме. Постојат иницијативи и работни групи кои што работат во моментот да предложат законски измени кои ќе овозможат ефективност, ефикасност и отчетност во судството, особено одговорност. И сметам дека се додека некакви тесни партиски, повторно интереси не се вмешаат во текстот, од моментот кога ќе излезе од работната група до моментот дека се објави во службен весник, шансите за успех се големи. Но прашањето е дали овие парцијални реформи кои што се прават е всушност реформа на целокупниот систем. Правосудството или судската власт е една од трите власти, заедно со законодавната и со извршната власт. Помеѓу нив нема ниту надреденост, ниту подреденост над едната и над другата. Но, она што кај нас константно се случува е дека извршната власт се смета всушност за власт. Се ова друго е помалку важно. За функционирање на системот, она што е потребно е секоја од овие власти точно да знае каде и е местото и што може, што смее да направи.
Кои се практично последиците кога судството не се менува во секојдневниот живот, конкретно во економијата?
Заради тоа што ние сме научени правосудството да го гледаме најчесто за кривичната правда. Дали соодветно е осудено лице за вакво кривично дело или за онакво кривично дело. Огромен дел од функционирањето на правосудниот систем се однесува токму на деловниот свет и на деловните трансакции. Селективноста на правдата во овој дел значи дека некој бизнис ќе пропадне за сметка на туѓ бизнис. Тоа значи дека ќе пропаднат икс работни места, дека ќе се зголеми бројот на невработени, дека некој со недоверливост во правосудството или заради таа недоверливост нема да го прошири својот бизнес. Но она што е карактеристично, а за кое што ние забораваме, особено важната функција не само на судскиот систем, кој што во анкетите има ниска доверба, туку улогата на извршната власт во помагање, меѓу другото, или во функционирање на бизнисот. Утринава прочитав дека Министерот за економија, кога спомнавме економија, направил многу голема работа или барем од нас се очекува да веруваме дека е тоа многу голема работа, дека формирал комисија која што ќе утврди кој од вработените не е одел на работа, а земал плата. И дека колегите, колешките на тие вработени ги поминувале со службените картички. И вие имате министерство во кое министерот кажува дека X луѓе не оделе на работа, затоа земале плата, значи немале никаков проблем со тоа да го оштетуваат буџетот, односно граѓаните на оваа држава кои плаќаат даноци, дека министерот од кога е на функција не направил ништо тоа да го спречи, па сега одеднаш направил голема работа со тоа што формирал комисија и дополнително вие имате очекување дека луѓето кои што се занимаваат со бизнис, ке имаат доверба во вработените во Министерството за економија, дека при оценувањето на нивното барање за лиценца за ова или лиценца за она, ќе постапуваат подеднакво во два предмети.
Хелсиншкиот комитет постои 30 години. Во меѓувреме следите судски процеси, пишувате претставки кога некој ги пречекорува своите овластувања, мониторирате јавни набавки, обезбедувате бесплатна правна помош, давате заштита на жртви на насилство, застапувате оштетени од медицинска негрижа, внимавате на правата на затворениците, известувате за неправилности во работата на институциите, гласни сте против омразата и дискриминацијата по сите основи .Како е да се бори за човекови права денеска, во овој миг?
Мачно и предизвикувачки. Инспирира тврдоглавост. Борбата за човекови права никогаш не е едноставна и никогаш не е поголема од некои претходни времења. Прашањето е за кои права ќе се борите. Во напредни општества се борите за поновите генерации на права, кои што овозможуваат полагоден живот. Таму каде што демократијата назадува или е декларативна, се борите за некакви основни, базични права, право на постоење, да биде препознаен од законодавството, право да не бидете претепана заради тоа што сте жена, да ви биде загрозен животот, право на образование, право да не биде вашето дете одвоено од другите деца заради тоа што вие припаѓате на една друга етничка група и слично. Да се борите за човековите права е, знаете, понекогаш сериозна борба со ветерници заради тоа што таа борба никогаш не запира. Но неверојатно е добро чувството кога ќе се изборите за тоа судот да препознае што државата направила дискриминација при уписот на децата Роми во училиште, дека на некое лице затпоа то е од ЛГБТ заедницата му се ускратени некои права како на работник, дека некое лице кое што било предмет на полициска бруталност успеало да истрае во битката за одговорност на тој полициски службеник. И секогаш кога макар за 1% ке се намали говорот на омраза и оваа средина ке стане помалку токсична, е успех. Секогаш кога макар малку ке се зголеми, го чувствувате како пораз.