Достапни линкови

Рубио вели дека е потребен напредок во преговорите за војната во Украина или САД ќе се повлечат


Американскиот државен секретар Марко Рубио
Американскиот државен секретар Марко Рубио

Американскиот државен секретар Марко Рубио на 29 април предупреди дека доколку Русија и Украина не достават „конкретни предлози“ за прекин на војната во Украина, Соединетите Држави ќе „се повлечат од улогата на медијатори“.

Портпаролката на Стејт департментот, Теми Брус, го цитираше Рубио како вели дека е дојдено времето кога „треба да се достават конкретни предлози од двете страни за тоа како да се заврши овој конфликт“.

Доколку нема напредок, САД „ќе се повлечат од улогата на медијатори во овој процес“, изјави Брус пред новинарите.

Подоцна на 29 април на состанокот на Советот за безбедност на ОН, американскиот дипломат Џон Кели ја обвини Русија за континуираното крвопролевање, велејќи дека „за жал“ извршила напади од висок профил „кои предизвикале непотребна загуба на животи, вклучително и на невини цивили“.

„Во моментов, Русија има одлична можност да постигне траен мир“, рече Кели, додавајќи дека товарот за прекин на војната е на Русија и Украина.

„Од лидерите на двете земји зависи дали мирот е можен. Доколку двете страни се подготвени да ја завршат војната, САД целосно ќе го поддржат нивниот пат кон траен мир“, рече тој.

Претседателот Доналд Трамп во интервју за ABC емитувано на 29 април рече дека мисли дека рускиот претседател Владимир Путин сака да ја запре војната во Украина. Трамп одговори дека „мисли дека сака“ кога беше прашан дали Путин сака да постигне мир.

Путин на 28 април прогласи тридневен прекин на огнот од 8 до 10 мај по повод 80-годишнината од победата на Советскиот Сојуз и неговите сојузници во Втората светска војна.

Украинскиот претседател Володимир Зеленски ја доведе во прашање потребата да се чека до годишнината за прекин на огнот и повика на „итно, целосно и безусловно“ 30-дневно примирје.

Трамп и неговите претставници вршат притисок врз Украина да се согласи на прекин на огнот.

Во исто време, Трамп ја повикува Русија да престане да ја напаѓа Украина. Во интервјуто за АБЦ, Трамп рече дека „не бил задоволен кога го видел Путин како испукува ракети во неколку градови“.

Претседателот на САД наводно предложил официјално признавање на руското преземање на Крим - анексијата што ја отфрли речиси целиот свет - покрај размена на територии.

Зеленски цврсто се спротивстави на формалното меѓународно признавање на руското преземање на Крим во 2014 година.

„Сите сакаме оваа војна да заврши на фер начин - без награди за Путин, особено без земја“, рече Зеленски на 29 април на видео конференција на самит организиран од Полска.

Во Советот за безбедност, Франција и Велика Британија го пофалија посредништвото на САД, додека ја критикуваа Русија, која започна повеќе напади со беспилотни летала доцна на 29 април, погодувајќи ги градовите Днепар и Харкив.

Жан-Ноел Баро, францускиот министер за Европа, рече дека Киев покажал добра волја и го нарече Путин единствена пречка за прекин на огнот со тоа што бара „капитулација“ на Украина.

Амбасадорот на Русија во ОН, Василиј Небензја, ги отфрли обвинувањата дека руските сили ги таргетирале цивилите и ја обвини Украина дека користи цивили или човечки штитови со позиционирање на воздушна одбрана во густо населени области.

Тој го обвини Киев за неодговорно отфрлање на избалансираните мировни предлози на САД и таргетирање на руските цивили, додека рече дека е сè потешко за западните поддржувачи на владата на Зеленски да ја сокријат нејзината „брутална, мизантропска и нацистичка суштина“.

Маријана Беца, украински заменик-министер за надворешни работи, пред Советот за безбедност изјави дека Русија сака Украина да се предаде и дека Киев не може да прифати мир по која било цена.

Таа рече дека Украина никогаш нема да признае ниту една привремено окупирана територија на Украина како руска, вклучително и Крим, кој Русија го држи од 2014 година.

XS
SM
MD
LG