Во декември 2024 година, речиси седум месеци пред рускиот министер за транспорт да биде пронајден мртов со прострелна рана во грмушките во близина на неговиот автомобил „Тесла“ во московско предградие, истражителите во Курск го објавија апсењето на поранешниот раководител на развојната корпорација на рускиот пограничен регион.
Игор Грабин, тврдат властите, злоупотребил буџетски средства - околу 19 милијарди рубли (250 милиони американски долари) наменети за одбрана долж границата на Курската област со Украина.
Тие одбрани вклучувале бетонски пирамиди високи еден метар, познати како „забите на змејот“, дизајнирани да го блокираат преминувањето на тенковите и да го заштитат Курск од инвазија.
Сепак, украинските сили го нападнаа Курск на 6 август 2024 година, засрамувајќи го Кремљ. Се вели дека „забите на змејот“ еродирале поради дожд и снег.
Во месеците по апсењето на Грабин, други раководители - вклучувајќи го и неговиот шеф - беа притворени во врска со проневера и наводно примање мито од подизведувачи. Гувернерот на Курската област, Алексеј Смирнов, поднесе оставка во декември 2024 година. Тој беше уапсен четири месеци подоцна.
Сепак, Смирнов не бил гувернер во времето кога се случила наводната проневера. Тоа бил Роман Старовојт, кој беше унапреден на позицијата руски министер за транспорт во мај 2024 година.
На 7 јули, Старовојт беше сменет од претседателот Владимир Путин. Неговото тело беше пронајдено неколку часа подоцна. Истражителите велат дека самоубиството е најверојатното објаснување.
Во Путинова Русија, кражбата или проневера на јавни средства не е ниту нова, ниту ретка појава. Всушност, корупцијата само се влоши за време на владеењето на Путин кое трае повеќе од 25 години.
Сепак, маглата околу смртта на Старовојт го привлече вниманието на руската политичка елита. Според многумина, самоубиството не е утврден факт. Не е ни сигурно дали тој воопшто бил жив во времето кога Путин го разреши.
Ова е исто така најновиот случај во низата ненадејни смртни случаи на истакнати јавни или деловни функционери. Повеќе од осум раководители на енергетски компании починаа под сомнителни околности откако започна инвазијата на Украина во февруари 2022 година.
„Тоа одразува како војната во Украина ги наруши владејачките класи на Русија - политичари, безбедносни агенции, воени функционери, олигарси“, рече Илја Шуманов, поранешен извршен директор на „Транспаренси Интернешнл Русија.
„Не го знаеме датумот и времето на смртта (на Старовојт). Пред потписот на Путин? Пред потпишувањето на тој декрет за разрешување? Има премногу прашања околу тоа“ изјави Шуманов за Радио Слободна Европа.
„Постојат знаци за трансформација на елитниот систем од почетокот на војната. Сега гледаме различни кланови, различни групи кои се обидуваат да играат свои игри и не се координираат едни со други, бидејќи тоа е стратегија за преживување за нив“, вели Шуманов.
Александра Прокопенко, поранешна советничка во Централната банка на Русија, изјави дека околностите околу смртта на Старовојт „уште еднаш истакнуваат колку повисоките ешалони на руската влада станале непроѕирни во функционирањето во кризни ситуации“.
„Никој ништо не знае и никој не сака да преземе одговорност“, наведува во анализата Александра Прокопенко, експерт во Руско-евроазискиот центар Карнеги.
Училиште за гувернери
Прашања за одбранбената подготвеност на Курската област, особено за „змејските заби“, се појавија во локалните вести уште кон крајот на 2023 година.
Во мај 2024 година, Старовојт, кој беше гувернер на Курската област од 2019 година, беше унапреден во кабинетот на Путин. Ова се сметаше за признание на неговата компетентност како технократ на локално ниво.
Како министер за транспорт, Старовојт надгледуваше огромна федерална бирократија која регулираше сè, од автопати до железници.
Тој надзор е поврзан со долгогодишните врски на Старовојт со милијардерот Аркадиј Ротенберг, пријател од детството на Путин.
Богатството на Ротенберг и неговиот брат доаѓа од градежна компанија која заработила пари од многу профитабилни градежни проекти, вклучително и за време на Олимписките игри во Сочи во 2014 година.
Старовојт го надгледуваше проектот на Ротенберг за изградба на Керчкиот мост, кој е исклучително скап потфат што го поврзуваше украинскиот полуостров Крим, окупиран од Русија, со руската територија. Украина постојано се обидуваше да го оштети или уништи мостот.
Во руската култура - бизнис, влада или криминал - тој аранжман е познат како „покрив“ - во суштина се работи за лице или субјект што штити или се грижи за некој друг.
Три месеци откако Старовојт се пресели во Москва, украинските трупи ја нападнаа Курската област, очигледно без многу проблеми.
Резултатите беа измешани. Упадот не успеа да ги одвлече руските сили од другите делови на фронтот каде што украинските трупи беа под притисок. Но, тој ја покажа храброста на Украина.
И тоа го засрами Кремљ. Тоа беше прв пат странски трупи да навлезат и да окупираат руска територија по Втората светска војна. Руската војска на крајот се вклучи во борба со околу 11 000 севернокорејски војници и помина седум месеци потиснувајќи ги украинските трупи.
Грабин, кој претходно беше заменик-генерален директор на Јавната корпорација за развој на Курската област, беше уапсен на 9 декември 2024 година. Единаесет дена подоцна, неговиот шеф, Владимир Лукин, беше уапсен. Двајцата беа обвинети за проневера.
Смирнов, кој беше заменик на Старовојт пред да ја преземе функцијата, беше приведен во април 2025 година. Според весникот „Комерсант“ и каналот 112 на Телеграм, тој дал сведоштво кое имплицирало вмешаност на Старовојт.
Вкупно девет лица беа приведени или вклучени во скандалот во Курск.
Тајмингот е сè
На 7 јули, во 9:20 часот по московско време, Кремљ објави дека Старовојт е разрешен од функцијата министер за транспорт.
Кратко пред 16:00 часот, каналите на Телеграм познати по своите врски со руските безбедносни агенции објавија дека Старовојт е пронајден мртов и очигледно извршил самоубиство.
Околу 16:20 часот, Рускиот истражен комитет ја потврди смртта на Старовојт, наведувајќи дека тој бил пронајден во неговиот личен автомобил (Тесла) на паркинг во московското предградие Одинцово. Познатата верзија е самоубиство.
Сепак, во часовите потоа, се појавија спротивставени извештаи за тоа дали неговото тело е пронајдено во автомобилот или во грмушките до паркингот. Конфузијата ја зголемија и извештаите дека Старовојт можеби починал претходниот ден.
Списанието „Форбс Русија“ наведува дека Старовојт можеби починал некаде во текот на ноќта помеѓу 5 и 6 јули. Еден истакнат пратеник рече дека тој „починал пред некое време“.
Ако е вистина, тоа би претставувало проблем за Кремљ.
Дали Владимир Путин знаел дека Старовојт е мртов во времето кога бил потпишан и објавен декретот за негова смена?
Сергеј Марков, про-Кремљски политички аналитичар, сугерираше дека Старовојт бил убиен за да се спречи да сведочи против други функционери.
Кој има корист?
Меѓу многу Руси е широко распространето верувањето дека корупцијата се влошила под раководство на Путин, а покојниот активист против корупцијата Алексеј Навални се обиде да го искористи тоа незадоволство.
Исто така, постои широко распространето мислење дека корупцијата се толерира, особено од страна на луѓе од Кремљ и безбедносни агенции како што е Федералната служба за безбедност - освен ако корупцијата не се одразува лошо врз Путин. Или врз национална безбедност.
Тоа би можело да биде еден од факторите за смртта на Старовојт, смета Шуманов.
„Ако сте лицето одговорно за инвазијата на украинските сили на почвата на Мајка Русија, вие сте многу полоши од Навални. Не знаеме ни за кривична постапка против него. Може да биде предавство, наместо проневера. Кој би можел да има корист од неговата смрт?“ , прашува Шуманов.
„Она што се случи нема преседан во модерната историја на Русија и јасно укажува дека нешто во системот почнало да функционира сосема поинаку“, заклучува во коментар Татјана Становаја, истакнат експерт за руска политика.